Лидија Топузовска
Потенцијалите на културата се големи, разновидни и универзални. Затоа културата може да биде моќен двигател за развој кој влијае на целата заедница преку социјалните, економските и еколошките столбови на развој.
Културата е трансверзална, се однесува на повеќе области и, како таква, влијае на сите димензии на развојот. Сепак, за улогата на културата во одржливиот развој бара да се посвети должно внимание на процесите, како и на резултатите.
Се зголемува интересот за културата како интегрален дел од севкупниот развој и веќе е одпочнат процесот на нејзино интегрирање во оддржливите развојни стратегии и политики. Но, за да се интегрира културата во развојната агенда потребно е да се има јасни цели, дефиниции, механизми, задачи, мониторинг и систем за евалуација.
УНЕСКО има осмислена политика, законодавство, стандарди, упатства за работа, алатки за следење и оценка, програми за градење на капацитети, меѓународни фондови, како и конкретни оперативни активности кои ја штитат и промовираат култура, кои придонесуваат за развој на капацитетите на културните институции, создавање мрежа на професионалци, и активно вклучување на локалните заедници.
Во оваа област постои една значајна нормативна рамка - Конвенциите на УНЕСКО кои се однесуваат на материјалното и нематеријалното културно наследство, разновидноста на културното изразување и креативните индустрии, недозволената трговија на културното наследство (UNESCO Convention).
Покрај нормативните инструменти во процесот на интеграција на културата во развојните политики голем придонес можат да дадат следните иницијативи и програми:
- Извештајот на Светската комисија за култура и развој предводена од Перез де Куељар (1996 г.) - Our Creative Diversity, Report of the World Commission on Culture and Development, led by Javier Pérez de Cuéllar;
- Акциониот план за културни политики и развој донесен на Конференцијата во Стокхолм (1998) - Action Plan of the Stockholm Conference on Cultural Policies for Development;
- Милениумската декларација и МДГ – Ф програмата (2000) - the Millennium Declaration and MDG – F programme;
- Меѓународната декада за образование за постојан развој (2005-2014) - International Implementation Scheme for the United Nations Decade on Education for Sustainable Development (2005-2014);
- УНДАФ – Развојна рамка на ОН - United Nation Development Assessment Framework - UNDAF;
- Глобалната агенда на ОН за дијалог помеѓу цивилизациите - UN Global Agenda of Dialogue Among Civilizations;
- Глобална иницијатива на УНЕСКО “Културата: мост кон развојот“ - UNESCO global initiative “Culture: a Bridge to Development”;
- Целите за постојан развој на ООН, 2016 - UN Sustainable Development Goals.
Горенаведените програми и документи се одлични иструменти како да се интегрира културата во развојните политики и процеси користејќи ги нивните иницијативи, истражувања, резултати и препораки.
Културата може да биде моќен двигател за развој вo сите области на социјалните, економските, еколошките и политичките аспекти. Културата може да се интегрира во националните политики и планови, како и во меѓународните стратегии со цел да се постигнат човечките развојни цели и искоренување на сиромаштијата.
Културното наследство, културните и креативните индустрии, постојаниот културен туризам и културната инфраструктура можат да служат како стратешки точки – цели за профит, зголемување на работната сила.
Културните и креативните индустрии претставуваат еден од најбрзо експонираните сектори во глобалната економија. Промовирањето на овој сектор бара определено инвестирање на капитал, но затоа се добива директно вклучување на ранливата популација, вклучување на жените и социјално загрозените лица. Во оваа насока нематеријалното културно наследство има голема улога. Тоа претрставува непроценливо богатство на знаење и вредности кои го јакнат постојаниот човечки и економски развој. Затоа е потребно нематеријалното културно наследство што е можно подобро да се интегрира за постојан развој на локалните заедници и територии, менувајќи ги релациите помеѓу селскиот и урбаниот живот, карактеристиките на социјалните врски, како и другите општествени и културни трансформации.
Културниот туризам стана еден од најбрзите светски сектори кои го зголемуваат економскиот развој. Еден од најголемите светски феномени во изминативе четириесет години е подемот на масовниот туризам. Тоа значително влијае врз бројот на посетители на локалитетите на светското културно и природно наследство.
Поради брзиот развој во технологијата на превозните средства, подобрениот животен стандард, подолгите платени одмори и слободното време, луѓето никогаш не патувале толку многу и толку далеку како денес. Туризмот им овозможува на луѓето да научат на непосреден начин да ги ценат различните култури, начини на живеење и разновидноста на природната околина. Исто така, туризмот ја дава можноста за корисни облици на взаемна културолошка размена меѓу младите.
Ниту еден поединец и ниедна одделна култура не може да се развиваат без взаемното влијание со други народи и култури. Ние мораме да научиме да препознаваме што им должи секоја одделна култура на сите други култури. Треба да сфатиме дека културниот туризам може да биде еден од најплодните и најинтересните средства со кои би можел да се изрази дијалогот меѓу културите и цивилизациите. Средбите со другите истовремено придонесуваат повеќе да ја цениме сопствената култура и наследство и да го сфатиме сопственото природно опкружување.
Културниот туризам се поврзува и со материјалното и нематеријалното културно наследство. Инвестирањето во културата и креативноста помага во ревитализацијата на економијата на градовите. Денес многу градови го користат културното наследство и културните настани за да го стимулираат урбаниот развој, да ги анимираат локалните заедници, приватниот сектор и поединци, како да и да привлечат туристи како и инвеститори.
Силата на културата е и во прашањата кои се однесуваат на рамноправност на половите, животната средина, здравјето, предизвиците во областа на образованието, мирот преку воспоставувањето на меѓу-културниот и меѓу-религискиот дијалог.
Проектите и програмите за развој генерираат нови работни места, нови пазарни можности, подобрување на условите за живот, јакнење на заедниците – кои се базираат на економскиот растеж и придонесот на јакнење на поединците.
Со промовирањето на почитување на културната разноликост може да се зајакне и унапреди меѓу-културниот и меѓу-религискиот дијалог, да се избегне конфликтот и да се заштитат човековите права на маргилизираните групи, во рамките и помеѓу нациите, со што се креираат оптимални услови за постигнување на развојните цели. Културната разноликост создава богат и разновиден свет кој ја зголемува можноста за избор и ги потикнува човековите способности и вредности, па според тоа претставува главен извор на одржлив развој на заедниците, народите, нациите...
Само така разбирајќи ја културата може да се постигне постојан развој. Следните предложени мерки кои произлегуваат од горенаведените документи можат да изградат придобивки на културата кон постојаниот развој:
- Промоција и јакнење на културната разноликост, меѓукултурниот дијалог и културата на мирот;
- Управување на културата и применување на практики кои постигнуваат економски развој и искоренување на сиромаштијата;
- Поддршка на постојаниот културен туризам, културните и креативни индустрии, поддршка на културните институции кои се базираат на урбаната ревитализација, нови вработувања, стимулирање на локален развој и јакнење на претприемништвото;
- Унапредување на образованието и поддигање на свесноста кај младите и локалното население за важноста на културното и природното наследство;
- Интегрирање на традиционалното знаење и практики со високите технологии;
- Промовирање на потенцијалите на уметноста со цел промоција на социјална кохезија и развој на претприемништво, особено помеѓу младите, како и во пост-конфликтните ситуации – после војни и природни катастрофи;
Нашата држава ги има сите потенцијали културата да ја примени во своите развојни програми и стратегии. Иако мала, нашата земја претставува ризница на културно наследство (материјално и нематеријално) кое низ вековите и со својата разноликост во културното изразување станувало се по вредно, со универзална вредност. И нашата современа култура во сите нејзини изразни форми (литература, филм, музика, ликовна, театарска и танцова уметност итн.) претставува значаен и впечатлив дел во целокупниот културен мозаик на човештвото.
Како членка на ООН и УНЕСКО Македонија може да ги имплементира Конвенциите на УНЕСКО кои ги има ратификувано што всушност е и нејзина обврска, но пред се тоа е и корисна можност конвенциите и горенаведените документи и темелни акти да ги искористи при изготвување и реализирање на развојните програми согласно нашите услови и потреби.
За жал, недоволно и несоодветно ги имплементираме горенаведените документи на една од најинтелектуалните меѓународни организации.
Примерот со Охридскиот регион
Несоодветната заштита на Охридскиот регион - нашето единствено светско културно и природно богатство за кое УНЕСКО даде препорака да биде ставено на Листата на загрозени светски наследства - и деструктивната урбанизација и уништувањето на охридското крајбрежје и загадувањето на езерото може да доведе до отстранување на Охридскиот регион од листата на светски наследства. Не само што тоа покажува лоша слика дека нашето што станало светско не знаеме да го заштитиме, туку дека и соодветно не знаеме да го искористиме стекнатото бренд име на Охридскиот регион за негов постојан развој.
Креативната Битола
Градот Битола 2015 година е прогласен за Креативен град на УНЕСКО за филм (во светот постојат само 7 градови за филм) но досега градот и државата го немаат искористено ова престижно назначување во пропагандни и промотивни цели со цел привлекување на туристи, развој и барање средства за унапредување на Меѓународниот Фестивал на филмската камера “Браќа Манаки“, фестивалот “Камера 300“ и воопшто развојот на градот.
Убедена сум дека дури ни организаторите на филмските фестивали не го популаризираат овој факт при нивните јавни обраќања зaшто Општината е таа која треба во секоја прилика тоа да го објавува, но и да бара средства од соодветната програма на УНЕСКО за креативни градови, како и од странски партнери. Во услови кога самите не ги промовираме и штитиме нашите наследства, како може да очекуваме дека културата во државата вистински „ќе живне“.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.