Ксенија Миловиќ
На 2 јуни во Црна Гора беше прогласен крај на епидемијата. Од првиот бран, земјата излезе со следниот биланс: 324 заразени и 9 починати лица. Сега Црна Гора се соочува со економски предизвици, а туристичката сезона е под голем знак прашалник. Првичните проценки јасно покажуваат дека приходите од туризмот ќе бидат намалени за 70 проценти!
Според релевантни експерти, земјите со мало население, како што е Црна Гора, а со тоа и со мала густина на население, имаат предиспозиции успешно да ја стават епидемијата под контрола.
Паралелно со прогласувањето на епидемијата, населението беше бомбардирано од медиумите со црни хроники и дневни биланси од други европски земји (Италија, Шпанија, Велика Британија). Во воздухот се чувствуваше страв и неизвесност за тоа кога бројот на болни и починати ќе се искачи нагло, односно кога Црна Гора ќе го доживее тој застрашувачки „врв“ на графиконот што го покажува прогресот на пандемијата.
Прес-конференциите на Националното координативно тело за заразни болести (НКТ) секојдневно информираа за случаите на заболени и починати, како и за можностите за создавање на таканаречени кластери или жаришта на епидемијата. Со оглед на тоа што во вакви ситуации, за жал, наместо разумот и совеста, најдобри партнери се стравот и паниката, во Црна Гора кружеа разни невистини за стотици заразени лица и најави за „италијанското сценарио“.
Сега владее општ впечаток кај граѓаните дека од една крајност преминавме на друга и тоа преку ноќ - од драконски мерки, неповолни прогнози и неизвесности, до целосно опуштање и апели од Владата за летување во Црна Гора.
Пандемијата со КОВИД-19 му докажа на светот дека вирусот не знае за граници. Атмосферата во Црна Гора на крајот на 2019 година воопшто не укажуваше каков вид на живот може да очекуваме во наредните месеци. Во декември, Законот за слобода на вероисповест беше донесен во парламентот, кој внесе нови поделби во црногорското општество. Целото внимание на јавноста беше насочено кон исходите од тој закон, така што сите други теми беа ставени настрана. Огромни задолжувања за поддршка на економијата која долго време е нестабилна, инвестиции во национални компании кои се докажале како неуспешни, па дури и пандемијата со КОВИД-19 поминаа без особено внимание од јавноста.
Последни во Европа со прв случај на зараза
Институтот за јавно здравје на Црна Гора со своите редовни соопштенија ја информира јавноста за прогресијата на пандемијата во светот, како и за ризикот за нашата земја. Црна Гора, поради комбинација на повеќе околности, е последната земја во Европа што го регистрираше првиот случај на зараза. Националното координативно тело за заразни болести го усвои првиот пакет мерки за спречување на ширењето на епидемијата. Тие стапија во сила на 16 март, а се предвидуваше дека ќе траат најмалку 15 дена. Мерките вклучуваа: прекин на работата на воспитно-образовните установи, забрана за секакви јавни собири во Црна Гора, забрана за посети во болници и затвори и влез на сите бродови крстосувачи и јахти. Веќе на 17 март, првите два случаи на зараза беа регистрирани во Црна Гора. Реакциите на населението беа под големо влијание на паника, што доведе до метеж во продавниците и трупање залихи на намирници што, според количините, би биле доволни за дури четири месеци потрошувачка. Наскоро настана недостаток на заштитна опрема (ракавици, маски) и средства за повеќенаменска дезинфекција. За жал, високата побарувачка за средства за дезинфекција доведе до тоа сопствениците на одредени аптеки да ја удвојат нивната цена. Според министерот за економија, ваквиот потег не претставува прекршување на законот, но не е морално исправен.
Иако превентивните мерки беа донесени релативно на време, Владата на Црна Гора и Националното координативно тело за заразни болести првично не ја информираа јавноста за капацитетите на здравствените установи, за залихите на материјали за еднократна употреба, заштитна опрема, број на тестови и респиратори. Ова отвори доволно простор за дополнителна недоверба и несигурност во капацитетите на црногорскиот здравствен систем од страна на одреден број граѓани. Односно, недовербата и несигурноста беа дополнително поттикнати со скандалите со корупција што изминатата година ја потресоа Црна Гора, а и се докажа дека нанеле милионски штети на државниот буџет. Независните медиуми во Црна Гора пренесуваа апели од здравствените работници дека не располагаат со заштитна опрема (конкретен пример беше началникот на интерното одделение на болницата во Улцињ).
Државјаните на Црна Гора кои престојуваа во странство, при враќање во земјата ги сместуваа во адаптирани карантини (14 дена во објекти пренаменети во карантин за време на пандемијата и 14 дена дома). Во првите денови, кога режимот на самоизолација сè уште не беше јасно утврден, имаше докази за индивидуални прекршувања на изречените мерки. Потоа, на официјалната веб-страница на Владата на Црна Гора се појави список со лични податоци за сите оние на кои им се изречени вакви мерки. Реакциите на јавноста беа поделени и во овој случај, додека одредени организации испратија барања за оценка на уставноста на овој потег.
Со воведување на полициски час, забрани и ограничувања на движење, секој ден се зголемуваше бројот на лица кои не ги почитувале мерките и прописите. Паричните казни беа меѓу највисоките во регионот (од 800 до 2.000 евра), а граѓаните кои извршиле кривично дело ги задржуваа повеќе часови во просториите на центрите за безбедност каде не било ни можно да се практикува препорачаната физичка дистанца. Негодувањата и недовербата на граѓаните земаше сè поголем замав, а се слушаа и тврдења дека законите не важат исто за сите.
Со зголемувањето на бројот на регистрирани случаи, мерките беа дополнително затегнати. Се затворија угостителските објекти, трговските центри, занаетчиските продавници... И покрај претходните изјави на ресорните министерства дека нема да има никакви последици за економијата, многу домаќинства влегоа во доменот на сиромаштија поради губење на работни места и престанок на исплати. Владините пакети за помош за малите и средни претпријатија успеаја да им помогнат на вработените на еден начин, меѓутоа, работниците и компаниите кои се наоѓаат во доменот на т.н. „сива економија“ се најдоа во небрано. Имено, ваквите вработени не се признати во системот, иако нивната активност на некој начин внесува „жив“ капитал во црногорскиот економски систем, а на друг начин и долгорочно му наштетува.
Иако беше најавен третиот пакет за помош, тој сè уште не е доделен. Владата се обидува вниманието на јавноста да го пренасочи на судирите со опозицијата (во Будва дошло до прекројување на изборната волја на граѓаните. Од 2016 година, ДПС и коалиционите партнери се опозиција во тој град. Со истапување на еден од членовите на одборот на страната на ДПС доаѓа до обид за смена на власта, со заплети и немили сценарија пред зградата на Општината, на секојдневно ниво.
Мала земја, големи предизвици на здравствениот систем
Бидејќи образовно-воспитните установи беа меѓу првите што беа затворени, учењето од далечина беше организирано на 23 март под покровителство на Министерството за образование и во соработка со телевизии со национална фреквенција. Презентираната содржина уредно ја следеше училишната програма, но следната година со сигурност ќе знаеме колку успешно бил усвоен материјалот. Една од подобрите работи што се случија е токму зголеменото прикажување на едукативни содржини на телевизија. Постојат индикации дека и во иднина еден дел од (додатната) настава ќе се изведува на овој начин.
Извор: balkaninsight.com
За време на пандемијата, прекинати беа сите медицински интервенции за пациенти кои не се животно загрозени. Онколошките пациенти беа во можност да продолжат со потребните терапии што ги добиваат во здравствените установи, но останатите беа препуштени на чекање и агонија. Со оглед на тоа што Црна Гора е меѓу земјите со помало население (625 266 жители, а густината на населението е 45,27/км2), се чини дека не е преголем предизвик во иднина да се воспостави здравствен систем кој ќе ги издржи сите вонредни состојби и паралелно ќе ги спроведува своите редовни дејности.
Треба да се има предвид дека сите наметнати мерки и одлуки всушност се политички, а беа донесени во консултација со струката. Исто така, во Црна Гора, како и во земјите од регионот, ова е изборна година, така што одредени потези на актуелната влада беа протолкувани како предизборна кампања. Односно, владејачката партија веќе влезе во предизборната кампања преку медиумска застапеност, дистрибуција на помош и преку работата на Националното координативно тело за заразни болести. Владејачката коалиција го одреди 30 август како ден за одржување на изборите (како потсетник: претходните парламентарни избори беа во октомври 2016 година).
Според истражувањата на јавното мислење, граѓаните на Црна Гора имале најголема доверба во Националното координативно тело за заразни болести.
Членовите на НКТ истовремено се и членови на претседателството и главниот одбор на Демократската партија на социјалистите, така што може недвосмислено да се заклучи дека владејачката партија го гледа успешното излегување од епидемијата како погонско гориво за победа на следните избори (и покрај поделбите во црногорското општество засновано на прашања за идентитетот, неповолната економска состојба).
Според информациите на Владата на Црна Гора, последниот заразен пациент е излекуван на 24 мај, а тогаш веќе и мерките на забрана во голема мерка беа прогласени за неважечки или станаа помалку строги. Бидејќи немаше нови пријавени случаи, на 2 јуни беше прогласен крај на епидемијата.
Бројот на извршени тестови е околу 12 000, но јавноста не дозна за какви тестови станува збор и колку биле застапени таканаречените „брзи“ или ориентациони тестови. Земјата излезе од првиот бран на пандемијата со следниов биланс: 324 заразени и 9 починати лица.
Веќе на 14 јуни се појави нов увезен случај на зараза. Стануваше збор за државјанин на БиХ. Бидејќи Црна Гора ги отвори своите граници кон соседните земји, освен Србија, тензиите во општеството се засилија. Односно, јавноста беше оптоварена со соопштенија со загрижувачки тон, помеѓу двајцата министри за здравство (на Србија и на Црна Гора), но и други високи функционери.
По 14 јуни, бројот на потврдени случаи секојдневно расте, а членовите на Владата и НКТ прогласија дека причинители се литиите (што се одржуваат во Црна Гора повеќе од половина година) и фудбалското дерби Партизан-Црвена ѕвезда.
Економски последици и лекции од пандемијата
Црна Гора сега се соочува со економски предизвици и туристичката сезона е под голем знак прашалник. Минатата година се вложија 1,35 милијарди евра во десетте најголеми туристички проекти, сè со цел да се надмине ланскиот број на туристи (2,6 милиони). Првичните проценки недвосмислено покажуваат дека приходите од туризмот ќе бидат намалени за 70 проценти.
Ненадејното отворање на границите и итањето да се прогласи нашата земја за дестинација каде нема корона односно “corona free“, јасно покажува дека се прават сите напори за да се спаси туристичката сезона. Иако Институтот за јавно здравје сè уште врши тестирања и бројот на потврдени случаи покажува видливо зголемување во однос на првиот период на борба со КОВИД-19, населението се однесува прилично релаксирано, а надлежните апелираат за лична одговорност. Односно, вирусот воопшто не исчезна, тој само мирува и го чека најсоодветниот начин да направи ново жариште. Во природата е вирусот да се шири, а ние луѓето сме идеални мети (се дружиме, се движиме и патуваме). Негативните настани со скок на бројките на заразени лица во регионот можеа да послужат како предупредување за црногорските надлежни органи за мерките на превенција да бидат поинакви. На крајот, Кина, која покажа највисок степен на подготвеност за борба пандемијата, сè уште врши тријажа, тестови и сите лица кои влегуваат во земјата се праќаат во задолжителен петнаесетдневен карантин.
За време на епидемијата, докажано растеше бројот на жртви на семејно насилство. Невладината организација „Сигурна женска куќа“ упати апел за обезбедување дополнително сместување на своите корисници затоа што капацитетите што тие ги имале на располагање биле зафатени уште во првите недели на епидемијата.
Големи победи се постигнуваат заедно. Тука влегува и борбата против пандемија. Одговорната влада, медиумите кои нема да манипулираат со сензационалистички наслови, некорумпирани лекари се основа за доверба кај граѓаните. Поточно, во Црна Гора, безболно се покажа дека здравството нема соодветни услови за работа, помош пристигнуваше и во поодминати денови на епидемијата. Во пресрет на новиот ребаланс на буџетот во Црна Гора, граѓаните се надеваат дека ќе се вршат повеќе консултации со струката и по прашања поврзани со економијата. Односно, прашањето е кога Црна Гора ќе заземе правец на стабилна економска политика и ќе гради економија која нема да се потпира најмногу на туризмот, туку на земјоделството, малите и средните бизниси.
Во пресрет на парламентарните избори, тензиите во општеството растат. Вниманието на јавноста се пренасочува од големите буџетски долгови, а фокусот се префрла на вечните проблеми со идентитетот во Црна Гора. Предизборните слогани содржат пофалби за власта за победата над КОВИД-19, а старите проблеми полека се појавуваат. Според прогнозите на експертите, вистинските последици од економската криза во Црна Гора ќе се почувствуваат на есен. Според проценките на економските аналитичари, но и пратениците на опозицијата, по парламентарните избори, граѓаните на Црна Гора ги очекува намалување на платите и економска криза каква што не паметиме.
Граѓаните, доведени до работ на сиромаштија, затруени со национални, верски, идентитетски поделби, сè почесто се втурнати во конфликти. Затоа, со победата над епидемијата, се надеваме дека разумот и волјата да се живее пристоен живот конечно ќе победат во Црна Гора. Односно, се надеваме дека за сето ова време, како правилно да ги миеме рацете не беше единственото нешто што го научивме.
Епидемијата покажа дека високиот степен на лична одговорност и совеста може да бидат најдоброто оружје во кризни ситуации, но и дека државата и целиот систем се силни колку што се силни нивните најслаби алки. Самохраните родители, родителите на деца со посебни потреби, лицата со хронични здравствени проблеми, социјално загрозените категории, односно поединците чиј живот инаку, заради разни околности, најмногу наликува на карантин, исто така го носеа и најголемиот товар за време на епидемијата.
Пандемијата го стори незамисливото, односно светот застана за момент и ни беше дадена можност да ги преиспитаме нашите постапки како поединци и како општество. Срам за 21 век е да се има епидемија од толкав размер, но можеби ова ќе нè потсети дека науката, солидарноста, меѓучовечката (државна, регионална) соработка и добрите намери секогаш мора да бидат во тренд.
Овој блог е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведува Res Publica и ИКС, во соработка со Институтот за демократија и медијација (Албанија), Анализирај.ба (БиХ), Радио КИМ (Косово), Sbunker (Косово) граѓанската иницијатива „Не давимо Београд“ (Србија) и PCNEN (Црна Гора).
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.