fbpx

Судовите во Хрватска бесрамно ги штитат злоставувачите – особено оние на позиции на моќ

Бојана Губерац (Bojana Guberac)

Правда

10.03.21

Прегледи

Бојана Губерац

Bojana Guberac 400x500Случајот со Мара Томашевиќ, кој ги окупираше медиумите во последните години, живописно прикажува како хрватското правосудство, и покрај неодамнешните победи на граѓанскиот сектор, продолжува да ги штити сторителите - особено оние на позициите на моќ. Сепак, проблемот со насилството врз жените во Хрватска е многу подлабок и се темели на патријархалните обрасци кои, извесно е дека тешко се решаваат.

Така ви е тоа во бракот

„Така ви е тоа во бракот“ е една од најсрамните реченици изговорени во јавниот простор од поновата хрватска историја. Многу е посрамотна бидејќи е изговорена од една жена во позиција на моќ додека одговарала на новинарско прашање во 2018 година дали не е чудно тоа што сопругата на жупанот на округот Пожега-Славонија, Алојз Томашевиќ, откако приказната за долгорочното семејно насилство стигнала до јавноста, ја повлекла тужбата против насилниот сопруг и политичар. Сопственик на таа безобразна и срамна реченица е сега разрешената министерка за демографија, семејство, млади и социјална политика, Нада Мурганиќ, која потоа дополнително кажала дека не е на неа да проценува ,,дали е тоа чудно или не, но дека требало тоа да го разрешат и порано во рамките на нивните семејни односи"

Степенот до кој Хрватска е длабоко вкоренета во патријархатот што и фигуративно и буквално ги гази жените може да се види во примерот на поранешната министерка. Да се ​​слушне како една министерка за семејство изјавува како насилството треба да остане во семејството звучи целосно надреално, аланфордовски. Само, тешко дека можеме да се насмееме на нејзините зборови. Ликот на Нада Мурганиќ претставува многу повеќе од неа самата; покажува колку многу голем број жени во Хрватска се толку индоктринирани со патријархални обрасци што веќе не се во можност ниту да ги препознаат. Секако, доколку претпоставиме дека Мурганиќ не била свесна за тежината и одговорноста на она што го кажала.

Секундарна виктимизација

Посрамотувањето на жртвата е еден од клучните фактори зошто жените не пријавуваат и / или не зборуваат за насилство. Се чини дека е малку донкихотовски постојано да се истакнува дека жртвата нема од што да се срами. Насилникот секогаш треба да го чувствува срамот. Срамот, под претпоставка дека е здраворазумно, требало да го чувствува целото општество. Но, тоа воглавно не се случува. Се случува жените во Хрватска најчесто да доживуваат секундарна виктимизација, и тоа најчесто од најтесниот круг на семејството.

Случајот е ист и со Мара Томашевиќ, која своевремено изјавила дека нејзината ќерка и дел од нејзините роднини ја спречувале со години да го пријави жупанот на Пожешко-славонскиот округ.

Срамна пресуда

За среќа, нејзината повлечена тужба не значеше многу, имајќи предвид дека станува збор за кривични дела кои се гонеле по службена должност, па постапката сама по себе не била завршена. Приказната доби правен епилог во декември 2020 година и уште еднаш докажа дека хрватското правосудство, иако не декларативно, ги штити злоставувачите. Казните за семејно насилство и насилство воопшто се претежно срамни или непостоечки, што се чини скоро невозможно еден ист судија или судијка да го има прочитано образложението на пресудата и да ја има изречено казната.

Томашевиќ беше осуден на десет месеци условно за повеќегодишно физичко и психичко малтретирање на неговата сопруга Мара. И на судот, треба да се додаде, му требаа четири години за да донесе пресуда.

Во тие четири пеколни години, Томашевиќ не поднесе оставка од функцијата жупан, иако премиерот Андреј Пленковиќ јавно инсистираше на тоа. И покрај тоа што и опозицијата и граѓанскиот сектор бараа смена на Томашевиќ од функцијата жупан, последниот збор беше гнилоста и недостатокот на законска регулатива. Со други зборови, системот и законите го штитат Томашевиќ.

Sudovite vo Hrvatska besramno gi stitat zlostavuvacite osobeno onie na pozicii na mokИзвор: zadovoljna.dnevnik.hr

Законот прецизира дека мандатот на жупанот завршува доколку тој поднесе оставка, доколку со правосилна судска одлука му е одземена деловната способност, доколку е осуден на безусловна затворска казна во времетраење подолго од еден месец, доколку престане да живее во жупанијата, доколку престане да биде хрватски државјанин и доколку настапи смрт.

Со оглед на тоа што жупанот изрази непослушност кон премиерот и јавно објави дека нема намера да поднесе оставка, законски гледано, повлекувањето на жупанот може да се постигне само преку референдум, но тоа не се случило со години.

Неуспех на институциите

Според законот, одлуката за отповикување на жупанот може да се донесе доколку мнозинството избирачи кои гласале на референдумот за негово отповикување, под услов ова мнозинство да изнесува најмалку една третина од вкупниот број избирачи запишани во избирачкиот список. Тука треба да се нагласи дека излезноста во Хрватска е исклучително мала, кадешто помалку од половина од граѓаните (46, 85 отсто) излегоа на гласање на последните парламентарни избори. Во пракса, би било речиси невозможно третина од гласачите да излезат на референдум и да гласаат за отповикување.

Дури и без референдумот, на жупанот можеа да му се „замрсат конците“ со тоа што не би се поддржал Предлогот на буџетот барем за 2021 година, но ниту тоа не беше сторено. Во пресрет на горенаведеното, локалниот портал 034, пред да се изгласа буџетот, го запраша претседателот на Жупанискиот одбор ХДЗ на жупанијата Пожега-Славонија, Жељко Главиќ, дали Клубот на претставници на ХДЗ би бил за предложениот буџет.

Сума сумарум, Главиќ рече дека тие не го поддржуваат Томашевиќ, но дека ќе го поддржат, барем што се однесува до буџетот. Звучи целосно лудо и контрадикторно, а единственото полудо од тоа може да биде фактот дека претседател на ХДЗ клубот на Жупаниското собрание на Пожега-Славонија е Маријан Аладровиќ, поранешен жупан на Пожешко-Славониската жупанија и татко на Јосип Аладровиќ, министерот за труд и пензиско осигурување, кој од јули 2020 година под своја надлежност го има семејството и социјалната политика. Нејсе, таткото на министерот кој го има семејството под своја надлежност и со самото тоа и борбата против семејното насилство, уште еднаш му овозможи на Томашевиќ мнозинство во Собранието. Волкот е сит и овците се на број, би се рекло меѓу народот.

Иницијативата #спасиме доведе до построги казни за насилство

Министерот за правда Иван Маленица коментирајќи го случајот најави дека во измената и дополнувањето на Законот за локалните избори, ќе го вклучи кривичното дело семејно насилство како пречка за учество на локалните избори. Прашање е дали ќе се случеше такво соопштение доколку не постоеше силен притисок од граѓанскиот сектор, кој во последните две години донесе зрак светлина во темната страна на хрватското правосудство. Зрак светлина навистина, затоа што статистиката е немилосрдна и истата вели дека секоја трета жена во Хрватска е жртва на семејно насилство.

За да се создаде целосна слика за работата на граѓанскиот сектор, потребно е да се вратиме во 2019 година, во време кога беше спомената министерката за демографија, семејство, млади и социјална политика, Нада Мурганиќ. Во тоа време, на островот Паг се случи невиден случај на семејно насилство, што ја шокираше хрватската јавност. Таткото ги фрли своите четири малолетни деца од балконот на семејната куќа. Овој ужасен чин ги откри сите проблеми во позадината на системот на социјална заштита за едно прашање за коешто се чини дека апсолутно ништо не се презема со години.

Токму ова злосторство ја поттикна актерката, сценаристката и авторка Јелена Велјача за формирање на граѓанска иницијатива #СПАСИМЕ, чии активности се насочени кон сензибилизација на јавноста и релевантните институции за проблемот со семејното насилство и несоодветната заштита на жртвите. Повеќе од 30 000 луѓе се приклучија на движењето на Фејсбук за помалку од пет дена.

Но, овој пат борбата не запре и не остана само на Фејсбук. Иницијаторите на движењето презедоа конкретни чекори, се одржаа протести во поголемите хрватски градови, а клучен беше договорот со премиерот Андреј Пленковиќ, тогашниот министер за правда Дражен Бошњаковиќ и министерката за демографија Весна Бедековиќ по што беа направени неопходни законски измени.

Дотогаш во законот го имавме фамозниот сексуален однос без согласност, контроверзно кривично дело кое беше одделено од силувањето во тогашниот Кривичен законик. Од 2020 година, конечно, работите ги нарекуваме со нивните вистински имиња, барем што се однесува до силувањето. Сексуалниот однос без согласност е укинат. Покрај тоа, казната за силување е зголемена од минималната една година на минимум три години затвор. Максималната казна останува и понтаму да биде десет години.

Употребата на каква било физичка сила врз член на семејство по што се случила повреда - модринка или каква било сериозна повреда - денес е кривично дело, казниво со затвор од една до три години и повеќе не се третира како прекршок по закон. Туркање или кубење по што нема настанато телесна повреда, ќе продолжи да се санкционира како прекршок и ќе се казнува со парична казна од 2.000 куни (265 евра), до 90 дена затвор, но доколку такво дело се повтори во семејството, сторителот ќе биде гонет согласно Казнениот закон за кривично дело семејно насилство, за кое е исто така пропишана казна од една до три години затвор. 

Кон крајот на 2020 година, како гостин на поткаст на порталот Лупига, Велјача објави дека сегашниот министер за правда, Иван Маленица, и рекол дека владата на Андреј Пленковиќ планира да формира семеен суд што секако ќе им олесни на жртвите на насилство да се борат за правда. Сепак, кога станува збор за хрватското правосудство, тешко дека можеме да бидеме оптимисти и да веруваме дека формирањето семеен суд ќе донесе радикални промени.

За тоа сведочи и случајот со Мара Томашевиќ, кој ги извади на површина сите урнатини, темелите на кои е изградена хрватската држава. Истиот докажа дека злосторствата минуваат дури и кога имате поддршка од медиумите и граѓанскиот сектор, и што е најважно - законот на ваша страна.

За целосен впечаток на односот на хрватската држава кон насилството врз жените, без да одиме подалеку од случајот со Мара Томашевиќ, доволно е да се потсетиме на бизарниот момент кога Алојз Томашевиќ, веќе обвинет за семејно насилство и кога јавноста веќе беше добро запознаена со случајот, гостуваше во емисијата „Lijepom našom“, една од најдолговечните и најгледаните емисии на Хрватската радиотелевизија. Пријавениот насилник пеел и се радувал на телевизијата платена од граѓаните на Хрватска, а луѓето му аплаудирале. И тоа е таа тажна, но вистинска слика за нашата убава држава.

Време е да се воведе граѓанско образование во сите училишта

За работите навистина да се променат на подобро во Хрватска, како и речиси во сите земји од поранешна Југославија – на пример, ситуацијата е многу полоша во Србија - потребно е да се смени парадигмата на луѓето врз основа на патријархалните обрасци. Клучен чекор е воведување на граѓанско образование како задолжителен предмет во сите училишта. Младите треба да развијат критичко размислување засновано врз принципите на демократијата во кои жените не се прикажуваат како „споредни“. Ова секако полека ќе го промени ставот кон насилството. Затоа што секој пат кога не реагираме на насилство, кога не го осудуваме затоа што тоа не ни се случува нам и кога не ги учиме децата од рана возраст колку е неприфатливо насилството - премолчно создаваме општество на насилство.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Бојана Губерац (Bojana Guberac)

Бојана Губерац е новинарка на хрватскиот портал Lupiga.com, кој го спроведуваше проектот „Чекор понатаму: Предизвици на европска Хрватска“ во последните четири години. Во својата работа, таа е посветена на прашањата за човековите права, говорот на омраза и насилството врз жените. Таа пишува и за порталите CroL и Žene i mediji. Работела како новинар во програмата за култура и вести на окружната телевизија Канал Ри, Радио Ријека, Радио Сова и Хрватската радио-телевизија, како и во порталите Нови лист, Рипортал и Кварнер Њуз (Novi list, Riportal i Kvarner News). Во 2019 година таа создаде перформанс што се занимава со секундарна виктимизација на жени жртви на насилство, од кој е создаден експерименталниот филм „Пострашно од тупаница“. Во слободното време пишува поезија.