fbpx

Ќе донесат ли историските избори подобра иднина?

Мурат Алиу

Политика

17.05.24

Прегледи

Победата на конзервативните и на националистичките сили уште еднаш докажа дека за етничките Македонци идентитетските прашања се поважни од европската и од либералната агенда.

На 8 мај се одржаа претседателските и парламентарните избори кои поминаа во мирна и демократска атмосфера, со многу малку инциденти и нерегуларности.

Според првичните официјални резултати, објавени од Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 мандати, Европскиот фронт предводен од Демократската унија за интеграција ‒‒ 19, СДСМ ‒‒ 18, коалицијата ВЛЕН ‒‒ 13, екстремната левичарска партија ‒‒ ЛЕВИЦА 6 мандати и партијата ЗНАМ, исто така 6 мандати. Во претседателската трка кандидатката Гордана Силјановска-Давкова забележа убедлива победа добивајќи 561.000 гласови или 65 %, наспроти актуелниот претседател Стево Пендаровски, кандидат предложен од СДСМ, кој освои само 251.899 гласови или 29 %.

Кој победи, а кој изгуби?

Несомнено, најголемото изненадување на овие избори беше спектакуларниот пораз на СДСМ, кој ја водеше државата повеќе од шест и пол години. Со 18-те освоени мандати на СДСМ, за првпат во историјата на политичкиот плурализам, една од двете главни македонски партии во државата излезе како трета политичка партија. Освоените околу 154.000 гласови се најслабиот резултат што оваа партија го постигнала во својата историја.

Причините за овој пад на гласовите на СДСМ можат да бидат многу и различни. Но, во основа, има две главни причини кои го доведоа СДСМ на работ на овие избори: договорите потпишани со Грција, Бугарија и „Францускиот предлог“, кои беа претставени како предуслов за интеграција на земјата во НАТО и ЕУ, и лошото владеење, особено во текот на последниот мандат.

Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија потпишан во 2017 година, Договорот од Преспа потпишан во 2018 година со кој се предвидуваше промена на официјалното име на државата, и прифаќањето на таканаречениот Француски предлог, кој всушност беше еден вид договор со кој Македонија се обврза да го промени својот Устав и да го внесе бугарското малцинство во Преамбулата, со цел Македонија да започне преговори за полноправно членство во ЕУ ‒ Македонците ги доживеаја како напад врз државноста и македонскиот национален идентитет.Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија потпишан во 2017 година, Договорот од Преспа потпишан во 2018 година со кој се предвидуваше промена на официјалното име на државата, и прифаќањето на таканаречениот Француски предлог, кој всушност беше еден вид договор со кој Македонија се обврза да го промени својот Устав и да го внесе бугарското малцинство во Преамбулата, со цел Македонија да започне преговори за полноправно членство во ЕУ ‒ Македонците ги доживеаја како напад врз државноста и македонскиот национален идентитет.

Од друга страна, економската криза, инфлацијата, политизацијата на јавната администрација, колапсот на правосудниот систем... се само дополнителен дел од факторите кои влијаеја на катастрофалниот резултат на СДСМ.

Потоа, СДСМ и ДУИ арогантно ги игнорираа предупредувањата и забелешките на странските амбасадори, јавното мислење и бројните извештаи на домашните и меѓународните институции кои укажуваа и кои предупредуваа, особено во врска со високото ниво на корупција.

Во овие четири години владеење, ДУИ цело време беше тежок товар за СДСМ. Дел од цената на претворањето на државните институции во партиски канцеларии од функционерите на ДУИ, ароганцијата на некои нивни функционери и политичкиот фолклоризам ја плати СДСМ, кој не покажа доволно авторитет и умеење да ја изменаџира оваа ситуација која кај етничките Македонци предизвикуваше реакции, а до одредена мера и гнев.

Извор: vecer.press

Владеењето на СДСМ исполнето со политички скандали и коруптивни афери, како што е прикривањето на договорот потпишан со компанијата Бехтел и Енка за изградба на коридорите 10 и 8 од јавноста, отсуството на кривична одговорност за изгорената модуларна болница во Тетово, грозоморниот „случај Онкологија“ и компромисите за „Македонското прашање“ во име на интеграцијата на земјата во ЕУ, политички ги капитализираше конзервативната и националистичка партија ВМРО- ДПМНЕ.

Главниот (и се чини успешен) наратив на ВМРО-ДПМНЕ беше дека, всушност, СДСМ со „Францускиот предлог“ свесно ги легитимираше бугарските тези, според кои македонскиот народ и македонскиот јазик се вештачки создадени, како југословенски изум по 1944 година. Речиси целиот политички дискурс на ВМРО-ДПМНЕ во последните три години се сведе на познатата фраза ‒‒ „Не под бугарски диктат“.

Втората причина за апсолутната победа на ВМРО-ДПМНЕ е поврзана со острата реторика против ДУИ. Речиси  на сите собири во изборната кампања, но и пред тоа, нејзиниот лидер Христијан Мицкоски зборуваше за корупцијата на ДУИ во власта и за тоа како државата ја водат 100 политичари на ДУИ со цел да ги „ограбуваат граѓаните“.“.

Ваквиот наратив на ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот лидер создава уверување кај македонските граѓани дека СДСМ им ја предал државата на ДУИ, а во поттекст на Албанците. Цело ова време, главното мото на ВМРО-ДПМНЕ беше дека СДСМ се претворил во „слуга“ на ДУИ. Според ВМРО-ДПМНЕ, Македонците во својата земја почнале да се чувствуваат како граѓани од втор ред. Овој наратив неминовно го зголеми и националистичкото чувство кај македонските граѓани, особено во конзервативните кругови.

Оваа победа на конзервативните и на националистичките сили уште еднаш докажува дека за етничките Македонци идентитетските прашања се очигледно поважни од европската и либералната агенда.

Во албанскиот политички спектар, пак, резултатите говорат за релативна рамнотежа на политичките сили. Европскиот фронт, предводен од ДУИ, и покрај тоа што успеа да обезбеди 19 мандати и со тоа да излезе како втора политичка сила во земјата, се чини дека не е задоволен од овој резултат,затоа што се очекуваше уште поизразена победа против ВЛЕН („Вреди“) ‒‒ албанската опозициска коалиција.

За разлика од етничките Македонци кои го казнија лошото владеење на СДСМ, според резултатите, етничките Албанци се задоволни од владеењето на ДУИ.

Гледано од оваа перспектива, како главни причини за победата на Европскиот фронт може да се наведат клиентелистичкиот однос на албанскиот гласач со партијата, националистичката реторика на лидерот Али Ахмети, коалицијата со осум други партии, како и недоволната организација на коалицијата ВЛЕН.

Од друга страна, коалицијата ВЛЕН, иако со само 13 освоени пратенички места, по долго време во албанскиот политички табор успеа да донесе динамичност и да наметне политичка конкуренција. Коалицијата ВЛЕН со над 107.000 освоени гласови, по долго време успеа да се наметне во албанскиот политички спектар како важна и сериозна опозиција на ДУИ.

Уставните промени главен предизвик на новата влада!

Првите контакти меѓу политичките партии за составување на владата веќе се започнати. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју ден по изборите дадено за ТВ Канал 5, во емисијата „Само Интервју“, го повтори ставот дека сака владин партнер од албанскиот политички табор да биде ВЛЕН.

Во меѓувреме, минатата сабота, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со неговите соработници, на средба со лидерите на политичките партии од коалицијата ВЛЕН, во нивното седиште, симболично ја демонстрираа својата и партиската желба и волја да владеат заедно со ВЛЕН.

Сепак, се чини дека коалицискиот партнер во новата влада предводена од Мицкоски е најмалку важниот предизвик. Огромната корупција, колапсот на државните институции и правосудниот систем, економската криза, меѓуетничките односи, односите со соседите ‒‒ Бугарија и Грција и секако уставните измени, се само дел од предизвиците со кои ќе се соочи новата влада.

Најпредизвикувачки проблем кој може да предизвика разлики и судири кај владините партнери, како и меѓународен притисок, е несомнено прашањето за уставните измени и интеграцијата на земјата во ЕУ.

За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ е многу поскептична и порезервирана во однос на уставните измени. Од она што досега го слушаме и гледаме, ВМРО- ДПМНЕ не мрднала ни сантиметар од веќе познатите позиции и ставови во однос на ова прашање. Мицкоски во гореспоменатото интервју изјави дека „доколку Бугарија не е подготвена за отстапки, ние ќе се свртиме кон внатрешната агенда и би чекале нова влада во Софија“.

Овие ригидни ставови на ВМРО-ДПМНЕ, кајкај албанскиот политички фактор во земјава, па и кајкај меѓународниот фактор, се перципираат како вознемирувачки и „проблематични“. Албанците стравуваат да не се повтори десетгодишното владеење на Никола Груевски (2006 ‒ 2016) и земјата да остане надвор од евроинтеграциските процеси, затоа, затоа што за Албанците во Македонија нема друга алтернатива за државата, освен интеграцијата во ЕУ. Албанските политички партии, пред и за време на изборната кампања, ветуваа дека уставните измени ќе бидат услов за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.

Гледано од оваа гледна точка и знаејќи ги позициите на ВМРО-ДПМНЕ и на албанските политички партии, евидентно е дека прашањето за уставните измени ќе претставува сериозен проблем во следниот мандат. Иако во моментов ВЛЕН, кој најверојатно ќе биде партнер на ВМРО-ДПМНЕ во новата влада, под влијание на еуфоријата, како да го заборави ова ветување и почна да отстапува од ставот дека ќе наметне уставни измени како услов за коалиција, порано или подоцна, коалицијата ќе се соочи со притисокот на гласачите Албанци, доколку овие промени не се случат во „разумен“ рок.

Од друга страна, изгледа многу тешко дека ќе се случи каква било промена на преговарачката рамка на РСМ со ЕУ, како што бара ВМРО-ДПМНЕ. Еврокомесарот за проширување и соседски прашања, Оливер Вархеи, во април годинава го потврди ставот на официјален Брисел и рече дека критериумите за членство на Македонија во Европската Унија се многу јасни и дека не очекува промени во преговарачката рамка.

 
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Мурат Алиу

Мурат Алиу е роден во 1990 година во Прилеп. Универзитетските студии ги завршил на Државниот универзитет во Тетово на Правниот факултет. Постдипломските студии ги продолжил на Универзитетот во Истанбул на Катедрата за политички науки и меѓународни односи. Истата година ги започнува докторските студии на Универзитетот во Истанбул на Катедрата за политички студии и меѓународни односи. Моментално работи на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје како доцент на Катедрата за политички студии и меѓународни односи. Научните области во кои истражува се: Национализам, идентитет, политички идеологии, современи политички теории, постмодерни теории.