fbpx

Слободата на говор не смее да се замолчи

д -р Ненад Живановски

Политика

31.12.20

Прегледи

д-р Ненад Живановски

nenad ziavainovskiЕдна сосема тривијална ситуација со коментари на мојот фејсбук профил ми го сврте внимането (и отвори очите) колку реално се загрозени нашите права на слободен јавен говор и на какво искушение е ставено ова право кое е гарантирано со десетици меѓународни и домашни конвенции, закони и резолуции и за кое политичарите така здушно и со полна уста збoруваат дека го почитуват додека се на власт.

За што станува збор? На мој пост, кој се однесуваше на ветото од Бугарија, коментар сподели пријател Бугарин од Брисел дека Бугарија не го негира македонскиот јазик и идентитет, но дека историјата пред 1946 мораме да ја смениме. На тоа, јас му одговорив преку прашање зошто мисли дека вистинската македонска историја пред 1944. е онаа која ја тврди бугарската историографија, и доколку ставот за точноста на историските податоци му се темели според етничката припадност, тогаш тоа е доста лимитиран пристап во потрага по вистината. И, тоа беше сѐ.

По само 2-3 часа, забележав дека коментарите ги нема. Беа избришани иако постот си остана. Согласно најавите на премиерот Зоран Заев за засилена контрола на социјалните мрежи, групите и профилите во кои навредливо се пишува за Бугарија, претпоставувам дека мојот профил бил опсервиран и подлежел на интервенција на одделот во МВР кој се занимава со следење на говор на омраза кон Бугарија. Сето тоа се случуваше на 10.12.2020, кој и во Македонија се одбележуваше како Меѓународен ден за човековите права.

Кој врши цензура?

Што се случи со коментарите на мојот пост? Кој ги избришал и зошто го сторил тоа? Сѐ уште нагодувам бидејќи не знам од каде да побарам одговор. Претпоставката дека во МВР постои софтвер кој според алгоритми и клучни зборови бара коментари кои се однесуваат на Бугарија и сите ги брише, без капацитет да навлезе во квалитативна анализа на содржина и контекстуалност на напишаното ми изгледа за логично објаснување. И од двете можни зла, ова би ми било помалото. Ужасно би било сознанието дека во МВР постои некој темен оддел, во кој, во орвеловско-кавкијанска атмосфера, зад монитор осветлен со столна ламба, седи македонскиот Винстон Смит и чита и брише туѓи коментари и статуси. И тоа напишани само за Бугарија.

Сепак, доколку луѓе стојат зад оваа цензура, а не компјутерски софтвер, тогаш јавноста има право да знае кои се тие луѓе, според кои критериуми ја вршат евалуацијата што е говор на омраза кон Бугарија (во наведениот мој случај такво нешто воопшто не постоеше), и најважно од сѐ, какво е нивното формално образование и специјалистичка обука за да можат да се занимаваат со една ваква сензитивна работа која директно навлегува во корпусот на основните човекови права?

Слободата на говорот и правото на јавен настап се премногу сериозна работа за да можеме вака индиферентно да се однесуваме кога некој нѝ ги суспендира, дури и ако мотивите му тргнуваат од премисата за добронамерност и заштита на општиот интерес и јавното добро.

Меѓутоа, вака како сега стојат работите во нашиот сајбер простор, субјективен впечаток е дека на проблемот му се приоѓа:

  • волунтаристички (ниту се знае кој контролира, какво образование има, и според кои критериуми цензурира),
  • политикански (доаѓа апел/наредба од премиерот што да биде таргетирано од МВР) и
  • кампањски (временски ограничено се концентрираат техничите и човечките ресурси, а Бугарија е цел на заштита поради опортун политички момент, а не поради систематски и аналитички пристап).
Кој утврдува што е вистина?

Во македонскиот интернет простор од пред извесно време се профилираат неколку факт-чекинг сајта кои се самодекларираат дека се меродавни за мериторно да проценуваат и одлучуваат што е вистина, а што лага или фејк њуз. На нивните оценки за лажни вести во врска со КОВИД-19 се реферираат и од Фејсбук кога треба да се сокрие некоја антиваксин вест од македонски профил.

Slobodata na govor ne smee da se zamolciИзвор: prizma.mk

И повторно не се знае кој е тој кој оценува што е вистина, а што лажна вест. Од објавениот импресум може да се заклучи дека биографиите им се доста скудни за да преземат вака претенциозен просветителски ангажман да оценуваат што е вистина. Некои од нив се само со средно образование и недовршени додипломски студии, други со несоодветно високо образование, кое се компензира со обуки посетувани во странство, кои имаат за цел повеќе да импресионираат отколку суштински да ја потврдат нивната компететност за проблематиката на која се однесува проектот кој се имплементира.

Со таков образовен профил тие врз себе преземаат сериозна одговорност да оценуваат, коментираат и коригираат јавно изнесени ставови. Иако амбицирани дека ја знаат апсолутната вистина (veritas universalis), од некои нивни анализи се добива впечаток дека што е вистина не се одредува според објективни научни параметри, холистички пристап и компетентност на оценувачите, туку позиционираноста е според она што е прокламиран интерес на донаторите на проектите.

Овие сајтови се мал штраф во глобално организираната машинерија, која си зема за право ширум светот да објаснува што е вистина, а љубопитните граѓани да немаат потреба да трагаат по неа или ако дојдат до различни гледишта или откријат некоја друга вистина да бидат компромитирани и исмејани.

Слободата на говор е загрозена

Не е ништо ново ако се каже дека либералната демократија е во повеќегодишна идеолошка и функционална криза и регресот во кој се наоѓа ја принудува сѐ повеќе да ја напушта прокламираната слобода, еднаквост, право и правичност, а своите позиции да ги брани со репресивни методи од, цензура на јавниот говор (жртви се од претседателот на САД Доналд Трамп до најобичниот маргиналец во Македонија), преку политички судења и затвор (Јулијан Асанж), до агресии врз суверени држави и несанкционирани убиства (убиството на цивили и новинарот на Ројтерс во Багдат).

За западната демократија звучи поразително фактот дека денес најпознатите политички затвореници и дисиденти не се ниту од Северна Кореја, Кина, Русија, Венецуела или Куба, туку од западните демократски држави. Едвард Сноуден е во егзил во Русија, Карлос Пучдемон е во бегство во Белгија, по притворот во Германија, а Јулијан Асанж е во затвор во Велика Британија (неговиот татко во интервјуто за Фокус изрази страв дека некои западни влади сакаат да го видат син му мртов). Порано ваквите страдалници кога доаѓаа од зад Железната завеса добиваа Нобелови награди за мир и беа прогласувани за борци за слобода.

Слободата на мислата и јавниот говор во западната цивилизација уште од времето на нацизот и фашизмот не биле под вака жестока закана за забрана. Времето од Студената војна и тогашните слободи на Западот се носталгичен идеал, кој е недостижен во сегашни околности. Денес, покрај самата гола цензура, постојат и предфази на таканаречена саморегулација/самоцензура кои се манифестираат во јавниот дискурс преку политичка коректност, родово сензитивен јазик и говор на омраза. Последниов се претворува во толку растеглива категорија, така што секоја изјава против власта може да подлежи на нејзина санкција. Нешто како во времето на СФРЈ што беше членот 133 од КЗ.

Дали претстои нова инквизиција?

Токму споредбата со минатите недемократски режими, денес доведува до заклучок кај многу неконформистички интелектуалци дека сите овие интервенции во јавниот говор во либералните општества не се ништо друго туку аналогија на она што претставувал вербалниот деликт во социјалистичките држави, но и превенција од неприфатлив говор за либералниот систем, односно цензура, а кај самосвесните граѓани за автоцензура.

Некои критичари имаат и други изрази и кованици како „нова инквизиција“ и „интелектуален тероризам“. Во француските критички неконформистички медиуми со децении се употребуваат илустративните зборови „едноумие“ (pensѐe unique) и „дрвен јазик“ (langue de bois), а во Германија јазичната сложенка „етичка полиција“ (Gesinnungspolizei) сѐ повеќе се заменува со друга сложенка – „полиција за мисли“ (Gedankenpolizei). Заеднички именител на сите им е дека се алудира на интелектуалната репресија во западниот либерален систем која се прави од страна на естаблишментот.

Не е малигна пропаганда ако се констатира дека западната демократија и државите-сателити кои гравитираат кон неа, сѐ повеќе тонат во оние опскурни дистописки сцени, опишани во севременскиот роман на Џорџ Орвел „1984“, а во владините служби, како и за провладините невладини организации, се ангажираат безлични ликови како Винстон Смит, раководени и контролирани од ликови како О’брајан. Со таквиот пристап сѐ повеќе оддалечувајќи го западното демократско општество од учењето на таткото на либералната мисла, Џон Стјуарт Мил, кој верувал дека јавниот разум произлегува од непречено натпреварување на различни гледишта. Би потсетил на делот во неговото дело „За слободата“, во кој тој ја дава класичната одбрана на слободниот говор:

  • Ако некое мислење е присилено на молчење, тоа мислење би можело да биде точно. Да го негираме ова би значело да се сметаме за непогрешливи.
  • Иако премолченото мислење можеби било грешно, би можело да содржи, а и најчесто содржи, делумна вистина, а бидејќи општото мислење или она мислење што надвладува на било која тема, ретко или никогаш е целата вистина, затоа само со судир на спротивни мислења остатокот од вистината има шанса да биде откриен.
  • Дури и ако применото мислење не само што е вистинито, туку е и целата вистина ако не е расправано ќе биде сфатено во вид на предрасуда од оние кои го примаат, со многу малку разбирање или чувствување на неговите рационални основи.

Цензурата може да доведе до насилство

Применето на македонска емпирија, тоа би значело дека неконформистичките интелектуалци кои се надвор од системот, опозициските приврзаници и самата опозиција мораат да бидат толерирани и тогаш кога критиката им е на граница на пристојност и законитост, бидејќи јавниот збор им е единствениот механизам како да бидат присутни на јавна сцена, во услови кога севкупните државни ресурси ѝ се на располагање на власта.

Така и во случајот со Бугарија: на многу граѓани, исфрустрирани од она што субмисивно го правеше премиерот Заев, единствен вентил им беа коментарите кои ги споделуваа на социјалните мрежи и тоа не смееше да им се ускратува. И кога се носат квалификации дека нечие мислење е невистинито или е говор на омраза треба да се има на ум дека алтернативните научни тенденции се сѐ повеќе тој да се толерира како форма на општествена критика, а не да се репресира бидејќи цензурата е bers is counterproductive because they tend to lead to more violence, not less.контрапродуктивна и има потенцијал да доведат до повеќе насилство, а не помалку (за тоа пишував во блогот „Потребен ли е Хајд парк за говорот на омраза“). Конечно, секој психијатар како дел од терапијата која ја предлага секогаш советува доколку поради нешто сте нервозен, слободно да ја исфрлите фрустрацијата од себе со тоа што ќе се извикате, испцуете, исплачете. Потиснувањето на лошите чувства само води кон (авто)деструкција.

Сегашната пракса на бришење на јавни коментари, само го потврдува сомнежот дека власта има нешто што сака да сокрие од граѓаните или прагот на толерантност за критика и е многу низок, па мора да прибегне кон забрана. Во таква ситуација на недоверба и пласирани некредибилни информации (како оние лажни податоци изговорени од Заев во интервјуто за БГДНЕС), граѓаните имаат право нeгативно да коментираат, но и да ја загубат довербата во системот. А, премиерот Заев и владата конечно мораат да научат дека молчеливиот човек отсекогаш бил поопaсен од оној кој јавно мрмори и негодува.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

д -р Ненад Живановски

Д-р Ненад Живановски е независен новинар од Скопје, кој живее во Лондон. Има долгогодишно новинарско искуство, соработувајќи со медиуми од Македонија, Бугарија, Хрватска, Србија, Норвешка и Германија. Дипломирал новинарство и бизнис менџмент, магистрирал европски студии и докторирал општа и компаративна лингвистика на тема Говор на омраза во политичкиот дискурс во медиумите. Автор е на книгите „Некои аспекти на косовската криза - Косово меѓу историските митови и вистински европски проблем“, објавена во Германија на англиски јазик, потоа книгата „Говор на омраза“, објавена на англиски и бугарски јазик и „Говор на омраза - теоретски преглед и истражување Бугарија во македонските медиуми“, објавена на македонски јазик. Негов фокус на академски интерес се нормативите во политичкиот новоговор, геополитиката на Балканот и големите сили и современите односи меѓу балканските народи.