fbpx

Бугарско-македонската aла се соочи со лицемерието на ЕУ

Радосвета Василева

Политика

05.08.22

Прегледи

Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата, зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта?

Во митологијата на словенските народи кои живеат на Балканот, алата е злобен змеј кој ги измачува селата така што им испраќа грмотевици и ги лишува од жетвата. Иако легендите регионално се разликуваат, сепак некаде се смета дека ова натприродно и безмилосно чудовиште јаде деца и ги повредува возрасните (сите моќи на алата се наведени во Ronesa Aveela, Spirits & Creatures Series Collection: Household Spirits, Rusalki, Dragons & Dragon Tales). Алата би можела да биде метафора за бугарско-македонските тензии околу културниот идентитет. Ова чудовиште понекогаш ненадејно се појавува од двете страни на бугарско-македонската граница и го покажува своето лошо расположение. Според бугарските верувања, македонската ала бездушно ја проголтува бугарската историја и го загрозува изворникот на бугарската култура. Од македонска перспектива, пак, бугарската ала сурово ја проголтува ЕУ иднината на македонските деца и го загрозува македонскиот идентитет.

Во најновото поглавје од бугарско-македонските односи одбележано со Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија од 2017 година и последователното озлогласено бугарско вето, бугарско-македонската ала започна да живее живот во ЕУ. Останува отворено прашањето дали овој живот во ЕУ конечно ќе ја смири алата, особено по потпишувањето на билатералниот протокол од 17 јули 2022 година со кој се дополнува Договорот и се отвора патот за преговори на Македонија со ЕУ?

За да одговориме на ова прашање, треба да навлеземе во динамиката на преговорите за пристапување во ЕУ и на типичните карактеристики на бугарско-македонската ала.

Во ЕУ, политиката за жал, ги гази принципите

Кога станува збор за бугарско-македонските контроверзии, голем број на аналитичари изразија загриженост дека ЕУ навистина изгледа непринципиелно во очите на земјите кои се стремат кон членство во ЕУ. Тешката вистина, сепак, е тоа дека во ЕУ, политиката е обично таа која ги гази принципите . Унијата често изгледа непринципиелно дури и во очите на сопствените граѓани.

Најочигледниот пример што можам да го дадам во врска со ова е назначувањето на Урсула фон дер Лајен за претседател на Европската комисија. Таа беше назначена со отворено кршење на Spitzenkandidaten процесот бидејќи таа не беше главен кандидат на ниту една од европските политички партии. Всушност, таа не се ни кандидираше на изборите за ЕУ ​​во 2019 година.

Извор: freepik.com

За жал, често гледаме мошне политизирани одлуки на Европската комисија кои имаат негативни реперкусии за граѓаните на ЕУ и врз нивните основни права. И покрај нападите од страна на Бојко Борисов врз владеењето на правото во Бугарија, извештаите на Европската комисија за Бугарија според Механизмот за соработка и верификација (CVM) кој требаше да ѝ помогне на земјата да го зајакне владеењето на правото, традиционално беа полни со пофалби и го легитимизираа намерното укинување на механизмите за контрола и рамнотежа. Европската комисија воведе дополнителни двојни стандарди vis-à-vis владеењето на правото преку активирање на членот 7(1) од Договорот за Европска Унија против Полска, но не и против Унгарија, иако владеењето на правото во Унгарија назадуваше на ист начин. Оваа година, Европската комисија се соочи со жестока критика во врска со „предавање на својата власт“ и откажување од можноста да ја повика Полска на одговорност во врска со нејзините системски прекршувања на владеењето на правото, и тоа преку одобрување на планот за закрепнување на земјата, а без притоа да се бараат соодветни гаранции за заштита на владеењето на правото.

Пристапувањето е силно политизиран процес

Динамиката на пристапувањето во ЕУ не се разликува од вообичаениот начин на функционирање на ЕУ. Пристапувањето отсекогаш бил многу политизиран процес во кој повеќето клучни одлуки се донесуваат зад дебела завеса и тоа често преку „борба со раце“. Со воведувањето на Копенхашките критериуми во 2004 година (т.н. претпристапна условеност) во однос на проширувањето, ЕУ се обиде да го трансформира процесот на пристапување од чисто политички во политичко-правен процес. Изненадувачки е тоа што оние кои не се запознаени со последните проширувања на ЕУ се чини дека се истите оние кои веруваат дека ЕУ донесува одлуки врз основа на строги критериуми.

Реалноста е таква што критериумите се мошне флуидни. Во својата монографија EU Enlargement and the Failure of Conditionality. Pre-accession Conditionality in the Fields of Democracy and the Rule of Law, проф.Коченов објаснува дека, во петтиот бран на проширување кој се случи во 2004 година „примената на принципот на претпристапна условеност се соочи со голем неуспех, ако и воопшто бил применуван“. Во книгата European Union Enlargement Conditionality, Ели Гатева дава примери за чисто политички одлуки за затворање на некои од поглавјата во преговорите со Романија. Самиот факт што Бугарија и Романија беа примени во ЕУ во 2007 година иако тие не ги исполнија пристапните критериуми во однос на владеење на правото, покажува на кој начин политичкиот ентузијазам често го победува трезвеното расудување.

Ништо не е поинаку ниту во случајот со Македонија, иако тука има неколку нијанси. Во некои претходни трудови (види, на пример, овде, овде и овде) тврдев дека Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија не е толку пријателски затоа што тој наводно формира Министерство за историска вистина. Ќе видите дека написот кој беше објавен во Брисел последователно е избришан без објаснување и сега е достапен само на интернет, и тоа преку архивата на Way Back Machine. Дали јас кажав нешто скандалозно или погодив во нерв? Во сите трудови мојот заклучок е дека мешањето на политиката во историјата е честопати опасно. Други примери на историско помирување, како што е француско-германското зближување по Втората светска војна, ни покажаа дека клучни работи се трпението и дијалогот, а не притисокот. Договорот за пријателство помеѓу Бугарија и Македонија изгледа, пред сè, како алатка за „борба со раце“ затоа што не постои еднаквост на преговарачката моќ. Но и покрај тоа, веројатно многумина од вас се сеќаваат како клучните политичари во Брисел навиваа кога овој Договор беше потпишан во 2017 година.

Ваквото навивање беше очигледен знак дека идеолози на овој Договор имаше и во Брисел - она ​​што јас постојано го кажував уште од неславното бугарско вето. Во 2020 година, Софија само им направи политичка услуга на моќните играчи во Брисел кои сакаа да ги одложат пристапните преговори со Македонија и Албанија – такво беше политичкото расположение во тоа време. Владата на Бојко Борисов имаше изговор во форма на овој Договор, а истото се однесуваше и на некои актери кои беа способни да направат една претстава, иако просечна, во врска со истиот. Македонската јавност веројатно сè уште се сеќава како министерката за надворешни работи на Борисов, Екатерина Захариева, „изненадувачки“ се трансформираше од жесток поддржувач на македонското членство во ЕУ во портпарол на Красимир Каракачанов, лидер на екстремно десничарската (бугарска) ВМРО, и тоа речиси преку ноќ.

Во оваа смисла, последниот протокол од 17 јули се чини дека е обична фасада која им овозможува на заинтересираните страни да најдат излез од прилично непријатната ситуација и да подлегнат на новите геополитички императиви. Добро е познато дека поради војната во Украина, САД ја охрабруваат Европската комисија да го зближи семејството на ЕУ. Ова, се разбира, е важно за одржување на мирот во Европа. Протоколот кој е полн со непотребни формулации ѝ дозволува на бугарската влада да им го објасни на своите граѓани пресвртот во својата надворешна политика, и дозволува да им се честита на Македонците за нивните достигнувања (дали нешто се смени од 2020 година?), а исто така им дава повод за Европската комисија и на европските лидери да ги тапкаат по рамениците и Бугарија и Македонија. Совршен ПР потег за спас на образот пред народните маси.

Сега, кога овој протокол е дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, добрата и лошата вест е дека одлуката дали е испочитуван овој протокол ќе биде истовремено целосно политичка – донекаде ќе зависи од политичките временски услови во Бугарија и во Македонија, но најмногу од временските услови во Брисел, вклучувајќи ги и налетите на ветришта од Атлантикот.

Бугарско-македонската ала е исто така политичко животно

Бугарско-македонските тензии имаат долга и сложена историја која е тешко да се резимира во една кратка статија – таа започнува од бугарската преродба и ослободувањето од Отоманската империја, преку неуспешното бугарско обединување, војните (Балкански војни, Првата светска војна, Втората светска војна) и политиките на комунистичката Коминтерна, па сè до радикалниот пресврт на Тодор Живков во политиката кон Македонија во периодот 1960-тите години. Секој што прави генерализации лесно може да биде обвинет за глупавост и непочитување на бугарското и македонското наследство.

Иако можеби ќе бидам обвинета за тоа што и самата западнав во оваа стапица, сепак мислам дека е неопходно да се искаже размислувањето зошто бугарско-македонските културни тензии се добра фасада зад која можат да се скријат политичките одлуки во врска со пристапувањето. Една генерализација за која верувам дека е точна е следнава: природата на бугарско-македонските тензии не е само културолошка. Појавата на бугарско-македонската ала зависи од геополитичките ветришта и од политичката статус кво состојба во Бугарија и во Македонија. Со други зборови, лутата ала спие во својата пештера, но ги измачува нашите села тогаш кога ќе се судрат студените и топлите политички временски услови.

Историски гледано, голем број на политичари ја имаат злоупотребено оваа рана и си играле со чувствата на луѓето од двете страни на бугарско-македонската граница, и тоа, за чисто политички придобивки. Во таа смисла, пронајдов еден извештај на ЦИА од 1971 година кој е посветен на бугарско-југословенските тензии околу Македонија, а кој е јавно објавен во 2011 година. Извештајот ја прикажува перспективата на ЦИА во врска со мотивацијата на Тодор Живков повторно да го разгори „македонското прашање“ во периодот на 1960-тите години, напуштајќи го притоа претходниот став на Георги Димитров. Тука треба да појаснам дека во актуелен бугарски мејнстрим наратив, Димитров е национален предавник кој целосно ѝ бил потчинет на Москва. Тој, исто така, е обвинет дека им се заканувал на животот на многу Бугари така што ги поддржувал политиките кои ги принудувале да се „македонизираат“(да станат Македонци).

Според овој извештај, освен „клучните средства за градење национална гордост, што беше задушено поради потчинетоста на Бугарската комунистичка партија кон Советскиот Сојуз“ (стр.4-5), македонското прашање било главното средство за Живков да може да ја држи „Југославија на дофат на раката“ (стр. 8). „На Софија никогаш не ѝ било пријатно да ја има Југославија, инаку невообичаена и успешна комунистичка земја, на своите граници, особено поради остриот контраст што таа го има во однос економската и политичка стагнација на Бугарија“ (стр. 8), се наведува во извештајот.

Дополнително, според овој извештај: „...македонското прашање отсекогаш имало свој карактер и повремено било искористувано од Москва. Секако, македонската политика на Бугарија се развиваше неорганизирано и напредуваше на непредвидлив начин. Ова делумно може да им се припише на флуктуациите во советската политика, но дел од тоа сигурно е поврзано и со политичките перипетии и со неумешноста на Софија во остварувањето на целите на бугарската надворешна политика“ (стр. 8).

Дали нешто од ова може да биде релевантно за бугарско-македонското вето од 2020 година? Ми се чини дека една земја која е позната по неорганизирана и непредвидлива надворешна политика е земја која може лесно да се искористи тогаш кога истото е геополитички погодно. За среќа на Македонија, геополитичките ветришта сега се поинакви.

Дали е време да се скроти оваа ала што ги прогонува нашите билатерални односи?

Едно нешто за кое може да се согласат и Македонците и Бугарите е дека е многу тешко да се постигне договор за историските прашања – има премногу багаж од минатото и сеќавања поврзани со насилство, болка и незадоволство кои одат барем до средината на 19 век и кои не можат да се игнорираат. Голем број западни аналитичари го потценуваат ова прашање, без да имаат доволно позадински информации за да можат да направат правилна проценка за што всушност станува збор.

„Македонското прашање“постојано ќе биде тука и ќе го измачува нашето заедничко постоење, и тоа како ала, но само ако ние тоа го дозволиме. Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата (и Бугарија и Македонија ќе имаат многу работа тука!), зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта? Не можеме да го промениме минатото, но сепак можеме да влијаеме на нашата иднина, нели?

Ако избереме да бидеме вечни заробеници на историјата, ниту една преговарачка рамка со ЕУ нема да може да ги спаси немирните односи меѓу бугарскиот и македонскиот народ. Лесно е да се сменат учебниците, но да се допре до срцата на луѓето е сосема друга работа. Добро е познато дека учебниците по историја се пропаганда која е одобрена од владата. Иако учебниците можеби имаат свои недостатоци, тие не спречија некои македонски граѓани да се чувствуваат Бугари, а некои бугарски граѓани да се чувствуваат Македонци. Зошто е тоа така?

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Радосвета Василева

Радосвета Василева е бугарски правник чии истражувачки интереси ги опфаќаат правото на ЕУ и компаративното јавно и приватно право. Автор е на бројни написи за академски списанија и мислења за медиуми, како што се Еуроњуз, ЕУобсервер, Нова Источна Европа, Брисел Тајмс и други. Василева има личен блог [radosvetavassileva.blog] посветен на владеењето на правото во Бугарија. Таа е доктор на правни науки при Универзитетскиот колеџ во Лондон (Велика Британија), магистер по право при Универзитет Париз 1 Пантеон-Сорбона (Франција) а додипломските студии ги завршила на насоката по меѓународни односи при Универзитетот Тафтс (САД). Во моментов таа е ангажирана како Визитинг Истражувач на Универзитетот Мидлсекс во Лондон.