Радосвета Василева
Во 2007 година, бевме толку среќни и горди што конечно се најдовме на тоа митолошко место, во тој претенциозен клуб само за избрани членови, познат како ЕУ. Меѓутоа, тринаесет години по пристапувањето, овој европски сон повеќе наликува на кошмар.
Кон крајот на 90-тите години од минатиот век и на почетокот на првата деценија од овој, Бугарите ги заведе сонот којшто денес го мами и Западниот Балкан – „европската перспектива“. Во општоприфатената митологија за институциите на ЕУ и за глобалните лидери, овој европски сон се поистоветува со демократија, владеење на правото, почитување на човековите права, економски просперитет, светла иднина за младите и општо земено – среќа.
Во 2005 година, Бугарија го потпиша, како што беше наречен, „историскиот“ договор за пристап. Во 2007 година, бевме толку среќни и горди што конечно се најдовме на тоа митолошко место, во тој претенциозен клуб само за избрани членови, познат како ЕУ. Меѓутоа, тринаесет години по пристапувањето, овој европски сон повеќе наликува на кошмар. Од овој аспект, мрачното патување на Бугарија во ЕУ може да служи како поука на граѓаните од Западниот Балкан, особено во врска со лицемерието на политичарите и на институциите на ЕУ и потребата уште на почетокот да се повикаат на одговорност.
ЕУ-катастрофата на Бугарија
Во 2020 година, највлијателниот медиум во Брисел, „Политико“ (Politico), отворено ја нарече Бугарија „мафијашка држава“. Впрочем, ако ги анализирате реномираните индекси и извештаи за демократија, може да се запрашате дали земјата влегла во Унијата по грешка.
Индексот за перцепција на корупцијата од „Транспаренси интернешнл“ редовно ја рангира Бугарија како најкорумпирана членка на ЕУ – неговото последно издание ја смести Бугарија на 74. место во светот, заедно со Јамајка и Тунис. Ни Светските показатели за владеење од Светската банка не даваат посјајна оценка; не само што во категоријата „контрола на корупцијата“ Бугарија има резултати споредливи со оние на земјите во развој, туку и во 2019 година, кога е направено последното мерење, доби полоша оценка од оценката во 2009 година.
Индексот за владеење на правото од 2020 година на Проектот за светска правда ѝ ја даде на Бугарија најлошата оценка во ЕУ по Унгарија – таа е рангирана на 53. место меѓу анализираните земји. За споредба, Косово е рангирано на 54. место. Покрај тоа, во категоријата за корупција на извршната власт на овој индекс, Бугарија ја доби истата оценка како Руската Федерација, што значи дека постои еднаква веројатност дека бугарскиот јавен службеник би зел мито како и рускиот.
Во 2018 година, во извештајот за „Нации во транзиција“ на Фридом Хаус, Бугарија е префрлена на пониско ниво, односно од демократија е ставена на ниво на полуконсолидирана демократија. Земјата ја задржа оваа оценка и во последниот извештај од 2020 година. Најновиот Светски индекс за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ ја рангираше Бугарија на 111. место во светот – за разлика од 92-то место на Македонија.
И економијата на Бугарија е уништена. Бугарија има најнизок БДП по глава на жител во ЕУ. Речиси и да нема странски директни инвестиции (СДИ) – податоците на Светската банка покажуваат нивни вртоглав пад по влегувањето на Бугарија во ЕУ. Независна анализа на Бугарската индустриска асоцијација, во периодот 2007 – 2017 година, покажа дека СДИ во 2007 година сочинувале 28 % од БДП на земјата, додека во 2017 година – само 2 %.
Не е изненадувачки што Бугарија има најниска просечна заработувачка во ЕУ. Синдикатите проценија дека две лица кои заработуваат просечна плата не можат да издржат четиричлено семејство. Сиромаштијата носи последици и за демографијата. Повеќе Бугари работат во странство отколку во Бугарија. Масовната емиграција ги соголи клучните сектори – повеќе од половина од лекарите во Бугарија се постари од 55 години. Земјата има највисока стапка на смртност во светот, што може да се припише на лошата здравствена заштита и сиромаштијата.
Верувале или не, постои вистинско „испитување на среќата“ од Еуростат – последното покажува дека само 35 % од Бугарите се задоволни со својот живот.
Дали ви звучи привлечно гореопишаната европска перспектива? Тогаш, дозволете ми да разбијам уште неколку митови.
Извор: europeanwesternbalkans.com
Двојни стандарди како главен принцип на Комисијата на ЕУ
На земјите кандидатки традиционално им се продаваат митови. Легендата за „критериумите за пристап“ секако треба да се распакува – имено, ќе ви биде кажано дека вашата земја ќе влезе во Унијата откако ќе ги исполни таканаречените критериуми од Копенхаген. Тие се релативно нови, воведени кога поранешните комунистички земји аплицираа за членство во ЕУ во петтиот бран на проширување.
Во неговата многу интересна монографија „Проширувањето на ЕУ и неуспехот на условеноста. Претпристапната условеност на полето на демократијата и владеењето на правото“, проф. Коченов тврди дека во петтиот бран на проширување, „примената на принципот на претпристапна условеност беше обележана со огромен неуспех, ако воопшто може да се каже дека принципот беше применет“. Во својата книга Условеност за проширување на Европската Унија, Ели Гатева исто така дава примери на чисто политички одлуки за затворање некои поглавја во преговорите со Романија.
Ако имаше некаков позитивен аспект, тогаш тоа е фактот дека Комисијата на ЕУ беше поискрена со Бугарија и Романија – беше загрижена дека се тие целосно неподготвени за членство, па затоа вклучи дотогаш непостоечки заштитни клаузули во нивниот договор за пристап коишто нудеа можност за одложување на пристапувањето. И покрај тоа што постигнаа само мал напредок, Комисијата сметаше дека може да им помогне да ги достигнат другите земји членки во областа на владеењето на правото преку посебен механизам, Механизмот за соработка и верификација (CVM), со што пристапувањето се одвиваше според планираното. Од оваа перспектива, може да се изрази сомнеж за тоа дали ЕУ има извлечено поуки од последните проширувања кога станува збор за преговорите со Западен Балкан, бидејќи се чини дека ги користат истите шаблони.
Сепак, зракот надеж траеше кратко. Во мојот последен академски напис, „Закани за владеењето на правото: стапиците на механизмот за соработка и верификација“, прикажав како во Бугарија не само што овој механизам не реши ниту еден од долгогодишните предизвици на земјата поврзани со владеењето на правото, туку и се користеше за легитимирање на нападите против владеењето на правото како „напредок“. Европската народна партија (ЕПП), чиј член е Бојко Борисов, го одигра своето зад кулисите.
Низ годините, многу официјални претставници на ЕУ, особено комесари, ја поддржуваа автократијата на Борисов со ласкави јавни изјави, обидувајќи се да ги убедат Бугарите дека царот не е гол. Добивката на Борисов од под закрилата на ЕПП, доминантната партија во ЕУ чиј член е тој, стануваше сè поочигледна. Многу Бугари се прашуваа дали треба да им веруваат на сопствените очи и на извештаите на меѓународните организации или на позитивните информации што Комисијата на ЕУ ги споделуваше со јавноста за бугарската влада. Предвидливо, оваа кула на стаклени нозе почна да се руши летото 2020 година, кога илјадници Бугари започнаа да протестираат против неконтролираната корупција на Бојко Борисов и генералниот обвинител Иван Гешев. Еднакво предвидливо, Комисијата на ЕУ молчеше, што беше сосема спротивно од Парламентот на ЕУ, којшто усвои многу критична резолуција за распадот на владеењето на правото во Бугарија.
Иднината е во ваши раце
Како земјите од Западен Балкан да го избегнат бугарското сценарио? Накратко, не треба да ги повторуваат грешките на Бугарија. Можеби е клише, но иднината е во ваши раце – ни вашите политичари, ни Комисијата на ЕУ нема да се грижат за вашиот најдобар интерес, освен ако не ги натерате.
Прво, без лековерност во однос на онаа „европска перспектива“! Побарајте од вашите влади да ви ја презентираат својата визија за развојот на вашите земји. „Членството во ЕУ“ е премногу општ одговор. Со или без членство во ЕУ, вашите лидери ви должат конкретни одговори за тоа што ќе преземат за да обезбедат пристојни плати, подобри услови за работа, подобро здравство, подобро образование, почитување на основните права, итн. Исто така, знајте дека оние кои ви велат да не се придружувате на ЕУ може да ги сменат своите ставови преку ноќ ако вашата земја успее – ова го покажува бугарското искуство.
Второ, бидете ангажирани граѓани! Гласајте на избори – ако не сакате некого, гласајте за помалото зло. Ако направите грешка, не повторувајте ја. Излезеноста на избори во Бугарија отсекогаш била слаба, што го олеснува манипулирањето со резултатите. Внимателно следете ги реформите што ги спроведуваат вашите влади и поставувајте барања. Формирајте групи за граѓанска акција, така што вашата критика ќе биде гласна и јавна. Информирајте ги институциите на ЕУ и за вашите грижи, за изјавата „Не сум чул за овој проблем“ да не биде можен изговор, оти тој изговор многупати го чувме во Бугарија.
Трето, бидете сомничави за она што ви го кажуваат официјалните претставници на ЕУ. Проверете дали е точно тоа што го велат и ако мислите дека не се во право, пожалете се со писмо до комесарот одговорен за проширување на ЕУ или до пратениците во Европскиот парламент (европратениците) со интерес за проширување – нивните информации за контакт се јавни. На овој начин, ќе им ги соопштите своите критики и грижи. Не е тајна дека во Комисијата на ЕУ доминираат двете најголеми партии – ЕПП и Социјалистите, па големи се шансите вашите влади да имаат корист од тој великодушен чадор ако се поврзат со која било од двете партии.
Четврто, ако успеете да влезете, испратете пристојни европратеници – луѓе кои ќе им служат на вашите интереси а не на одржување статус кво, луѓе кои ќе го слушнат вашиот глас. Со години, Бугарите за европратеници испраќаа марионети кои одржуваат статус кво, така што тие воопшто немаа глас во Европскиот парламент.
Конечно, Унијата не е како што беше порано. Заплеткана е во сопствени проблеми и страда од недостиг на визија кај нејзините лидери – распаѓање на владеењето на правото, за што сведочи низата кризи во владеењето на правото што настанаа (Унгарија, Полска, Бугарија, Романија и Малта се само дел од нив), корупција, докажана од неопходноста за создавање Европско јавно обвинителство, Брегзит, предизвиците на климатските промени, целокупниот економски пад поради вонредната состојба со КОВИД-19, итн. Сепак, без оглед со колку проблеми се соочува, не постои подобра опција од ЕУ. Добрата вест е дека има многу луѓе кои веќе сакаат да ја направат подобро место, оти и тие веруваат во „европската идеја“.
Овој блог е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведува Рес публика во соработка со HAD (Словенија), Анализирај.ба (БиХ), Sbunker (Косово) Не давимо Београд (Србија), Макрополис (Грција) PCNEN (Црна Гора) и Lupiga (Хрватска).
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.