Гоце Трпковски
Една од највпечатливите карикатури за бегалската криза во Европа беше онаа што прави алегорија со средновековниот лов на вештерки. Жената виси на лост над река и чека да биде спуштена, а извршителот на тоа дело вели - ако потоне, значи е бегалец, а ако плови, тогаш е економски мигрант. Секако, ситуација во која нема поволен излез за жртвата.
Бегалско-мигрантската криза со која што се соочува Европа е секако премногу сложен проблем за да може да се изгради едноставен став за него. Затоа е лесно да се заклучи дека оние што ги застапуваат двете крајности не се во право. Ниту тие што велат „вратете ги сите“, ниту оние што бараат секој да биде пуштен во ЕУ. Но она што е особено интересно е дека кризата се подели на бегалска и на мигрантска, па така се пропуштаат само луѓето од Сирија, Ирак и од Авганистан, бидејќи тоа се земји зафатени со воени дејства, а другите се спречуваат да влезат и се ставаат во категоријата „економски мигранти“. Секако дека на бегалците им треба помош веднаш. Тие имаат право да бидат згрижени на безбедно, според конвенција за бегалци на Обединетите нации од 1951 година.
Тоа што во ЕУ има толкаво разногласие околу справувањето со приемот на бегалци е сосема друга тема, и говори за некои внатрешни односи во Унијата, кои што очигледно заслужуваат да им се обрне повеќе внимание отколку досега. На листата на недоволно третирани прашања е секако и тоа за миграцијата, кое стана една од главните теми во Европа дури откако бројот на барања за азил во ЕУ драматично се зголеми, најмногу поради луѓето што бегаат од сириската војна. Иако работите се одвиваат тешко, сепак се очекува дека Европа ќе продолжи да бара начини како да излезе на крај со ситуацијата без да ги погази своите и универзалните принципи за заштитата на човековите права, особено на правата на бегалците.
Еуфемизми наместо нов пристап
Од друга страна, пак, со поделбата на кризата на две (условно) „подкризи“, бегалска и мигрантска, Европската унија, како и државите што не се членки на ЕУ, но се вклучени во активностите за справување со миграцијата (меѓу другите и Република Македонија), како да си го признаа правото дека немаат никакви обврски кон мигрантите што не се бегалци од воени конфликти. Многу години пред да почне масовното движење кон северозапад на Сиријците, луѓето од Африка, од Блискиот Исток и од други делови на светот веќе се обидуваа, на многу начини, да стигнат до европска почва. Најчесто тоа беше преку Средоземното Море, па неговите води стануваат вечно почивалиште за три до четири илјади од нив годишно. Тие луѓе порано беа познати како мигранти, а сега, за да се направи разлика меѓу нив и другите, влезе во масовна употреба една нова конструкција со уште поизразен еуфемистички карактер - економски мигранти.
Може само да се претпоставува што му значи на просечниот жител на Западна Европа, или можеби на САД, Канада, Австралија, воопшто на луѓето од т.н. прв свет, кога ќе им се спомене терминот економски мигрант. Буквалниот превод е дека тоа е лице што го напушта своето место на живеење и бара друго, поттикнато од разликата во економските услови. Си оди од таму каде што е полошо, и се обидува да стигне некаде каде што е подобрo. Релативизацијата може да оди дотаму што за овие луѓе ќе се мисли дека основниот мотив за преселба им е што во својата земја не можат да си го дозволат најновиот модел на смартфон, играчка конзола, или можеби автомобил. Затоа може да звучи и логично дека, ако мора да им се помогне на бегалците, не мора да има никаков нов пристап кон проблемот со оние што се обидуваат да стигнат во Европа „само“ поради потрагата по подобри економски услови.
Нормално е да се сака да се живее во што побогата и поразвиена држава, но малку е тешко да се замисли дека некој би ризикувал да го загуби животот близу Лампедуза, некаде на балканските пруги, или во возило во Средна Европа само поради некоја толкава разлика во животниот стандард. Реалноста е, за жал, многу посурова. Дури кога проблемот не само што тропна, туку влета низ вратата и не може да излезе, развиениот свет почна малку поактивно да се занимава со прашањето колку се големи економските разлики меѓу богатите и сиромашните држави. Тие податоци покажуваат толку големи разлики, што е тешко да се зборува за единствен свет, кој што функционира во ист простор и време. Свет во кој во последните 40 години од 20-от век, јазот меѓу најбогатите и најсиромашните држави се удвоил. Во кој само 22 отсто од глобалниот бруто-домашен производ се создава во неразвиените држави, иако во нив живеат 85 отсто од луѓето.
Легенда: Опустошено земјиште во Мавританија
Војната не е единствен убиец
Понатаму, во светот во кој се произведуваат четири милијарди тони храна годишно, што е резерва од еден ипол килограм по човек дневно (повеќе отколку што е потребно за да се прехранат сите), се` уште има речиси 800 милиони луѓе кои немаат доволно што да јадат. Во т.н. земји во развој (уште еден општоприфатен еуфемизам), во просек по 12-13 отсто од населението нема доволно храна, а тој процент достигнува и до 25 отсто во субсахарска Африка. Од глад умираат над три милиони деца годишно. Во остатокот, се фрла по една третина од храната.
Климатските промени уште повеќе ќе ја влошат состојбата со сиромаштијата, особено во Африка. Се очекува екстремните манифестации на овие промени, како поплавите и сушите, сериозно да ги загрозат повеќето африкански држави, кои се многу слабо подготвени да се справат со новите предизвици. Дури и Моамер Гадафи, поранешниот претседател на Либија, една година пред да биде убиен во револуцијата во својата земја, порача дека Европа треба многу посериозно да се ангажира за да го спаси езерото Чад, еден од најголемите водени басени на работ на Сахара, на кој како на извор за вода се потпираат милиони жители на четирите држави што го делат, Чад, Нигер, Камерун и Нигерија. Ако тоа пресуши и таму веќе нема услови за живот, предупредуваше Гадафи, Европа ќе се соочи со триесетина милиони луѓе што масовно ќе тргнат кон нејзините граници, за да се спасат од глад и од смрт. Се појавија и теории, како и истражувања, дека дури и војната во Сирија, која се смета за главна причина за оваа бегалска криза, била барем индиректно поттикната од климатските промени (ова го тврдеше и британскиот принц Чарлс, меѓу другите). Имено, влошените временски услови многу лошо влијаеле врз земјоделството, ја зголемиле сиромаштијата, предизвикале силна миграција од селата во градовите, и во такви услови сите несогласувања меѓу различните групи во сириското општество се зголемиле, и конфликтот станал неизбежен.
Помош или надомест?
Што да се прави? Не може никому да му се забрани правото да се бори за подобар живот. Миграциите секогаш ќе постојат, како што и секогаш постоеле во човековата историја. Сепак, кога борбата за подобар живот всушност значи борба за живот воопшто, тогаш не можеме да зборуваме за едноставна економска миграција, туку повторно за бегство. Тоа го создава огромниот притисок врз Европа и врз други делови од развиениот свет. Повторно, сите сакаат да живеат таму кај што условите се најдобри, но не се сите подготвени да го ризикуваат својот живот за тоа. Можни се и бројни аргументи дека има и доста опортунизам во ситуацијава. Тоа што „стигна“ како одговор од Европа на мигрантскиот бран, и што се отворија вратите за примање бегалци, поттикна и многумина од земји како Мароко или Иран, кои се во многу подобра состојба од, на пример, Сомалија или Судан, да тргнат во потрага по подобар живот. Поефикасната контрола на границите и затворањето на миграциските канали можеби може да го реши проблемот со нив. Но, оние најочајните така нема едноставно да се обесхрабрат. Инстинктот за преживување ги турка напред, а против тоа не може да се оди.
Ова е очигледен знак дека е потребен многу посериозен ангажман во помошта на сиромашното население низ светот, од што корист би имале и развиените (би се намалил миграцискиот притисок врз нив), и сиромашните држави (би се намалиле проблемите со гладта и со сиромаштијата). Ангажманот за помош на овие држави и општества треба да се зголеми многукратно, и развиениот свет има обврска да го стори тоа, и за доброто на своите граѓани, и за другите. Обврската е толку голема што некои како лондонски „Гардијан“, на пример, порачаа дека не треба да се зборува за помош, туку за надомест на штетите.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.