Инфлуенсерите како алтернатива за државите со проблематична репутација

Мартина Колска

Политика

14.05.25

Прегледи

Патувањето на Хонзик во Кина - вака звучеа шегите на социјалните мрежи откако чешкиот тиктокeр Хонзи Михалек призна дека снимил серија видеа за кинеската телевизија. Но, чешкиот инфлуенсер не е единствениот.

Земјите со проблематична репутацијата долго време се обидуваат да влијаат на јавното мислење во своја полза. Историската пропаганда што ја знаеме од Светските војни, Студената војна и од периодот по неа сега е изменета, исполнувајќи ги барањата на јавноста за пристап што вклучува повеќе етика и одговарајќи на актуелните трендови и промени во следењето на медиумите.

Поканување новинари на патувања до одредени дестинации, испраќање соопштенија за медиуми и давање интервјуа може да не функционира во земји како Сирија, Саудиска Арабија, Северна Кореја или Кина кои немаат најдобри односи со новинарите. Од тие причини, се вклучуваат нови играчи - инфлуенсерите.

Инфлуенсерите не се новинари

Државите кои се занимаваат со управување со својата репутација се свесни дека вестите што се емитуваат преку традиционалните медиуми подлежат на уредувачка политика со која може да се исечат делови, да се додадат и така натаму, со што се намалува контролата од испраќачот врз конечната порака која доаѓа од информацијата.

Така, некои земји се обидуваат да најдат начини да ги пренесат своите пораки до целната публика без посредник. Тие бараат алтернативни канали на комуникација кои можат подобро да ги контролираат, но кои исто така нудат исти или подобри можности за таргетирање и достигнување до вистинските групи. Инфлуенсерите се една од опциите и многу држави почнаа да применуваат активности како што се патувања, кампањи, соработки и друго во нивните комуникациски стратегии.

Просторот на чешките социјални мрежи неодамна беше исполнет со уште една контроверзија околу инфлуенсерите. Младиот тиктокeр Хонзи Михалек обзнани во сега вирален поткаст дека е поканет во Кина на саем, што на крајот вклучи и снимање видеа за кинески ТВ канал.

Меѓутоа, неговиот случај помогна да се разоткрие поширока кинеска комуникациска операција насочена кон работа со чешките инфлуенсери.

Иако Михалек тврди дека не знаел дека оваа форма на соработка ќе го поврзе со кинеската пропаганда и се колне дека прашал дали проектот има политички конотации, штетата била веќе направена и за неговата репутација и за корисниците на социјалните мрежи кои несвесно се цел на кинеската пропаганда преку него. Овој случај отвори важна дебата во чешките социјални медиуми и меѓу инфлуенсерите. Сепак, Михалек не е првиот и овој случај не е единствен во светот.

Инфлуенсерите на Асад

Во 2022 година, „Вашингтон пост објави напис „Инфлуенсерите го „фарбаат“ режимот во Сирија, со помош од спонзори“ во кој се вели дека поканувањето новинари да го рехабилитираат угледот на државата се покажало како „катастрофа за односите за јавноста“ односно „крах во односите со јавноста“, бидејќи новинарите критички пишувале за своите искуства. Ова му покажало на режимот на Асад дека треба да се оддалечи од „политички“ теми и да се приближи повеќе кон теми поврзани со стилот на живеење во земјата.

Извор: freepik.com

Содржините на инфлуенсерите потоа ги преплавиле социјалните медиуми, почнувајќи од спонтани инфлуенсери кои уживаат во привлечниот и визуелно интересен потенцијал за посета на Сирија до инфлуенсери поканети од сириската влада. Сепак, ниту еден од овие инфлуенсери не бил целосно ослободен од влијанието на режимската пропаганда, бидејќи секој турист што влегува во земјата морал да биде придружуван од водич доделен од страна на владата.

Како резултат, видовме социјални мрежи преплавени со прекрасни погледи на антички споменици, храна, култура и луѓе во Сирија со површни погледи на уништувањето предизвикано од војната. Можевме да слушнеме некои човечки приказни и нешто што наликува на емпатија, меѓутоа инфлуенсерите никогаш не нè внесоа во подлабоката политичка и социјална реалност на земјата. Никогаш не кажаа кој го бомбардира Хомс или Алепо, но ни кажаа кој ја уништил Палмира - заедничкиот непријател ИСИС. Сè што беше кажано и прикажано беше само уште една монтирана порака од режимот на Асад.

Едно од најшокантните и најнереални видеа беше она на инфлуенсерот @gus1thego со наслов во таблоидите: „Ме мачеа во Сирија“. Видеото ја минимизира сериозната тема на тортура прикажувајќи локални практики на масажа и ја занемарува документираната историја на тортура и кршење на човековите права од страна на сирискиот режим.

Со оглед на сложената и нестабилна ситуација во Сирија, иднината на значајна комуникација од таа земја останува неизвесна. Засега, сепак, се чини сигурно дека режимот на Асад ќе го затвори поглавјето со пропагандни напори со користење на инфлуенсери.

Колку пошокантно, толку повеќе „лајкови“

Неодамна, светските наслови беа преплавени со информации за севернокорејските инфлуенсери кои ја поддржуваат пропагандата таму. Меѓутоа, покрај инфлуенсерите ангажирани од државата кои го читаат Хари Потер пред камера и одат во кино, Северна Кореја ја посетуваат и странски инфлуенсери. Без разлика дали се поканети или не, тешко е да се процени вистината за секој видеоблог, објава на Инстаграм или видео, но самиот факт дека се движат повеќе или помалку слободно во нивните видеа со камера и владин водич веднаш зад нив, дава интересен поглед на новиот пристап на Северна Кореја кон странските медиуми.

Видео во кое се опишува искуство од скијање во Северна Кореја веќе има половина милион прегледи на YouTube, а друго со над 700 000 прегледи покажува севернокорејско одморалиште со пет ѕвезди.

Содржини, како што се видеата од инфлуенсерот наречен @homeless.backpacker со над 200 000 следбеници, се само дел од многуте што се појавуваат на социјалните мрежи и претскажуваат важен тренд - луѓето се заинтересирани да ѕирнат внатре во затворените режими, мрачниот туризам расте во популарност, а чувството на ексклузивност или недопрени пејсажи на социјалните мрежи е огромен извор на популарност. Видео на Инстаграм од @homeless.backpacker кое покажува возење во метрото во Северна Кореја го виделе 52,7 милиони луѓе, а друго од инфлуенсерката @nikakochetkova има 17,9 милиони прегледи.

Инфлуенсерите сакаат да прикажуваат ексклузивни дестинации, надвор од комерцијалните и веќе добро познати места. Тоа им нуди единствена можност да предизвикаат реакции и да го зголемат бројот на прегледи. Во последнитe години, многу инфлуенсери ја преплавија Саудиска Арабија прикажувајќи воодушевувачки погледи на Алула, Ријад, Џеда и футуристичкиот проект Неом.

Покрај мегаѕвездите Роналдо или Меси, чешките инфлуенсери @hynecheck или @dominika.po  ја посетија Саудиска Арабија на покана на Саудискиот туристички одбор. Нивната содржина прикажува прекрасна природа, градови, култура и одлична храна со официјална порака на кампањата „Добредојдовте на патување кое никогаш не сте можеле ни да го замислите“.

Репутацијата е во прашање

Овие активности често ја загрозуваат репутацијата на инфлуенсерите бидејќи публиката на социјалните мрежи ги критикува поради тоа што се вклучуваат во пропагандни активности, прикривање и други неетички практики. Сериозно лошо однесување може да предизвика компаниите да престанат да работат со инфлуенсери, што значително ќе влијае на нивната егзистенција.

Меѓународниот углед е долгогодишен проблем за сите споменати земји, што ги ограничува нивните економски, политички и социјални цели. Веќе некое време, овие земји се на пат да го подобрат својот јавен имиџ и перцепција, користејќи низа канали и алатки за да стигнат до посакуваната публика.

Содржината на социјалните мрежи во голема мера останува нерегулирана. Инфлуенсерите ја немаат амбицијата на истражувачките новинари и не сакаат да бидат етикетирани како политички активни бидејќи нивната комерцијална соработка зависи од тоа да бидат сфатени како аполитични и непроблематични. Ова нуди одлична можност за земјите каде што традиционалните медиуми повеќе предизвикуваат штета на државната репутација, кризи во односите со јавноста и несакано медиумско известување.

Иако не е јасно како оваа индустрија ќе се развива, засега можеме да бидеме сигурни дека инфлуенсерите, со нивниот широк досег до публиката ќе ни кажуваат за секоја идна дестинација што мора да се посети без малку или никакво внимание за сложената геополитичка ситуација на местото, а јавноста мора соодветно да се подготви за овие пораки.

Авторски права: European Journalism Observatory (EJO)

Институтот за комуникациски студии (ИКС) е членка на Европската опсерваторија за новинарство (ЕЈО). Ставовите изразени на оваа страница се на авторите и не ги одразуваат секогаш ставовите, политиките и позициите на ЕЈО и ИКС.

Мартина Колска

Мартина Колска дипломирала маркетинг комуникации и односи со јавноста, меѓународни територијални студии и стратешка комуникација на Факултетот за општествени науки при Карловиот универзитет. Во моментов е студентка на докторската програма за медиумски и комуникациски студии, каде што се посветува на брендирањето и комуникацијата како алатки за повоена и репутациска реконструкција на државите. Нејзиниот фокус е главно насочен кон Блискиот Исток. Професионално се занимава со дестинациски и политички маркетинг и односи со јавноста.