fbpx

Малинка Ристевска Јорданова: Време е да се крене „рачна“

Интервју

12.09.23

Прегледи

Со Малинка Ристевска Јорданова – една од ретките вистински експерти на полето на евроинтеграциите разговаравме за најновите случувања поврзани со пораките од Блед, Париз и Брисел како и нивното ставање во домашен контекст кога Македонија треба да избира меѓу националното достоинство и патот кон ЕУ. Во интервјуто таа разјаснува многу прашања и предупредува дека дебатата за проширувањето во нашиот јавен простор во моментов е целосно „затруена“. Истакнува дека она што во моментов најконкретно се дискутира за Западен Балкан е моделот на „фазната интеграција“, но вели и дека принудно решение врз база на францускиот предлог не е одржливо ни на краток, ни долг рок.

Што се случува со евроинтегративниот процес? Впечаток е дека Франција пак фрли „бомба“?

- Франција не фрли бомба. Нејзиниот став е конзистентен – нема проширување без реформи на ЕУ, односно „институционални промени“. Реформите на ЕУ треба да ја зајакнат стратешката автономија на ЕУ – концепт што Франција го промовираше. Загрижени се дека и сега - со 27 членки има проблеми да се „напредува за суштествени теми“, а камоли со 32 или 35 членки.

Најновиот „превод“ на ставот на Макрон е дека тој мислел на различни брзини во зачленувањето во ЕУ, а нашите власти тоа веднаш го протолкуваа дека Македонија ќе биде шампионот во балканското рели. Колку е тоа остварливо?

- Толкувањето беше класичен спин. Говорот е објавен. Макрон јасно зборува за концепт на ЕУ како „Европа во повеќе брзини“, различни нивоа на интеграција на политики, како дел од идната реформа на ЕУ. А во која „брзина“ ние би влегле и кога, е друго прашање.

Што е 2030 година? Предизборна јадица за гласови, широко отворање на европските порти за Западен Балкан или уште еден сон на измореното Скопје дека ќе станеме европска членка?

2030 година не е реална. На власта ѝ е потребна мамка за да се спроведе тоа што минатата година го ветила без никаква основа. Таканаречениот „моментум“ не постои.

Дебатата за проширувањето во нашиот јавен простор во моментов е целосно „затруена“, и јавноста нема претстава за целокупниот сегашен контекст во ЕУ. Нема широко отворена врата за проширување. Има актуелизирана дебата за проширувањето, има волја да се дадат некои „меѓувремени“ моркови, но не и целиот морков. Со кандидатурите на Украина и Молдавија, а можно и нивен почеток на преговорите, не само што е зголемена конкуренцијата, туку и видот на проблемите. Се актуелизира прашањето на интеграциски капацитет на Унијата. Големината на Украина има потенцијално огромни последици и за Буџетот на Унијата.

Она што во моментов најконкретно се дискутира за Западен Балкан е моделот на „фазната интеграција“, односно што би им се дало на државите од Западен Балкан доколку спроведуваат реформи во однапред дефинирани фази. Овој концепт влезе во дискусија во ЕУ преку нон-пејперот на Австрија. Тој предвидува „моркови“ во фази – пристап до пазарот на ЕУ, пристап до фондови на ЕУ, присуство во процесите на одлучување, зависно од успехот на реформите. Тоа е модел кој, меѓу другото, бара време.

Згора на тоа, треба да имаме и предвид дека претстојат избори на ниво на ЕУ.

Разногласието во изјавите на претставници на различни институции на ЕУ, за жал, придонесе за конфузијата. Но тоа истовремено докажува дека нема согласност, дека нема „моментум“.

Вака искривената јавна дебата, во која дополнително се игра со „страв“, со етикетирање на оние кои имаат различно мислење, наместо рационална расправа со аргументи, е плодно тло за штетни крајности.

Бугарски пакет во бриселските механизми

 
Дали бугарското вето е единствената причина што Македонија бавно се движи кон ЕУ? Или поинаку да го формулирам прашањето: Дали бугарските барања се алиби на Брисел за одбивањето да ја прими Македонија во ЕУ?

- Најпрвин, не се веќе барања туку „бугарски пакет“ - вградени механизми во процесот на пристапување за гаранција на исполнување на бугарските услови. А тие механизми се основа за Бугарија да бара вградување на веќе вградените услови во сите натамошни чекори од процесот, а ги има многу со новата Методологија.

Треба да сме реални дека низата на вета од соседите се значајна причина за бавниот напредок на државата кон ЕУ, особено што тоа влијае на мотивацијата за реформи. Но се работи повеќе и за комбинација од фактори во кои многу значајни се и нашата недоволна внатрешна кохезија и неотпорноста кон надворешните притисоци, кои овозможија „поволно тло“ за таквото уценување од соседните држави.

Вие бевте шефица на кабинетот на Шекеринска кога Македонија го доби статусот на кандидат. Помислувавте ли тогаш дека земјата ја делат безмалку две децении до почетокот на преговорите?

- Искрено, бевме поголеми оптимисти, но, без лажна скромност, и работевме многу пообмислено и посериозно. Контекстот беше поинаков – тоа беше времето на Солунската агенда кога пошироко се отвори перпективата за членство во ЕУ (иако и тогаш не бевме задоволни со крајниот резултат). Политичката волја беше клучна, а благодарејќи во голема мера на политичката позиција, умеењето и работата на тогашната вицепремиерка Шекеринска, беше оформен и спроведен македонски пристап кон реформите ориентирани кон ЕУ, кој тогаш беше пример во регионот.

Од сегашна перспектива, веројатно требаше апликација за членство да се поднесе и порано, веднаш по членството во Советот на Европа, и да се поставиме порано на мапата, но тоа е веќе поширока тема.

Македонија назадува

 
На која станица е Македонија на патот на ЕУ споредено со Црна Гора, Србија па и Албанија?

- Ако гледате формално, сега сме зад нив. Црна Гора и Србија се во преговори, Албанија ја има одржано првата меѓувладина конференција, Македонија само политички состанок – првиот дел од првата меѓувладина конференција.

Ако гледате од аспект на реформите, никаде не е сјајно. Но, она што загрижува е што Македонија веќе со години стагнира или реално назадува и тоа особено во областите кои сега се најважни во пристапувањето – Темели. Токму во овие области ние бевме и формално – по оценките од годишните извештаи, но и суштествено, понапред од другите. Тоа, на пример, се покажа при оценувањето за визната либерализација во 2009 година. И во усогласувањето на законодавството бевме далеку понапред. Таа предност не се одржа, а камоли „шампионски“ да се зајакне.

Кој би бил чекорот што ќе ја врати Македонија на евроинтеграциската патека ако дојде до фијаско со уставните промени?

- Најпрвин, не би рекла фијаско со уставните промени. Едноставно, (не) би се усвоило нешто за што Владата немаше ни доволно политичка поддршка, а ни оддалеку граѓанска поддршка. Можното „купување“ на политичка поддршка за уставните измени со амнестија за организираниот криминал преку неодамнешните измени на Кривичниот законик само дополнително ги оддалечува политичките лидери од граѓанството. Ова подло кукавичко јајце подментнато под превезот на „усогласување со ЕУ“ секако суштествено ќе нѐ оддалечи од ЕУ.

Да потсетам дека уставните измени се само дел од тактиката „салама“ за да се проголтаат постепено сите бугарски услови и да се обезбеди внатрешна правна основа за барањата што ќе следат. Но, да не се повторувам, веќе пишував за ова во мојата колумна „Дупло голо“.

Мислам дека клучниот збор е кредибилитет – и внатре и надвор. За да имаме кредибилна понуда за членство во ЕУ, а не само „Сакаме во ЕУ, вие ни должите“ треба да имаме јасна визија како тоа да го направиме, а не да чекаме некој постојано да нѐ турка. За да имаме, пак, јасна визија треба да имате квалитет на дијалогот – најпрвин внатрешен, а потоа и со ЕУ (на сите полиња – од прашањата како бугарското вето до секторски политики). Клучно е да се зголеми внатрешната кохезија, колку и да е тоа тешко, наместо постојаното хранење процепи по сите линии. Овде особено ќе го нагласам ризикот од потенцирање на поделбите по етничка линија.

За жал, сегашниве политички елити покажаа целосна неспособност за таква суштествена промена. Она што се случи е токму спротивното – компромитација на  евроинтегративниот процес и поделби на граѓаните по сите линии.

Лаги и спинови за евроинтеграциите

 
Сметате ли дека владината кампања „Ние сме Европа“ ќе има успех?

- Не. Гревота е да се користат државни пари за оваа намена. Граѓаните веќе јасно кажаа: Сакаме во ЕУ, но не под овие услови. Не верувам дека упорниот спин дека „некој ги блокира евроинтеграциите, а народот сака во ЕУ“, ќе успее, особено не на подолг рок. При тоа, се користат и многу лаги. На пример – со преговорите или членството ќе престане миграцијата. Искуството го покажува спротивното - скоро во сите држави од минатиот бран на проширување миграцијата во ЕУ се зголемува по членството.

Друга фама што се создаде е „Само да почнат преговорите и ќе почнат вистинските реформи, затоа што ЕУ ќе нѐ среди”. Колку пати треба да ни повторат дека ние мора да ја завршиме работата, а тие само можат да ни помогнат. Факт е дека е намалена трансформациската способност на ЕУ и токму затоа ЕУ сега бара начини со давање различни придобивки да ја зголеми во услови кога нема поставен датум за членство. Друг проблем е што трансформациската способност престанува кога државата станува еднаква членка на ЕУ – тоа е проблемот со реверзибилните процеси или таканаречени нелиберални тенденции во ЕУ (примерите на Унгарија и Полска).

Она што реално го имаме во ситуација кога се продаваат бајки за розевата иднина, а во реалноста се жртвуваат државните интереси, е големо разочарување и недоверба на граѓаните – и во власта и во ЕУ. Граѓаните од нивните политички лидери очекуваат храброст за заштита на државните интереси и спротивставување на криминалот, не т.н. храброст за компромитирање на сите вредности.

Колку може да и се верува на политичката десница која се подготвува да дојде на власт дека ќе го држи фокусот на евроинтеграциите?

- Има два големи проблеми со кредибилноста на оваа понуда: Првиот е „избори, па ќе ви кажеме што ќе правиме“ и вториот е недистанцирањето од политики на партијата кога таа беше на власт, особено скандалот со прислушувањето. Дополнително, ако се потврди дилот „амнестија на криминалот за уставни измени“, тоа ќе ја урниса опозициската понуда.

Покрај тоа, постојаната врска со политичките пропоненти на нелибералните тенденции во ЕУ реално ги отежнува релациите со европските политички субјекти.

Нема добра волја

 
Дали е можно повлекување од потпишаниот билатерален Договор со Бугарија па дури и од преговарачката рамка?

- Зборуваме за два сосема различни документи, иако спроведувањето на Договорот е поставено како еден од условите во преговарачката рамка.

Повлекување од билатералниот договор е можно, си стои тоа и во самиот договор, прашање е колку би било тоа рационално. Формално, и измени се можни со согласност на двете страни. И покрај асиметричноста на Договорот, поголем проблем е неговото толкување и спроведување, односно фактот што Бугарија не му приоѓа на Договорот со bona fidae, односно добра волја.

Преговарачката рамка е документ на ЕУ, но во принцип таа ја консултира државата кандидат за неа. Во ЕУ секогаш има решенија кога има политичка волја. На пример, ЕУ најде начин со дополнителен документ на Црна Гора и Србија да ја примени новата Методологија за проширување, дури и без да ги менува преговарачките рамки. Исфорсираното решение врз база на францускиот предлог (кој, да не заборавиме, ги содржи и заклучоците на Советот) не е одржливо ни на краток, а уште помалку на долг рок.

Да потсетам, ЕУ сѐ уште ја нема ни објавено Преговарачката рамка, тоа се очекува по (засега сѐ уште евентуалните) уставни измени.

Што би направиле Вие сега во оваа ситуација?

- Во овој многу критичен период на изгубена доверба од граѓаните во актуелните политички лидери, потребна е промена, не само на наративот, туку на политичкиот пристап.

- Да повторам, клучниот збор е кредибилитет – и внатре и надвор. Сегашново брзање нема никакво оправдување. Потребна ни е стабилност, сигурност, разум. Има време и простор за сѐ, освен за нови грешки.  Единствена итност е да се престане со спиралата на грешки. Ако сакате попластично – време е да се крене „рачна“, за најпрвин да се прекине сегашнава надолна спирала. Да престанат поделбите по сите линии во име на „светлата европската иднина“, да престане разградувањето на институциите. А потоа низ дијалог и внатрешно јакнење, да се постават, и што е најважно – да се спроведат, јасни приоритети, кои реално ќе им служат, пред сѐ, на граѓаните на оваа држава.

Дали меѓународната заедница требаше да застане поцврсто зад Македонија по Преспанскиот договор?

- Апсолутно – да. Но, и ние требаше да се насочиме поинаку – наместо кон брзи отстапки на билатерални барања што немаат врска со acquis на ЕУ – кон притисок врз државите членки, преку квалитетен дијалог и, секако, со кредибилно досие на вистински реформи.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска
Фотографии: Дарко Андоновски