Андреј Павловски
Во ова лудо (не)време на пандемија и изолација, имаме шанса да сториме нешто за оние кои цел живот се во секаква изолација.
Флоскулата дека коронавирусот ни го промени животот од корен се покажува како безмилосно точна. Требаше да ни се случи оваа голема несреќа па да почнеме да ги гледаме работите и од друг агол, со сочуство, со повеќе емпатија и меѓусебно разбирање. Преку ноќ моравме да се навикнуваме на нови односи и навики.
Мерките за карантин и полициски час на почетокот изгледаа на моменти забавно. Беше интересно да се наоѓаат разноразни начини да се „утепа” време, но и да се набљудуваат празните и морничаво тивки улици. И покрај негодувањата и се погласните реагирања за полицискиот час, некако ги истуркавме првите два, три месеци. За жал, затвореноста дома кај повеќето граѓани предизвика тескобни и клаустрофобични чувства и карантинот им траеше како вечност. Но, овој начин на живот е одамна секојдневие на илјадници наши сограѓани. Некој вака изолирано го живее целиот свој живот. Тоа се сите личности со инвалидитет и попреченост, луѓе со застој или пречки во развој, луѓе кои не по своја желба секојдневно живеат во карантин.
Секојдневната рутина на останатите за нив е секојдневна борба, па и со наједноставните активности. Неможноста на слободно движење (при што не мислам на добропознатите физички бариери и препреки туку на здравствената состојба) и постојаното стигматизирање од околината го прават и најобичното излегување предизвик кој треба однапред добро и детално да се испланира. За среќа, повеќето од оваа категорија на лица се личности со силна желба, карактер и волја за поквалитетен живот.
Но, безмилосно притиснати од предрасудите на околината тие се дискриминирани и безмалку исклучени од јавниот живот. Без вистинска поддршка, на нив помислуваме периодично кога има некоја кампања или промотивен настан. Парадоксално, но полицискиот час беше извонредна можност барем за некој ден да бидеме сите во нивна кожа. Да видиме и почувствуваме како изгледа да си затворен помеѓу четири зида, отуѓен, сам.
Работа дома како неопходност за овие лица
Според податоците на Националниот сојуз на лица со инвалидитет – Мобилност Македонија, бројката на нивни членови изнесува 6152, но реалната бројка е поголема за 3 - 4 пати од причина што повеќето не се членови во ниедно здружение. Сите тие, сите до еден имаат иста мака и проблем кој во основа е неразбирањето на нивните специфични потреби и можности. Секојдневните, рутински и наједноставни активности за „обичните” луѓе, за лицата со инвалидитет/попреченост се напорна и комплицирана тешкотија. Потрудете се да го погледнете светот од нивниот агол. Тешко е да се разбере. Но, токму ова неразбирање често доведува до оневозможување на нивното основно човеково право, правото на работа. Односно, неразбирањето дека обврската за доаѓање на работно место им претставува голем проблем.
За жал, одејќи по линијата на помал отпор и уплашени дека ќе договорат нешто спротивно од законот, работодавците не се обидуваат да изменат нешто во врска со традиционалното работно време и место, и да им понудат нови можности (работа од дома или далечина) на лицата со инвалидитет. Напротив, „газдите” можноста за работа од дома често ја гледаат единствено како алиби за неработење.
Извор: makfax.com.mk
Но, можноста (односно неможноста) за „одење на работното место” никако не влијае на продуктивноста кај овие лица. Впрочем, продуктивноста и не смее да се гледа единствено низ призмата на физичко присуство на работното место. Единствени критериуми треба да се обемот, квалитетот и навременост на сработеното. Затоа е потребен флексибилен начин на работа, односно избор за работа од дома или на далечина. Предностите кај вака вработени лица со инвалидитет би биле повеќекратни, секако зголемување на продуктивноста (може да работите и повеќе од осум часа), флексибилноста, додека пак за задоволството и мотивацијата и да не дискутираме. Од друга страна, работодавачите би имале задоволни и посветени работници а со тоа и зголемени приходи, намалување на трошоците и позитивен социјален имиџ.
Работа на далечина – далечна иднина?
Притиснати од разноразни закони, правни акти, норми, работодавачите се уште не го прифаќаат предизвикот за промена на работните односи кон овие лица, првенствено со овозможување на работа од дома. За жал, и нашата правна регулатива по ова прашање е се уште премногу оскудна и недоволна. Во Законот за работни односи постои член 50, кој кратко и недоволно го регулира ова прашање, оставајќи им простор на работодавачите и вработените да се договараат препуштени сами на себе. Поради тоа, мора сите заедно да дискутираме и го прилагодиме сегашното законодавство и работата од дома да биде дефинирана но и вклопена во закон како опција (можност) за инвалидизираните лица.
Чекајќи нов закон за работни односи, Бизнис конфедерацијата на Македонија издаде “Прирачник за работа од дома како одговор на пандемијата од КОВИД-19”. Иако задоцнет, овој прирачник е извонредна можност и водич за нашите претпријатија да направат најпрво своја ментална транзиција кон овозможување работа од далечина за лицата со инвалидитет. Не треба многу, но потребно е да се има визија, идеја и желба за промена кон подобро. Некои претпријатија го променија начинот на работа и воведоа работа од дома без да чекаат законски измени. Овој пример треба да се реплицира на многу пошироко ниво. Секое претпријатие (државно или приватно) мора решително, храбро, но и креативно да преземе чекори и по углед на странските компании да изнајде начин за работа од далечина за вработените.
Новото нормално со нови промени
Новото нормално донесе можности за нови работни односи кај лицата со хендикеп или посебни потреби, впрочем наречете ги како сакате (и да, се сложуваме дека се тоа лица со посебни можности, не потреби). Во новонастанатата состојба, нивната намалена мобилност веќе не мора да претставува пречка. Напротив, нема повеќе потреба од мачење да се стигне на одредено место, од напорното планирање на најбаналните работи („има премногу скали”, или справување со чуварот и незаинтересираниот одговор – „влезот е од другата страна”) и макотрпното движење низ оваа наша „џунгла на асфалтот”. При ова, и самото одење на работа за оваа категорија луѓе претставува еден исполнет и напорен работен ден, пред уште и да започне осумчасовното работно време. Ослободени од оваа стресна состојба, работата на далечина им го овозможува правото на работа во вистинската смисла.
Во тој правец, поразително и несфатливо звучат податоците од истражувањето направено од Сојузот на стопански комори на Македонија, каде дури 80% од претпријатијата се изјасниле дека немаат можност да ја вршат својата работа од дома или онлајн, а 70% се изјасниле дека не е можно да ја вршат нивната дејност на алтернативен начин!? Па белким не се сите вработени како рудари (без намера да навредам некого, на нив секоја им чест) па да не можат барем неколку вработени или дел од процесот да го работат на далечина? И покрај овие поразителни бројки, работничките права и обврски не смеат да бидат над основните хумани и човечки права и да надвладеат над новата реалност.
Очигледна е и јасна потребата за промени и доколку сега не го искористиме моментумот на општа емпатија и сочувство, покренеме активности и донесеме одлуки, сето ова ќе остане само една желба запишана на парче хартија. Мораме сите заедно (вклучително и државата) да се менуваме на подобро, ги разбереме потребите на овие луѓе и да се приспособиме за работа на далечина и од дома. Изминатиов период се одржаа безброј дискусии, се преземаа разноразни мерки, но никој не викна гласно и јасно за правото на избор на лицата со инвалидитет/попреченост да работат од дома.
Сега, во ова лудо време-невреме на пандемија и изолација ни е шансата да сториме нешто за оние кои цел живот се во секаква изолација. Да не се затскриваме зад студенилото на правните перипетии туку да си ја чукнеме главата и погледнеме во себе. Да не останеме како и секогаш само на зборови, туку да поработиме и донесеме една хумана одлука во интерес на сите. Впрочем, големината на една држава се гледа во способноста за создавање на задоволни, среќни и здрави граѓани. А ќе ни се врати убеден сум, како едно модерно, богато, но пред се хумано општество.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.