Текстот е победник на натпреварот за најдобар блог „Во каков град сакаш да живееш?“ организиран од Рес публика и ИКС.
Стефан Митиќ
Повеќето катастрофални поплави кои ја зафатија државата последните неколку години се само предупредување за влошување на состојбата со климата низ текот на годините.
Екстремните врнежи од дожд, како оние во Германија во јули годинава, се еден од најочигледните докази дека климата се менува како резултат на емисиите на стакленички гасови. Според една студија, дождовите сега се појавуваат почесто и предизвикуваат поплави, од едноставна причина: потопла средина може да содржи повеќе влага, што резултира со почести и понасилни врнежи. Зголеменото континуирано загревање на Земјата придонесува кон тоа потоплата средина да стане вообичаена, создавајќи простор за креирање на повеќе поплави.
Влошувањето на состојбата со климатските промени е директен резултат од злоупотребата на природните ресурси од страна на големите корпорации, а последиците од нивното однесување досега ги искусил секој човек на планетата. Експлоатацијата на ресурси доведува до поголемо трошење на енергија, и притоа поголеми емисии на стакленички гасови кои ја разредуваат озонската обвивка, овозможувајќи јачината на сончевите зраци да се зголеми, односно да има подолготраен ефект.
Уништени автомобили и масивни стебла од дрвја беа распространети по бреговите на реките, а многу од улиците и калдрмите низ градовите и селата беа покриени со отпад и природни остатоци. Камиони со уништен инвентар, откорнати гранки на дрвја и скршени парчиња камења, но и срушени електрични столбови се само дел од работите што се случија во Германија.
Зошто е сѐ почеста оваа појава?
Поплавата е комплицирана појава што може да биде предизвикана од различни фактори, вклучувајќи го и развојот на земјиштето и условите на почвата. Иако е потребно значајно научно истражување за поврзување на климатските промени со појавата на поплави, климатските промени, кои веќе генерираат поголеми врнежи и многу бури, стануваат сѐ посуштински дел од комбинацијата на причини кои водат кон поплави. Повеќе вода се задржува и испушта од потопла средина, без разлика дали е во форма на дожд или зимски снег.
Меѓутоа, статија на Гардијан покажа дека, иако е невообичаена, ваквата катастрофа сега е 1,2 до 9 пати поверојатна отколку пред повеќе од еден век, пред емисиите на стакленички гасови да ја загреат земјата за повеќе од 1 Целзиусов степен.
И ако планетата се загрее за 2 Целзиусови степени, како што се очекува, доколку емисиите не се намалат драстично, веројатноста за таков настан се зголемува многу повеќе, станувајќи 1,2 до 1,4 пати поголема отколку што е сега.
Дел од студиите веќе покажаа дека како што се затоплува светот, фреквенцијата на екстремни поројни дождови ќе се зголеми, а Меѓувладиниот панел за климатски промени, група поддржана од Обединетите Нации, која известува за науката и влијанијата на глобалното затоплување, потврди дека фреквенцијата на овие настани ќе се зголеми со продолжување на растот на температурите.
Што се случува во Македонија?
Македонија не е исклучок од оваа екстремна метеоролошка појава. Всушност, поплавите стануваат сѐ почести и поопасни како што минуваат годините. Луѓето, иако ги очекуваат, сепак не можат да се навикнат на нив. Скопје, во последните неколку години, е најпогодено од поројни дождови и поплави. Тие не само што влијаат на начинот на живот на граѓаните, туку секое наредно невреме трае подолго и прави поголема штета.
Скопје беше уништено од силно невреме и поплави пред пет години, при што загинаа 22 лица и беше предизвикана голема штета во селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци, Ченто, Брњарци, Страчинци, Виниче, Црешево, Булачани, Раштански Пат, Илинден, Шуто Оризари и во Арачиново. Тогаш, за помалку од 24 часа на 6 август 2016 година, наврнаа 92,9 литри на квадратен метар. Дрвја се срушија, голем број на домови останаа без струја, а околу илјада лица беа евакуирани во текот на ноќта.
Додека пак, Скопје го зафати бурно невреме, со силен дожд и ветер во јуни, 2018 година и тоа предизвика поплавување на голем дел од булеварите, скршени и паднати дрвја и непроодни улици.
Во 2020, повторно по тридневно обилно врнење, голем дел од жителите на Скопје се пожалиле на поплавени подруми, дворови, но и непроодни патишта.
Извор: shutterstock.com
За жал, обилните врнежи во октомври годинава се само последица од влошувањето на состојбата со климатските промени. Истата слика со непроодни улици и поплавени дворови и подруми е присутна насекаде низ Скопје. Поплавите не само што предизвикуваат отежнато движење низ градот, како и сообраќаен метеж, во Скопје често се случува и појава на краткотраен земјотрес по обилно врнење, со различен интензитет.
Канализациската мрежа на Скопје не е доволно развиена да се справи со поројни дождови
Проблемот со влијанието на поплавите, во најголем дел од случаите, се наоѓа во недоволно развиената атмосферска канализациска мрежа, односно немањето простор за маневрирање и пренасочување на надојдената вода кон реката Вардар. Дополнителен проблем е што атмосферската канализациска мрежа нема начин да филтрира природен отпад насобран од пороен дожд и ветер, но и вештачки отпад, па затоа протокот на вода на различни локации низ Скопје е оневозможен. Наместо филтрирање, шахтите низ Скопје се преполнуваат со вода и нема постојан, непречен проток, туку водата излева и се враќа назад на улиците.
Неразвиеноста на канализациската мрежа со себе повлекува проблеми поврзани со прекин на електричната струја во различни населби, но и прекин на телекомуникациската мрежа. Иако се случува редовно санирање на проблемот и штетата веднаш по пријавување на истата од страна на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, сепак тоа е само краткотрајно решение за долгорочен проблем.
Бидејќи поројните дождови се неодминлив, горлив проблем во Скопје, и штетата од климатските промени не се враќа назад лесно, луѓето треба да се адаптираат себеси и градот кон новонастаната нормала и да го извлечат најдоброто.
Кое е можното решение?
Постојат примери на корисни решенија за справување со поројни дождови и поплави низ мноштво места во светот. Еден пример е решението за создавање одржлив систем за одводнување што се применува во Лондон, Обединетото Кралство, каде преку комбинирање на дождовни градини, вдлабнатини во земјата, базени за задржување вода и дрвја поставени во јавна градина се спречува излевање на вода на улиците. Во Бангалор, Индија, пак, е создаден парк во кој се употребува вдлабнување во земјата, цевки за филтрирање на дождовницата и подземни резервоари за складирање и пренесување на вода за да се спречи проблемот со затнување на канализациската мрежа. А во Калдес де Монбуј, Шпанија, преку едно главно езеро, различни мали канали и водни растенија луѓето го поправиле проблемот со загадување на системот за иригација.
Идеја која може да се примени во Скопје е општинските управи во координација со градската управа да конструираат неколку самоодржливи паркови низ различни, пространи локации во Скопје. Во изработка на паркот би учествувале архитекти фокусирани на самоодрживи градби но и метеоролози, хидролози, геолози, како и фокус групи на граѓани за да се одржи рамнотежа во мислењата. Парковите би биле направени под одреден агол, за да може водата од врнежите да се слева на едно место. На тоа место, би имало монтирани велосипеди кои може секој да ги користи и преку кои може да се генерира доволно енергија за да се транспортира водата до околните зелени површини.
На повисокиот дел од паркот, би имало зелен покрив, сличен на тој во Градскиот Трговски Центар, каде би можеле граѓаните да уживаат кога временските прилики ќе го дозволуваат тоа. Под повисокиот дел, би имало резервоар, кој би бил поврзан со разгранета мрежа на мали цевки споени со големата, атмосферска канализациска мрежа за да може водата од улиците и булеварите да се слева директно во резервоарот а потоа да се пренесува до Вардар. На влезните цевки од резервоарот би имало филтри кои би ја прочистувале водата од секаков отпад.
Овој начин на циклично решавање на проблемот со дождовите низ неколку етапи ќе овозможи континурано мали количества на акумулирана вода низ градот и би помогнало за повторно природно полнење на реката Вардар.
А што треба да направи државата?
Македонија треба конечно да го ревидира третиот национален план за адаптација на климатските промени, објавен во декември, 2013 година, и да го објави четвртиот што е во најава – се очекува да биде завршен во крајот на годинава. Суштината на планот е механизам за управување со ризик, со фокус на стратешките области - воздух, вода, отпад и јавно здравје, со цел државата да биде подобро подготвена за вакви катастрофи.
Во третиот план е забележан тренд во опаѓањето на количеството на врнежи, но тие податоци дефитивно ќе се сменат во новиот план. Истовремено, споменато е дека се користел национален тим и математички модели и софтвер за оценување на понудата и барањата на водните ресурси, како и дека е направен воден биланс за речниот слив на Струмица. Конкретни решенија и нивните резултати за водните ресурси не се дадени, туку се опишани потенцијални мерки за адаптација заедно со графи за засегнати страни, временска рамка, финансирање и ограничувања. Четвртиот план мора да направи споредба и да прикаже преземени мерки и нивните резултати, затоа што водата е аспект со огромно значење за климатската иднина на Македонија.
Моменталните поплави се само предупредување за влошување на состојбата со климата низ текот на годините. Многу фактори придонесуваат за ваквата состојба, и за жал, доколку не се реагира навреме и не се направи процес на долгорочно санирање на последиците, Скопје ќе се преплави и ќе исчезнат цели домови, ќе снема електрична струја, а телекомуникациската мрежа ќе биде уништена.
Националниот план треба да им помогне на земјите во имплементацијата на долгорочни стратегии за приспособување на подрачјата кон континуираното еволуирање на климата. Климатските промени треба да се користат за интеграција на мноштво искуства од земјата и странство, а процесот треба да се базира на тековните случувања во секој регион од Македонија. Токму затоа на Македонија ѝ е потребен четвртиот, ревидиран национален план, и тоа што побргу.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.