Сами Махрум (Sami Mahroum)
Појавувањето на популистички и националистички движења во САД, Обединетото Кралство, Франција и други европски држави укажува на тоа дека трибализмот е во подем во западните земји. Популистичките движења како мети ги пикираа имигрантите како и целата глобализација.
Во романот „Патување на исток“ на Херман Хесе, ликот Х.Х., кој е нов член во една религиозна група позната како Лига, опишува една статуетка на која е претставен самиот тој веднаш до водачот на групата, Лео. „Се чинеше дека со текот на времето, сите содржини на сите слики ќе се слеат во една, за на крај да остане само една слика: Лео. Тој мора да расте, јас мора да исчезнам“.
Хесе го опишува жртвувањето на „себството“ на поединецот во име на поголема кауза. Сепак, тој истовремено опишува како луѓето ги создаваат нивните херои. Без оглед дали е Владимир Ленин, Че Гевара, Рухолах Хомеини, Хуго Чавез, па дури и Доналд Трамп, „хероите“ ги дефинираат оние кои за себе ги создаваат. Тие претставуваат идеализиран одраз на себеси. И како што стои во описот на Хесе, херојската слика исто така се храни од тоа „јас“, до степен до исчезнување на поединецот.
Трибализмот е во сржта на овој процес. Затоа што човекот има длабока желба да чувствува припадност и водство, луѓето природно формираат групи со поставени водачи. Некои групи претставуваат позитивни манифестации на соработка и солидарност помеѓу поединци. Но кога групите се засновани на некоја идеологија или на некое конкретно племе, тие може да почнат да ги дискриминираат и да ги угнетуваат оние кои не се членови, особено ако тие групи ги води доминантен и харизматичен лидер.
Појавувањето на популистички и националистички движења во САД, Обединетото Кралство, Франција и други европски држави укажува на тоа дека трибализмот е во подем во западните земји. Популистичките движења како мети ги пикираа имигрантите како и целата глобализација. Сепак, како што се случува со сите форми на трибализам, овие движења претставуваат најголема опасност за поединецот. Следбениците мора да дадат арач на племето и неговиот поглавар. Но поради тоа што племето не дозволува некој да изрази несогласување, често се случува племенските групи брзо да се поделат на подгрупи кои меѓусебно се натпреваруваат.
Има многу објаснувања за причините за оваа наша нова ера на племенска, односно трибалистичка политика. Многумина сметаат дека основната причина е сè поголемата економска нееднаквост. Богатите стануваа побогати, а физичките работници од руралните средини и сиромашните се оставени сами да се борат за нивното место меѓу имигрантите, бегалците и силите на глобализација. Сепак, и покрај тоа што глобализацијата била покорисна за некои групи и региони отколку за други, тоа не ја оправдува денешната трибалистичка политика; дотаму што непостоењето на глобализација во некои региони може да биде причина за тоа.
Треба да се има на ум дека поголемиот дел од гласачите за Трамп не се ни сиромашни ниту пак се физички работницифизички работници. Сепак, најголем процент од нив живеат во периферни региони и помали градови кајшто придобивките од глобализацијата – но не и трошоците за неа – најчесто не се видливи. Истата оваа поделба помеѓу урбани и рурални средини е видлива во секоја држава во која е забележан пораст во трибалистичкиот популизам во последниве години.
Понатаму, ако глобализацијата, и посебно имиграцијата, се двигатели за нееднаквост, тогаш големите градови во кои бегалци, имигранти и посиромашни заедници делат ист простор треба да се места за политички нереди. Сепак, во Австрија, Франција, Германија, Холандија, Обединетото Кралство и на други места, националистичките и популистичките партии најчесто наоѓаат поддршка од луѓето кои не живеат во најголемите градови.
И покрај тоа што глобализацијата и имиграцијата може да бидат точки на политички притисок, основите на денешното гласачко размислување се наоѓаат во три поврзани настани. Прво, жителите во западните земји постепено биле послабо политички организирани, станувајќи поголеми индивидуалисти. Во сите либерални демократии, членувањето во политичка партија стана нешто што веќе долго е во опаѓање, и по војната тоа доведе до промени во образованието, општествените норми и популарната култура кои ставаат акцент на критичкото размислување и изразувањето на сопствените ставови. Резултатот од тоа е она што американскиот социолог Дејвид Рисман го нарекол „внатрешно насочени поединци” – „Картезијански“ мажи и жени кои размислуваат со своја глава.
Овој настан ќе беше неспорно позитивен доколку не се поклопеше со смената на економиите од западниот свет, која започна некаде во средината на 90-тите години од дваесеттиот век, вртејќи се кон модели на раст кои се насочени кон технологија, со што се зголеми побарувачката за таканаречените СТЕМ вештини (научни, технолошки, инженерски и математички). Додека образовните системи почнаа многу помалку да посветуваат внимание на општествените науки, граѓаните, кои веќе помалку беа изложени на политичко образование и водство дадено од традиционалните политички партии, сè повеќе се оддалечуваа и од пренесувањето на човечки вредности.
Причините за студирање книжевност, историја и уметност – да се научиме на емпатија, да ја развиеме емоционалната интелигенција и да го усогласиме критичното размислување со универзалните вредности – не исчезна и покрај тоа што постоеше можност за тоа. Лажната претпоставка дека диплома од областа на општествени науки вреди помалку од СТЕМ диплома на пазарите на труд не оди многу во корист на либералната демократија.
Третиот аспект што треба да се разгледа е продолжение на вториот: сè понагласеното претворање на високото образование во нешто што може да се продава на пазар, односно комерцијализација и маркетизација на високото образование во последниве децении. Додека универзитетите тежнеат кон акредитација и статус наречен „и јас“, нивните програми сè повеќе наликуваат едни на други. Процесот на моделирање „поединци кои се подготвени за тестирање“ потсетува на една реплика од „Ана Каренина“ на Лав Толстој: „Што се однесува до овој прираст од Петербург, тие излегуваат од машинерија, од ист шаблон, сите се скапоцено ѓубре“. Исто така, комерцијализацијата на знаењето значи дека денешните дипломци е полесно да се заменат: за нив е можно „машинеријата“ што ги произвела да ги замени.
Заедно гледано, овие три настани помагаат да се објасни подемот на нова класа на гласачи: високо квалификувани, со високи плати и со ниско образование за вредностите кои се основата на либералната демократија. Не нè изненадува многу фактот што овие гласачи, лишени од споделени традиции на знаење и разбирање, се спојуваат околу племенски идентитети и околу откажувањето од себеси поради колективна свест.
Либералните демократии наводно ги надминале „примитивните“ политики, кон општество на граѓани кои имаат моќ. Но моќта на граѓаните – нивната способност да ги идентификуваат сопствените интереси и да постапуваат индивидуално и колективно за напредување на тие интереси – бара низа на вештини кои сосема се разликуваат од оние кои се нагласуваат денес.
Сами Махрум, директор на Иницијативата за иновација и политика на Европскиоѕ институт за бизнис администрација (INSEAD) и член на Регионалната стратегиска група на Светскиот економски форум (WEF) за Среден Исток и Северна Африка, е автор на Black Swan Start-ups: Understanding the Rise of Successful Technology Business in Unlikely Places.
Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org