fbpx

Пазарна или праведна цена за борба со КОВИД-19?

Наталија Шикова

Здравство

КОВИД-19

13.11.20

Прегледи

Текстот е учесник на конкурсот за најдобар блог „Имаш ли (по)добра идеја?“ организиран од Рес публика и ИКС.

Наталија Шикова

Natalija Sikova 200x250Државата или слободниот пазар - кој е клучниот авторитет што одредува која цена е - „соодветна“ – ако од неа зависи – здравјето на граѓаните?

Државна интервенција или независен пазар

Улогата на државата е во постојана трансформација, а разновидните политики и иницијативи се обезбедуваат преку мноштво договори склучени со т.н. – „јавен“ и „приватен“ сектор. Поентата на тие стратегии е да ја намалуваат и рационализираат улогата на државата, и на тој начин постепено да ги надминат ендемичните проблеми на бирократијата, односно да ја подобрат ефикасноста на услугите кон граѓаните. Споменатите договори секако претпоставуваат правни последици, посебно затоа што се склучуваат меѓу Владата и давател на услуга, но токму оттаму се намалуваат и заштитата на граѓанинот и јавната одговорност која, пак, условно се пренесува - од Владата кон услов(е)но независниот, приватен давател на услугите.

Главното прашање е - како да се обезбеди заштита за граѓаните, односно како да добијат соодветна заштита и квалитетна услуга за прифатлива цена, доколку правата им се повредени? Ова прашање сè одново се актуелизира кога се проблематизираат превисоките сметки за струја, неисчистените патишта, неможноста да се излезе на чисто со телефонските оператори, и слично. Во моментов, пак, прашањето логично се надоврзува на превисоките цени што македонските граѓани ги плаќаат за ПЦР КОВИД-19 тестовите, спроведувани во приватните лаборатории во нашата држава.

Во ситуација на тектонска општествена и здравствена криза, со потенцијал да ја урне и онака кревката добросостојба на македонските граѓани, во конкретниов случај, аргументите и на приватните даватели на здравствени услуги и на релевантните државни функционери се дека - приватните лаборатории се независни и се надвор од владините ингеренции. Поконкретно, одговорот е дека - Владата во оваа ситуација не може да интервенира и да определи единечна прифатлива цена за тестовите, како една од можните мерки за помош при зауздување на галопирачката епидемија. Но, дали навистина е така? Дали приватните оператори се целосно независни и дали Владата навистина нема ингеренции да определи разумни, конструктивни рамки за новонастанатата ситуација?

Одговорот лежи токму во контекстот на – отчетноста, во оперативните нивоа одговорност на владините институции, посебно ако се земе предвид дека во нашиот случај смртноста поврзана со КОВИД-19 е далеку над европскиот просек. Јавниот апел од тековната криза просто посочува исклучителна состојба во која државната интервенција нема да е неправна, туку напротив, ако се почитуваат принципите на транспарентност и на отчетност, интервенцијата не само што би била законита, туку во однос на приоритетот - заштитата на здравјето на граѓаните - би била и наполно праведна и фер.

Ограничена заштитна моќ на државата?

Согласно со принципите на новиот јавен менаџмент, граѓанинот клиент има право да очекува не само подобрување на нивото на услугите од страна на давателите, туку и нивна корекција доколку даденото ниво на услугата се намали, односно се изведува под очекуваниот и под воспоставениот стандард. Оттаму, граѓаните имаат право на отчетност, како и можност за користење правни лекови кога се соочуваат со злоупотреба на јавната моќ. Ова не се однесува само на јавната администрација, туку и на приватните компании или на агенциите што вршат јавни овластувања, посебно при исполнувањето на своите должности. Улогата на државните институции е да обезбедат надзор врз јавните тела и врз приватните организации одговорни за испорака на услуги на национално и на локално ниво.

Pazarna ili pravedna cena za borba so KOVID 19Извор: mia.mk

Само поради конкурентското, пазарно работење, приватните лаборатории не може да се третираат како апсолутно независни, бидејќи нивната дејност е однапред определена со законски стандарди пропишани од Министерството за здравство, со кои се одредуваат подробностите во врска со очекувањата од нивниот начин на работа, а секако - ефикасна услуга овозможена од обучен и компетентен персонал. Од друга страна, пак, Комисијата за заразни болести определи услови и стандарди за акредитирање лаборатории што ќе спроведуваат КОВИД-тестови. Под тие услови, дискутабилно е оправдувањето со тезата за т.н. – „целосна независност“ на приватните здравствени установи.

Но, примерите од практиката непосредно ја демантираа(т) заштитната моќ на државата, како еден од основните елементи од доменот на нејзините стратешки, во случајов, здравствено-социјални должности: Цената на КОВИД-тестот, и покрај акутноста на вонредните општествени услови, остана нерегулирана, па по пазарната логика на побарувачката неколкупати ја надмин(ув)а набавната цена (односно, ако цената на еден основен сет за тестирање изнесува околу 10 евра, сега приватните лаборатории неговото спроведување го наплаќаат најмалку петпати повеќе). Врз основа на искуствата по т.н. „прв бран од пандемијата“, а во горепосочениот, новонастанат општествено-политички контекст, мнозинството европски држави или ја намалија цената на тестирањето или, пак, тестовите станаа бесплатно достапни, беа воведени и т.н. „семејни пакети“, и слично, а само кај нас цената на тестирањето остана препуштена на пазарните текови, превисока и во изминативе неколку дена минимално коригирана.

Приватен интерес – јавна одговорност

Во услови на општествена криза што директно го засега целото население - без исклучок, приватните компании, посебно од доменот на здравствената заштита, мора да демонстрираат повишено ниво јавна одговорност, или, со други зборови - да покажат солидарност, но со оглед на тоа дека такви примери речиси и да нема, тогаш државата мора да е подготвена на интервенција. Илустративен е примерот на Република Хрватска, чиј Фонд за здравство определи првична, државно унифицирана цена за спроведување ПЦР тестови за осигурениците, а потоа промптно склучи договор со приватните лаборатории што беа соодветно опремени и екипирани да ја спроведуваат постапката според договорените услови. Паралелно, хрватската Влада континуирано ги следи показателите од епидемилошката состојба, и согласно на сето тоа постапно ја намали прводоговорената цена, одговарајќи на конструктивните забелешки на стручната и на општата јавност, усогласувајќи ја притоа својата здравствена политика со нужна адаптација на подзаконските прописи што ја регулираат конкретната област.

Споредбено, ако просечната плата во РСМ е 27535 денари, а приватните лаборатории наплаќаа по (пазарно одредени) 4000 денари за еден ПЦР-тест, цена што некои од нив од неодамна (условно, со користење други, пакет медицински услуги) ја намалија на околу 3000 денари по тест, тогаш тестирањето на четиричлено семејство би чинело 12000 денари, односно речиси половина од просечната македонска плата. Превисоката цена, пак, посредно подразбира зголемен ризик од ширење на пандемијата, а последователно и сосем очекувана преоптовареност на јавниот здравствен сектор и неможност соодветно да се одговори ни на реалните предизвици ни на лавината јавни критики.

Кон рамнотежа

Општествената криза предизвикана од КОВИД-19 има драматични последици по економијата и по здравјето на населението, така што воопшто не би било ни необично ни неочекувано - државата решително да интервенира, како што впрочем интервенира кога ја определува најниската загарантирана плата. Суштинското прашање, во конкретниов случај е - што штити државата? Кое е тоа „општо добро“ што треба да се стави над пазарните принципи? Со оглед на тоа дека не постои корелација меѓу трошоците за набавка на ПЦР-тестовите и нивната тековна цена, па макар била зголемена и двојно за обезбедената услуга, поимот за – „општо добро“ што треба да се заштити е - човечкиот живот. Во македонскиот случај, цената на ПЦР-тестовите воопшто не одразува рамнотежа меѓу моќите на давателот и на примателот на здравствената услуга.

Под вонредни општествени околности – кога на секојдневен испит е ставен и стручниот и техничкиот и сместувачкиот капацитет на болниците, кога постојните здравствени институции нужно се пре-адаптираат, и кога се анагажираат ресурси и на војската и на полицијата за да помагаат при поставка импровизирани санитарно-здравствени објекти во дворот на државните болници, сосем јасно е дека веќе не може да важат исклучиво принципите на пазарната економија, односно приватниот здравствен сектор не може да се препушти исклучиво на саморегулација, туку неопходна е и државна интервенција.

Примарно, владите спроведуваат контрола на цените пред сè за да обезбедат достапност на определени производи и услуги или за да се спречи создавање монополи. Заедничката грижа за јавното здравје е дел и од „споделените надлежности“ меѓу Европската Унија и нејзините земји членки, односно - земјите членки на ЕУ можат самостојно да ги практикуваат своите надлежности само ако ЕУ не ја користи таа надлежност, што, пак, се рефлектира преку низа мерки со кои ЕУ може да примени хармонизација, стимулација на мерките на здравствената заштита, како и да поттикне засилена соработка меѓу земјите членки. Сепак, договорите за ЕУ утврдуваат дека државите членки остануваат одговорни за сопствените здравствени политики и за медицинскатата нега, вклучувајќи го управувањето со здравствените услуги и алокацијата на соодветни ресурси за нив.

Ако во услови на криза државата заснова ингеренции за да интервенира така што во голема мерка ќе ги ограничи уставно гарантираните човекови права, односно да донесе прописи и мерки што ја нарушуваат пазарната економија, како што се, на пример - ограничувањето и индиректното оневозможување на дејноста на туристичките оператори и на угостителските објекти, тогаш не постои рационално оправдување зошто државата да не ги определи цените не само за КОВИД-тестирањата, туку и за сите други консеквентни здравствени услуги (како на пример, цените за хоспитализација на болните од КОВИД-19). На тој начин, со интервентно регулирање на правата и на обврските на здравствените установи, на правните и на физичките лица, како и со засилен конзистентен надзор над спроведувањето на тие мерки, а со примарна цел - заштита на населението, државата навистина би покажала моќ за соодветно соочување со пандемијата. Сè друго е само маска.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Наталија Шикова

Д-р Наталија Шикова е правник, доцент по јавно право на Меѓународниот Балкански Универзитет (МБУ) во Скопје, како и дел од управниот одбор на тинк-тенк организацијата Центар за управување со промени. Д-р Шикова моментално е Декан на Правниот факултет на МБУ. Таа има повеќе од 15 години работно искуство во обезбедување на техничка помош во реформите на јавната администрација, доброто управување и интеграција во ЕУ, стекнати преку обезбедување поддршка на националните и на меѓународните актери во различни домени на јавниот сектор.