fbpx

Децата заложници на Трамп

Елизабет Дру (Elizabeth Drew)

Јавен интерес

20.07.18

Прегледи

Елизабет Дру (Elizabeth Drew)

Elizabeth Drew 200x250Администрацијата не испланирала како да ги соедини веќе разделените родители и деца, кои биле испратени во засолништа и во згрижувачки семејства низ цела Америка, а тоа често се случувало сред ноќ. Некои од родителите се депортирани додека децата им останале во притвор и затоа е можно дел од овие семејства никогаш повеќе да не се соединат.

Одеднаш, без многу размислување или планирање, што во суштина е и начинот на кој тој функционира, Претседателот на САД Доналд Трамп ја стави својата администрација во небрано со одобрување на политиката за одделување на децата мигранти од нивните родители при нивното пристигнување на јужната граница со Мексико. Многумина од нив бегаат од насилството во Средна Америка. Потоа, Трамп си создаде уште повеќе проблеми, со тоа што го стори она што тврдеше дека нема никогаш да го стори, односно се премисли.

Прашањето дали во САД фактички постои имигрантска „криза“ е предмет на жестоки дебати. Сепак, со исклучок на неговите најпосветени следбеници, дури и поддржувачите на Трамп сметаат дека конечно претера. Приказните за бебиња кои со сила ги одвојуваат од рацете на мајките, снимката од мали дечиња кои плачат и сликите објавени од Владата на кои поголеми момчиња беа чувани во кафези од жица (на набљудувачите сè уште не им е дозволено да ги видат најмалите деца или постарите девојчиња во заробеништво): сè ова беше премногу за јавноста.

Републиканците кои се во Конгресот и кои вообичаено не се бунат, испаничија и пренесоа порака до Трамп и до неговиот тим дека неговата политика за разделување на семејствата може да им ги уништи шансите за победа на среднорочните избори во ноември. Всушност, политиката за разделување семејства претставуваше закана и за верноста на слепите следбеници на Трамп. Тие беа подготвени да ги занемарат сè поголемите докази за несоодветно сексуално однесување на Трамп во неговиот брак со првата дама, Меланија (вклучително и за наводните исплати на порно ѕвезда и на други лица за тие да молчат), а за возврат да добијат влијание врз политиките и назначувања на социјални конзервативци на позиции во Врховниот суд и на разни функции во федералното судство. И покрај тоа што е невообичано за неа, поранешната прва дама Лора Буш јавно се огласи против политиката за одвојување на мали деца од нивните мајки.

Еден проблем кај Трамп е тоа што му е опсесија да изгледа „силен“. И покрај тоа што вистински силна личност може да признае дека згрешила и да ги смени постапките, „главниот помпезник“ на Америка одбива да признае каква било грешка. Така, Трамп и неговите сојузници наведоа цели фермани на избегнувања и изговори: велејќи дека тие само го спроведувале законот и дека не усвоиле нова политика.

Сепак, ова е проблем што Трамп сам си го создаде. На 7 мај, на границата со Тексас, јавниот обвинител Џеф Сешнс најави нова политика на „нулта толеранција“ за незаконско минување граница: секое лице за кое постои сомневање дека незаконски ја минало границата ќе биде ставено во притвор и ќе следува судење. (Веќе нема да се применува техниката на „фаќање и пуштање“ ниту пак ќе се пуштаат илегалните мигранти верувајќи дека тие ќе се вратат за судење). Малите деца нема да бидат притворани со нив; тие ќе бидат чувани одвоено, што Сешнс сметал дека ќе претставува причина потенцијалните имигранти да не се обидат да ја минат илегално границата.

Потоа, кога почна лавината од негодувања, Трамп и Сешнс ги обвинија демократите за законот кој тие наводно го применувале. Откако тој (лажен) аргумент не беше уважен, Трамп тврдеше дека проблемот може да се реши само по законодавен пат, иако демократите и републиканскиот сенатор Линдзи Греам дадоа спротивни изјави велејќи дека претседателот би можел да го реши ова „само со еден телефонски повик“.

На крај, заканата од политички реперкусии, сфаќањето дека лошиот прием на политиката може да има последици, е причината зошто Трамп се повлече и издаде извршна наредба родителите и децата заедно да се ставаат во притвор. За неговата база да не мисли дека омекнал на темата имиграција, Трамп се обиде неговото повлекување да го замачка со остра реторика, тврдејќи дека би настанала „наезда“ од илегални имигранти и дека повеќето од нив се закоравени криминалци.

Но сега настана нов проблем. Администрацијата не испланирала како да ги соедини веќе разделените родители и деца, кои биле испратени во засолништа и во згрижувачки семејства низ цела Америка, а тоа често се случувало сред ноќ. Родителите и децата се под различни надлежности на федералните агенции. Владата тврди дека околу 500 деца се повторно вратени кај родителите, но остануваат уште најмалку 2000 деца кои и натаму се одделени од родителите (ако им веруваме на владините проценки). Некои од родителите се депортирани додека децата останале во притвор, затоа е можно дел од овие семејства никогаш повеќе да не се соединат.

Конгресот на САД долго време е соочен со неизлезна ситуација кога станува збор за политиката за имиграција. Не може да се дојде до општ компромис, а дури и ограничените напори се покажаа неуспешни. Во јануари се постигна двопартиски компромис во Сенатот со кој ќе се финансираше непотребниот граничен ѕид на Трамп, а за возврат да им се дозволи на „сонувачите“ (кои како деца биле доведени во САД илегално од нивните родители) да станат државјани. (Претседателот Барак Обама го вети ова со извршна наредба, но Трамп ја поништи таа политика откако стана претседател). Но Трамп, кој на почетокот беше за таков компромис, подоцна се повлече, под притисок од неговиот советник за имиграција, Стивен Милер (помошник на Сешнс во времето кога тој беше во Сенатот), и неговиот генерален секретар Џон Кели.

Но до колкава мера се САД соочени со „гранична криза“? Илегалната имиграција во последниве години бележи ниска стапка, иако бројките во 2014 година и неодамна се зголемија, што често е резултат на повеќе различни причини. Многумина бараат надежна економска иднина. Исто така, многумина бегаат од насилство од банди, а некои жени бегаат од семејно насилство. Повеќето од овие луѓе барале азил, а администрацијата на Трамп се обиде да не им го даде. Начините за добивање азил, донекаде намерно, станаа толку закочени што многу потенцијални имигранти се присилени да се обидат да влезат во САД на незаконски начин.

Трамп може да зажали за издавањето на извршната наредба со која ја повлекува неговата политика. Можеби, предложи тој, не треба да има надлежна законска процедура за недокументирани имигранти. Тие треба да се вратат без да добијат прилика да побараат азил. (Овој предлог најверојатно ќе остане реторички, земајќи предвид колку блатантно е неуставен.)

Граничната полиција на САД веќе сопре со гонењето на имигранти, затоа што веќе нема простор. Затоа, без оглед на желбите на администрацијата на Трамп, повторно се применува методот „фаќање и пуштање“.

Една причина за сиот овој хаос и трагедија е тоа што Трамп мисли дека неговиот антиимигрантски став, со кој ја започна претседателската кампања во јуни 2015 година, е она што му ја освои победата. Тој смета дека ставот против имигранти ќе биде добар за републиканците во ноември и за неговите политички амбиции. Допрва може да испадне и дека бил во право.


Елизабет Дру е надворешен уредник во The New Republic, а од неодамна е и авторка на Washington Journal: Reporting Watergate and Richard Nixon’s Downfall.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Елизабет Дру (Elizabeth Drew)

Елизабет Дру е надворешен уредник во The New Republic, а од неодамна е и авторка на Washington Journal: Reporting Watergate and Richard Nixon’s Downfall.