fbpx

„Чиста Македонија“ го извалка спортот

Милорад Стојмановски

Јавен интерес

17.03.17

Прегледи

Милорад Стојмановски

Milorad Stojmanovki 200x250Со поддршката на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, спортскиот амбасадор Кире Лазаров покажа слаб дипломатски имунитет кон политиканството.

Демократскиот капацитет на секоја власт може да се мери и по степенот на злоупотреба на спортот, кој по дефиниција треба да е вентил од секојдневните политички игри, како за спортистите, така и за публиката. Од друга страна, политичката реалност е таква што наивно е да се верува дека овој опиум за народот, кој може да се подведе под категоријата „игри“ во познатата максима „леб и игри“, нема да се злоупотребува за остварување на краткорочни, дневнополитички цели на партиите. Но, ако злоупотребата оди дотаму што некои спортисти можат да останат позапаметени по своите политички отколку по спортските настапи, тогаш тоа општество има сериозен дефект.

На еден од собирите на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, манифестацијата на еден поинаков вид патриотизам на спортистите, искажан надвор од спортските терени, стигна дотаму што „родољубието“ стана гротескно. Спортист во фул-опрема од црвеножолти бои, кој се претстави како велосипедски репрезентативец и зборуваше во име на Велосипедската федерација (таа пак не се огради од овој настап), ја искажа својата загриженост за загрозениот идентитет на Македонија. Видеото, постирано на профилот на Радио Слободна Македонија, имаше околу 8.000 посети, бројка што велосипедистот не може ни да ја сонува ако, на пример, постира некој од своите спортски резултати.

Да не се велосипедистите-олимписки кандидати кои повремено добиваат стипендија од Македонскиот олимписки комитет, до јавноста нема ни да допре вест од нивните настапи под македонско знаме. Реформите во спортот во последната декада не му помогнаа на велосипедизмот во Македонија да направи чекор напред, а камоли да се возобнови меѓународната трка „Околу Македонија“. Но, анонимноста не му пречеше на ова изманипуилирано момче да влезе во пропагандната машина на власта. Вистинската заднина зад ова сценарио на организаторот беше велосипедската „акција“ во црвено-жолта боја што следеше потоа низ целата земја.

Ги слушнал ли Лазаров сите слогани од митинзите?

По говорот на велосипедистот, масата громогласно го поздрави ракометарот Кирил Лазаров. Неговиот Фејсбук-статус со поддршка на „заедничка Македонија“ како да беше иницијална каписла за спортистите, кои се придружија во клерикално-естрадно-актерската папазјанија за одбрана на Македонија со знамиња на комбајни и трактори, влезени на скопските улици без потребната дозвола за тоа.

Светиниколецот досега не манифестирал политички амбиции, дури се држел настрана од кампањите во кои неретко биле извалкани многу наши спортски легенди. Можеби и токму поради тоа бил попочитуван од другите. Во последните години Лазаров во Охрид отвори ракометен камп, брендиран со неговото име кој работи од пред две години. Тоа како да ги најавува неговите чекори во блиска иднина, кога ќе престане активно да се заминава со ракометот. Дали овој потег на капитенот е навестување дека сепак решил значајно да го смени курсот на бродот, поттикнат од пост-играчката „кариера по кариерата“ на неговиот не помалку успешен и познат кошаркарски колега Петар Наумоски? Да потсетиме, Пеце беше пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание (иако присуствуваше на само девет од можни 321 седница во неговиот мандат), а сега е претседател на Македонската кошаркарска федерација.

Заслугите на Лазаров за Македонија не се спорни. Титулите со кои е овенчан се ретки за македонски спортски прилики - двократен најдобар стрелец на европската Лига на шампиони, најефикасен ракометар на светско првенство, европски клупски првак како член на славната Барселона, капитен на македонската репрезентација што го освои петтото место на Европското првенство во Србија во 2012 година...

Капитенот е и добро материјално обезбеден, со оглед на стажот што го има во богати клубови од меѓународната сцена, па спортската пензија што ја добива од Агенцијата за млади и спорт (ако ја добива) сигурно не е факторот на поткуп што важи за спортистите со помал габарит од него.

Многумина затоа се прашуваат: зошто му требаше овој излет?, иако за статусот Кире вели дека е напишан „од срце со чиста мисла и слободен ум“. Ги слушнал ли сите пораки на митингот? Допреа ли до него митингашките песни за „клетите Шиптари“? Ги виде ли снимките со нападите врз новинарите? Ќе остане ли спортистот чист штом дал поддршка на собирите на кои се извикува „чиста Македонија“?

cista makedonija go izvalka sportot

Извор: Фејсбук-статус на Кирил Лазаров

Политички некоректна навивачка химна

На ФБ-профилот на Лазаров со речиси 67.000 следбеници уследи лавина реакции. По него, преку социјалните мрежи или директно на митинзите, својата „борба за унитарна Македонија“ ја истакнаа и екс-ракометарите Индира Кастратовиќ и Стевче Алушовски, пливачот Томи Стефановски, кајакарот Атанас Николовски, каратистот Мартин Несторовски, екс-фудбалерите Боби Милевски и Саша Ќириќ...

Спортистите ретко манифестираат висока свест за проценка на политичката тежина на пораките од различен вид. Неретко тие пристигаат и од трибините, но ниеден од нашите спортисти досега не се оградил од политички некоректната навивачка химна „Излези момче“, која со години одекнува од грлата на ребрендираната македонска „фаланга“. Тешко е да се спротивставиш на дел од навивачите што „химната со територијални претензии“ ја третираат како пресвртница во македонскиот спорт, зашто нејзиното појавување се совпадна со успесите на најдобрите кошаркари и ракометари на европските првенства во Литванија и Србија.

Одговорноста на спортските фактори кои остануваат неми во вакви прилики е - никаква. Досега не сум забележал некој да поднесе оставка на функцијата за лоша организација на натпревар, на кој на трибините со вакви песни се разгореле националистички страсти кои пак предизвикале тепачки на навивачките групи. Националистичките скандирања на некои клупски натпревари од страна на навивачите што се под директна контрола на клубовите предизвикаа неколку инциденти што се закануваа да добијат и пошироки размери.

Што велат Законот за спорт и Резолуцијата на ОН

„Во здруженијата и другите правни лица кои вршат дејност спорт се забранува политичко и верско организирање и дејствување“, дециден е членот 4 од Законот за спорт. Правното лице Велосипедска федерација на Македонија, како и клубовите и федерациите што споменатите (екс)спортисти ги претставуваат (Милевски е младински фудбалски селектор, а Ќириќ спортски директор во Фудбалската федерација на Македонија), не се оградија по овие јавни настапи на своите претставници. Напротив, поголемиот дел од нив беа глорифицирани во провладините медиуми и портали. Оттаму, беше лесно да се заклучи дека тие што треба да го спроведуваат законот всушност беа заедно со споменатите спортисти на „браникот на Македонија“ пред Владата и Собранието. Зашто, колку и иницијативата да се претставуваше како граѓанска, иконографијата на митинзите и повикот до одредена партија да им се придружи јасно говореа на која идеолошка матрица им припаѓаат поддржувачите на Иницијативата.

Во ноември 2014 година, и Обединетите нации донесоа Резолуција, усвоена со консенсус, со која „се поддржува независноста и автономијата на спортот, како и мисијата на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) во водењето на олимпиското движење“. Соочени со се’ почестите политички пораки на спортските терени – од кукасти крстови до расистички напади - ОН реагираа на барањето на претседателот на ИОК, Томас Бах, за потребата од автономија на спортот. Донесената Резолуција, која од ИОК се нарекува камен-меѓник, е во „духот на мирот, заемното разбирање, пријателството, толеранцијата...“, спротивно на пораките што ги слушаме на актуелните собири против „двојазичноста и другите загрози по Македонија“.

Злоупотребата на спортистите како континуитет

Поминаа повеќе од две децении кога на страниците на „Дневник“ ги осудив изјавите на ракометарот на 20. век на Македонија, Пепи Манасков, кој беше злоупотребен во кампањата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. По осамостојувањето, секоја втора спортска федерација за претседател имаше некој пратеник или министер од владејачката коалиција. Таа своја позиција ја злоупотребуваа, користејќи ги спортските идоли и спортските сали за себепромоција.

Политичката злоупотреба на спортот во самостојна Македонија е речиси континуирана во најразлична форма. На масовните прослави на плоштадот Македонија во Скопје, поттикнати од големи спортски успеси (европската клупска титула на ракометарките на Кометал Ѓорче Петров во 2002 година, нерешениот исход на фудбалските репрезентативци на гости против Англија во 2002 година, четвртото место на „Евробаскетот 2011“ и петтото на ракометарите на ЕП 2012) присуството на десетиците илјади приврзаници беше злоупотребено од политичарите, главно од партиите на власт. Тие си земаа за право да се накитат со успехот на спортските гладијатори, сметајќи дека дел од заслугите им припаѓаат ним, без разлика дали поддршката на славодобитниците била буџетска, материјална, морална или никаква.

Оваа власт ја надгради зависноста на спортистите од партиите со вистинска „доктрина“, проширувајќи го добропознатиот клиентелизам со проекти, како што се спортските стипендии, националните признанија, спортските пензии, спортските академии и слично што ја продлабочуваат буџетската дупка, а ефектите речиси и да ги нема и по една деценија од реформите во спортот.

Лазаров е спортски пензионер број 38 во списокот на Агенцијата за млади и спорт, како и спортски амбасадор во Шпанија („спортско-конзуларното претставништво“ ќе мора да го менува, со оглед на тоа што наесен ќе се пресели во Франција, поточно во клубот Нант). Тој е само еден од многуте на долгиот список на АМС, која со субвенционирањето на спортот и спортистите ги обврзува на подаништво. Речиси нема освоен медал за Македонија кој не бил искористен од директорот на АМС, Марјан Спасески, за прием на славодобитниците. На тие средби, камерите и фотоапаратите како главен во кадарот го имаат директорот наместо спортистот.

Овој факт Лазаров треба да го знае како искусен 37-годишен спортист. Ако не за друго, да се одбрани од злоупотреба. Да се биде капитен на национална репрезентација, според моето поимање на нештата, е исто како да си избран за шеф на државата: од моментот на инаугурацијата во спортска легенда, капитенот на ракометарите е капитен што за своите постапки одговара пред сите граѓани на Република Македонија, навивачи на репрезентацијата или не, сеедно, без разлика на етничката, верската, националната, политичката и друга припадност.

Со поддршката на „заедничка Македонија“ спортскиот амбасадор Лазаров покажа слаб дипломатски имунитет кон политиканството.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Милорад Стојмановски

Милорад Стојмановски е новинар со тридецениско искуство, главно во печатените медиуми. Почнал како хонорарен соработник во Македонската телевизија, а првото вработување му е како спортски новинар во Вечер. По неколкугодишното искуство како уредник во магазинот „Скок“, заедно со колегите е еден од основачите на „Дневник“, во кој ги минува сите позиции, заклучно со позицијата заменик главен уредник. Има кусо работно искуство и со порталот „Спортмедиа“, а моментно работи во весникот „Слободен печат“. Долгогодишен дописник на странски спортски магазини, агенции и портали, како и член на Собранието на Македонскиот олимписки комитет. Известувал од повеќе значајни спортски настани, како Олимписките игри во Атина и светски и европски првенства во фудбал и кошарка.