Зошто националната координација за СММИ е вистинскиот тест за отпорност

Александар Грижев

Политика

02.07.26

Прегледи

Прашањето повеќе не е дали заканата е препознаена. Прашањето е дали постои функционален механизам што ќе овозможи координирана институционална реакција на овие закани.

Во безбедносната заедница е познато дека ретко кој сериозен проблем настанува затоа што немало информации. Напротив, многу почесто проблемот е што вистинската информација не стигнала до вистинските луѓе во вистинско време. Или, пак, различни институции располагале со различни делови од истата слика.

Замислете дека за неколку часа на социјалните мрежи почнува да се шири информација за наводен безбедносен инцидент. Дел од медиумите ја преземаат без потврда. Политичарите почнуваат меѓусебно да се обвинуваат, а јавноста бара одговори. Во таква ситуација, државата нема луксуз со денови да утврдува што точно се случува. Одговорот мора да биде брз, но и координиран. Токму затоа современите информациски операции претставуваат толку сериозен предизвик. Нивната цел не е само да убедат некого во нешто. Нивната цел е да создадат конфузија, да ја намалат довербата, да предизвикаат сомнеж и да го отежнат носењето одлуки. Во такви услови, брзината на реакцијата е важна, но уште поважна е способноста различните институции да работат како дел од ист систем.

Денес, кога информациите се движат побрзо од кога било, државите не се соочуваат со недостаток на податоци. Напротив, тие се соочуваат со изобилство од информации, проценки и интерпретации. Во време кога речиси секој има пристап до информации, самото поседување на податоци веќе не е предност. Вистинската предност е способноста тие навреме да се претворат во одлуки.

Последните години научивме да ја препознаваме заканата

Пред само десетина години, термини како странско мешање и манипулација со информации (СММИ) ретко се појавуваа во јавната дебата. Денес ситуацијата е поинаква. Особено по 2022 година, кога информациската димензија на војната во Украина стана речиси подеднакво видлива како и самите воени операции на теренот, прашањето за манипулација со информации доби сосема ново значење и за европските држави, но и за земјите од регионот.

Во тој поглед, и Северна Македонија не е исклучок. Во последните години беа изработени бројни анализи, спроведени истражувања и подготвени препораки за подобро разбирање на ризиците поврзани со СММИ.

Меѓу нив се и истражувањата на Институтот за комуникациски студии посветени на институционалниот одговор кон СММИ во Северна Македонија. Институциите, академската заедница, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери значително придонесуваат кон подигањето на свеста за природата и важноста на заканата. Ова е важен напредок: денес многу полесно зборуваме за дезинформации, координирани информациски операции, странски актери или институционална отпорност отколку што беше случај пред неколку години. Повеќе не постои дилема дали ваквите активности можат да влијаат врз политичките процеси, јавната доверба или националната безбедност.

Но, свесноста, колку и да е важна, е само првиот чекор. Препознавањето на проблемот не е исто што и способноста да се одговори на него. Како што познавањето на симптомите не значи и успешно лекување на болеста, така и разбирањето на заканата не гарантира дека системот е подготвен ефикасно да реагира кога таа ќе се појави.

Свесноста не е исто што и подготвеноста

Во јавните дебати често се создава впечаток дека подигнувањето на свеста автоматски води кон поголема отпорност. Во реалноста, работите ретко функционираат толку едноставно. Да се препознае заканата е неопходно; но тоа не е доволно. Пожарникарите на пример, не ја мерат својата подготвеност според тоа колку добро ги познаваат причините за пожарите. Нивната подготвеност се гледа во тоа дали постојат процедури, опрема, координација и јасно распределени улоги кога ќе се вклучи алармот. Истото важи и за институционалниот одговор на СММИ.

Современите информациски операции ретко се ограничуваат на една институција или на еден сектор. Тие можат истовремено да допрат до медиумите, политичкиот простор, безбедносните структури и јавноста. Токму затоа одговорот не може да биде фрагментиран: ако секоја институција работи одделно, ризикот не е само некоја информација да биде пропуштена. Ризикот е различни институции да формираат различни слики за истиот проблем и да почнат да дејствуваат врз основа на различни претпоставки, без да се има увид во поголемата слика. Во такви услови најголемата слабост не е недостатокот на информации. Најголемата слабост е недостатокот на координација.

Тука лежи и суштината на предизвикот со кој денес се соочуваат многу демократски држави. Прашањето повеќе не е дали заканата е препознаена. Прашањето е дали постои функционален механизам што ќе овозможи информациите навреме да се претворат во заедничка слика и разбирање на состојбата, но и во координирана институционална реакција.

Проблемот на модерните закани е што не припаѓаат на никого

Традиционално, безбедносните предизвици биле полесни за категоризирање. Во случај на природна катастрофа, здравствена криза или безбедносен инцидент, обично постои институција која има јасна водечка улога. Иако координацијата секогаш е важна, надлежностите се релативно јасни и системот знае од каде да започне. Со СММИ е поинаку. Информациските операции не ги почитуваат институционалните граници, истата кампања може истовремено да ја погоди јавната дебата, политичките процеси, довербата во институциите и меѓуетничките односи. Медиумите ќе забележат едно, безбедносните служби друго, граѓанските организации трето. Секој гледа парче од сликата. Ретко кој ја гледа целата.

Во пракса, ова значи дека различни институции можат истовремено да работат на ист проблем, без притоа да имаат заедничка проценка за неговата природа, размерот или потенцијалните последици. Она што за една институција изгледа како медиумски инцидент, за друга може да претставува безбедносен ризик, а за трета дел од поширока кампања на влијание.

Зошто националната координација за СММИ е вистинскиот тест за отпорностИзвор: envato

Затоа СММИ не е само комуникациски или безбедносен предизвик. Тоа е пред сè тест за способноста на институциите да споделуваат информации, да градат заедничко разбирање и да дејствуваат координирано. Колку е посложена заканата, толку е поголема потребата од соработка меѓу институциите. А токму таму најчесто се појавуваат најголемите слабости.

Кога информациите не стануваат одлуки

Постои една широко распространета претпоставка дека повеќе информации автоматски водат кон подобри одлуки. Искуството покажува дека тоа не е секогаш така. Во услови на криза, институциите ретко страдаат од недостаток на информации. Многу почесто се соочуваат со спротивниот проблем односно премногу податоци, различни проценки и ограничено време за реакција. Во такви околности, вистинскиот предизвик не е собирањето информации, туку нивното претворање во заедничко разбирање на ситуацијата.

Пандемијата на Ковид-19 покажа колку е тешко институциите да донесуваат одлуки во услови на огромна количина на информации, спротивставени проценки и високи очекувања од јавноста. Иако контекстот е различен, слична логика важи и за современите информациски операции. Предизвикот ретко е во прибирањето податоци: предизвикот е нивното претворање во заедничка анализа, проценка и слика врз основа на која може да се дејствува.

Во психологијата на одлучувањето одамна е познато дека луѓето не реагираат само на фактите, туку и на начинот на кој ги интерпретираат. Истото важи и за институциите. Различни организации можат да располагаат со исти информации, а сепак да извлечат различни заклучоци. Затоа успешниот одговор не зависи само од квалитетот на информациите, туку и од постоењето механизми што ќе овозможат нивна заедничка анализа и усогласување.

Во контекстот на СММИ ова прашање станува уште поважно. Информациските операции се дизајнирани токму за да создадат конфузија, неизвесност и различни интерпретации на реалноста. Доколку институциите реагираат изолирано, без координација и заедничка проценка, постои ризик да трошат време на меѓусебно усогласување токму во моментот кога е потребна брза реакција. Затоа клучното прашање не е кој располага со најмногу информации. Многу поважно е дали постои систем што ќе овозможи тие информации навреме да се претворат во одлуки.

Во суштина, отпорноста не започнува во моментот кога ќе се појави кризата. Таа започнува многу порано; со воспоставување односи на доверба меѓу институциите, јасни процедури за размена на информации и механизми што овозможуваат различните делови од системот да функционираат како една целина.

Токму затоа прашањето за СММИ денес не е само прашање на информации. Тоа е прашање на менаџирање, координација и способност за носење одлуки во услови на неизвесност.

Што можеме да научиме од европските искуства и домашните истражувања?

Во првите години од дебатата за дезинформациите, вниманието најчесто беше насочено кон содржината. Кои се наративите? Кој ги шири? Како да се препознаат манипулациите? Но, со текот на времето, европските институции дојдоа до поинаков заклучок. Иако препознавањето на манипулативните содржини останува важно, вистинската отпорност не се гради само преку анализа на пораките. Таа се гради преку способноста институциите навреме да разменуваат информации, да создаваат заедничка проценка и да реагираат координирано. Токму затоа, во последните години европскиот пристап постепено се поместува од прашањето „како да ја откриеме манипулацијата?“ кон прашањето „како да изградиме систем што ќе може ефикасно да одговори на неа?“.

Затоа, не е случајно што во последните години Европската Унија сè повеќе зборува за „whole-of-government“ и „whole-of-society“ пристапи. Основната идеја е едноставна: ниту една институција сама не може успешно да се справи со сложените информациски закани. Потребно е поврзување на безбедносниот сектор, институциите за стратешки комуникации, медиумите, академската заедница и граѓанскиот сектор во поширок систем на општествена отпорност.

Истражувањата спроведени во Македонија во последните години покажуваат дека кај клучните институционални актери постои високо ниво на свесност за ризиците поврзани со СММИ. Во јавната дебата веќе се понудени и конкретни модели за организирање на национален системски одговор. Но, тие истовремено укажуваат дека најголемите предизвици остануваат поврзани со координацијата, размената на информации и јасното дефинирање на одговорностите во рамки на системот.

Во повеќето случаи институциите не почнуваат од нула. Тие веќе располагаат со дел од потребните информации и капацитети. Предизвикот е како тие различни делови да се поврзат во функционална целина. Без таков механизам, дури и најдобрите анализи остануваат изолирани, а институционалниот одговор станува побавен и помалку ефикасен. Па оттука, клучното прашање повеќе не е дали знаеме дека СММИ постои. Прашањето е дали сме подготвени да дејствуваме како систем кога ќе се соочиме со неа.

Отпорноста започнува со координација

Кога се зборува за отпорност кон СММИ, најчесто се споменуваат медиумската писменост, проверката на фактите, критичкото размислување или улогата на медиумите. Сето тоа е важно и претставува неопходен дел од поширокиот одговор. Но, отпорноста има и една друга, помалку видлива димензија. Таа се наоѓа во начинот на кој функционираат институциите.

Во тој контекст, ниту една институција денес не може самостојно да се справи со сложените информациски предизвици. Како што современите закани стануваат сè повеќе поврзани и меѓусебно испреплетени, така и одговорот на нив мора да биде заснован врз соработка, доверба и заедничко разбирање на ситуацијата. Во таа смисла, отпорноста не е само прашање на капацитети. Таа е прашање на односи. Таа зависи од тоа дали институциите знаат кому да се обратат, дали имаат воспоставени канали за комуникација, дали постојат процедури за размена на информации и дали различните актери можат да изградат заедничка проценка кога времето за реакција е ограничено.

Можеби токму тука се наоѓа најважната лекција од последните години. Во свет преплавен со информации, предност немаат оние што располагаат со најмногу податоци. Предност имаат оние што успеваат побрзо да ги претворат информациите во заедничко разбирање, а заедничкото разбирање во координирано дејствување. Истото важи и за државите.

Технологиите ќе се менуваат. Ќе се менуваат и платформите, актерите и методите преку кои се спроведуваат информациските операции. Но, суштинското прашање ќе остане исто: дали институциите ќе можат да функционираат како систем кога ќе се соочат со неизвесност? Отпорноста не започнува со кризата, туку многу пред неа: преку доверба, соработка и заедничко разбирање на ризиците. Затоа, во свет во кој информациите се сè подостапни, вистинската предност нема да ја имаат оние што располагаат со најмногу податоци, туку оние што најдобро знаат да ги претворат во одлуки и дејствување. На крајот, прашањето не е дали ќе имаме доволно информации. Прашањето е дали ќе знаеме што да правиме со нив.

Александар Грижев

Д-р Александар Грижев е вонреден професор на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје и раководител на Катедрата за општествени и хуманистички науки. Неговиот наставно-истражувачки фокус е на безбедносно-одбранбените студии, постконфликтната стабилизација и реконструкција, реформите на безбедносниот сектор (SSR), радикализација и насилен екстремизам, когнитивни операции и родова перспектива во вооружените сили и поширокиот безбедносен сектор. Има оперативно искуство од меѓународни мисии, вклучително и учество во Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина (2019–2021), како и претходни ангажмани во конфликтни и постконфликтни средини. Редовно учествува на меѓународни форуми и е дел од различни проекти и активности со национални и меѓународни партнери (NATO Science and Technology Organization, NATO Committee on Gender Perspective, OSCE, UN, RACVIAC, PfP Consortium). Со посебен интерес во културните и религиозните димензии во операциите, го истражува градењето институционална отпорност кон хибридните закани, со посебен фокус на странското мешање и манипулирање со информации (СММИ), институционална координација, јавна отпорност на манипулативни наративи и етичка комуникација во безбедносниот сектор.