fbpx

Крвавата среда на САД

Светомир Шкариќ

Политика

11.01.21

Прегледи

проф. д-р Светомир Шкариќ

svetomir skarik 200x250Доналд Трамп не го признава исходот од претседателските избори, и покрај поразот со разлика од седум милиони народни и 74 електорски гласови. Поразот не го признава ни по загубените судски спорови, ни по сертификацијата на електорските гласови. Убеден е дека победата му е украдена. Затоа на 6 јануари го поттикна упадот во Конгресот на САД, сличен на оној во Собранието на РМ од 27 април, 2017.

Излезноста на претседателските избори во САД беше над 70% од вкупниот број на избирачкото тело на САД. Тоа е најголемата излезност во историјата на претседателските избори, со опфат на повеќе од 155 милиони гласачко тело. Пред овие избори, најголема излезност е забележана во 1908 година, со излезност од 65%. Големата излезност е резултат на гласањето по пошта кое се покажа поостварливо за голем број гласачи во услови на пандемијата. Џо Бајден доби 81.283.495 гласови или 51.38%. И Доналд Трамп доби поголем број гласови од досега поразените кандидати во историјата на САД. Доби 74.223,755 гласови или 46.91% од вкупниот број гласови.

Пандемијата го порази Трамп

Изборите од 3 ноември се одржаа во напната атмосфера, во услови на голем број заразени и починати лица од пандемијата и борбата за расна правда во американското општество. Во такви околности, Бајден ја започна изборната кампања со зборовите „ние сме во битката за душата на Америка“, а Трамп со слоганот „да ја сочуваме Америка голема“. Првиот инсистираше на мултикултурализмот и единството на земјата, а вториот на економскиот бум и поделбата врз расна основа, означувајќи го движењето „Црните животи се важни“ како „нов екстремен левичарски фашизам“ чија цел е „крајот на Америка“.

Пандемијата се покажа како непремостива пречка за Трамп во неговата борба за освојување на вториот мандат. Неколку дена пред гласањето имаше повеќе од девет милиони заразени и 230.000 починати лица. Дваесетина дена подоцна бројките се зголемија на 12 милиони заразени и 260.000 починати лица. А на денот на електорското гласање (14 декември) бројот на заразените скокна над 16 милиона а на починатите над 300.000 лица. Тоа го порази Трамп повеќе од било што друго.

Бајден го обвини Трамп дека не ги почитува пропишаните мерки од здравствените институции, што организира големи предизборни собири и што неговите поддржувачи не носат маски. Трамп пак го обвини Бајден дека е исплашен од пандемијата и дека сака Америка да ја претвори во „затворска држава“. Грубо го нападна и Ентони Фаучи, здравствен авторитет во земјата. Го нарече „катастрофа“, а оние околу него „идиоти“.

Втората причина за поразот на Трамп е борбата за „расна правда“ на небелото население што започна да се шири по убиството на Џорџ Флојд во Минесота. Неговото срамно задушување од страна на полицајците предизвика силен револт ширум Америка.

За време на кампањата Бајден покажа осет за расна правда. Камала Харис, жена со афроамериканско - индиско потекло е номинирана за потпретседател на САД, а бегалецот - имигрант, Алејандро Мајоркас за државен секртар за внатрешни работи на САД. Камала и центро-левата политика на Бајден можат да ја запрат дегенерацијата на американската демократија и да ја вратат повторно на светската сцена.

Заслуга за поразот на Трамп имаат и социјалните мрежи. Твитер, Фејсбук и Гугл не му дозволија да шири лажни вести во текот на изборите. Не ги пренесуваа неговите твитови дека изборите се „масовна измама“, дека се „украдени“ и дека Бајден ја прикрива корупцијата на неговиот син во компанијата „Бурисма“ од Украина. Не му дозволија да шири лажни вести ни за време на смртоносниот упад на неговите приврзаници во зградата на Конгресот на САД на 6 јануари 2021.

Електорскиот колеџ - клучен фактор

Претседателот го бираат електорите избрани од сојузните држави. Нивниот број е еднаков на вкупниот бројот на претставници што сојузните држави ги имаат во обата дома на Конгересот. Тоа значи дека има вкупно 538 електори. За претседател е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број електори (најмалку 270).

Електорските гласови се распределени во зависност од бројот на населението на секоја сојузна држава. Најголем број електори имаат Калифорнија (55) и Тексас (38), а најмалку по три гласа девет сојузни држави меѓу кои е и Делавер. Во таа држава Бајден е биран за сенатор 46 години.

Електорите ги избира сојузната држава спред нејзините закони, најдоцна до 8 декември. По изборот, електорите се собираат во главниот град на нивната држава во понеделникот после втората среда од декември. Овој пат се собраа на 14 декември. На тој ден е спроведено тајното гласање за претседател на САД. Електорите пополнуваат и потпишуваат сертификат за гласање, а потоа го испраќаат до Сенатот на САД. Едни на други не можат да влијаат бидејќи се лоцирани во различни делови на земјата и гласаат во ист ден. На тој начин Александар Хамилтон сакаше да ја одбегне корупцијата во изборот на претседателот на САД.

Krvavata sreda na SADИзвор: nbcnews.com

Електорите во принцип го почитуваат резултатот на претседателските избори во нивната матична држава. Оној претседателски кандидат што добил мнозинство гласови на непосредните избори ги добива и електорските гласови што и припаѓаат на таа држава. Електорите се слободни личности и можат да гласаат спротивно од резултатите на народните гласови, да бидат „неверни електори“.

Медиумите врз основа на непосредните гласови пресметале дека електорските гласови веќе се распределени во сооднос 306:232 во полза на Бајден. Наведениот резултат е потврден и од страна на Електорскиот колеџ на 14 декември. Не се појавија „неверни електори“ како во 2016. Резултатот од Електорскиот колеџ се испраќа до Конгресот на САД. Таму гласовите се пребројуваат официјално и на 6 јануари се утврдува победникот, на заедничка седница на обата дома на Конгресот.

Пресврт во броењето на електорските гласови е можен. Тоа веќе се случи во 1877 година кога за деветти претседател на САД е избран Рутефорд Хејс, иако имаше помал број народни и електорски гласови од Семјуел Тилден, кандидат на Демократската партија. Хејс стана претседател откако Конгресот му додели 20 спорни електорски гласови, на предлог на Конгресна комисија составена од по пет члена на републиканците и демократите и пет судии од Врховниот суд на САД. Хејс скокна од 165 на 185, а Тилден остана со предходните 184 електорски гласа. Хејс стана победник со само еден електорски глас повеќе.

На такво сценарио сметаше и Трамп. Затоа прво вршеше притисок врз законодавните собранија на сојузните држави во кои републиканците се мнозинство да не го утврдуваат победникот на непосредните избори. Да има што повеќе спорни електорски гласови за кои Конгресот треба да одлучува. А потоа, притисокот ќе го насочи кон потпреседателот Мајк Пенс, кој претседава со заедничката седница на обата дома на Конгресот на која треба да се сертифицираат електорските гласови. Ќе останат запаметени неговите зборови упатени до Пенс во среда на 6 јануари, пред да започне сертификацијата на електорските гласови: „Направи го тоа Мајк. Време е за голема храброст“.

Смртоносен упад во Конгресот на САД

Упадот се случи еден час по отворањето на заедничката седница на двата дома на Конгресот. Седницата ја отвори Мајк Пенс, со загрижено лице, во присуство на Ненси Пелоси, спикерка на Претставничкиот дом. Првите девет електорски гласа ги доби Трамп, без приговори. Приговорите почнаа со сертификацијата на 11 електорски гласа на Аризона. По ставањето на приговорот од страна на републиканците, домовите се разделија и почнаа одвоено да го разгледуваат приговорот. Во тој момент започна нападот на зградата на Конгресот од страна на приврзаниците на Трамп предходно собрани во Вашингтон од различни делови на земјата.

Упадот беше масовен. Полицискиот кордон попушти пред налетот на протестантите, наоружани со метални цевки, хемиски средства и друго оружје. Кршеа прозорци, упаѓаа во канцеларии и крадеа документи и материјали. Влегоа во салата на Сенатот и во кабинетот на Ненси Пелоси. Носеа транспарент со натпис „Трамп е победник, Бајден е губитник, крај на приказната!!“.

Во судирот со полицијата, четири протестанти го загубија животот, повеќе од педесетина се повредени и шеесетина уапсени. Повредени се и 14 полицајци, од кои еден утредента почина во болница. Претстои идентификација на илјадници учесници во насилниот упад во Конгресот и отварање на истраги за кривичните дела - насилство, побуна, застрашување на законодавците и имотните деликти.

Веднаш по пробивот на полицискиот кордон, законодавците се евакуирани, со обврска да ги стават гасните маски што им се под седиштето. Зградата на Конгресот стана безбедна четири часа по нападот, а во осум часот навечер законодавците продолжија со сертификацијата на гласовите. Прво ги отфрлија приговорите за сертификација на електорските гласови на Аризона и Пенсилванија, а потоа утредента, во девет часот пред пладне го прогласија Џо Бајден за победник на претседателските избори, со освоени 306:232 електорски гласови. Потврден е резултатот што CNN го утврди на 4 ноември.

Упадот во зградата на Конгресот, Бајден го смета за „побуна“, а не за протест. Учесниците во побуната не ги смета за протестанти, туку за „домашни терористи“. Чак Шумер, сенатор од Њујорк, нападот врз американскиот Капитол Хил го смета за „пуч“ и за „побуна против САД“, исценирани од Трамп. Затоа побара Трамп веднаш да се исфрли од Белата куќа, со активирање на Уставниот амандман XXV или со отворање постапка за втор импичмент против него.

Упадот во Конгресот на САД и упадот во Собранието на РМ на 27 април 2017 се повеќе слични отколку различни. Обата упади беа осмислени со цел да се попречи мирниот трансфер на власта. И едниот и другиот се побуна, а учесниците не се протестанти, според Амандманот I од Уставот на САД или чл. 21 од Уставот на РМ. Шефовите на обете држави имаат речиси идентична улога во тие настани. Разликата е во масовноста на упадот, во различниот однос на полицијата кон насилниците и во бројот на настраданите и повредените лица. Ниту еден актер, режисер или универзитетски професор не ја поддржа „Смртоносната среда“ во Конгресот, како што го поддржаа „Крвавиот четврток“ во Собранието на РМ.

Логична грешка на Уставот

Медисон и Хамилтон не можеле да предвидат дека народниот глас (popular vote) може да биде послаб од електорскиот глас (electoral vote), како што тоа се случи во 2016, кога победи Трамп. Нивниот комбиниран модел се покажува контрапродуктивен во услови на партиска и расна поделеност на американското општество. Во прашање е логична недоследност на Уставот, забележана од физичарот Курт Гедел кога го полагал испитот за прием на американското државјанство во Трентон 1947 година, во присуство на Алберт Ајнштајн. Читајќи го Уставот, остроумниот физичар констатирал дека Уставот содржи „логичка грешка“ која овозможува „целокупната власт да дегенерира во тиранија“, Веројатно ги имал предвид уставните одредби за изборот на претседателот на САД.

Неприфатливо е електорскиот глас да биде посилен од народниот глас. Тоа го доведува во прашање демократскиот карактер на американското општество, но и федеративниот карактер на САД. Единаесет побројни сојузни држави можат да соберат 270 електорски гласови и да одлучат кој ќе биде претседател на САД. Гласовите на останатите 39 држави можат да бидат фрлени во кош. Поради тоа од 1800 до 2019 година дадени се повеќе од 700 предлози за промена на Електорскиот колеџ. Засега нема поддршка од 2/3 гласови во Конгресот и од 3/5 од сојузните држави за промена на Уставот на САД. Поддршката веројатно ќе следува по смртоносниот упад на фрустрираната толпа во Конгресот на САД и вршењето на функцијата претседател од страна на личност како Доналд Трамп.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Светомир Шкариќ

Проф. д-р Светомир Шкариќ е роден во Дојран во 1941 година, во селско семејство. Основно образование завршил во Дојран и Гевгелија, а гимназија во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а магистрирал и докторирал на Правниот факултет во Белград, под менторство на проф. Јован Ѓорѓевиќ. Биран е за асистент на проф. Евгени Димитров, а потоа за доцент и проферсор по предметот Уставно право на Правниот факултет во Скопје. Бил на студиски престој во Гренобл, Сапоро и Токио и визитинг професор во Бордо. Предавал 15 години на политичката школа „Јосип Броз Тито“ во Кумровец, заедно со Киро Глигоров, Предраг Враницки, Мухамед Филиповиќ, Мијат Шуковиќ, Милојко Друловиќ и Славој Жижек. Учествувал на повеќе конгреси на Меѓународното здружение за уставно право (L'AIDC), Меѓународно здружение за политички науки (IPSA) и Меѓународно здружение за истражување на мирот (IPRA). Поднесените трудови се објавени во книгата „Македонија на сите континенти“ (2000). Автор е на книгите: Law, Force and Peace - Macedonia and Kosovo (2002), Democratic Elections in Macedonia 1990-2002 (2005), Научно толкување - Устав на Република Македонија (2014) и Уставно право, осмо издание (2015). Подолго време работи на учебниците: „Политички теории - нова доба“ и „Уставното право на Европската унија“. Подготвува дваесетина есеи по повод одбележувањето на 70 години од постоењето на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје (1951-2021). Преку блоговите уставното право го доближува до граѓаните, до државната власт и до опозицијата.