Скопјанецот гласа не затоа што верува, туку затоа што чувствува дека треба. Знае дека ќе се разочара, ама не сака да стане рамнодушен. Во секој негов глас има малку иронија, но и тивка надеж дека градот може да се оправи ако некој конечно го сфати сериозно.
Под Водно, кое не се гледа од смог и отрови, градот изгледа како човек што се подготвува за уште една тешка недела. Сосетката од спроти улица, со насмевка и недоверба, ме прашува: „Пак ли бе овие да ги гласаме? Мислат дека не гледаме кај одиме!?“ Јас и велам: „Ќе одиме на пазар, па што ни дадат.“ Во тој разговор имаше повеќе политика отколку во сите телевизиски дебати заедно. Скопје зборува со кафе и цигара, иронија и една тврдоглава вера дека можеби овојпат ќе биде поинаку.
Скопјанецот гласа не затоа што верува, туку затоа што чувствува дека треба. Знае дека ќе се разочара, ама не сака да стане рамнодушен. Во секој негов глас има малку иронија, но и тивка надеж дека градот може да се оправи ако некој конечно го сфати сериозно. Вториот круг не е само политичка трка, туку психолошки испит: дали уште имаме нерви да веруваме, или само глумиме дека ни е гајле.
Бројките од првиот круг се јасни: Орце Ѓорѓиевски освои 91.582 гласа, Амар Мециновиќ 30.659. Излезноста од 46 отсто повторно ја потврди скопската навика да се гласа само кога има драма. Околу 81.000 гласови од отпаднатите кандидати сега ќе го решат исходот. За Ѓорѓиевски патот е пократок – му требаат околу 24.000 нови гласа; за Мециновиќ – четирипати повеќе.
Едниот смета на организација, другиот на занес. Но бројките не ја кажуваат целата приказна. Овде се гласа со расположение, не со пресметки.
Орце Ѓорѓиевски е човек што го разбира редот не како навика, туку како обврска. За него, политиката е занает, а не театар.
Не ветува спектакли, туку функционалност – автобус што доаѓа навреме, улица што не се распаѓа, и градска служба што не ја троши нервозата на луѓето. Неговиот стил е методичен, но под него се чувствува еден тивок морал – верување дека јавната должност е најобичен облик на пристојност. Во време кога сите зборуваат за визии, тој зборува за сметки. Не затоа што нема фантазија, туку затоа што знае дека градот прво се мери по тоа дали функционира.
Извор: freepik.com
Кога зборува, не е харизматичен. Повеќе личи на управник што објаснува распоред, отколку на лидер што пали толпа. Но токму затоа делува сигурно. Луѓето му веруваат не затоа што ги воодушевува, туку затоа што ги смирува.
Амар Мециновиќ настапува со сосема поинаков темперамент. Го гледа градот не како систем, туку како совест што се обидува да се разбуди. Во неговиот говор има возбуда, морална тензија и многу сила. Успеа да ја мобилизира онаа скопска публика што е изморена од управници и сака да чуе зборови со смисла. Неговата изборна трка повеќе личи на предавање по етика отколку на партиски митинг.
Кога зборува, не продава програми, туку повикува на будност. Но понекогаш таа искреност звучи како повик на човек што верува дека зборот сам по себе менува стварност, а Скопје одамна знае дека велосипедска патека не се прави со парола.
Во него има интелектуална страст, но и наивност дека совеста може да замени систем. Тука лежи и силата и ризикот на неговиот настап. Неговиот идеализам не е театарски, туку човечки – гнев што се претвора во обид за ред. Сепак, во град со сложени навики и уморни установи, моралот без механизам е како мотор без масло. Иако искреноста му носи наклонетост, таа не е доволна за да го движи градот.
На источните страни од градот и јужните маала — од Кисела Вода преку Аеродром до Гази Баба и Бутел — луѓето ја бараат функционалноста. Сакаат град што работи, не што се жали.
За нив, политиката е услужна дејност, а не расправа за смисла. Еден занаетчија пред зграда со лифт од „Кончар‘‘ ми рече: „Проекти? Дај прво нека има чистачи по улициве!“ Во тие неколку зборови има цела филозофија на прагматизмот.
Од рабовите на Ѓорче Петров, преку Карпош и Центар до некои улици во Чаир владее бунтовност. Таму доминира логиката на совеста. „Доста беше и ваков мир“, ми рече архитект во Лептокарија. „Убаво напишал Стефановски.“ Тоа е гласот на интелектуалниот бес, на луѓето што бараат смисла, не само удобност. И тие се во право, но нивната правдина често се судира со лудилото на секојдневието.
Овие два света не се непомирливи. Ѓорѓиевски го претставува одговорниот инстинкт на градот, Мециновиќ неговата критичка совест. Првиот ја гради структурата, вториот ја одржува будноста. Без ред, градот се распаѓа; без сомнеж, заспива. Скопје им припаѓа на два типа луѓе: оние што сакаат да се среди и оние што сакаат да се исправа. И едните и другите се неопходни.
Размислувајќи за целата оваа градска напнатост, ми се чини дека изборот е едноставен во форма, а сложен по суштина. Ако има излив на народен бес кон системот – ќе победи Мециновиќ. Ако посакуваме едноставно функционален град – ќе си остане Орце.Ама најверојатно ќе имаме и револт и мир, едно по друго. Во тие три реченици, колку и да се обични, стои целата логика на Скопје.
Градот секогаш е поделен меѓу гнев и надеж, меѓу желба за ред и потрага по смисла. Не гласа за партии, туку за состојби на духот. И можеби токму затоа, во секој изборен круг, Скопје изгледа како да доживува нервен слом – но и како град што, колку и да се расправа со себе, сè уште има пулс.
