Бранко Прља
Во сѐ повеќе земји пластиката за еднократна употреба се укинува. Тука спаѓаат и кесите, особено оние тенките под 30 микрони кои кај нас се делат „на кило“. Тие не можат да се употребат многупати и лесно се разлетуваат и се кинат на мали делчиња кои понатаму завршуваат во водните површини и го загадуваат живиот свет.
Во ЕУ од 2021 година ќе се забрани пластиката за еднократна употреба, на пример: прибор за јадење и пиење, како пластични чаши или оние непотребни пластични лажички за кафе, цевки за пиење, чепкалки за уши итн. И земјите кои не се дел од ЕУ се приклучуваат кон овој тренд, па од 1-ви јануари 2020 година, Србија ќе ја забрани употребата на пластични кеси, а Албанија веќе пред една година ги забрани пластичните кеси под 30 микрони. Каква е состојбата кај нас?
Ако мислиме дека можеме да прогласиме неутралност и да не учествуваме во светската војна против пластиката, се лажеме! Пластиката е насекаде, на депониите, во градовите и во природата, во најоддалечените океани и острови на планетата, врз нас како облека и во нас како микропластика. Но, проблемот е толку комплексен за една земја како нашата којашто допрва треба да се соочи со него, што просто не знаеме од каде да го „фатиме“. Но, од некаде мора да почнеме и најдобро би било тоа да го сториме од најкористената пластика кај нас - кесите.
Светот ѝ објави војна на пластиката и пластичните кеси!
Состојбата во светот е ваква. Во сѐ повеќе земји пластиката за еднократна употреба се укинува. Тука спаѓаат и кесите, особено оние тенките под 30 микрони кои кај нас се делат „на кило“. Тие не можат да се употребат многупати и лесно се разлетуваат и се кинат на мали делчиња кои понатаму завршуваат во водните површини и го загадуваат живиот свет.
Во ЕУ од 2021 година ќе се забрани пластиката за еднократна употреба, на пример: прибор за јадење и пиење (како пластични чаши или оние непотребни пластични лажички за кафе), цевки за пиење, чепкалки за уши итн. И земјите кои не се дел од ЕУ се приклучуваат кон овој тренд, па од 1-ви јануари 2020 година, Србија ќе ја забрани употребата на пластични кеси, а Албанија веќе пред една година ги забрани пластичните кеси под 30 микрони.
Сепак, да не бидеме премногу оптимисти или идеалисти, реалните состојби се поинакви. Да, законите се потребни, без нив ништо не правиме. Но, дури и да се забранат кесите, тоа не значи дека ќе исчезнат. Од искуствата во Кина, по забраната за користење на кесите, со најголеми проблеми се соочиле на пазарите. Пазарџиите едноставно одбиваат да го почитуваат законот за да не им се намали прометот. Но, решение има. Користење на колички, торби, ранци, садови за повеќе употреби за работи кои се смачкуваат и слично. Не е едноставно, но ако сакаме да ни биде подобро, треба да се потрудиме. Но, каква е состојбата кај нас?
Кеси - Made in China Macedonia!
Македонија предничеше со наредбата за „забрана“ на пластичните кеси донесена од Министерството за животна средина во 2008, 2009 и 2011, секоја сѐ повеќе разводнета од претходната, и со сѐ повеќе дупки низ кои може да помине еден „кесољубец“. Реално гледано, практично и на терен ништо не се смени. Сепак, на извесни светски сајтови (па дури и на Википедија до 01.10.2019, додека не интервенираше борецот за подобра животна средина Здравко Савески, кој помогна и со линкови за текстов) наведени сме како земја во која пластичните кеси се забранети, а на сите ни е познато дека реално тоа не е така.
Извор: makfax.com.mk
Нашата земја буквално се дави во кеси! Тие се сеприсутни и толку лесни за добивање - сѐ што треба е да посакате. Всушност, не мора ни да посакате, а кесата, како магија ќе се создаде пред вас, па дури и да ја одбиете ќе ви биде наметната. Во случај да сте од поупорните одбивачи на кеси и да се побуните, нема да ја вратат, туку ќе се преправаат дека не ве слушаат или ќе ви се насмевнат со насмевка која значи дека непотребно „се замараме“. Продавачите (фирмите) во нашата средина како да сметаат дека кесата е најголем благодет за човештвото излезена од „полиетиленскиот рај“, а тие се небаре „пластични месии“ кои се должни да ви ја предадат мудроста.
Членовите на групата „Кеса не, благодарам. Торба си носам!“ која за кратко време стана популарна, сведочат за многу такви искуства, но и за многу случаи кога луѓето се избориле за своите права да ја заштитат локалната средина и планетата од кесите. Тогаш продавачите веќе ги знаат и ги препознаваат како помалку откачени екологисти или едноставно своеглави муштерии и не им нудат кеси.
Кесите кај нас се сметаат за комодитет, но не и за зло. Замислете колку многу кеси се трошат во нашата земја дневно? Секој купувач зема барем една кеса дневно, а ако оди на пазар или купува овошје и зеленчук, тогаш може да се врати и со 10 кеси дома. Но, да го земеме минимумот и да го помножиме со бројот на купувачите - да речеме 1 милион, тоа значи дека 1 милион кеси завршуваат на отпад дневно. Таму се кинат на помали парчиња, се разлетуваат, завршуваат во водите или уште полошо - се палат и го загадуваат воздухот. Тие милиони не можат вечно да се таложат на едно место, мора да завршат некаде, нели?
Биоразградливите кеси воопшто не се „био“
Ако мислите дека биоразградливите кеси го решаваат проблемот кај нас, се лажете. Од 2012 во Македонија има сертифицирани „d2o Охо“ биоразградливи пластични кеси. Но, што се овие кеси и како пластиката може да се распадне? Всушност, се работи за обични пластични кеси на кои им е додаден адитив. Според анализата на ЕУ, тој адитив е токсичен и штетен за околината, за почвата, за подземните води итн. Освен тоа, така пластиката полесно се распаѓа на микропластика.
Вистинските биоразградливи кеси се распаѓаат со помош на микроорганизми, а тие не јадат пластика, нели? Во ЕУ таквите кеси се направени со додавање на скроб или целулоза и многу се разликуваат од нашите, дури и на допир! Сертификатот кој се применува таму е EN 13432:2002 и нашите компании треба само да ги следат стандардите кои ги измислил некој друг.
Ваквите кеси се распаѓаат (најмалку 90 отсто) за 6 месеци на отворен воздух или за 3 месеци во контакт со органски материи, масата на материјалот е составена 90 отсто од фрагменти помали од 2 mm, супстанцата која се користи за распаѓањето НЕ СМЕЕ ДА ИМА негативни последици на компостирањето, имаат МАЛА концентрација на тешки метали и адитиви, pH вредноста, како и концентрацијата на азот, фосфор, магнезиум и калиум им се во рамките на утврдените граници.
Другите (нашите) биоразградливи кеси содржат (токсични) адитиви за распаѓање и затоа не се соодветни за компостирање, со што парадоксално излегува дека е полошо да се распаднат, отколку да останат нераспаднати илјадници години!
Како да се справиме со нашето „кесољубие“?
На страницата на „Златна Книга“ се регистрирани повеќе од 20 компании за производство на кеси кај нас, а веројатно ги има многу повеќе. Но, компаниите не се проблем. Ако државата пропише закони, тие ќе се придржуваат до нив.
Од искуствата на другите земји, на пример Англија, по забраната на кесите, нивната продажба се преполовила. Во Италија и Франција, освен забраната постои т.н. „еко-данок“. Пластични кеси не постојат, туку само еко-кеси кои во просек чинат 15 - 20 центи. А памучната торба е поевтина од едно евро и може да се користи неограничено. Истите промени треба да се воведат и кај нас.
Од споделените искуства во групата „Кеса не, благодарам. Торба си носам!“ (особено идеите на администраторот на групата Владимир Карер) добро би било да се воведат следните промени:
- Закон за забрана на кеси за еднократна употреба
- Воведување на вистински биоразградливи кеси (UNI EN 13432)
- Цена на биоразградлива кеса која ќе демотивира купување и ќе мотивира носење торби, но нема да биде премногу голема во случај да мора да се купи (да речеме 5 денари) - оваа цена понатаму би се зголемила
- Голем процент од цената на кесата да биде „еко-такса“ за буџетот на државата
- Парите од „еко-таксата“ да се користат за намалување на загадувањето
- Стимулирање на користењето на платнени торби со субвенции од државата и повремено бесплатно делење на торбите
- Сите супермаркети и продажни места да бидат законски обврзани да обезбедат торби
Ако една презагадена Кина успеа значајно да го намали загадувањето за неполни четири години, нашата земја може да се справи со еден конкретен проблем - кесите, за неполни две, т.е. во 2021 година да се вклучи во европските и светските текови. Ако државата го води патот граѓаните ќе ја следат, зашто за нашето и за здравјето на нашите поколенија се работи.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.