Неопходно е медиумската писменост да излезе од својата сегашна рамка која е фокусирана на потрошувачите и да го прифати својот потенцијал за тоа да биде камен-темелник на граѓанското еманципирање и зајакнување.
Кога имам обуки за медиумска писменост на кои ја воведувам помладата публика на оваа тема, истите честопати ги почнувам со едноставно прашање: „Кога ќе забележите нешто што не е како што треба во вашето непосредно опкружување, што би можеле да направите?“
Речиси секогаш прв одговор е: „Организирате јавен протест“. Точно е дека јавните протести се легитимни форми на изразување незадоволство, но јас сепак им поставувам предизвик да ги земат предвид практичните ограничувања на организирањето протести за, речиси, секое прашање. Потоа, нивен следен заеднички одговор е: „Ќе треба да формирате политичка партија!“
Кога објаснувам дека формирањето политичка партија бара време, ресурси и, што е најважно, луѓе, учениците честопати се губат и немаат алтернативни решенија за проблемите во нивното опкружување.
Кога ќе ги запрашам за демократски избори, нивната типична реакција е омаловажување: „Хах, изборите се бескорисни, никој не го прави тоа!“ Потоа иронично им велам дека тие попрво би формирале политичка партија отколку, едноставно, да гласаат. Притоа, нивниот одговор е: „Пааа... другите ќе гласаат за нас!“
Ваквите размени откриваат постоење на длабока неповрзаност помеѓу улогата на поединецот како потрошувач и неговата граѓанска одговорност. Со нив исто така се истакнува и неразбирањето на системските функции на граѓаните, кои зависат од урамнотежување на индивидуалните права со општото добро и од негувањето доверба во институциите како што се масовни медиуми, демократски избрани влади и процеси што ја поддржуваат демократијата.
Медиуми: Неутрален пренесувач на веста или трговец со информации?
Луѓето честопати ја формираат својата перцепција за политиката преку јавни протести или преку партиски препукувања, како и се прикажува во медиумите кои, пак, ги истакнуваат општествените и политички конфликти. Во овој контекст, медиумите се претставуваат себеси како неутрален канал – тие се невидливиот поштар кој ја доставува веста од изворот до публиката на, навидум, непристрасен начин.
Ова исто така е одразено и во сегашната дефиниција за медиумска писменост на ЕУ, која го потенцира јакнењето на вештини за критичко размислување кај поединците, на нивната способност да се движат низ пејзажот на дигиталните медиуми и на нивниот капацитет да идентификуваат дезинформации. Имплицитно во оваа дефиниција е признавањето дека традиционалните медиуми сега имаат релативно мала улога во ширењето на дезинформации во споредба со нивните поголеми дигитални посредници.
Тоа, меѓутоа, не е така ако ја видиме реалноста. На масовните медиуми може да се гледа како на трговци со информации, да се забележи сè помалата улога која ја имаат медиумите како седма сила или како чувар на јавниот интерес, а можеме и да забележиме дека медиумските компании јасно ги усогласуваат своите уредувачки политики со одредени политички партии и се фокусираат исклучиво на „критичкото размислување“, додека „способноста за подобро снаоѓање низ медиумското опкружување“ речиси целосно ја промашува поентата.
Дури и кога јасно се гледа дека не се работи за дезинформации, масовните медиуми имаат значително влијание на перцепцијата на јавноста преку своето искривување на вистината, преку исклучувањето на одредени перспективи и гледишта или преку непропорционално засилување на одредени пораки.
Ваквата нивна моќ не произлегува само од отворена манипулација, туку таа може да се забележи и преку други, посуптилни механизми, како што е „врамувањето“ на приказните на начин кој потенцира одредени наративи а истовремено ги маргинализира различните гледишта или, пак, приоритет се става на содржина која што привлекува интерес во комерцијална смисла, наместо на непристрасното известување.
Извор: unsplash.com
Дополнително на тоа, интерната пристрасност, која е составен дел на уредувачката политика на одреден медиум или обидот да се стекне поголем рејтинг се нешта кои може да доведат до селективно прикажување на настаните а тоа, од своја страна, ги зајакнува постојните структури на моќ и внесува колективни заблуди.
Како резултат на тоа, дури и добронамерното известување е можно ненамерно да придонесе за искривоколчено разбирање на сложените прашања, што ја нагласува потребата од критичко ангажирање и системско реформирање за да се обезбеди дека различните гласови и нијансирани стварности се соодветно претставени во јавната сфера.
Сите овие работи го покренуваат критично важното прашање: дали државата гледа на медиумската писменост како на алатка за еманципирање и зајакнување на своите граѓани, или повиците на државата за медиумска писменост се сигнал за тоа дека се признава сè помалото влијание на традиционалните медиуми и на несоодветноста на регулаторната рамка во справувањето со доминацијата на големите технолошки и медиумски конгломерати?
Да ја поправиме стрелата, а не целта
Предизвиците кои постојат во однос на потрагата по вистина (нешто на што се посветува централно внимание на обуките и во политиките за медиумска писменост) јасно излегоа на виделина за време на пандемијата со КОВИД-19. Еден дел од населението се потпираше само на сопствената проценка во врска со тоа колку се ефикасни вакцините и ги отфрлаше надворешните извори на информации.
Користејќи различни медиумски канали, овие групи околу себе собраа повеќе истомисленици во својата потрага по „вистината“ така што се придржуваа до онаа рамка за медиумска писменост која беше актуелна пред пандемијата, а која ги потенцираше поединечната агенција и скептицизмот кон медиумското известување. Во ера во која доминира економија на вниманието и дистрибуција на содржина од страна на алгоритми, ваквиот пристап се покажа катастрофален.
Одредени групи ја искористија ваквата динамика за продуцирање на содржини кои значеа „потрага по вистината“ а кои не само што ја поттикнаа недовербата кон владите и институциите кои беа избрани по демократски пат, туку ги заобиколија и регулаторните рамки и целната публика која веќе имаше проблем да се снајде во целиот информациски хаос.
Наместо да се стремат кон обнова на довербата, обучувачите за медиумска писменост ги саморефлектираа личните предрасуди – нешто што станува речиси невозможно тогаш кога на луѓето им недостасуваат потребните информации и основните вештини за писменост за да можат ефективно да ги дешифрираат пораките кои доаѓаат од медиумите.
Медиумска писменост и активен граѓанин
Ставот дека „други ќе гласаат за нас“ открива постоење на значителен проблем во сегашниот концепт за медиумска писменост, и овој недостаток исто така е присутен и во дефиницијата на ЕУ. Станува збор за речиси целосно занемарување на индивидуалната граѓанска одговорност и на сведување на граѓаните на обични потрошувачи. Покрај тоа, медиумската писменост честопати се поврзува со дигиталната писменост, каде што техничките вештини за користење на дигитални алатки имаат тенденција да ја засенат критичката евалуација на содржините кои се пласираат од медиумите.
Точно е дека критичкото читање на информациите кои се пласирани од медиумите е важно, но тоа е само еден аспект од медиумската писменост. Постоењето на сеопфатен пристап бара истражување на сложената врска која постои помеѓу улогата на медиумите во одржувањето на функционална демократија и граѓанската одговорност на поединецот да донесува информирани политички одлуки. Во еден ваков поширок контекст, ефективната медиумска писменост значи не само знаење за тоа како критички да се оцени пласираната содржина, туку и како таа содржина влијае на демократијата преку својот инпут.
Пристапите кои ги користи ЕУ во однос на медиумската писменост честопати го занемаруваат постоењето на клучната врска помеѓу медиумската писменост и граѓанскиот ангажман, и истата ја сведуваат на обична вештина која треба да ја имаат потрошувачите. Дури и кога обуката за медиумска писменост има за цел да ги едуцира луѓето да можат да разликуваат вистина од лага, таа сепак го занемарува суштинското прашање: зошто луѓето треба да бидат мотивирани да бидат во потрага по вистината?
Наместо да се стреми кон чисто филозофска потрага по вистината, медиумската писменост треба да се насочи кон остварување на конкретни цели кои ќе бидат ориентирани кон граѓаните. Точното медиумско известување е важно бидејќи гарантира дека политичките одлуки ќе се засноваат на факти и на искрени информации. Следствено на тоа, обуката за медиумска писменост која е фокусирана на граѓанството не само што треба да ги унапреди вештините на луѓето туку треба и да поттикне систематско разбирање на медиумите, на демократските институции и на сложените врски кои постојат помеѓу нив.
Како заклучок, неопходно е медиумската писменост да излезе од својата сегашна рамка која е фокусирана на потрошувачите и да го прифати својот потенцијал за тоа да биде камен-темелник на граѓанското еманципирање и зајакнување. Поттикнувајќи
критичко ангажирање со медиумите и преку нагласување на интеракцијата која треба да постои помеѓу точното известување, демократските институции и граѓанската одговорност, медиумската писменост би можела да биде суштински важна алатка за зајакнување на демократските процеси.
Ваквата промена бара повторно осмислување на обуката за медиумска писменост, при што приоритет ќе се даде не само на развојот на индивидуалните вештини, туку и на колективното разбирање за тоа каква улога имаат медиумите во обликувањето на информирани и активни граѓани.