Бранко Прља
Да, јас го почитувам образованието, и сакам моите деца да одат на училиште, но по која цена!?
Последниве месеци во медиумите се кршат копјата околу тоа како треба да започне наставата во новата учебна година. Физичкото присуство во училиштата е придружено со премногу непознати и ризици кои една земја во развој, како нашата, може да ги избегне, ако ја избере онлајн наставата за сите - од безбедноста на домот. Се разбира, ниту еден вид настава не е лишен од недостатоци и треба да се согледаат сите проблеми за да може да се направи правилна дистинкција.
Онлајн наставата како решение
Мојот став дека онлајн наставата е подобар избор за нашата земја не е донесен врз основа на брзоплет и емотивен заклучок, напротив, се работи за аргументиран и учен став во кој се согледани сите аспекти на проблематиката: здравствениот, економскиот, социјалниот, образовниот и правниот. Се разбира, тој тип на настава не е лишен од проблеми.
Прв најочигледен проблем е фактот дека сите ученици немаат технички помагала за следење на овој вид настава. Се работи за сериозен проблем кој бара систематско решение, а тоа би било најлесно преку донации. Само преку групата Дај не фрлај членовите меѓусебно подаруваат многу технички помагала, а кога би се организирала државна акција во соработка со разни сервиси, би имале неоспорен успех. За тоа зборува и акцијата која ја спроведуваат индивидуалци како Борче Стаменов. Веќе и одредени наставници почнаа да наоѓаат начини како да им помогнат на своите ученици, а истото го прави и групата Наставници за онлајн настава.
Проблем е и недостатокот од социјализација. Гледано од аспект на „нормалната“ настава тоа е точно, но бидејќи зборуваме за настава во време на пандемија, под маски, со дистанца и протоколи, во услови во кои дружењето и интеракцијата ќе бидат сведени на минимум, а часовите скратени и недоволни за совладување на материјалот, сето тоа повеќе одговара на антисоцијализација!
Противниците на онлајн наставата зборуваат и за опасноста од недоволно внимание на учениците, но ако сме реални, ќе признаеме дека и физичката настава не е никаква гаранција за внимание. Уште еден аргумент, особено за децата од шесто одделение и прва година средно, е неможноста тие да ги запознат наставниците, но тука повторно се превидува фактот дека се наоѓаме во пандемија. Многу запознавање и нема да има, ниту ликот ќе си го видат, ниту гласот под маски нема да го препознаат. Аргументот дека децата треба да одат на училиште за да се тргнат од улиците и дека родителите мора да одат на работа се чини повеќе како искористување на децата, отколку борба за нивните права. Меѓу другото, училиштата не се игротеки!
Како најзначаен проблем се истакнува неизработена национална платформа за онлајн учење. Сепак, во „Планот за одржување настава во основно и средно образование“ од МОН се потенцира платформата ЕДУИНО од ФИНКИ за 300 000 корисници, која ја покрива вкупната бројка наставници и ученици. Нужноста да бидеме пред компјутерите може и да ни помогне како да станеме дел од светот, технолошки и информатички писмени, и на тоа не треба да се гледа како на недостаток, туку како на предност.
Извор: text.mk
Комбинираната настава е привид на избор!
Како прв и најбитен аргумент против комбинираната настава е престојот на (дел од) учениците во затворени простории со наставниците во подолг временски период – што е докажан ризик за ширење на зараза и опасност за сите инволвирани и нивните родители, роднини, ризични членови на семејство, итн. Следен недостаток на комбинираната настава е нешто што многу често се превидува - им се одзема право на избор на наставниците. Ако се избере комбинирана настава, децата ќе имаат избор, а наставниците не, освен предвремено да се пензионираат, што се случува се почесто во другите држави, а кај нас законски не е обезбедена, така што единствено решение е или да ја прифатат „судбината“ или да дадат отказ.
Самото име на комбинираната настава е всушност погрешно! Таа би требала да се вика двојна настава, бидејќи наставникот ќе мора истиот материјал да го подготвува два пати, за физичко и онлајн присуство. Во случај со поголеми класови, каде има потреба од делење на две смени, ова всушност ќе значи тројна настава за истиот наставник! Ова е потврдено и од искуствата во САД. Ако зборуваме за вистинска комбинирана настава, тогаш таа е паралелна настава. Овој модел не е возможен поради немање доволно добар интернет во училниците за стриминг. Освен тоа, старите модели на службени компјутери нема да обезбедат квалитетен пренос. Како наставникот ќе предава на двете групи, како со маска ќе биде разбирлив за тој пред компјутер и за тој од задната клупа, како ќе пишува на табла и тоа ќе биде видливо за оној пред компјутер?… Практично е неизводливо и на крај двете групи ученици би добиле неквалитетна настава.
Главниот алат на наставникот во неговата работа е говорот, кој под маска нема да биде доволно разбирлив. Освен тоа секој кој сака да се заштити правилно не смее да ја вади маската во текот на целиот училишен ден, затоа што штом еднаш ќе се извадат, маските веќе не заштитуваат и не смеат да се реупотребуваат. Светската здравствена организација појаснува зошто е невозможно тоа да се оствари во училиштата. Освен тоа, единствени маски кои пружаат сигурна заштита се KN95, а тие се за една употреба, чинат околу 250 денари и на нашиот пазар не можат да се најдат со големина за деца.
Учениците и наставниците кои ќе посетуваат настава во училиштата нема да добијат квалитетна настава и заради психичкиот стрес причинет од неприродната средина, почитување протоколи, дистанцирање, маски, како и постојан страв едни од други, поради опасноста од зараза, како и општа меѓусебна недоверба. Како што веќе напоменавме, во вакви услови е невозможно да се оствари социјализација.
За да се обезбедат ефикасни протоколи, поради концентрација на вируси во затворен простор, што е познато од физиката на аеросоли, потребна е постојана стерилизација и правилна вентилација, која не постои во нашите училишта. Освен тоа, поради постојаните трошоци за хигиена општините ќе бидат изложени на огромни трошоци, а состојбата во училиштата е позната на сите. Во февруари годинава, пред почетокот на пандемијата, Сојузот на средношколци апелираше за обезбедување на сапуни(!) по училиштата и ја истакнуваше очајната состојба со хигиената во училиштата. Како во тие услови можеме да зборуваме за спроведување речиси болничка хигиена во училиштата?
Но, дури и вашето дете да избере онлајн настава (за средно училиште ќе му треба медицинска потврда за тоа, како што е објаснето во Планот за одржување настава од МОН), „проверката (валидацијата) на знаењата на учениците се реализира со физичко присуство во училиште, на секое тромесечие,“ Останува прашањето, како со оваа мерка се почитува безбедноста на учениците (особено тие од ризични групи)!?
Основниот проблем со комбинираната настава е привидот на право на избор. Тие кои се ризични, а немаат компјутери ќе бидат принудени да одат на настава. И многу наставници ќе се најдат во истата состојба од различни причини. Истото ќе се случи и со многу други вработени кои во случај на општа онлајн настава би морале да бидат ослободени, а со комбинираната ќе имаат само еден избор - тие да одат на работа, а нивното дете на училиште!
Уште една тема која е запоставена е изложувањето на пензионерите на ризик. Во нашата средина дедовците и бабите се најчесто задолжени за земање на децата од училиште и нивно чување потоа. Пензионерите исто така финансиски помагаат многу семејства. Тие како најризична група ќе бидат изложени на голема опасност и последиците по овие семејства можат да бидат катастрофални. Сериозни текстови на оваа тема ги советуваат земјите во развој да не ги отвораат училиштата за да ги заштитат пензионерите и да се сочуваат од колапс на и така фрагилниот здравствен систем.
Да не заборавиме, доаѓа есента и зимата, а со нив и грипот, загадувањето, затворањето на прозорците, како уште еден ризик фактор, но и грејната сезона. Ако училиштата не работат ќе се заштеди на греење, но и децата нема да бидат изложени на загадениот воздух во училиштата. Според статистиките речиси 90% од училиштата во Македонија се греат на нееколошки варијанти, а половина од нив се изградени од 1946-1980 година, со 5% изградени од 1900-1929 година! Освен тоа, учениците користат јавен превоз, што е уште еден голем ризик фактор, а тие кои се од внатрешноста ќе престојуваат во интернати во кои знаеме дека условите не дозволуваат одржување на протоколи.
Само онлајн наставата може да ги заштити сите!
Како што гледаме, недостатоците на комбинираната настава се многу големи и непремостливи. За тие да се надминат не е доволен еден месец, ниту една година, потребна е комплетна реформа на образованието, образовниот систем и образовните инфраструктури.
До тогаш, единственото безбедно решение за земја во развој како нашата е онлајн наставата за сите, за учениците и за наставниците! Со онлајн наставата државата ќе мора да изнајде механизми да се справи со сите наведени проблеми, во спротивно нема да бидат заштитени ни децата, ни наставниците, ни родителите, ни вработените, а секако не ризичните групи. Во случајот на комбинирана настава, привидно сите ќе имаат избор, но всушност сите ќе бидат оставени без избор!
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.