Вуко Мелов
Фискалната недисциплина преку креирањето на големите буџетски дефицити иницираше јавниот долг на Република Македонија во изминатите осум години да расте со геометриска прогресија и од ниско задолжена земјата набрзина да скокне во друштвото на средно задолжени земји. Овој тренд на трошење и позајмување на јавниот сектор полека ја наметнува фискалната лудачка кошула околу нашите јавни финансии.
Концептот на фискалната лудачка кошула претставува строго ограничување на буџетската потрошувачка и позајмувањата на јавниот сектор во одреден временски период. Во современата економска теорија ова значи дека во услови на одредени економски шокови влијанието на државата да реагира во сузбивање на негативните импликации т.е да влијае антициклично е значително ограничено, или едноставно кажано јавниот сектор има врзани раце.
Кoлкав е јавниот долг?
Кога станува збор за висината на јавниот долг од графиконот може да се забележи дека енормното зголемувањето на јавниот долг е реалност, а не само обична политичка флоскула како што тоа сака да се прикаже во јавноста.
Извор: Министерство за финансии
Економијата се базира на бројки, и тие велат дека во изминатите осум години јавниот долг во Република Македонија е дуплиран, односно од 23 проценти е зголемен на 50,6 проценти од БДП во третиот квартал од 2016 година, што всушност претставува историски највисок јавен долг. Притоа, овие бројки, кои ни ги пласираат надлежните државни институции, треба да се земат со одреден степен на резерва во однос на тоа дали ја претставуваат реалната слика за јавниот долг.
Новата дефиниција за јавниот долг утврдена во Законот за јавен долг (во кој се определува што влегува во јавниот долг) е значително стеснета наспроти стандардната дефиниција која ја користат најголем дел од земјите во светот. Така, со една законска одлука јавниот долг се намали, притоа отфрлајќи ги долговите на одредени институции, како што се долгот на НБРМ, кредитите на државните фирми за кои нема гаранција и дел од долговите на Македонската банка за поддршка на развојот. Исто така, во јавниот долг не се опфатени и неисплатените, а доспеаните обврски кон приватниот сектор. Потребно е вклучување и на овие обврски во категоријата јавен долг поради фактот што тие се сметаат како своевиден кредит даден од приватниот добавувач. Ова значи дека јавниот долг на Република Македонија во моментов изнесува барем за неколку процентни поени повеќе од податокот кој го презентира Министерството за финансии, а во кој не е вклучен таканаречениот скриен долг. Тешко е да се проценува висината на скриениот долг, меѓутоа имајќи ја во предвид се` поголемата задолженост и неликвидност на стопанството, јасно е дека долгот на Владата спрема стопанството е во континуиран пораст.
Според класификацијата на Светска Банка во однос на степенот на задолженост на земјите (ниско задолжени со јавен долг до 40 проценти од БДП, средно задолжени со јавен долг од 40 до 60 проценти од БДП, и високо задолжени со јавен долг над 60 проценти од БДП), Република Македонија се наоѓа во групата на средно задолжени земји. Меѓутоа прашање е дали врз основа на оваа генерална поделба на Светска Банка може да се категоризираат и високоразвиените и неразвиените земји.
Тука многу поважно е прашањето за способноста на државата навремено да го сервисира својот долг, отколку неговата висина. Земјите како Франција, Германија, Канада, Велика Британија имаат јавен долг над 80 проценти од БДП, јавниот долг на САД изнесува 105,7 проценти од БДП, а јавниот долг на Јапонија 248,1 процент од БДП што всушност ја прави најзадолжена земја во светот. Покрај високиот степен на задолженост, овие земји немаат поголеми проблеми во однос на редовното сервисирање на нивните долгови. Ова, пред се`, се должи на продуктивниот карактер на искористување на позајмените сретства, односно степенот на поврат на инвестираните средства. Коефициентите на мултипликаторите кој ни ја покажуваат ефикасноста на јавните трошења (продуктивниот карактер на трошоците) врз нашата економија ни покажуваат дека еден денар потрошен од јавниот сектор во економијата се враќа два пати помалку, а кај одделни јавни расходи и три пати помалку. Ова е клучниот момент кој нашиот јавен долг уште сега го прави проблематичен во однос на способноста тој редовно да биде сервисиран.
Структура на јавен долг
Имајќи го предвид високиот трговски дефицит на Република Македонија, многу е значајна структурата на јавниот долг, односно кои извори на финансирање повеќе се користат: домашните или странските?
Средствата од задолжувањата кои државата ги прави на странските пазари на капитал треба да се користат рационално, заради негативните влијанија кои можат да ги предизвикаат врз стопанствата во земјите во развој.
Негативните влијанија на заемите од странство може да го зголеми износот на долгот кој државата треба да го врати заради поголемиот одлив на капитал од државата во периодот на исплаќање на долгот, зголемен за износот на каматата, и евентуалната идна нестабилност на националната валута (која годинава покажа дека е доста кревка). Ова ги прави домашните извори на финансирање подобри во однос на странските од аспект на ризикот.
Извор: Министерство за финансии
Зголемениот степен на користење на странски извори на задолжување во периодот од 2006 до 2011 година, го зголеми учеството на надворешниот долг на 77,9 проценти во структурата на вкупниот јавен долг. Притоа, тука ММФ реагираше со препорака државата (заради ризиците кои ги носи задолжувањето на странските пазари) повеќе да се задолжува на домашниот во однос на странскиот пазар. Оваа препорака во одредени години вроди со плод, пришто Владата почна повеќе да го користи домашното задолжување. Меѓутоа праксата на Владата да се задолжува на домашните пазари траеше се до минатата година, односно до издавањето на двете нови еврообврзници во 2015 (270 милиони евра) и 2016 година (450 милиони евра), по што нашата активност на странските пазари на капитал повторно се зголеми како во периодот пред 2011 година.
Што понатаму?
Забрзаното задолжување во изминатите осум години дополнето со политичката криза и корупциските скандали во изминатите две години, беа главните причини за намалувањето на нашиот кредитен рејтинг од кредитната агенцијата „Фич“ од ББ+ на ББ. Рејтингот на долгорочните обврзници во локална и странска валута е исто така намален од ББ+ на ББ. Ова намалување на кредитниот рејтинг на државата де факто значи дека во иднина Република Македонија ќе се задолжува поскапо (со повисока каматна стапка) отколку до сега.
Оттука и прашањето за консолидацијата на јавните финансии кое Министерството за финансии го проектираше во фискалната стратегија, почнувајќи од 2017 година. Имено, фискалната стратегија за идниот период предвидува ограничување на буџетските трошења на 3 проценти од БДП. Концептот на консолидација на јавните финансии претставува една поблага форма на фискална лудачка кошула, заради одредениот степен на ограничување на јавните трошења. Јавната консолидација е потегот кој треба навремено да го спречи дополнителното зголемување на јавниот долг и наметнувањето на фискалната лудачка кошула во иднина.
Всушност, Пакетот на мерки за штедење во Грција претставува класичен пример за фискална лудачка кошула која строго ја ограничува државната потрошувачка, при што овие рестриктивни мерки многу негативно влијаат врз грчката економија, забавувајќи го нејзиниот раст. Ниските стапки на раст на македонската економија во изминатите десет години, во состојба кога јавната потрошувачка беше на високо ниво и на дуплиран јавен долг, не ни овозможуваат луксуз и може да се доведеме во состојба како во Грција, која ќе има големи негативни импликации и веројатно ќе ја втурне нашата економија во фаза на рецесија.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.