Влијанието на јазикот врз полагање на правосудниот испит

Илина Кацхинске

Политика

06.07.26

Прегледи

Бидејќи јазикот е составен дел од процесот на кодирање на знаењето, неговата промена при тестирање создава услови што не се совпаѓаат со оние при учењето, што може да го отежни повлекувањето на веќе стекнатото знаење.

Кога еден студент се образува во областа на правото, тој студент не само што стекнува стручно знаење, туку и усвојува странски јазик. Според овој поглед, способноста да се решаваат правни задачи на одреден јазик не е само показател на правна стручност, туку и на владеење на специфичниот правен дискурс на тој јазик. Постојат наоди кои посочуваат дека условите и процесите при учење треба да се усогласени со оние при тестирање за да се максимизира повеклувањето на претходно стекнатото знаење (knowledge retrieval).

Иако ова прашање е главно политичко и правно, сметам дека треба да се земат предвид наодите од други научни полиња кои имаат директни импликации за актуелната дебата во врска со полагањето на правосудниот испит во Република Северна Македонија.

Иако ова прашање директно не ја засега мојата професија, чувствувам обврска да дадам еден краток увид во екстремно тешката задача со која моментално се соочуваат сите студенти кои се образуваат во областа на правото на еден јазик, а го полагаат правосудниот испит на нивниот немајчин, односно втор јазик, но и бидејќи верувам дека секое политичко прашање, па и она кое не нè засега директно е прашање на секој човек. За таа цел овој текст нема да се сведе на нудење одговори дали треба или не треба правосудниот испит да се полага на одреден јазик, туку ќе се осврне на две клучни области: психометрија, науката за тестирање, и науката за двојазичноста.

Како може (не)познавањето на еден јазик да влијае врз резултатите од еден испит?

Во официјалното објаснување за правосудниот испит се истакнува дека овој испит постои со една цел, а тоа е да ја верификува стручната оспособеност на дипломираните правници за самостојна примена на правото во практиката. Теоретскиот конструкт кој се мери е правна стручност, односно способност за правно расудување, примена на норми и процедурална логика.

Но, техничкиот правен дискурс стекнат на додипломски студии е тесно поврзан, ако не и неодвојлив од стручното знаење, па следствено студирање на еден јазик со користење на одредени когнитивни процеси може или позитивно или негативно да влијае кога тестирањето се одвива на ист или различен јазик. Да земеме еден реален пример од програмата за полагање на правосудниот испит споделена од Министерството за правда за илустрација (иако ова е реален пример, не е сосема јасно дали ваквите ситуации се типични за испитот како целина. Одговорот на ова прашање ќе се знае само доколку експериментално се истражи.). Во примерите 1 и 2 се искористени зборови со различна фреквенција на употреба. На пример, според дигиталниот речник на македонскиот јазик, зборот кога е рангиран на 478-мо место по фреквенција на употреба, одржува на 1419, акт на 4601, рочиште на 3289, акт на 4601, оцена на 11 258, небрежност на 25482, и обвинителен на 29976 место.

  1. Кога се одржува рочиште за оцена на обвинителниот акт?
  2. Кога се смета дека кривичното дело е сторено од небрежност?

Менталниот лексикон на двојазичните лица не содржи секогаш два збора за ист концепт, односно познавањето на двата јазика не е секогаш на исто ниво. Следствено, може да се очекува дека еден студент кој се образувал на Албански јазик го разбира апстрактниот концепт за кривично дело сторено од небрежност и го има складирано албанскиот збор за „небрежност“, но не и македонскиот.

Оттука, кога во оваа хипотетичка ситуација ќе му се постави прашањето 2 на овој студент, неможноста да го одговори прашањето нема да биде поради немање знаење од правната област, туку поради непознавање на македонскиот збор. Ова е секако само точно доколку неуспехот е исклучиво поради јазикот, а не поради знаење. Во технички јазик од областа на психометријата, во овој случај постои дополнителен збунувачки фактор кој допринесува за резултатот од испитот, т.е. јазична компетентност не на македонскиот јазик, туку на техничкиот македонски дискурс поврзан со полето на правото.

Во областа на психометријата ова се нарекува construct-irrelevant variance, варијација во резултатите која не произлегува од конструктот кој се мери, туку од надворешен фактор. Резултатот на таков испит не може да се интерпретира со доверба како мерка на правна стручност. Тоа е основниот принцип на теоријата за валидност на Messick (1987, 1990), која е широко прифатена во психометријата. Оттука, испит кој тврди дека мери правна стручност, а всушност мери и јазична компетентност, ризикува да не е валиден инструмент за онаа цел за која е создаден.

Двојазичност

Под двојазичност се подразбира користење на два јазика на секојдневно ниво. Полето на двојазичноста се занимава со прашања поврзани со усвојувањето, разбирањето и продуктивното користење на два јазика, односно со тоа како два јазика функционираат во еден ум; како се активираат, меѓусебно си влијаат и се контролираат и какво влијание имаат овие процеси врз когнитивниот систем, односно врз мислењето, меморијата и учењето. Двојазичните лица не претставуваат хомогена група. Во зависност од степенот на владеење и употреба на јазиците, се прави разлика меѓу балансирани и небалансирани двојазични лица.

Балансираните двојазични лица имаат приближно еднакво високо ниво на владеење на двата јазика, додека кај повеќето двојазични лица еден јазик е доминантен. Доминантноста зависи од фактори како возраста на усвојување, фреквенцијата на употреба и домените во кои се користи јазикот. Дополнително, истражувањата покажуваат дека двата јазика кај двојазичните лица се активираат паралелно, што значи дека користењето на еден јазик вклучува и процеси на селекција и инхибиција на другиот. Како резултат на тоа, доминантниот јазик обично се активира полесно и побрзо, додека користењето на недоминантниот јазик бара поголем когнитивен напор.

vlijanieto na jazikot vrz polaganjeto pravosuden naslovnaИзвор: envato

Во литературата доминираат наоди за бројните когнитивни придобивки на двојазичните лица. На пример, експериментални истражувања покажуваат дека балансираните двојазични лица покажуваат подобра контрола на вниманието и поефикасно решавање на конфликтни задачи во споредба со еднојазичните лица (на пр., во Stroop експериментот). Сепак, покрај овие придобивки, постојат и неколку уникатни предизвици со кои се соочуваат двојазичните лица, а кои се директно поврзани со начинот на кој знаењето се усвојува, организира, се повлекува и се користи.

Прво, истражувањата покажуваат дека двојазичните деца во просек имаат помал вокабулар во секој од јазиците поединечно, во споредба со еднојазичните деца. Сепак, кога се зема предвид вкупниот вокабулар преку двата јазика, нивното јазично знаење е споредливо, како што посочува оваа статија. Ова укажува дека јазичното знаење кај двојазичните лица е распределено меѓу двата јазика, наместо да биде целосно дуплирано во секој од нив.

Дополнително, доколку еден од јазиците не се користи во одреден животен или професионален домен, логично е да се очекува дека лицето нема да располага со соодветниот вокабулар, стил или дискурзивни стратегии потребни за функционирање во тој домен. Слични обрасци се забележуваат и кај возрасните двојазични лица, кај кои често се јавува побавен пристап до вокабуларот. Истражувањата покажуваат дека тие се побавни при именување слики, имаат пониски резултати на задачи за вербална флуентност, почесто доживуваат феномен „на врвот на јазикот“, како и поголема интерференција при задачи за лексичка одлука. Дел од овие предизвици се објаснуваат со интерференцијата од другиот јазик, односно со фактот дека кај двојазичните лица двата јазика се паралелно активни.

Најрелевантни се истражувањата кои го тестираат принципот на специфичност при кодирање, според кој повлекувањето на одредено знаење е најефикасно кога условите при учење и тестирање се совпаѓаат. Бидејќи јазикот е составен дел од процесот на кодирање на знаењето, неговата промена при тестирање создава услови што не се совпаѓаат со оние при учењето, што може да го отежни повлекувањето на веќе стекнатото знаење.

Неколку емпириски студии го потврдуваат овој принцип во јазичен контекст. На пример, Marian and Fausey истражувале како јазикот влијае врз меморијата кај балансирани и небалансирани двојазични лица при учење нов академски материјал. Учесниците го учеле материјалот на еден јазик, а потоа биле тестирани или на истиот јазик или на друг јазик. Резултатите покажале поголема точност и побрзи одговори кога јазикот на учење се совпаѓал со јазикот на тестирање, особено кај високо балансираните двојазични лица. Како што забележуваат авторите, овие наоди се во согласност со претходни истражувања кои покажуваат дека меморијата може да биде јазично зависна, особено кога двата јазика се подеднакво или речиси подеднакво развиени.

Но, контекстот на кодирање не е единствениот фактор што влијае врз повлекувањето на стекнатото знаење. Според принципот на соодветност на процесирањето, односно transfer-appropriate processing, успешноста на повлекувањето на знаењето зависи и од степенот на сличност меѓу когнитивните процеси што се активираат при учењето и при тестирањето. Тоа значи дека дури и кога информацијата е иста, разликите во начинот на нејзина обработка може да доведат до несоодветност меѓу учењето и тестирањето. Додека принципот на специфичност при кодирање укажува на важноста на совпаѓањето на контекстот, принципот на соодветност на процесирањето дополнително нагласува дека совпаѓањето на начинот на обработка на информацијата е подеднакво важно за ефикасно повлекување на знаењето.

Дополнителни докази за ова доаѓаат од истражувања во областа на математиката. На пример, Kempert et al. го испитувале влијанието на јазикот при решавање текстуални математички задачи кај двојазични деца и утврдиле дека учениците постигнуваат подобри резултати кога јазикот на наставата се совпаѓа со јазикот на тестирање. Овие наоди укажуваат дека промената на јазикот не претставува само промена на контекстот, туку и на когнитивните процеси вклучени во разбирањето и решавањето на задачите, што може да доведе до пониска точност и поголем когнитивен товар.

Слични импликации се забележуваат и во меѓународните тестирања како PISA, каде што резултатите на учениците значајно се поврзани со јазикот на кој се администрира тестот. Според резултатите од OECD во 2019, учениците кои дома зборуваат јазик различен од јазикот на тестот постигнуваат значително пониски резултати во читање и математика, со разлики од приближно 40 до 50 поени на ниво на OECD. Во такви услови, тестот не мери исклучиво предметно знаење, туку и способност за јазична и когнитивна адаптација. Ако вакви разлики се појавуваат и кога јазикот на образованието и тестирањето формално се совпаѓаат, тогаш е разумно да се очекува дека тие ќе бидат уште поизразени во ситуации кога тие јазици се различни.

Што значи ова во пракса? Земјите со долга традиција на меѓународно правно образование одамна го препознаваат овој предизвик. Така, уште во 1999 година, најмалку шеесет и осум правни факултети во САД вовеле специјализирани постдипломски програми наменети за странски студенти, при што повеќе од половина од нив биле дизајнирани исклучиво за кандидати кои не го имаат англискиот како мајчин јазик. Овие програми не се резултат на формално-правни ограничувања, туку на свесноста дека користењето на стручен јазик различен од јазикот на образованието претставува значаен когнитивен предизвик. Ова е особено релевантно за земји со мултијазичен образовен контекст, каде што прашањето на јазикот на тестирање има директни импликации врз валидноста на оценувањето.

За крај, во мултијазични образовни контексти, не секогаш постои систематска поддршка за развој на академски компетенции на јазикот на кој се врши тестирањето. Дури и кога студентите формално имаат одредено познавање на јазикот, тоа не значи дека располагаат со специјализираниот правен или академски дискурс потребен за успешно полагање на високо-специјализирани испити.

Во такви услови, разликите во резултатите може да произлегуваат не од разлики во стручноста, туку од разлики во јазичната подготвеност. Иако постојат наоди кои посочуваат кон поотежнато повлекување на претходно стекнато знаење во вакви ситуации, како и поголем когнитивен напор, единствен начин да се одговори задоволително на едно вакво комплексно прашање е со спроведување на строго контролиран експеримент.

Илина Кацхинске

Илина Кацхинске е доцент д-р на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје.