Текстот е учесник и добитник на второто место на конкурсот за најдобар блог „Имаш ли (по)добра идеја?“ организиран од Рес публика и ИКС.
Петар Тодоровски
Оставени во немоќ, единствено што им останува на огромен број граѓани е да бидат гневни на судовите и на државните институции.
„Сигурно судијата е платен штом пресудил вака“, ми рече една госпоѓа додека работев во канцеларијата за бесплатна правна помош на една невладина организација во Скопје. Се работеше за спор за меѓа во вредност од 12000 денари. Таа се застапуваше сама пред судот. „Не знам во каков однос се тужениот и судијата, но кога јас би бил судија и би ги имал истите докази пред себе, би одлучил исто како судијата,“ и одговорив јас.
Ова не беше единствениот ваков случај. Во текот на три години работа за организацијата се изначитав квалитетни судски пресуди и управни акти за кои граѓаните сметаа дека се неправедни. Тоа се поклопуваше со впечатокот кој го стекнав за време на стажирањето во Апелациониот суд Скопје - дека граѓаните генерално добиваат правични пресуди засновани на докази.
Општата перцепција е дека судовите во нашата земја се извор на неправди. Тоа се засили со јавното објавување прислушувани разговори кои укажуваа на местење на судски предмети во кои беа вмешани луѓе со политичко влијание, со што стана очигледно дека кога влијателни луѓе од општеството се во прашање, пресуди се носеле по нарачка.
Но, дали било така и во огромното мнозинство предмети во кои се тужеле граѓани без никакво влијание?
Извор: sdk.mk
Не спорам дека се местеле судски предмети. Не спорам дека и понатаму има корумпирани судии. Но, спорам дека судовите се главната причина поради која правдата во Македонија е тешко достижна. Сметам дека примарната причина е непознавањето на постапките од страна на граѓаните и недостатокот на пристап до правен совет. Тие не знаат како да си ги остварат своите права, а за неминовниот неуспех ги обвинуваат институциите.
Зошто е тоа така?
Граѓаните се правно неуки и обично не знаат добро да ги согледаат вистинските причини поради кои го загубиле спорот. За тоа треба да побараат правна помош, но не секогаш го прават тоа.
Во Македонија не се води официјална сеопфатна статистика за достапноста на правната помош. Министерството за правда, согласно Законот за бесплатна правна помош (ЗБПП) води оскудна и неквалитетна статистика чија структура на податоците не дава добар увид во состојбите и нивната позадина. Според Годишниот извештај за примената на ЗБПП за 2019 година знаеме дека само 299 граѓани добиле правен совет во подрачните единици на МП.
Во World Justice Project прават многу поквалитетни истражувања за пристапот до правда на глобално ниво и имаат подобар увид од нашите државни органи за состојбите кај нас. Според нивното истражување за 2019 година, речиси половина од граѓаните се соочиле со некаков правен проблем (47 отсто). Од вкупниот број испитаници, само 15 отсто имале пристап до правен совет. Од тие 15 отсто, само една третина добиле помош од адвокат, што е вкупно околу 5 отсто од вкупниот број испитаници.
Преведено во бројки, под претпоставка дека во Македонија живеат 2.000.000 жители, тоа значи дека:
Бројот на граѓани кои добиле професионална правна помош од адвокат или консултант е многу мал, но не може ни да биде поголем имајќи ги предвид јазот помеѓу задолжителната адвокатска тарифа и економската положба на мнозинството граѓани и компании, како и бројот на адвокати кои се на располагање.
Зошто е тешко да се стигне до правен совет?
Согласно Уставот на РСМ, правна помош даваат адвокатите. Тие се организирани во комора, а правник кој не е член на комората не е ни адвокат. Адвокатите се должни да ги наплаќаат своите услуги согласно тарифата на комората. Таму се пропишани само минимални суми кои адвокатот мора да ги наплати. Ако адвокатот не дава бесплатна услуга, туку ја наплати под пропишаниот минимум, комората може да му ја одземе лиценцата.
Тоа значи дека ако некој сака да добие пристап до адвокат, мора да ја плати сумата која комората ја определила или повеќе од тоа. А Комората има апсолутна слобода да ја определи минималната сума согласно Законот за адвокатурата.
Во Македонија речиси една четвртина од граѓаните живеат под прагот на сиромаштија. Според критериумите пропишани со Законот за бесплатна правна помош, голем дел се опфатени и имаат пристап до правни услуги доколку го побараат тоа. Два отсто од граѓаните имаат примања над 60.000 денари. Во средината е огромна маса на луѓе (средна класа) која не е опфатена со Законот за бесплатна правна помош, а располага со средства кои можеби се доволни за правни услуги, а можеби и не се. Оваа категорија на граѓани за водење на каков било спор треба од својот буџет да одвои од една до неколку просечни месечни плати, дури и сега откако се намалени судските такси.
Тие луѓе или воопшто не ги решаваат своите правни проблеми, или ги решаваат на погрешен начин, или трошат значителен дел од своите финансиски ресурси за да стигнат до решение. Оставени во немоќ, единствено што им останува е да бидат гневни на судовите и на државните институции.
Овозможувањето на пристап до правен совет за секој граѓанин е исклучително тешка задача со која, повеќе или помалку, се мачи секое општество на светот. Во Македонија во моментов работат над 2000 адвокати. Не постојат податоци во колкав процент од вкупниот број на судски спорови се ангажирани, ниту колку се ангажирани надвор од судските постапки. Нема податоци колкав обем на работа имаат. Но, ако се знае дека на речиси половина од граѓаните им требало барем некаква консултација, колку ли адвокати се потребни за да ги опслужат сите?
Кои се можните решенија за кризата со пристапот до правда?
Имајќи ги предвид искуствата од други поразвиени општества, сметам дека е потребно државата да го одземе монополот на правните услуги од адвокатите и да ги редизајнира постапките на начин на кој што на граѓаните и компаниите ќе им се олесни самозастапувањето. Македонија не би била прва земја во светот која би го сторила тоа. Постојат други држави од кои може да се црпат искуства. Според нив, реформата треба да почива на три клучни столба:
- Укинување на задолжителната минимална адвокатска тарифа. Република Македонија наскоро ќе ги започне преговорите за пристапување кон ЕУ, што ќе значи дека ќе мора националното законодавство да го приспособи кон европското. Тоа ќе значи дека испораката на правни услуги ќе мора да се усогласи со европското конкурентско право. Европскиот суд на правдата веќе има пресуди со кои јасно става до знаење дека задолжителни адвокатски тарифи кои не ги контролира никој освен комората не се прифатливи во Унијата (Ардуино (2002), Чипола против Мелони (2006)). Непостоењето на задолжителна минимална тарифа ќе овозможи, главно преку автоматизација на услугите и подигнување на нивото на ефикасност на процесите, да се добијат услуги по прифатлива цена без да се трошат обемни ресурси.
- Овозможување на правници кои не се членови на комората да даваат правна помош и овозможување на компании кои не се поседувани од правници да пружаат правни услуги. Велика Британија уште во 2007 година со Законот за правни услуги (Legal Services Act 2007) овозможи овие лица да даваат ограничен број на правни услуги. Застапувањето во суд остана ексклузивитет на адвокатите, но составувањето договори, тестамент, тужба за развод, разни поднесоци, како и правни консултации можат да го направат и други. Ова го поттикна и развојот на софтверски решенија за пружање на правна помош (legal technology), поради што Велика Британија има исклучително развиен пазар на софтверски решенија во правната област кои се наменети за граѓаните и компаниите да можат самите брзо и лесно да најдат излез од правните проблеми.
Најдобар пример е британската компанија Do Not Pay, која за за многу ниска цена овозможува пристап до поедноставни услуги. Сличен потег во САД веќе направи Јута, додека legal tech компаниите, водени од луѓе кои не секогаш се правници, брзо го освојуваат пазарот и во Европа.
- Редизајнирање на одредени постапки со цел на граѓаните и компаниите да им се олесни самозастапувањето (во комбинација со пристап до правен совет). Во Калифорнија не е потребно да пишувате тужба за развод на брак, туку да пополните образец. Компанијата Hello Divorce овозможува секој граѓанин со користење на нивниот софтвер самиот да го пополни образецот, при што самиот софтвер дава правни совети согласно инпут од страна на граѓанинот. Граѓаните се разведуваат така без никаков проблем и без адвокат.
На сличен начин, покрај бракоразводните постапки, кај нас можат да се решат и постапките во кои граѓаните бараат решавање на слични проблеми и кај кои се потребни слични докази за докажување на тужбените барања. Тоа се, пред сè, спорови од областа на семејното право (тужба за развод, неисплаќање на издршка за дете), спорови од областа на работните односи (неислатени плати, неисплатени придонеси од социјално осигурување), како и спорови од мала вредност (долг врз основа на закуп, и сл.). Овие спорови најчесто се слични меѓу себе, се докажуваат со ист вид на докази (на пример, неисплатен закуп најчесто се докажува со договор за закуп и извод од банкарска сметка), поради што пишувањето на тужба во форма на проза претставува непотребна бариера за оние кои сакаат да се самозастапуваат.
Вообичаени противаргументи
Кога адвокатите се соочуваат со слични предлози кои можат да им одземат од бизнисот (како нотарите), нивната реакција најчесто гласи: „Ова е напад врз адвокатурата. А што ќе работат адвокатите?“
Ова е нормална реакција на човек од крв и месо кој од адвокатурата го издржува своето семејство, но е проблематична поради две причини:
- пристапот до правда е големиот проблем на ова општество, а не што ќе работат луѓето кои по сопствен избор се занимаваат со адвокатура, и
- ваквите реформи нема да им одземат од бизнисот, туку ќе им го зголемат со тоа што поголем број на граѓани и компании ќе посегнуваат по правна помош.
Впрочем, ваква реформа ќе опфати граѓани и компании кои адвокатите и онака во моментов не ги опслужувааат, така што не може да им сe одземе работата коja и онака ја немаат. Напротив, постојат анализи кои укажуваат на тоа дека кај оние кои можат да си дозволат правни услуги цената не игра главна улога во одлучувањето кого ќе ангажираат, односно - тие кои плаќаат високи цени сега, ќе плаќаат и понатаму. Тие кои не можат да платат сега, ќе можат да платат после реформата.
Што понатаму
ЗБПП ниту ја решава кризата со пристапот до правда, ниту овозможува повеќе работа за адвокатите. На крајот, државата нема ресурси да ги плати сите постапки кои граѓаните би можеле да ги водат.
Дури и кога би можеле сите граѓани да ја плаќаат постоечката адвокатска тарифа, нема доволно правници во државата за да се опслужат сите потреби согласно постоечката регулатива. Олабавување би донело поголема ефикасност во процесите, автоматизација на голем број услуги, поголем обем на работа и поголем пристап до правда. Умерена либерализација на пазарот би била вин-вин ситуација.
Во меѓувреме, граѓаните и понатаму не знаат како и каде да си ги остварат правата, а за тоа ги обвинуваат институциите.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.