fbpx

Различноста оди рака под рака со инклузивноста

Клементина Добревска

Јорданка Черепналкова Трајкоска

Социологија

06.09.23

Прегледи

Колку е тенка границата помеѓу правото да го изразам своето мислење и можноста да навредам некого?

Слободата на говор и изразување на мислата претставува едно од основните човекови права. Но, слободата на изразување може во определени ситуации да се злоупотреби и да премине во потполна спротивност, во таканаречен „говор на омраза“. За жал, последните случувања во јавноста, нѐ присилуваат да размислуваме дека овие поими сè уште се нејасни и да се запрашаме колку е тенка границата помеѓу правото да го изразиме своето мислење и можноста да навредиме некое друго лице.

Со порастот на дигитализацијата, потенцијалот на социјалните мрежи да станат постојан извор на ширење говор на омраза, вклучувајќи ги сите форми на истиот, станува поголем. Се чини дека бројката на малолетници кои користат социјални мрежи е голем, и можеме само да претпоставиме колку може да е голем бројот на жртви на говорот на омраза, без притоа децата и да се свесни за истото, и како тоа искуство влијае врз нивниот психички и социјален развој.

Злонамерните коментари и пораки прераснуваат во предрасуди и стереотипи, па оттука влијаат и врз менталното здравје на луѓето и оставаат последици врз нивната слика за себе, наметнувајќи им прашања од типот: Дали сум доволно вреден/а? Дали навистина не треба да живеам? Зошто се родив поинаква/ов?

Секоја навреда може да стане траума

Исто како и кај секоја возрасна индивидуа, така и кај децата со атипичен и типичен развој, секоја навреда може да прерасне во траума, доколку соодветно не се третира. Влијанието и ширењето на говорот на омраза врз возрасна личност има помало влијание доколку личноста има висок степен на себевреднување и самопочит.

За разлика од возрасните, малолетните деца се наоѓаат во фази од развојот во кои тие сè уште се формираат како личности и ваквиот пристап, наместо поддржувачка и поттикнувачка средина, може да остави доживотен траг во сликата за себе кај децата.

Во 2022 година на Ало Бушавко телефонот за деца и млади при Детската амбасада Меѓаши, родители/старатели на 15 деца со некаква попреченост (од вкупно 450 деца), пријавија дека нивните деца, но и семејството, доживеале дискриминација од групи родители кои потпишуваат петиции и поднесуваат претставки - со цел да преместат некое „хиперактивно“, „специфично“, „поинакво“, „чудно“ дете во друго одделение или училиште.

Родителите/старателите што организираат вакви активности, кај своите деца поттикнуваат чувство на доминација и надреденост кон децата со атипичен развој, настојувајќи да не другаруваат со нив и да ги исклучат од нивниот круг на пријатели.

Извор: freepik.com

Можеме ли да замислиме низ кои трауми минува детето кое е исклучено од групата и јавно ставено „на тапет“? Ќе забележиме ли како постепено, но сигурно кај исклученото дете се јавува чувство на изолираност од средината во која припаѓа?

Што ако во иднина тоа биде наше/ваше дете?

Граѓанската одговорност на секој од нас е начинот за борба против говорот на омраза

Децата со попреченост секојдневно се соочуваат со најразличен вид дискриминација, и токму затоа повеќе од потребно е да се даде поддршка на децата со атипичен развој во борбата против дискриминацијата.

По неодамнешното добивање на пријавата за говор на омраза против Зоран Мијалков на основа на негова и дискриминација на неговите деца со попреченост, Детската амбасада Меѓаши веднаш реагираше до надлежните.

Пријавата до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, повикувајќи се на членот 394-г, став 1, од Кривичниот законик – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем – побара од МВР да преземе соодветни мерки.

Реакцијата на надлежните (МВР) е во согласност со обврската на нашата држава да обезбеди „еднаква заштита од каква и да е дискриминација“, како што стои во член 7 во Универзалната декларација за човекови права и „заштита на детето од сите форми на дискриминација“, како што стои во член 2 од Конвенцијата на ОН за правата на детето, бидејќи е потписничка на двата документа.

Секој обид да се допре до лицата со попреченост е драгоцен

Случајот на говор на омраза упатен кон Зоран Мијалков и неговите деца со развојни состојби од аутистичниот спектар, за жал не е прв ваков случај во нашето општество. Пред само една година, во февруари 2022 година нашата јавност беше вознемирана со постапката на група родители кои потпишаа петиција со која бараа девојче со Даунов синдром, ученичка во едно гостиварско основно училиште, да биде преместена во друго училиште.

Во овој случај говорот на омраза беше преточен во однесување, одејќи дотаму со барањето различното девојче од мнозината деца да биде исклучено од „друштвото“.

Детската амбасада Меѓаши, препознавајќи ја потребата од подигнување на свеста на јавноста, во средината на 2022 година, реализираше проект „Можеби сме различни, но сите имаме талент (кампања за подигнување на свеста)“, со финансиска поддршка од Институтот за комуникациски студии (во рамки на проектот Reporting Diversity Network 2.0). Проектот беше кус, но предизвика низа позитивни реакции во јавноста.

Преку четиримесечна кампања на социјалните медиуми и канали на Меѓаши, конференција за медиуми, објавување на научените лекции од проектот и други активности, беше направен обид да се влијае врз перцепцијата на децата и возрасните со атипичен развој, поместувајќи ја од перципирањето на нивната „попреченост“ кон перцепција на нивните квалитети и способности како личности независно од типичноста на нивниот развој.

Во публикацијата „Можеби сме различни, но сите сме талентирани“ стручни лица и родители на деца со попреченост укажуваат на важни пораки кои можат да придонесат кон градење и/или негување на култура ослободена од говорот на омраза:

Концептот на различност подразбира прифаќање и почитување, разбирање дека секој поединец е единствен, како и препознавање на нашите индивидуални разлики. Токму овие варијации, контрасти, хетерогеност го прават светот поубав, а човештвото покреативно. Различноста оди рака под рака со инклузивноста што подразбира свест и одговорност кон себеси и кон другите. Тоа е двонасочна улица каде емпатијата и симпатијата се правци кои треба да ги следиме“, вели Билјана Теовска, специјален едукатор и рехабилитатор во ООУ „Стив Наумов“ од Скопје, во публикацијата „Можеби сме различни, но сите сме талентирани“.

Лицата со попреченост се една од најмаргинализираните групи во општеството за која знаеме малку, односно го знаеме она што другите ни го кажуваат за нив – непотполните статистики, спорадичните истражувања кои главно се фокусирани на она што недостига животот на овие луѓе да биде подостоинствен, сведоштвата на нивните семејства / старатели / едукатори / асистенти. Многу ретко се слуша нивниот глас. Затоа секој обид да се допре до нив е драгоцен “, вели Мимоза Петревска Георгиева, мајка на талентирана девојка со Даунов синдром.

Како антипод на говорот на омраза кон лицата со попреченост, погледнете ги приказните на талентираните Ренато, Илина, Осман, Мелани и Ружица!

 

Овој текст е изработен во рамки на проектот Мрежа за разновидност 2.0 (Reporting Diversity Network 2.0).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Клементина Добревска

Клементина Добревска, психолог и координаторка на Ало Бушавко телефонот за деца и млади при ПДАС Меѓаши.

Јорданка Черепналкова Трајкоска

Јорданка Черепналкова-Трајкоска e психолог и проектен координатор во Прва детска амбасада во светот Меѓаши.