Тивкото (на)влегување на Кина во Босна и Херцеговина

Дино Цвико

Политика

23.02.26

Прегледи

Иницијативата „Еден појас, еден пат“ претставува долгорочна глобална стратегија на Народна Република Кина, преку која Пекинг, со примена на инвестиции и заеми, има за цел да ја поврзе Кина со остатокот од светот и да го зајакне своето економско и политичко влијание.

Токму ова влијание станува сè повидливо во Босна и Херцеговина во последниве години. БиХ формално станува дел од тој проект во 2017 година, кога во Пекинг e потпишан Меморандумот за соработка во рамките на иницијативата „Еден појас, еден пат“. Во име на БиХ, документот го потпиша тогашниот министер за надворешна трговија и економски односи Мирко Шаровиќ.

Тогаш беше соопштено дека Кина „ставила на располагање“ повеќе од 100 милијарди евра за разни проекти, иако никогаш не беше јасно посочено колку од таа сума е наменета за Босна и Херцеговина, ниту колку од неа би дошле во вид на директни странски инвестиции, а колку во вид на кредити. Дополнително ќе се потврди дека таа разлика е многу важна.

Кредити без „дополнителни“ прашања

Поминаа повеќе од осум години од потпишувањето на меморандумот, а изминатово време ни покажува дека кинеските инвестиции (а во поголема мера и кинеските кредити) не се исклучиво економски по природа, туку се во функција на целокупно позиционирање на оваа сила во регионот. Анализите покажаа дека недостатокот на транспарентност кај кинеските проекти во БиХ ја поттикнува веќе широко присутната корупција во државата.

Кинеското влијание ги оддалечува земјите од Западен Балкан, вклучително и БиХ, од Европската Унија. Причина за ова, како што пренесува euractiv.hr, е фактот дека силното кинеско влијание не е во согласност со правото на ЕУ во голем број области, особено во делот на владеење на правото, слободата на движење на стоки, јавни набавки, трговско право и слобода на медиуми.

Сепак, за разлика од Русија, Кина не спроведува отворени и гласни кампањи за дезинформирање во БиХ. Прегледот на кинеското влијание во БиХ направен од страна на „CEPA“ покажува дека Кина изградила препознатливо присуство (првенствено економско, но исто така и политичко и културно), особено во ентитетот Република Српска во БиХ, а Кина сè уште не го користи тоа присуство за вршење јасен политички притисок.

Ако кампањите не се отворени, тоа не значи дека не постојат. Наративот според кој кинеските компании и финансиери, обично под контрола на Кинеската комунистичка партија, се подготвени да финансираат проекти во земјата, но без барањe за „мешање во внатрешните работи“ и без болните реформи на кои инсистира ЕУ, прави Западот да биде помалку потребен и  помалку омразен меѓу политичките елити и кај некои делови од јавноста.

Економијата е главниот канал на пораката: „ЕУ значи условеност и реформи, а Пекинг значи пари без поставување прашања“. Ваквата слика се продава од страна на домашните политичари и медиуми како рационален, па дури и како „суверен“ избор за БиХ.

Овој наратив не останува само на ниво на извештаи. Милорад Додик, поранешен претседател на босанскиот ентитет Република Српска и претседател на владејачката СНСД, постојано ја опишува Кина како попосакуван партнер отколку Западот. Уште во 2021 година тој изјави дека Кина се докажала како „важен партнер“ кој „нема политички барања или условувања“, што, според него, претставува „најдобар начин“ за соработка.

Неколку години подоцна тој отиде и чекор понатаму во оцената дека Кина „станува најважен финансиски и инвестициски партнер на босанскиот ентитет Република Српска“ и дека Кина претставува „целосна антитеза на Западот каде што секој вид разговор, помош или поддршка доаѓа со политичко условување“. Ова, истакна Додик, „не можете да го видите од кинеска страна“.

Вакви слични изјави беа дадени и од некои политичари од ентитетот Федерација на Босна и Херцеговина. Харис Захирагиќ (СДА), претставник во Собранието на Сараевскиот кантон и делегат во Домот на народите на Парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина, е огорчен од меѓународната заедница, која, тврди тој, активно работи на уништување на изборната волја на бошњачкиот народ. Според него:

„Доколку меѓународната заедница продолжи вака да се однесува кон политичката волја на бошњачкиот народ, јас лично ќе се потрудам и ќе се погрижам бошњачкиот народ да почне да бара нови пријатели во светот.“

Кога беше прашан на кои пријатели мисли, Захирагиќ одговорил: „Разни. Кинези, Руси…“

Кога станува збор за функционерите на БиХ, министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, на состанок со кинеската амбасадорка Ли Фан во март 2025 година нагласи дека подобрувањето на политичките и другите односи со Кина е „важна определба за БиХ“.

Корозивен капитал

Терминот „корозивен капитал“ сè повеќе се користи во анализите на кинеското присуство. Станува збор за пари што влегуваат во системи кај кои има слабо владеење на правото и тие, наместо да ги зајакнат, дополнително ги еродираат институциите. Кина денес е меѓу најголемите доверители во светот на земјите кои имаат ниски и средни нивоа на приходи, а некои земји, поради вакви аранжмани, се доведоа себеси во, де факто, ситуација на должничко ропство.

Што се однесува до БиХ, најзабележливи траги на кинеско присуство се инфраструктурните и енергетските проекти, а нивни главни карактеристики се спорните кредити, нетранспарентноста и сомневањето за корупција – почнувајќи од хидроцентралата Дабар, преку изградбата на болницата во Добој и автопатите, па сè до неуспешниот проект за изградба на Блокот 7 од термоцентралата Тузла.

Дека Кина притоа не е политички неутрална се покажува и со фактот дека, на пример, таа беше една од само 19-те земји што гласаа против усвоената Резолуција за геноцидот во Сребреница во Генералното собрание на ООН, како и фактот дека, заедно со Русија, се залагаше за резолуција во Советот за безбедност на ООН со која ќе беа одземени овластувањата на високиот претставник за Босна и Херцеговина. Овој предлог, на крајот, беше отфрлен.

Сепак, во домашниот политички дискурс речиси и да не постојат ваквите негативни аспекти, и тоа е случај во двата ентитета. Кина се претставува пред јавноста како економски, речиси бениген партнер, за разлика од Русија, која се поврзува со отворени политички конфликти.

tivkoto navleguvanje na kina vo bih naslovnaИзвор: envato

Институтите на „Конфучие“

Освен кредитите и инфраструктурните проекти, присуството на Кина во БиХ се воспоставува и преку образовни и културни канали. На универзитетите во Сараево и во Бања Лука активни се институтите на „Конфучие“ кои нудат бесплатни курсеви по мандарински јазик, организираат натпревари, предавања за кинеската култура…

Анализите како што е онаа на „CEPA“ – студијата во врска со кинеското влијание во БиХ, истакнуваат дека Институтот „Конфучие“ во Бања Лука е особено активен, со што присуството на Кина се нормализира како нешто секојдневно и пожелно, а не како геополитичко прашање.

Преку ваквите програми, Кина воспоставува долгорочни мрежи на симпатии и контакти меѓу академската, културната и политичката елита, при што има минимална јавна дебата за тоа што значи таквата „културна дипломатија“ за стратегиската ориентација на земјата.

И покрај предупредувањата од ЕУ и предупредувањата дадени од бројни аналитичари, БиХ и понатаму тивко ги продлабочува односите со Кина. Во септември 2025 година, директорот на Агенцијата за промоција на странски инвестиции, Марко Кубатлија, во Шангај потпиша Меморандум за разбирање со кинеските партнери, кој беше претставен како „ново поглавје во соработката со Народна Република Кина“ и можност за нови инвестиции во БиХ.

Сето ова укажува дека економските и културните канали на кинеското присуство во БиХ тивко го преобликуваат домашниот политички наратив кој се однесува на развојот, партнерствата и наводните „алтернативи“ на ЕУ – без многу помпа, но со можни долгорочни последици.

Дино Цвико

Дино Цвико е новинар од Сараево кој работел во Al Jazeera Balkans, онлајн магазинот Журнал, порталот Пратимо тендере и Федералната телевизија. Тој е коавтор на документарните филмови „Братство“ и „Партиски армии“, како и автор на филмот „Борба за живот: Системот против онколошките пациенти“, за кој во 2024 година ја доби регионалната награда CEI SEEMO за исклучителни достигнувања во истражувачкото новинарство во категоријата млади професионални новинари.