fbpx

„Мајтап“ амандманите се шлаканица за парламентарната демократија

Светомир Шкариќ

Политика

21.07.21

Прегледи

проф. д-р Светомир Шкариќ

Svetomir Skaric 400x500Во законодавниот дом е блокирано донесувањето на дваесетина закони преку илјадници амандмани поднесени од страна на опозицијата. Не станува збор за опструкција на законодавниот процес (filibustering), како што се зборува, туку за блокада на постапките за донесување на законите (blockade), непозната во парламентарната демократија.

Блокадата на законодавниот процес е противуставна категорија, со потенцијал да стане рамна на настаните од 24 декември и 27 април. Станува збор за блокада наметната од страна на малцинството, кое има амбиции да доминира над парламентарното мнозинство. Отстранувањето на блокадата е уставна обврска на парламентарното мнозинство и на претседателот на Собранието. Собранието има обврска по судски пат да побара надомест на штетата од подносителите на неразумните амандмани.

Блокадата не е опструкција

Блокадата е деструкција на парламентарната демократија, нејзино претворање од изборна во авторитарна демократија. Таа го урива парламентарното мнозинство и ги обесмислува парламентарните избори. Владата бадијала испраќа законски проекти, свои претставници и повереници во Собранието. Малцинството тоа го обезвреднува, независно дали станува збор за добри или за лоши закони. Станува збор за „тиранија на малцинството“ кое врши злоупотреба на правото, раководејќи се од страста, а не од разумот.

Опструкцијата е нешто друго. И таа води кон блокада, но не може да оди до крај. Преку долги говори или други средства за попречување го отежнува законодавниот процес, но не може да го загрози донесувањето на законите. Целта на опструкцијата е подобрување на предложените закони и пошироко согледување на нивните последици. Се остварува преку неограничено траење на дискусиите на пратениците, квалификуваното мнозинство за донесување на законите, употребата на претседателското вето, поведување на интерпелации против министрите и гласање доверба на владата. Опструкцијата е регулиран, а не стихиен процес. Таа е здрава појава бидејќи од неа зависи „иднината на сите парламентарни влади“.

Блокадата е вон историјата на парламентарната демократија. Таа им припаѓа на апсолутните монархии во кои монархот имал право на апсолутно вето. Наспроти тоа, опструкцијата се јавува паралелно со парламентарната демократија, со конкретни форми уште во XVIII век. Но нејзините корени се подлабоки. Катон Постариот е прв што добил право на неограничена дискусија во Римскиот сенат, со цел да го попречи именувањето на Јулиј Цезар за конзул на Римската република. Долго зборувал, но не успеал да го запре конзулството на Цезар. Англиската опозиција се здобила со право на неограничена дискусија за време на Славната револуција, а американските сенатори – во 1806.

Опструкцијата во поново време е најзастапена во Велика Британија и во САД. Во првата држава се користи најмногу кога се носат даночните закони, а во втората кога се штитат интересите на помалите сојузни држави. Се употребуваат различни средства – поднесување предлози во врска со третираното прашање, барање за проверка на кворумот или поединечно гласање, предлози за одлагање на седницата, напуштање на пленарната сала, читање „релевантни“ документи, делови од Библијата или други книги. Достигнати се рекорди во должината на дискусиите, како оној од 24 часа и 19 минути во Сенатот на САД или 42 часа и 33 минути во Сенатот на Тексас.

Опструкцијата не може да прерасне во блокада на домовите на Конгресот на САД. Правилата на Сенатот на САД предвидуваат можност со 2/3 мнозинство гласови расправата да се подведе под посебни норми, во функција на нејзино скратување, а правилата на Претставничкиот дом предвидуваат повеќе начини за заклучување на расправата. За опструкција се смета и договорот помеѓу републиканците и демократите – позначајните закони во Сенатот на САД да се носат со 60, а не со 51 глас. Со наведеното правило, републиканските сенатори денес ја опструираат политиката на претседателот Џо Бајден.

И македонската парламентарна демократија познава примери на опструкција. Првиот пример е од 2006, кога една пратеничка на ВМРО-НП, универзитетски професор по медицина, зборувала 6 часа и 30 минути, со цел да го попречи донесувањето на Законот за полиција. Тоа е најдолгиот говор одржан во Собранието по воведувањето на парламентарната демократија. Други облици на опструкција се законите што се носат со двотретинско мнозинство на гласовите, интерпелацијата против министрите и гласањето доверба на владата. Уставот не дозволува опструкцијата да прерасне во блокада на законодавниот дом. Блокадата е антиуставна појава од најтежок вид бидејќи може да го урне Собранието како централен орган на парламентарната демократија.

Majtap amandmanite se slakanica za parlamentarnata demokratijaИзвор: vlada.mk

Правните основи на блокадата

Правните основи на блокадата се бараат во Деловникот на Собранието. Во одредбите на тој акт, изречно е предвидено дека секој пратеник во Собранието, пратеничка група или работно тело, при второто читање на предлогот на закон, има право да поднесува амандмани без да се ограничува нивниот број. Амандманот се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и мора да биде образложен и потпишан од предлагачот.

Целта на амандманите е подобрување на законскиот текст, а не запирање на законодавниот процес. Поднесувањето стотици или илјадници амандмани не може да биде во функција на подобрување на предложената регулатива. Толкав број амандмани можат да бидат само во функција на политичка борба, особено ако претходно никој не ги разгледува или ако не го оценува нивниот придонес во подобрувањето на тоа што се предлага. Тоа не го прави ни претседателот на Собранието, ни стручните служби во Собранието. Тоа се смета за недопустливо или за удар врз интегритетот на пратеникот и неговата слобода на дејствување. Владее мислење дека пратеникот може да прави што сака, а притоа да не одговара за ништо, дури ни за материјалната штета што ја прави со големиот број амандмани.

Во такви околности правото на поднесување амандмани се злоупотребува нашироко за политички цели што имаат тешки последици за положбата и интегритетот на Собранието. Тоа што опозицијата не може да го постигне со политичка борба на парламентарните избори го постигнува преку блокадата на законодавниот процес – го оневозможува парламентарното мнозинство да креира нови норми и да ги остварува програмските цели верифицирани на парламентарните избори.

Тоа го постигнува на лесен начин, без грижа на совест, со поднесување амандмани што немаат образложение, немаат потпис на предлагачот, ниту имаат врска со предложениот законски текст. Се бара бришење непостоечки членови во предлогот на закон, намерно се заменуваат прецизните термини со нејасни зборови, едно исто прашање доминира во поголем број амандмани поднесени од ист предлагач, свесно се внесува конфузија во законскиот текст со цел законот да биде неразбирлив и неприменлив. Се бара и одлагање на примената на законот за десет години.

Деловникот на Собранието се користи како основа за блокирање на законодавниот процес, при што не се води сметка за положбата и уставните надлежности на Собранието. Деловникот се става пред Уставот, иако е понизок правен акт. Собранието тоа го толерира цела една декада, иако во 2012 беше предупредено од експертите на ЕУ да не го прави тоа. Првиот пример на блокада на Собранието датира од 2012 г., кога тогашната опозиција, предводена од СДСМ, одлучи со 1225 амандмани да го блокира донесувањето на Буџетот за 2013 година. Толкав број амандмани објективно не можел да се разгледа од Комисијата за финансирање и буџет пред истекот на буџетската година.

Блокадата насилно е прекината од страна на парламентарното мнозинство, со физичко исфрлање на опозициските пратеници и на новинарите од пленарната сала на Собранието на 24 декември 2012. Даниел Тарчус, експерт на ЕУ за парламентарна демократија, не беше изненаден од тоа што се случило. По негово видување, методот по којшто се носеше буџетот во тоа време, со голем број амандмани, е гарантиран „рецепт за пропаст“: „Катастрофата што се случи не е толку чудна, мене ме чуди како не се случила порано.“

Втората блокада е поврзана со донесување на Законот за бранителите предложен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во 2013 г. Законот е блокиран од страна на координаторот на пратеничката група на ДУИ со поднесување илјадници амандмани, поради тоа што со предлог-законот не беа опфатени припадниците на ОНА. По десет дена долги говори, читање поезија, молчење на седниците на матичното тело, блокадата успеа да го запре донесувањето на предложениот закон. На овој случај се повикува денешната опозиција, со образложение дека тоа што го прави таа во изминатите две години не е непознато. Го прави тоа што сегашниот претседател на Собранието го сторил порано. Притоа, забораваат дека поранешниот пратеник сега е претседател на Собранието и дека сега, како претседател, има поголема обврска да го штити Уставот и достоинството на Собранието отколку во 2013.

Третата блокада е во тек, со опфат на времето од 2019 до 2021. Оваа блокада тангира над дваесетина закони од областа на здравството, социјалната заштита, даночната политика, јавните финансии, армијата, полицијата, личните документи, прометот на експлозивни материи, следење на комуникациите, складирање и заштита од запаливи течности и гасови, производство и промет на воени стоки, фондот за осигурување депозити, урбанистичкото планирање и користењето претпристапна помош од ЕУ (ИПА). Блокирани се широки области од законодавната дејност на Собранието. Со таков опфат, намерата е Собранието да се претвори во виртуелен орган, изложен на потсмев и срам.

Запирање на блокадата

Блокадата треба итно да се запре од страна на парламентарното мнозинство и од претседателот на Собранието. На тоа ги обврзува Уставот, како повисок правен акт од Деловникот на Собранието. Секој е должен да го почитува Уставот и сите други прописи мора да бидат во согласност со Уставот. А Деловникот на Собранието е пропис и тој мора да биде во функција на Уставот. Деловникот не е цел за себе, туку средство за остварување на целите на Уставот.

Рамнодушниот однос на парламентарното мнозинство кон големиот број амандмани значи негово помирување со блокадата на законодавниот дом, односно согласување Собранието да постои без можност да ја врши законодавната дејност. Недозволиво е молчешкум да толерира нешто што не смее да го толерира – Собранието да биде експроприрано од страна на малцинството. Треба да ги отфрли „празните“ и „мајтап“ амандмани – смешни и за нивните подносители.

Предводник на борбата против злоупотреба на правото на поднесување амандмани треба да биде претседателот на Собранието. Врз основа на мислењето на стручните служби, тој има право да изгради свое мислење за прифатливоста на предложените амандмани. Има право и да ги отфрли оние што немаат образложение, потпис на предлагачот или оние со технички грешки. Затоа амандманите му се доставуваат нему, а не на некој друг. Тој има право да ги „појаснува“ (толкува) амандманите. Тоа право му го дава Деловникот на Собранието (чл. 60).

Претседателот треба да преземе и друг чекор што научната јавност од него го очекува подолго време. По судски пат треба да побара надоместок на штетата од оние актери кои со неразумни амандмани енормно го оштетуваат државниот буџет. Таквиот чекор би ги освестил несовесните подносители на амандманите, а Собранието би се претставило во очите на јавноста како одговорен орган., што води сметка за јавните финансии. Пошироката јавност тоа би го поздравила на ист начин како што Европскиот парламент, на 28 јуни 2021, на Самитот на спикери „ЕП-ЗБ“ во Брисел ја поздрави улогата на Собранието во интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ („role model“).

Професорите по Римско право – автори на „мајтап“ амандманите треба да побараат извинување од своите студенти за исмевање на правната техника во законодавниот дом. Да постапат на истиот начин и со истата цел како што постапил Хорациј по победата над Браќата Курјак од Алба (Curiaces). Хорациј од Јупитер, за победата над Браќата, не побарал награда, туку духовно прочистување, односно лустрација (lustrum).

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Светомир Шкариќ

Проф. д-р Светомир Шкариќ е роден во Дојран во 1941 година, во селско семејство. Основно образование завршил во Дојран и Гевгелија, а гимназија во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а магистрирал и докторирал на Правниот факултет во Белград, под менторство на проф. Јован Ѓорѓевиќ. Биран е за асистент на проф. Евгени Димитров, а потоа за доцент и проферсор по предметот Уставно право на Правниот факултет во Скопје. Бил на студиски престој во Гренобл, Сапоро и Токио и визитинг професор во Бордо. Предавал 15 години на политичката школа „Јосип Броз Тито“ во Кумровец, заедно со Киро Глигоров, Предраг Враницки, Мухамед Филиповиќ, Мијат Шуковиќ, Милојко Друловиќ и Славој Жижек. Учествувал на повеќе конгреси на Меѓународното здружение за уставно право (L'AIDC), Меѓународно здружение за политички науки (IPSA) и Меѓународно здружение за истражување на мирот (IPRA). Поднесените трудови се објавени во книгата „Македонија на сите континенти“ (2000). Автор е на книгите: Law, Force and Peace - Macedonia and Kosovo (2002), Democratic Elections in Macedonia 1990-2002 (2005), Научно толкување - Устав на Република Македонија (2014) и Уставно право, осмо издание (2015). Подолго време работи на учебниците: „Политички теории - нова доба“ и „Уставното право на Европската унија“. Подготвува дваесетина есеи по повод одбележувањето на 70 години од постоењето на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје (1951-2021). Преку блоговите уставното право го доближува до граѓаните, до државната власт и до опозицијата.