fbpx

ЖЕНИТЕ ВО ИКТ: ЕДНАКВОСТ ЗА „НЕВИДЛИВИТЕ“

Бојана Јовановска

Јавен интерес

19.07.23

Прегледи

Иако е постигнат напредок во последниве години, свеста за потребата од политики за зголемување на родовата еднаквост во ИКТ секторот е сè уште недоволно развиена. Не може да се очекува дека деценискиот јаз околу учеството на жените во оваа сфера ќе исчезне сам по себе, само затоа што ИКТ секторот е динамичен, мериторен, прогресивен и декларативно инклузивен.

Индустријата за информациски и комуникациски технологии (ИКТ) важи за една од најбрзо растечките индустрии, како и за најпросперитетна професија на денешницата. За ова говори и фактот што сè поголем број на луѓе решаваат за квалификација, но и преквалификација во професии во оваа сфера, што е во значајна мера присутно и во Северна Македонија.

Имајќи предвид дека фокусот е на квалификациите и на резултатите на работниците, ИКТ секторот се смета за еден од најотворените кога станува збор за регрутација на нови кадри, без разлика на нивниот род, националност, сексуална ориентација и други идентитетски категории, што има значајна улога и во борбата со родовите стереотипи за професиите.

Меѓутоа, забележително е постоењето на несразмерност помеѓу брзината на развој на индустријата и динамиката на произведување квалификуван кадар. Имено, ИКТ индустријата на светско ниво се соочува со сериозен недостаток на квалификуван кадар. На ниво на Европска Унија, 55% од компаниите се соочиле со потешкотии во регрутирање на ИКТ специјалисти, додека во Северна Македонија голем дел од ИКТ компаниите сметаат дека понудата на пазарот на труд е несоодветна за исполнување на барањата за квалитет, и имаат потешкотии да најдат квалификувани вработени.

Од друга страна, ИКТ секторот сè уште се перцепира како доминантно „машка“ сфера и професија и родовиот јаз во областа е сè уште значителен и влијае на образованието, вработувањето и напредувањето на жените.

Иако е постигнат напредок во последниве години, свеста за потребата од политики за зголемување на родовата еднаквост во ИКТ, особено во области како компјутерско програмирање, е сè уште недоволно развиена. Една од главните причини за сè уште малиот процент на жени во ИКТ секторот е нискиот број на жени кои се образуваат во оваа област, односно, ограничениот број на квалификувани кандидатки за работни позиции, особено во техничките професии.

Доколку го земеме предвид недостатокот на квалификувани работници во ИКТ индустријата од една страна, и малата застапеност на жени во професијата, од друга страна, се чини логично дека компаниите ќе гледаат на жените како на потенцијална работна сила. Меѓутоа, регрутирањето на жени на технички работни места, нивното задржување на работните места, како и обезбедување на соодветни услови за нивно напредување во компаниите, се покажува како предизвик.

Формирање на родови стереотипи

Она што за многумина е помалку познато е дека жените се присутни уште од раните години на развој на компјутерите. На пример, Ада Лавлејс, британска математичарка и писателка, родена во 1815 година, се смета за првиот компјутерски програмер во светот. Најпознатиот придонес на Лавлејс е збир на белешки што ги напишала за Аналитичкиот мотор во 1840-тите години, кои често се нарекуваат „Белешки на Ада Лавлејс“, и опишуваат алгоритам за пресметување на Бернулиовите броеви со помош на аналитичкиот мотор, кој се смета за првиот објавен алгоритам наменет да биде обработен од машина.

За време на Втората светска војна, жените играле клучна улога на таканаречени „човечки компјутери“ кои рачно изведувале сложени математички пресметки. Голем дел од овие жени имале факултетско образование, но биле исклучени од други технички области. Како што електронските компјутери започнале да се појавуваат во 1940-тите и 1950-тите, жените продолжиле да играат важна улога во оваа област. Во текот на 1950-тите и 1960-тите, жените сочинувале значителен дел од работната сила во програмирањето, пишувајќи софтвери за раните мејнфрејм компјутери. Меѓутоа, со растот на индустријата и нејзиното професионализирање во 1970-тите и 1980-тите години, застапеноста на жените во светот на компјутерите започнала да опаѓа. Ова делумно се должи на промената во перцепциите за компјутерите како техничко и „машко“ поле, како и на појавата на нови практики во образованието и работата кои ги фаворизираат мажите, додека истовремено, инсистираат на улогата на жената во домот.

Токму таа промена во перцепциите за ИКТ значајно влијае на формирањето и понатамошното зајакнување на родовите стереотипи во професијата. За кратко време, ИКТ успева да се издиференцира како доминантно „машка“ област, притоа поврзувајќи ја со стереотипно „машки“ вештини, како технички вештини, логика, лидерство и сл. Родовите стереотипи стануваат толку силни што започнуваат да се поврзуваат со биолошки фактори и „природна“ незаинтересираност на девојчињата и жените да се занимаваат со СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика).

Родовиот јаз во СТЕМ е евидентен уште од рана возраст и продолжува низ високото образование, па сè до работното место. Додека растат, општествените, но и родителските предрасуди, често ја поттикнуваат недовербата на младите девојки во нивните способности поврзани со математика и информатика, и ги намалуваат очекувањата за кариера во тие области, што води до нивна самоцензура и до помал ангажман во сферата. Затоа е и многу поверојатно момчињата да се замислат себеси како ИКТ професионалци и научници, за разлика од девојчињата.

Истражувањата велат дека во основно образование, девојчињата не само што немаат помал интерес, туку често и ги надминуваат момчињата во оценките и задачите за ИКТ писменост, што укажува на приортетизирањето на општествено-културните детерминанти на родовиот јаз пред биолошките фактори.

Јазот во образованието е евидентен и во Европската Унија, каде жените претставуваат само 19% од специјалистите за ИКТ, односно секој трет дипломиран студент во СТЕМ е жена. Во Северна Македонија 31% од студентите кои се запишале на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – Скопје (ФИНКИ) во последните 10 години (од 2012 до 2022 година) биле жени, при што, просечното зголемување на годишно ниво изнесува околу 1%. Во однос на бројот на дипломирани студенти во ИКТ во 2021 година, само една третина (33%) биле жени.

Жените во ИКТ индустријата

Меѓутоа, образованието не е единствената причина за родовиот јаз во ИКТ. Подеднакво се важни системските бариери и предрасуди кои постојат во индустријата, а кои ги спречуваат жените да се вработат и да напредуваат на работните места. Дури и на жените кои го поседуваат потребното образование и квалификации, може да им биде тешко да држат чекор со работниот притисок, долгите работни часови, постојаната потреба за обновување на знаењата, додека истовремено ги балансираат професионалните барања со приватниот живот.

Диспропорционалниот товар на грижата за домот и децата, што произлегува од традиционалната поделба на родовите улоги, која кај нас е сè уште многу силна, влијае на можностите на жените да напредуваат во професијата, како и да останат конкурентни во една исклучително динамична индустрија.

Родовата пристрасност се пренесува и на работното место, па оттука и одредени работни позиции може да бидат перцепирани како помалку соодветни за жените. Така, на пример, и покрај тоа што ИКТ компаниите бележат пораст на бројот на жени, тоа во голема мера се должи и на вработување на жени на работни позиции поврзани со човечки ресурси, администрација и маркетинг, додека значајно помалку со програмерство.

Според Истражувањето за ИТ професионалците во Северна Македонија, на примерок сочинет од 23% жени-испитанички, само 20% од жените работат како програмерки, што придонесува и за родовиот јаз во платите, имајќи предвид дека токму програмерите се едни од најплатените професии во оваа сфера, но и пошироко.

Во ИКТ секторот во Северна Македонија само 27% жени учествуваат во вкупната работна сила, додека на раководни позиции се само 12% жени. Дополнително, бројот на жени кои ги напуштаат своите работни места во компаниите од оваа индустрија е значајно поголем од бројот на мажи. Причината за ниската застапеност на жените, особено на лидерски позиции, меѓу другото е резултат и на непостоењето на родово сензитивни политики во компаниите.

Истражувањето за „Политики за рамномерна застапеност на жените на лидерски позиции во ИКТкомпаниите и поддршка на разновидноста“, кое го спроведовме со Бреинстер на таргетиран примерок од 49 компании, го потврдува недостатокот од родово сензитивни мерки во компаниите, како и нискиот степен на интерес на домашните ИКТ компании за родово сензитивни прашања, а воедно и непрепознавање на истите како проблем во секторот.

И покрај тоа што најголем дел од компаниите изјавија дека имаат политики за одржување на рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот на вработените, сепак, тие во голема мера се неутрални, односно не ги рефлектираат специфичните потреби на жените, особено поврзани со грижата за децата. Дополнително, поголем дел од овие компании не обезбедуваат поддршка за вработени кои се подложени на родово базирана дискриминација или вознемирување на работното место, имајќи предвид дека многу почесто како жртви се јавуваат жените.

Според резултатите од истражувањето, сè уште има недостаток на женски модели за идентификација (role models), но и недоволна промоција на постоечките. Ова влијае на помала мотивираност на жените воопшто да се одлучат за кариера во ИКТ, што пак го затвора магичниот круг, резултирајќи со недостаток на квалификувани жени за одредени професии во секторот. Меѓутоа, охрабрувачки е што според податоците од истражувањето компаниите покажуваат интерес за начинот на кој можат да развијат мерки преку кои би биле видливи придобивките од ангажирање на повеќе жени.

Надминување на повеќедеценискиот јаз

И покрај тоа што генералниот впечаток за ИКТ секторот е дека постои значајно зголемување на бројот на жени кои се образуваат и работат во областа, сепак, овие перцепции се веројатно под силно влијание на фактот што хронолошки жените премногу долго време биле невидливи во оваа сфера, што придонесува за хиперболизирање на впечатокот за степенот на нивно учество во моментов.

Родовите стереотипи сè уште имаат голема улога во изборот на образование, професија и во градењето кариера, и значајно ги обесхрабруваат жените да ги откријат и следат сопствените интереси.

Не можеме да очекуваме дека деценискиот јаз во учеството на жените во оваа сфера ќе исчезне сам по себе, само затоа што ИКТ секторот е динамичен, мериторен, прогресивен и (декларативно) инклузивен. Мора да се работи на подигнување на свеста за родовите прашања во ИКТ секторот и да се развива волја за креирање на политики кои ќе ги охрабрат и жените и девојчињата да го најдат своето место во овој сектор.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Бојана Јовановска

Бојана Јовановска е феминистка и истражувачка. Магистер е по социјална политика и е активна во полето на родова еднаквост и родово базирано насилство повеќе од 10 години.