Бранко Прља
На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери. Но, проблемот настанува кога некоја идеја, на пример „маските се штетни“ или некој таму (нашата или светската влада?) нè прска со хемикалии, шири параноја кај општата популација. Така не само што не се јакне, туку се ослабува критичкото мислење и се создава една општа недоверба меѓу луѓето.
Во време кога луѓето се исплашени и збунети од мноштвото информации кои ги бомбардираат секојдневно, особено во време на пандемија, теориите на заговор се шират со голема брзина и можат да бидат многу опасни.
Што се теориите на заговор и колку се популарни тие денес?
Теорија на заговор е верба која го отфрла стандардното објаснување на некоја појава и наместо тоа смета дека е дело на одредена организација со скриена агенда, позната само на теоретичарите на заговорот.
Во САД најпопуларните теории на заговор се поврзани со настаните на 11 септември, слетувањето на Месечината, атентатот на претседателот Џон Кенеди, Областа 51, големите фармацевтски компании (Big Pharma) итн. Но, кои теории на заговор постојат кај нас? Домашните теоретичари на заговор најчесто ги преземаат американските трендови и ги копираат, особено оние на контроверзниот коментатор на американската политика Алекс Џонс, до тој степен што лесно се препознаваат темите, па дури и извесни термини кои ги користи тој пренесени во нашата средина, како на пример „сатанисти“ за означување на причинителите на наводните „мистериозни“ појави.
Со површно истражување на социјалните медиуми, кои се своевидно огледало на јавното мнение кај нас, може да се констатира дека во последнава година најголем замав земаат теориите за штетноста на вакцините, т.н. антиваксерско движење, теоријата за рамна Земја, т.н. кемтрејлс (траги од авионите на небото), непризнавањето на климатските промени, 5G мрежата, како и едно општо верување дека секој од секаде нè труе со сè и сешто и, се разбира, сепопуларните теории на заговор поврзани со коронавирусот.
Теориите на заговор на тема Ковид-19 можеме да ги ставиме во посебна категорија затоа што се јавија само во последнава година и зедоа брз и силен замав, како и многу варијанти. Тие најчесто се искажуваат со зборовите: „вирусот не постои“, „постои ама не е пострашен од обичен грип“, „лажат за бројките“, „јас не знам никој кој умрел од него“, и разни теории од каде потекнува вирусот (од лабораториите во Кина, биолошко оружје на САД, Бил Гејтс…) кои често комбинираат повеќе теории на заговор во една. На пример, вирусот е последица на ширењето на 5G мрежата или се пренесува преку кемтрејлс, до други последици поврзани со вирусот како „маските се штетни“ или „со вакцините сакаат да ни стават чипови“.
Една од дискусиите во популарната група за теории на заговор околу „запрашувањето на небото“ и кемтрејлс. Со помош на Борис Секирарски, метеоролог во Управата за хидрометеоролошки работи, облаците се идентификувани како Cirrocumulus
Фантазијата на овие луѓе кои имаат способност да се расправаат со секој кој се обидува да внесе малку научност во аргументирањето е бесконечна. Тие имаат секогаш подготвено слики, докази, линкови до сомнителни сајтови и youtube видеа на темите за кои се заинтересирани и ниту еден аргумент кој им го нудите нема да го прифатат како убедлив. Мичио Каку, американскиот теоретски физичар и популаризатор на науката, вели дека основата на овие „теории“ е суеверието кое одиграло значајна улога во човековиот опстанок и еволуцијата. Магиското и суеверното размислување се јавило многу рано во нашиот развој и било дел од нашиот живот толку долго, што станало дел од нас како вид.
„Антимаскерите“ се новите „антиваксери“
Во последниве години теориите дека вакцините предизвикуваат аутизам, како и други пореметувања се доста актуелни во нашата средина, а тие се одговорни и за епидемијата на мали сипаници која се случи минатата година. Оваа година се повторно актуелни во разговорите за потенцијална вакцина против КОВИД-19, а нејзините пропоненти често се повикуваат на идеи како чипирање и контрола на популацијата. Не мора да сте писател на научна фантастика да ве заинтересираат ваквите идеи, тие се контроверзни и погодни за кликбејт статии. Многу луѓе во денешно време се збунети од мноштвото информации или исплашени од сè што се случува околу нас и во светот. Тоа ги прави потенцијални муштерии за „продажба“ на овие ненаучни и потенцијално многу опасни идеи.
Дополнителен проблем е што ваквите теории земаат сè поголем замав меѓу интелектуалците, уметниците, слободните умови кои искрено се грижат за својата татковина, сакаат здрава средина за своите деца, се застапуваат за органско производство на храна, за homeschooling (популарно наречено „школување дома“) или се борат за природата и против пластиката. Овие индивидуи се паметни, потковани со факти, харизматични, влијаат на јавното мнение и поради тоа можат да одведат многу луѓе во амбисот. За жал, во борбата за индивидуалните слободи забораваат дека нивните идеи имаат ехо, дека во борбата против носењето маски, кое според нив е форма на контрола и ограничување на индивидуалните слободи, ќе настрада и некој дедо, баба, ризичен случај или некој нивни близок. За жал, освестувањето може да дојде доцна.
Извор: milwaukeeindependent.com
Се разбира, лично не се согласувам со носењето маски на отворено (освен, се разбира, во зимските месеци во нашиот загаден град), кога има услови за одржување физичка дистанца. Но, кога се работи за затворени простории каде престојуваат повеќе луѓе и нема проветреност, постои можност да дојде до акумулација на вируси. Во тие услови, за жал, немаме подобра заштита од маската, како што нема ни валиден научен доказ кој стои зад тврдењата на „антимаскерите“ дека маските се штетни.
Независно од тоа кој е во право, на светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери. Но, проблемот настанува кога некоја идеја, на пример „маските се штетни“ или некој таму (нашата или светската влада?) нè прска со хемикалии, шири параноја кај општата популација. Така не само што не се јакне, туку се ослабува критичкото мислење и се создава една општа недоверба меѓу луѓето.
Познато е дека во време на криза, страв, војни и општа несигурност празноверјата се шират како пожар. Масовните паранои биле предмет на истражување уште од класичните социолози како Гистав Ле Бон и неговото капитално дело Психологија на толпата, преку модерните автори како Даглас Мари со делото The Madness of Crowds од 2019 година.
Во овие услови најмалку што ни треба се теории на заговор. Потребно ни е рационално, трезвено размислување и следење на правилата внимателно воспоставени од оние кои знаат повеќе од нас и целиот живот го поминале проучувајќи ја науката која стои зад нивните тврдења.
Наместо тоа, одредени интелигентни и способни индивидуи, кои немаат никаква допирна точка со научната област за која коментираат, ќе исчитаат десетина научни трудови, ќе ги извадат (од контекст) работите кои одговараат за докажување на нивните тези, па така кондензирано и ги претставуваат на јавноста, формираат групи на социјалните медиуми и пропагираат промена на јавното мнение. Ако мислите дека овие групи се малубројни или не претставуваат значаен елемент во општеството, се лажете. Само групата „Стоп за 5G мрежата во Македонија“ од 22,5 илјади членови, за еден ден порасна на 22,6 илјади. Тоа значи дека секој ден стотици луѓе заболуваат од корона вирусот, и исто толку не веруваат дека тој постои.
Потфрлување на образовниот систем
Во контекст на образованието кое е „жешка тема“ последнава половина година во нашата земја, треба да се нагласи дека теориите на заговор се одраз на потфрлувањето на образовниот систем, како во Америка, така и кај нас. Нашата мала земја навистина има потреба од критична народна маса, зашто ние треба да бидеме контролори на властите и глас на народот кој ќе се слуша. Но, пред сè, потребно е да се фокусираме на конкретни нешта, да работиме за заедничко добро, да се информираме од вистински извори, како во примерот со борбата против рудниците во источниот дел на земјата. Токму затоа постоењето и поддржувањето на теориите на заговор внесува забуна, параноја, ненаучен начин на размислување, неслога помеѓу луѓето и е контрапродуктивно ако навистина се грижиме за сопствената земја и за нејзината иднина.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.