fbpx

Црна Гора и вакцинацијата против КОВИД-19: Боже, дај ни здравје

Даниела Вукчевиќ (Daniela Vukcevic)

Даниела Вукчевиќ

Daniela Vukcevic 400x500Многу одамна, мега популарната регионална звезда Лепа Брена во една од своите песни ја отпеа „Дај Боже, здравје и радост“. Иако поминаа повеќе од три децении од овој хит, овој рефрен е особено актуелен денес.

Не постојат многу параметри според кои една земја со нешто повеќе од половина милион жители, како што е Црна Гора, може да се спореди со многу пати понаселени земји. Затоа, секој успех на жителите на Црна Гора, вклучително и спортистите, кои со своите достигнувања стојат рамо до рамо со најдобрите во светот, го прават уште поголем и подостоен за почит. Во последните неколку месеци, Црна Гора, овој пат за жал, не за добро, соборува бројни рекорди, и регионални и глобални, кога станува збор за бројот на пациенти со коронавирус.

Korona free, korona svi”

Во средината на минатата година, претходната влада, откако прогласи крај на епидемијата, бидејќи приближно за еден месец немаше регистрирано нов случај заболен од корона, се обиде да ги охрабри туристите да ја посетат земјата. Кампањата се одвиваше под слоганот „korona free“ дестинација (земја без корона). Пред да успее да ја постигне планираната цел, се појавија нови случаи на заболени и слоганот „korona free“, на социјалните мрежи беше цинично преформулирано во „korona svi“.

При крајот на 2020 година и почетокот на 2021 година, бројот на активни случаи надмина 10 илјади, додека на почетокот на месец март оваа бројка варираше помеѓу осум и девет илјади. Црна Гора се проби и на неславното второ место во светот според бројот на заболени лица на милион жители. Кога ќе се земе предвид и бројот на хоспитализирани на 100 илјади граѓани, сликата е далеку од розова - во Црна Гора овој број е 72, а на пример, во Македонија 32. Бројот на смртни случаи од почетокот на епидемијата надмина илјада, додека само во февруари починаа повеќе од 150 лица како последица на коронавирусот. За 8 март беше соборен уште еден неславен рекорд, кога починаа дури 18 лица.

Иако не е потребно да се биде специјалист по епидемиологија, за да се сфати дека ова е навистина борба за живот или смрт, сепак фокусот на целото општество, повеќе од половина година е целосно насочен на политичкото поле. На крајот на август, првпат по 30 години, владата на Демократската партија на социјалистите и коалициските партнери беше поразена на изборите. Ова предизвика повеќемесечни преговори, одложувања (буџетот за 2021 година не беше усвоен до почетокот на март) и, иако не формално, но во суштина, вонредна состојба. Додека сите гледаа во актерите на политичката претстава, малкумина забележаа дека сценографијата не е во најдобра состојба.

Медицина во ерата на политиката

Кога стана јасно дека усвоените, укинатите, променетите и прилагодените мерки за борба против коронавирусот не ги дадоа очекуваните резултати, а уште една летна туристичка сезона ни е на прагот, фокусот на јавниот интерес се насочи кон набавка на вакцини. Туризмот претставува скоро една четвртина од БДП на земјата, а приходите од минатата година од туристичката сезона беа пониски за неверојатни 90 проценти, додека во регионот овој „пад“ беше околу 50 проценти.

Не е неопходно да се биде епидемиолог или експерт за туризам за да се разбере следниов факт - без брза имунизација на населението, нема враќање на старото. И овој пат, за жал, Црна Гора не се најде на врвот по ниту еден параметар. Вакцинацијата на медицинскиот персонал започна во февруари и продолжи во март со вакцинирање на првата приоритетна категорија - лицата над 80-годишна возраст.

Почетокот на мандатот на новата министерка за здравство, Јелена Боровиниќ Бојовиќ, го означи потрагата по виновниците за фактот дека имунизацијата сè уште не е започната. Според нејзиниот многу пати повторен став, одговорноста за бавното темпо е на претходниот министер за здравство, Кенан Храповиќ, бидејќи, како што тврди таа, меѓу другото, тој не само што не обезбедил вакцини на време, туку и не одговарал на пораките преку електронска пошта по првичниот интерес за набавка. Поради сомневање за несовесно работење, против Храповиќ се води истрага и од Специјалното државно обвинителство.

Вакцинацијата која е во тек, започна благодарение на донациите од Србија и Кина, од две илјади (Србија) и триесет илјади дози (Кина). Во меѓувреме, испорачани се пет илјади од 50.000 вакцини договорени во преговорите со Русија. Сето ова е дополнителна причина за уште еден чин во политичката претстава каде сегашното мнозинство се карактеризира како просрпско, односно проруско. Ова не е, и најверојатно нема да се промени со фактот што Владата ги прошири санкциите кон Русија ден по испораката на руските вакцини „Спутник V“, следејќи ја надворешната политика на ЕУ.

Судејќи според најавите на министерката за здравство, во Црна Гора во наредниот период ќе пристигнат повеќе од половина милион вакцини, приближно 200 илјади кинески „Синофарм“, ист број на руски „Спутник V“, а во тек се и прелиминарни договори за 150 илјади дози на „Фајзер“. Според моментално достапните информации, последниот споменат производител го запре производството и дистрибуцијата на глобално ниво, така што не може да се зборува за попрецизни рокови на испорака. Во рамките на механизмот КОВАКС, се очекуваат повеќе од 80 илјади дози на „АстраЗенека“, и тоа во неколку фази. Исто така се разговара и со производителите „Џонсон“ и „Модерна“, но и тие се „на стаклени нозе“, односно тешко дека може да се очекуваат во текот на оваа година.

Crna Gora i vakcinacijata protiv KOVID 19 Boze daj ni zdravjeИзвор: bbc.com/serbian

Планови за имунизација

Здравјето нема цена, но вакцините имаат. Сепак, колку точно изнесува, засега нема информации. Буџетот не беше усвоен до средина на март, така што не се знае колку и како ќе бидат исплатени. За ова, веројатно повеќе говори фактот дека за оваа информација, целосно недостасуваше интересот на јавноста и медиумите.

Вакцинацијата се спроведува на доброволна основа. За да се организира подобро целиот процес, беше креирана веб-страница каде што граѓаните можат да го изразат својот интерес за имунизација. Во овој момент, на почетокот на март, се пријавиле приближно 30 илјади граѓани. Сепак, за сега тоа е мал број, бидејќи нема доволни вакцини за сите и само кога би ги имале, населението може да очекува повеќе информации за тоа кога и каде ќе може да се вакцинираат.

Документот „Национална стратегија за воведување, дистрибуција и употреба на вакцини против КОВИД-19“ ги определи приоритетните категории за вакцинирање - медицинските работници, околу 20 илјади лица постари од 80 години, 15 илјади во групата од 75 до 79 години, 24 илјади жители на возраст од 70 до 75 години, а во петтата група има скоро 50 илјади граѓани на возраст од 65 до 69 години. Кога ќе започне масовната имунизација на општата популација, тоа ќе ги опфати и странците со постојан престој во Црна Гора.

Горенаведениот број на дози на вакцини не е далеку од оној што е потребен за имунизација на црногорското население. Сепак, судејќи по некои загрижувачки трендови кои се појавија на почетокот, може да се случи да има и „вишок“ вакцини. Истражувањето спроведено на крајот на 2020 година покажа дека близу 40 отсто од граѓаните се заинтересирани за примање на вакцината. На почетокот на месец март, тој број беше малку поголем, иако беше само 50 отсто. Овој тренд беше позабележителен, особено ако се земе предвид загрижувачкиот податок дека во Подгорица, каде се наоѓаат Клиничкиот центар, Здравствениот дом и бројни приватни амбуланти, помалку од 400 здравствени работници поднеле барање за вакцинација.

Ризик од нова епидемија

Поради слабиот одзив на родителите на повикот за вакцинирање на деца со ММР, која штити од сипаници, заушки и рубеола, државата постојано се соочува со ризик од нова епидемија. Пред неколку години започна кампања за да се преобрати овој тренд, но без многу успех. Ниту казните не дадоа резултат. Само во 2019 година, речиси три пати повеќе родители биле казнети отколку од 2013 до 2017 година. Вкупно 140 родители платиле приближно 15 илјади евра на име казни. Скоро 90 отсто од децата родени во Подгорица во 2014 година биле вакцинирани со ММР, а тој процент на деца во 2019 година падна на нешто повеќе од 10 отсто.

Значи, само секое десетто дете примило вакцина. Педијатарот и долгогодишен директор на Здравствениот дом во главниот град, каде што живее скоро третина од населението на Црна Гора, Небојша Кавариќ, предупредува дека фактот што немаме епидемија на сипаници е чиста случајност и дека овие катастрофи нè спречуваат порано да стекнеме колективен имунитет. „Доволно е едно дете да достигне фаза кога е заразно, четири дена пред појавата на сипаници и четири дена по закрепнувањето, да пренесе и ќе имаме епидемија“. Што би значело епидемија на сипаници среде пандемија на коронавирус, јасно му е на секој што знае да додава и одзема до десет.

Политички одлуки наместо мерки од јавен интерес

Д-р Кавариќ остана без работа во Здравствениот дом по повеќе од 30 години минат труд. Освен што е лекар, тој е и член на неодамна владејачката ДПС. Тој е само уште еден од директорите на здравствените домови, болници и клиники, кои беа отпуштени по изборите. Сите, за волја на вистината, беа и истакнати членови на мнозинската коалиција до месец август. Доколку ситуацијата не беше како што е, веројатно отпуштањето на лекарите немаше да предизвика толку голема загриженост кај граѓаните.

Владата избрана на почетокот на декември вети дека повеќе нема да има политика во усвојувањето мерки против пандемијата, туку ќе се „праша професијата/струката“. Јавноста очигледно погрешно претпостави дека тоа значи медицинска, а не економско-финансиска професија. До средината на март, веќе беше објавено во два наврати дека лекарите се залагаат за целосно затворање. Во два наврати, владата одлучи да воведе порестриктивни мерки, но не и „lock-down“ затоа што, како што е објаснето, тоа би значело целосен колапс на економијата. По толку многу измени и прилагодувања на мерките, на никој не му е јасно што е дозволено, кога и каде, и оние препораки и забрани што се наменети за заштита на здравјето, повторно станаа предмет на потсмев, особено на социјалните мрежи.

Боже, дај ни здравје и памет

Премиерот Здравко Кривокапиќ, кој дојде на позицијата како непартиски претставник, но лице близу до црквата, беше снимен неколку пати како ги крши мерките и не носи маска за време на верските обреди. За ова, преку видео порака им се извини на граѓаните, а неколку дена подоцна го стори истото повторно на погребот на владиката Атанасиј во Требиње.

Кредибилитетот на Владата стои на стаклени нозе (а, и економијата). Впрочем, ако целосно го изгуби во борбата, каде целта треба да биде иста за сите - а тоа е здравјето, тој тешко дека ќе може да ги спроведе реформите што ги ветува. „Сценографијата“ не е во најдобра состојба за нас, што се случува зад сцената, допрва ќе дознаеме. Но, без сомнение, хитот на Брена од самиот почеток, со ситни корекции, е најсоодветната музичка подлога - Боже, дај ни здравје и памет. Од „динарите и младоста“, се чини дека сме се откажале.

 

Текстот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Не давимо Београд), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Црна Гора (PCNEN), Бугарија (Sega.bg), и Грција (Macropolis).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Даниела Вукчевиќ (Daniela Vukcevic)

Даниела Вукчевиќ има дипломирано на насоката по новинарство и комуникации на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Белград. Има повеќе од десет години професионално искуство со работа во различни црногорски (локални, национални и регионални) печатени и електронски медиуми, со специјализација во економија и финансии. Автор е и на повеќе истражувачки трудови во областа на медиумите.