fbpx

Лина Ќостарова – Унковска: Децата мора да бидат еднакви во дијалогот со возрасните

Интервју

09.11.23

Прегледи

Мнозинството млади денес во Македонија живеат во традиционални родови окови, девојчињата со дозволата да страдаат, но и да бидат осамени и изолирани во тоа, додека момчињата со очекувањата да ја докажат својата мажественост, грубост и бесчувствителност, и по цена да бидат насилни и изложени на бројни ризици, вели клиничкиот психолог Лина Ќостарова – Унковска, која е главен истражувач на меѓународната лонгитудинална HBSC (Health Behavior in School Aged Children Study) студија за Северна Македонија.

Според оваа студија спроведена во 2022 година, алармантен е трендот на опаѓање на менталното здравје кај адолесцентните девојчиња, особено кај 15-годишните, а сиромаштијата и традиционалната култура ги држи децата на најдолното скалило на хиерархијата на моќ и остварување на своите права.

Новите истражувања на ХБЦС студијата - поврзани со здравјето на децата на училишна возраст (11-15 години) во Република Северна Македонија, (студијата се спроведува на секои четири години) го следат порастот на нарушено ментално здравје кај адолесцентите во земјава. Според истражувањето, по што е поинаква денешната слика на нашата младина, во однос на истражувањата 2018 и 2014?

Овие наоди со „најдобрата состојба“ во 2018 година, условно кажано, укажуваат на висока чувствителност на децата на условите во кои живеат, вклучувајќи ги тука и општествените случувања и ненадејните промени во нивното опкружување, независно дали се работи за економска, политичка или здравствена криза и несигурност на заедницата. Слични се постковид трендовите и во одговорите на децата од другите земји, кои покажуваат дека најмногу страдат ранливите, како девојчињата, на пример. Тие ја одсликуваат целата траума низ која помина светот, со висока неизвесност кога и како ќе заврши опасноста.

Пандемијата донесе многу промени и нарушувања во условите, во навиките и динамиката на живеењето, што значеше целосно преструктурирање и нова организација на животот - во работата, односите со другите, во семејството. Тоа го разниша чувството на безбедност, кое меѓу другото се потпира на усталени навики и практики.

Децата не живеат во вакум. За нив и за нивната добросостојба е најважно што се случува во опкружувањето, колку е тоа стабилно, колку е безбедно и колку добро се справува со промените, а потоа и колку е чувствително за доживувањата на детето. А во нашата култура, децата, а особено во кризни ситуации, се секогаш оставени по страна, на најдолното скалило на одлучување и моќ, со високи очекувања да бидат добри, послушни, и да ги разберат возрасните и ситуацијата. И тие се сé повознемирени.

За време на ковид, возрасните, не само што заборавија на децата и на младите, туку во нив открија и закана по здравјето на повозрасните. И тоа им го натоварија на грбот на децата, вината, ограничувајќи го просторот на остварување на нивните развојни потреби, за кои немаат друго, резервно време... Нивното учество, образование и дружење го сведоа на недозволив минимум.

Во вака комплексни услови, што сé зависи од училиштето, а што од родителите кои се во егзистенцијална трка? Дали тие го запоставија менталното здравје на децата и тоа претставува потреба која не е задоволена на ниво на семејство?

Да почнам од родителите, кои секако прво гледаат да ги прехранат децата и да обезбедат минимални услови за нивно учење и развој. Сиромашното македонско семејство е несредено и под континуиран стрес, тоа не може да го оствари ни потребниот минимум. Но, и како такво, тоа е најважната потпорна точка на детето. Тоа не престанало да живее во и со кризата, кое без меѓупростор за закрепнување од претходната, го чека нова. Ваквиот тек на нештата го исцрпува семејството, го прави анемично, апатично и едвај живо, толку колку да се оддржи, на куси патеки, без визии и надеж. Последиците од пандемијата, се истрошени емоционални ресурси на родителите да ги разберат и да се носат со развојните предизвици на детето.

Фотографија од конференција

Пандемијата беше меѓу најтешките трауматските искуства, со статистики на губење животи, во голема бројка и во многу тесен круг на блиски и пријатели. Двоцифрена е бројката на децата што во оваа ХБЦС студија известуваат за починат близок или член на семејството, како последица на ковид- 19. Децата и во тоа беа оставени сами. Да не заборавиме дека децата за чии одговори дискутираме се во периодот на раната адолесценција, комплексен развоен период, со голем број предизвици, кои бараат разрешница и не можат да чекаат подобри времиња, туку треба да се решаваат континуирано, информирано, и во од.

На децата од Македонија силно им недостига потпорна точка на која можат да сметаат во секое време. За жал тоа се помалку го имаат во семејството, а уште поретко во наставниците и училиштето.

Наодите покажуваат дека поддршката од семејството, родителите и од наставниците, а тоа се клучните возрасни лица, опаѓа со возраста на детето. Повисока е кога децата се на единаесет години, отколку на петнаесет. Ова се однесува особено за девојчињата, но падот се јавува и кај момчињата.

Она на што треба најмногу да внимаваат родителите денес, е да не го загубат контактот со детето, таа тенка нишка на значајна комуникација да ја сочуваат од кинење. Што и да гледаат кај детето, и колку и да се загрижени, или уплашени да продолжат да бидат тука за него/неа, без судења, казни, манипуации и застрашувања. Зашто секое, буквално секое дете, сака да биде добро дете за своите родители, сака родителите да се гордат со него/неа.

Детето бара да биде слушнато, сериозно третирано, и да биде разбрано. Бара еднаквост во дијалогот со возарасниот. За жал таков третман децата речиси да немаат никаде во нашата заедница, особено не во училиштата, а поголемиот дел ни дома. И повторно, се добри деца, не се откажуваат од тоа.

Кога детето премолчува, се повлекува, кога се чувствува неразбрано, или останува невидливо, или кога е навредувано и казнувано, за сите своите искуства, тој/таа на крајот ја плаќаат сметката, и најчесто и тоа останува незабележано...

Училиштето може да исправи многу работи од сликата на немоќното и преплавено семејство. Тоа може да понуди поинаква атмосфера во училишната средина, да пружи внимание и респект, грижа и подобри услови за учество на секое дете во процесите на одлучување. Училиштето може да ја подигне детската самодоверба, и чуството дека детето може, може да направи нешто, може да помогне, и да успее. Но, за тоа треба сериозни образовни реформи кои ќе го стават здравјето и менталното здравје на децата, меѓу највисоките приоритети на заедницата, заедно со нивното социјално и физичко здравје.

Потребите се децата се исти, но околностите се променија

Развојните потреби на младите се исти со генерации наназад (да припаѓаат, да бидат вклучени, да бидат заштитени). Но, зошто сега, во последниве десетина години, имаме ваква состојба?

Да, исти се развојните потреби, но се менуваат околностите во кои живеат децата, а тие се променливи, и предизвиците веќе не се исти, како некогаш. Живееме во брзоменлив свет, со многу неизвесности, нема ниту една точка на стабилност, за извесно планирање и визии.

Децата учат по модели, а кога возрасните (како модели) не се справуваат најдобро со своите животни предизвици, тоа влијае и врз децата да не се чувствуваат најбезбедно во нивно присуство. Од друга страна тоа остава големи празнини за импровизации, и за добро организирани влијанија, како антиродовите движења на пример, кои во свои раце ја преземаат судбината на детето, божем во негова заштита, и враќање на „изгубените“ традиционални вредности.

Инсистирајќи на традиционалните родови улоги и очекувања, во тоа што значи да се биде момче и девојче во Македонија, тие ги потенцираат предизвиците на кои децата не само што не можат да одговорат, туку се во основата на нивните чувства на неадекватост, на ниска самодоверба, и на меѓуродова дискриминација и насилства. Таквите, за жал, мнозински уверувања и однесувања на традиционалната култура стануваат норматив, со исклучително штетни исходи по развојот и безбедноста на младите. Во Македонија секое второ момче и секое шесто девојче на 15 години, застапува ставови во поддршка на традиционалните родови норми.

За подобро справување со нееднаквоста, на младите им требаат точни информации, отворени разговори на сите „табу“ теми што ги засегаат, им требаат вештини на справување и искуства на учество. Во недостиг од таквиот пристап, тие продолжуваат да се снаоѓаат како знаат и умеат, но најчесто по висока цена.

Со други зборови, најголемиот ризик по децата не доаѓа од тоа што прават, или што им се случува, туку колку се подготвени и како одговараат на доживеаните искуства. И колку добро умеат да проценат, кому можат да му веруваат, како да постават граници, и каде е безбедно да се обратат за помош, со најмал ризик да бидат повредени или отфрлени.

Фотографија од дискусија на конференција

Дали постои комуникација помеѓу возрасните и децата, дали се разбираме со нив, дали сме во посебни светови? Дали знаеме што им се случува за да можеме да помогнеме? 

Несигурноста, стравот и неумешноста на возрасниот да ги искомуницира најважните теми што ги засегаат децата, како што се сексуалноста, менталното и емоционалното здравје, или ризичните однесувања, е очигледна и алармантна. Но, не е толку очигледно, дека позицијата и односот кон детето во заедницата, се главната точка на промени, и тука мислам на радикални промени, што треба да се направат. Детето да стане еднаквата страна во дијалогот со возрасниот. И тоа не е изедначување по знаењата или искуствата, туку во правото да се биде еднакво слушнат, во правото да се зборува, и тогаш кога детето размислува или се изразува недоволно јасно, или има неприфатливи идеи, за возрасниот.

Важно е да разбереме и дека одговорноста за таа промена паѓа исклучиво на возрасниот, а не и на детето. Правото на детето да се изрази, да учествува, да биде еднакво меѓу различните, да биде безбедно и да и припаѓа на зедницата му е дадено со раѓањето, не треба да го „заслужува“.

Промената е голема, може да се чини неостварлива, но друг пат нема. Мора да се биде доследен во заложбите, се додека вредноста не стане константа, и се додека не почне да се препознава во односот на уважување на детето, на неговата посебност и права, во секоја ситуација и повод.

На пример, да се обезбеди континуитет во потрагата по безбедна и стимулативна средина (во училиштето и заедницата), во можностите за вклученост и припадност, во остварување на приврзаноста, да се признае детската потреба за експериментирање со ризиците, потребата за себеизразување, да се овозможи движење и акција според интересите на детето... Сите тие и многу други, се развојни потреби. На нив се надоврзуваат детските права – за учество, за еднаквост и недискриминација, на учење и развој, сите обединети во најдобриот интерес на детето.

Но, не е едноставен тој пат, сè додека е детето на најдолното скалило на моќ и слободи во заедницата која упорно останува со уверувањето дека детето не е способно да мисли, дека треба да порасне за да испорача тоа што се очекува од него/неа, па затоа е тука возрасниот да го/ја подучува, чува и советува, и да мисли и смисли што е за него/неа најдобро.

Етикетирањето на младите не ги ослободува возрасните од одговорност

Зборувате за (не)препознаени детски права и развојни потреби. Но, дали на децата и адолесцентите им е достапна психолошка помош? Колку од нив имаат третман?

Многу мал број млади денес можат да добијат стручна психолошка помош и поддршка. А не е ни потребно секое дете за своите тешкотии да се обрати на психолог или психијатар. Првата психолошка помош и поддршка доаѓа од најблиските, и од средините во кои децата учат и растат. Но, тие средини треба да ги имаат предвид развојните потреби на детето, кои не смееме да ги поистоветуваме со „детските желби“ да се купи или добие нешто, и да ги игнорираме или да чекаме децата „да ги заслужат“.

Детските права, градени врз детските развојни потреби, се рамката за проценка на менталната добросостојба на секое дете, преку која многу лесно може да се оцени што му е потребно на детето во одреден период од неговиот развој, и што е тоа што му недостига за тоа да продолжи посигурно и поуспешно понатаму.

Прашањата од типот:  дали детето XY седи сам/а во клупа, дали во текот на еден училиштен ден разменил/а што било, со друго дете, со возрасен, со наставник, или не разменил/а ниту поглед? Каде седи и со кого во училницата? Дали и колку се чувствува безбедно, прифатено од другите или е исклучено? Дали покажува нагли промени во однесувањето, во расположението, во интересите, или во успехот? Не е тешко да се постават овие прашања за секое поединечно дете, во домот и во училиштето.

Најголемиот дел од проблемите на младите можат и треба да се решаваат во нивните животни средини, домот, училиштето, а потоа и во пошироката заедница.

Сите тие треба да соработуваат на најдобар интерес на детето и да бараат помош, пред сé за себе, доколку се соочуваат со проблеми во комуникација со децата. Дали тие (проблеми) можеби произлегуваат од нивното непрепознавање на детските потреби и предизвици, наместо да се фокусираат исклучиво на дисциплинирање и корекција на детето.

Фотографија од авторот на текстот, во позадина мозаик.

Етикетите кои денес лесно ги препишуваме може да се подвлечат под два спротивни наратива  „разгалена и невоспитана генерација“ и „интелигентна, (дез)информирана и апатична генерација“. Какви се денес младите?

Оваа реторика и ословување на младите денес, после сé на што се изложени и препуштени самите да изнајдат решенија за себе, е празна, површна и мислам дека веќе никому не служи за ништо, најмалку за ослободување од одговорноста.

Сé што би кажала во насока на опишување на младите /без етикетирање/, и за што јасно известуваат наодите од студијата е, дека мнозинството млади денес во Македонија живеат во традиционални родови окови, девојчињата со дозволата да страдаат, но и да бидат осамени и изолирани во тоа, додека момчињата со очекувањата да ја докажат својата мажественост, грубост и бесчувствителност, и по цената да бидат насилни и изложени на бројни ризици.

И кај двата рода, остануваат непрепознаени и неискористени потенцијалите, моќта и талентот на децата да учествуваат автентично во сопствениот развој и да дејствуваат успешно во развојот на заедницата.

А, каде се тука врсниците и врсничка поддршка во оваа слика?

Врсничката група за децата е местото на припадност, поврзување, просторот каде што слободно можат да се изразат, да бидат забележани и да добијат признание за тоа кои се и што можат и умеат. Тоа е најавтентичниот простор за размена и стекнување социјални вештини. Оттука и Ковид пандемијата предизвика сериозно нарушување на социјалната динамика на врсничките релации.

За да остане и опстане во групата врсници, детето е често спремно на големи „подвизи“ на изразување и докажување, што често се граничи со некритично изложување на ризици, само за да остане поврзан/а и уважен/а. Врсниците се  најчестите модели за копирање и за споредби не само меѓу децата, туку и од страна на возрасните. „Како тој има или може, а ти не...?“,  „Угледај се на него/неа“, или „Немој да бидеш како него/неа“, се чести коментари на возрасните, што младите ги следат.

Многу е поголем бројот на момчиња отколку девојчиња кои се поврзуваат во поголеми групи на припаѓање. За разлика од нив девојчињата почесто избираат да бидат во групи од по две-три другарки, со кои имаат сосема друга динамика на односи. Поддршката од врсниците, покажуваат наодите од студијата, останува константа долж целиот период на адолесценција. За разлика од нес, поддршката од возрасните опаѓа со возраста на детето, што укажува на продалбочување на генерацискиот јаз меѓу децата и возрасните, и на поголемата потреба за автономија на детето, како пречка во нивното меѓусебно разбирање и поддршка.

Родителите често се обидуваат да го ограничат влијанието на групата врз нивните деца, чувствувајќи дека ја губат контролата, врз нив. Сепак, во моменти на криза, детето за помош му се обраќа пред се на родителот, многу почесто на мајката, отколку на таткото, покажуваат наодите од студијата. Додека, врсничката група, останува во втор план.

Фотографија од панелисти на конференција

Како одговараме на растечкиот проблем на опаѓање на менталното здравје кај децата и младите? Дали препознавате системска волја?

Со ковид пандемијата, особено во постковид периодот кој сè уште го жиееме, менталното здравје се повеќе се препознава како важен аспект на здравјето и на квалитетот на животот, секаде во светот, па и кај нас. Сè почесто во фокусот е и  менталното здравје на децата и младите, поткрепено со силна евиденција за далекусежните последици од ефектите на детското справување со предизвиците во периодот на адолесценција, по нивната добросостојба во возрасното доба.

Свеста за потребата од активна грижа за менталното здравје на младите, и кај нас се буди, ако можам така да кажам. Но, како и во сé друго, потребни се механизми и долгорочни стратегии за нејзино континуирано и одржливо негување. Не е за една употреба. Менталното здравје не е сензационалитичка тема, по некој повод, и не е тема исклучиво за професионалци (психолози, психијатри, педагози, специјални едукатори...) или за родители од кои се очекува да се грижат за добросостојбата на своите деца.

Грижата за здравјето и за менталното здравје на младите, мора да биде надлежност и одговорност на сите актери во заедницата, во сите полиња каде што младите престојуваат, учат и растат. Почнувајќи од условите на живеење (родителството, домувањето, исхраната, безбедноста), местото и третманот на децата во заедницата, атмосферата за учење и развој, детската вклученост и учество, нивната социјална поврзаност и припадност, грижата на родителите, на наставиците. За сите овие прашања, Студијата дава евиденција, за слепите точки, за расчекорот помеѓу потребите и одговорите, како и за можностите да се делува, работите да се подобрат.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ана Арсеновска Зафирова

Фото: Приватна архива, страницата на Претседателот на РСМ