fbpx

Донаторите се најдарежливи откако ќе се објави победникот на избори

Интервју

05.10.23

Прегледи

Државниот завод за ревизија (ДЗР) според закон мора да ги контролира политичките партии како се финансираат и за време на изборните кампањи, односно, да следи колкави им се приходите и расходите за рекламирање овој период. Оваа обврска произлегува од фактот што партиите за рекламирање во предизборието користат и буџетски, народни пари. Како поминува времето, партиите се научија да работат без пропусти и ревизорите тешко им наоѓаат неправилности. Но, постојат сиви зони поради законски недоречености, каде што ревизорите тешко ги следат буџетските пари. Во интервју за Рес публика, Татјана Димитровска, помошник на главниот државен ревизор и Раководител на сектор за ревизија со овластувања, открива неколку појави кои оставаат простор за сомнеж дека буџетските пари не секогаш најдобро се искористуваат за нивната намена, а тоа е за рекламирање на партиите.

Државниот завод за ревизија врши контроли на финансиското работење на партиите во изборните кампањи. Партиите за оваа намена се финансираат од буџетот и од таму е оваа ваша обврска. Какви се вашите наоди во однос на финансирањето на партиите пред изборите? Дали работат законски?

Државниот завод за ревизија повеќе од петнаесет години спроведува ревизија на политичките партии на сметките за редовно работење и на учесниците во изборната кампања. Доколку се следи динамиката на констатирани состојби и кај едниот и кај другиот вид ревизија, забележуваме дека во почетоците на спроведување на ревизијата бројот на утврдените неправилности беше огромен. Улогата на ДЗР е да овозможи корективно постапување. Се спроведе ревизија на изборната кампања на локалните избори 2021 година во која беа вклучени 141 учесник во изборната кампања и сите тие учесници беа предмет на ревизија. Тоа беше голем предизвик, имајќи предвид дека во најголем дел, околу 80% од средствата беа обезбедени од буџетот на државата. Во однос на состојбите, секако, имаме утврдено голем број неусогласености и недоречености во законите кои оставаат слобода на делување на учесниците во изборната кампања. Поради тоа, со секој конечен ревизорски извештај образложуваме, односно упатуваме потреба од надминување од овие системски слабости за да ја обезбедиме таа „сива зона“, односно да оневозможиме противзаконско делување на учесниците во изборната кампања.

Фотографија на Татјана Димитровска од Државен завод за ревизија (ДЗР), додека зборува за донаторите на политичките кампањи во рамки на изборите.

Дали е детектирана „сива зона“ во поглед на финансирање на изборната кампања? И откако укажувате на тоа, што одговараат законодавците? Дали ќе ја исправат?

Оваа слабост на Изборниот законик е утврдена во нашите ревизорски извештаи. И во овие локални избори имаше ситуација односно состојба, учесникот во изборната кампања да преземе повеќе обврски, односно во финансискиот извештај да прикаже непокриени расходи односно неподмирени обврски кон добавувачи. Знаеме дека сите овие субјекти - учесници во изборната кампања имаат привремен карактер: се отвораат, се регистрираат во Централен регистар и по завршувањето на изборната кампања истите се бришат. Не постојат веќе како правен субјект врз основа на кој од другиот економски оператор добавувач ќе можат да преземат мерки за покривање на тие непокриени обврски.

Од Министерство за правда е формирана работна група за донесување нов Изборен законик или измени и дополнување на постоечкиот, во којшто ДЗР предлага во овој дел да се почитуваат одредбите од Изборниот законик, каде што децидно стои дека секој учесник во изборната кампања де факто има утрден буџет колку може да потроши, а тоа се 110 денари по запишан гласач и исклучиво можат да ги покријат трошоците од трансакциската сметка на тој учесник. Во тој случај и во Кривичниот законик се предвидени одредби кога има непокривање на вакви обврски да се поднесе прекршочна пријава. Што значи, ниту едем учесник во изборната кампања не смее да преземе повеќе обврски од она што му е дозволено. Меѓутоа имавме таков случај, како што кажав, и тие обврски не се префрлија на сметката за редовно работење на политичката партија. Што значи, дали биле покриени или на кој друг начин, од ДЗР немаме надлежност да утврдиме.

Меѓутоа не е само проблемот и со непокриените обврски. Имаме и случаи што законот не ги уредува - што со вишокот на средства, како истите ќе бидат распределени? Бидејќи законот уредува само доколку група избирачи има на сметката салдо, значи му останува вишок средства да ги донира истите во добротворни цели. Во овие избори имавме специфична ситуација, бидејќи учесници беа политички партии, голем број на коалиции, и голема група на избирачи. Останува нерегулирано прашањето, што доколку се случи да има вишок на средства на сметката? Кај политичката партија е лесно, може истите да си ги врати на сметката за редовно работење. Доколку имаме учесник во изборна кампања, коалиции коишто склучуваат договор за заедничко настапување, на кој принцип ќе ги распределат вишокот на пари?

Што се однесува до рокот за уплата на донации и оваа состојба е истакната во извештајот и тоа пред многу меѓународни институции кои ги следат изборните процеси. Како препорака од страна на ДЗР е рокот на донации да биде до денот на завршување на изборната кампања, наспроти она како што е уредено во законот, дека средства може да се уплатуваат по конечните резултати. За да го избегнеме тој момент на најголем прилив на средства по основа на донации откако ќе бидат објавени конечните резултати. односно откако ќе се знае кој е победник на тие избори, препорачуваме прибирањето донации да биде до завршување на изборната кампања.

Профилна фотографија на Татјана Димитровска од Државен завод за ревизија (ДЗР), во позадина се гледаат знамиња.

Зошто за ДЗР е спорно да има уплата на донации по завршување на изборите? Што е стравувањето кај вас, како ревизори?

Низ текот на ревизиите се забележува дека критичен е датумот од кога ќе се објават победниците. Тогаш динамиката на уплата на средства по донации особено кај оние што ги добиле изборите е со значително брзо темпо. Имаме значително поголем износ на уплата на средства по донации, за разлика од оној период додека трае изборната кампања.

Дали на овој начин сакаат да ги поткупат тие што победуваат за да им носат политички одлуки во нивна корист, односно едноставно си купуваат некакво влијание кај политичките партии со така зголемено донирање по објавување на резултатите?

Вакво прашање треба да упатите на друга институција која има надлежност да врши контрола во тој дел. За да го спречиме тој ризик од корупција, од такви несекани последици, да превенираме наместо после да делуваме, препорачуваме да се избегне, односно да се уреди и да се забрани уплата на средства на донации по завршувањето на изборната кампања.

Нема орган што го следи рекамирањето на електронските медиуми или портали

Што утврдивте околу „сивата зона“ со финансирањето на интернет порталите? Дали може интернет порталите да се користат за да се добиваат поголеми пари од колачот за финансирање на политичките партии, бидејќи тие се финансираат преку ДИК од државни, народни пари?

Свесни сме дека живееме во време во кое рекламирање на електронски медиум или портал станува доминантна форма, точно рекламирањето на интернет порталите се финансира од средства од буџетот на државата, значи од средства од граѓаните. Согласно Изборниот законик, заклучно со овие локални избори, отсуствува орган кој е надлежен за следење на ваквото рекламирање. Во 2018 година, со донесување на измените на Изборниот законик, орган надлежен за следење на електронските медиуми беше Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги (ААВМУ). Понатаму надлежноста премина во Државната изборна комисија (ДИК). Исто така, со последните измени на ИЗ се избриша надлежноста на ДИК да следи рекламирање на медиуми. Што значи дека останува празен простор, односно не постои орган што ќе може да го следи рекамирањето на електронските медиуми или интернет портали. Од буџетот, од вкупните средства кои што се обезбедуваат за платено политичко рекламирање, 25% се дозволени за рекламирање на електронски портали и дневни печати, меѓутоа веќе изумира рекламирањето по дневните печати или весниците што подразбира дека сите пари се насочуваат кон електронските портали.

Како ДЗР сметаме дека ова прашање е многу важно и потребно е да се уреди, бидејќи се соочуваме со проблем, а тој проблем произлегува од нерегулирање на ова прашање: еден орган или едно правно лице да формира повеќе електронски портали. А Законот вели: За еден електронски портал дозволени се 15 илјади евра, што значи дека тој учесник во изборна кампања, во рамките на тие пари што ги обезбедува од буџетот, може 25% од некои 5 милиони евра да ги даде на еден правен субјект кој ќе отвори повеќе електронски портали.

Фотографија на Татјана Димитровска од Државен завод за ревизија (ДЗР)

За да биде јасно за јавноста. На пример, електронски портал „Горан Теменугов“, за потребата на изборите отвора уште 15 портали и за секој од тие портали јас би можел да добијам по 15 илјади евра?

Да, меѓутоа да не се надминат тие 25% кои се законски лимит утврден со Изборниот законик. Значи, не вели еден правен субјект има право да отвори еден портал. Ако стои така, тогаш нема да може да ги користи 25%, туку ќе може да користи само 15 илјади евра. 25% од вкупните пари обезбедени од буџетот се далеку повеќе од овие 15 илјади евра.

Исто така, тешко е ние како ДЗР, особено во последните локални избори каде што имаше голем број на коалиции, да следиме времетраење на рекламирање на тие електронски портали. Законот вели принт скрин од фиксни банери, меѓутоа што се случува кога правните субјекти имаат голем број на коалиции или импреси? Законот предвидува сет на документи којшто е должен и електронскиот портал да ги достави до ДИК, за ДИК да констатира дека уредно се доставени документите. Меѓутоа внатрешната распределба на рекламирањето во рамките на политичките партии односно коалициите, бидејќи имавме избори каде што имавме девет коалиции, 12 коалиции, многу е тешко да се следи. Сето тоа, повторно ќе кажам, е проблем што во Изборниот законик не е уреден, нема дефиниран орган кој што ќе го следи ова рекламирање.

Понатаму, треба дефинирање на построги критериуми кој портал може да се јави во следните избори - дали тој портал е некаде регистриран во некој регистар, дали има долгогодишно искуство за работа? Да не бидат само формирани, да речам, наменски портали само за потребите на овие локални избори. И оваа прашање е многу значајно бидејќи станува доминантна форма на рекламирање.

Мора да има гаранција за неповрзаност на партии со телевизии

Дали кај телевиизите сте утврдиле дека има поврзаност помеѓу сопствениците на телевизии и донирање за одредени политички партии? Има ли такви слуачи каде што биле донатори сопственици на телевизии или поврзани лица со тие сопственици што според закон не би смеело тоа да се прави?

И оваа прашање е уредено во Изборниот законик каде што се вели дека радиодифузери, печатени медиуми и електронски портали и нивни лица поврзани не смеат на каков било начин да финансираат или да даваат донации на политичките партии. Кои се поврзани лица ги дефинира Законот за аудио визуелни медиумски услуги, меѓутоа така дефинираниот опфат го отежнува нивното препознавање, дали истите се јавуваат како донатори, односно како поврзани лица. Исто така, во оваа насока како ДЗР, сметаме дека е потребно да се уреди начинот, дали ќе биде тоа изјава заверена на нотар, или ќе биде друг правен инструмент на кој што донаторите (секој донатор) ќе потврди дека не е поврзано лице со телевизија, медиум или печатен весник како финансиер на политичката партија. Ние постојано укажуваме на ова, бидејќи постои ризик некои од тие радиодифузери, печатени медиуми или интернет портали да се поврзани лица со самите политички партии или другите учесници во изборната кампања.

Фотографија на Татјана Димитровска од Државен завод за ревизија (ДЗР), стои пред банерот на институцијата.
Зошто е тешко да следите дали се поврзани? Рековте дека е регулирано со закон, па кои се проблемите за да ја следите поврзаноста?

Затоа што голем број на медиуми се јавуваат како учесници во изборна кампања, голем број на телевизии. Да разграничиме - националните телевизии односно оние од државата воопшто не се користат, односно во многу мал процент се користат како начин на рекламирање односно претставување на учесниците во изборната кампања. Како ревизори секогаш работиме врз основа на доказ, друго е кога ќе добиеме доказ со кој самиот тој донатор тврди дека не е, а во овој момент ние не можеме да ги знаеме сите тие правни лица и за секој поединечно можеме, врз основа на некои сознанија на медиуми, да влеземе малку подлабоко или да обезбедиме податоци од други институции. До сега не сме имале таков случај.

Што треба да се смени за да се избегнат недореченостите? Што треба да се смени да нема „сива зона“?

Во Изборниот законик да се забрани односно децидно да биде наведено дека рокот на уплата на донации од правни и физички лица да биде до денот на завршување на изборната кампања.

Во делот на висината на донациите да бидат утврдени максимални износи кои што ќе можат да се користат за финансирање на изборната кампања поединечно, од сметката за редовно работење и од сметката за изборна кампања.

Да биде уредено да нема непокриени обврски, односно секој учесник во изборната кампања согласно член. 71 од Изборниот законик исклучиво трошоците за изборна кампања ќе ги покрива од трансакциската сметка за изборна кампања и буџетот на трошење односно финансискиот план кој што ќе го има еден учесник да биде 110 денари по запишан избирач.

Да се уреди прашањето, што доколку се појави вишок на средства на трансакциската сметка која што де факто по завршувањето на изборите се затвора, односно правниот субјект не постои.

Во однос на сите овие радиодифузери, печатени или електронски медиуми, да се уреди начинот како ќе потврдат дека не се поврзани субјекти со политичките партии односно учесниците во изборните кампањи - дали тоа ќе биде со изјава заверена на нотар, дали ќе биде друг правен механизам. За електронските медиуми во отсуство на орган кој ќе ги следи, неопходно е да се определи орган којшто ќе го следи рекламирањето на електронските медиуми, како и да се создадат построги критериуми кој електронски медиум може да биде вклучен во прометот во услови на изборна кампања.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Горан Теменугов
Фото и видео: Наке Батев
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ