Миленковска: Антиродовите мрежи имаат јасна стратегија, ресурси и меѓународна поддршка

Интервју

28.10.25

Прегледи

Во Македонија, антиродовите наративи во последните години забележливо земаат замав. Она што некогаш изгледаше како реторика на неколку групи, денес е организирана кампања со јасна стратегија, ресурси и меѓународна поддршка. Организираните антиродови мрежи и странските идеолошки центри не дејствуваат само преку Интернет пропаганда, тие свесно создаваат атмосфера на страв и недоверба, притискајќи ги институциите и загрозувајќи ги процесите на демократизација. Граѓанските организации најчесто се првите што ги препознаваат и разобличуваат овие странски наративи, но токму затоа тие се и првите на удар од јавниот линч. Во атмосфера каде манипулацијата со страв се користи како политичка алатка, граѓанското општество останува последната линија помеѓу демократијата и нормализираниот екстремизам. Во интервју за Рес публика, Сара Миленковска, активистка, истражувачка и проектна координаторка во Коалиција Маргини, објаснува како пропагандата од социјалните мрежи се претвора во реално насилство, како институциите понекогаш стануваат соучесници наместо заштитници и како стравот од „онлајн линч“ веќе носи последици врз политиките за образование, родова еднаквост и човекови права.

Какво е влијанието на странското мешање и манипулацијата со информации, конкретно во делот на антиродовите наративи?

Можeби една од клучните работи коja е важно да се спомене, е да се разбере дека нивните напади не се само на ранливите категории, туку и кон демократските принципи на едно општество, бидејќи придонесуваат до тоа да се повикува на насилство, на дополнително маргинализирање на одредени групи и исто така се креира едно нормализирање на тоа дека е во ред некој со тоа што е различен од тебе, да биде третиран поинаку. И за жал, тоа може да видиме, а и многу истражувања го покажуваат, како влијае особено врз младите луѓе, па заедно со предизвиците со кои се соочуваат поради социјалните мрежи, антиродовите движења само придонесуваат до зголемување на јазот на подделеност и меѓу младите, но и меѓугенерациски.

Ова е клучно да го кажам, особено бидејќи Македонија е земја која е политички нестабилна, е релативно млада демократија и сето останато. И затоа е многу значајно и наративите коишто ги гледаме од антиродовите движења да бидат сфатени како антидемократски, како анти-ЕУ, бидеќи најчесто и кога пробуваат да пренесат некоја дезинформација во Македонија, го користат тој наратив дека нешто е увезено од страна, а всушност самите антиродови актери се увезени од страна. И тоа е многу интересно да се види и според начинот на кој се финансирани, според начинот на кој тие учат од другите држави, каде што, да речеме, антиродовите движења се малку појаки одошто во Македонија.

Со кои најголеми бариери се соочува граѓанското општество во борбата против антиродовите наративи и, како што велите,  растечката нормализација на насилството?

Во однос на тоа кои се бариерите со кои граѓанското општество се соочува, една од клучните се самите напади кои доаѓаат од антиродовите актери, меѓутоа уште поголем проблем, би рекла, е дека граѓанските организации кои работат со години, кои имаат изградена и доверба и присутност на низ општеството, се ставаат на исто рамниште со некои неформални Фејсбук - здруженија, како еднакви кога се зема експертизата и кога се консултираат за она што е потребно да се направи во однос на една политика. Ние, за жал, видовме како се брише родовата еднаквост од законите за основно и за средно образование. Интересно беше дека стравот на политичарките кои ги донесуваат тие одлуки, беше поттикнат дека некој пост има премногу лајкови и затоа треба да се земе како релевантен, а не експертизата на просветните работници и работнички кои кажуваат дека мора да има соодветна заштита кога станува збор за родово базирано насилство во основно и во средно образование.

И тука конкретен пример е дека гласот на јавноста, на граѓанскотото општество, па и на медиумите на некој начин, повеќе не се зема како доволно релевантен поради моралната паника која антиродовите движења и актери ја креираат. Зборовите кои ги користат, стресот кој го предизвикуваат кај другите луѓе и особено отуѓувањето кое се случува. Како организација која направила мониторинг на скоро сите нивни Фејсбук-постови, социјални мрежи и сè останато, нас најмногу нè загрижува леснотијата со која тие протнуваат насилство врз други луѓе.

И кога гледаме дека насилството врз други луѓе во јавноста, како говор на омраза, родови дезинформации и така натаму, станува норма, станува култура на изразување и живеење, ние во следниот извештај што ќе го имаме за следните три години, нема да има само 250 случаи на системско насилство, туку ќе бидат илјадници. А уште пострашно е што тоа се прелева, не само како насилство кое ќе им се случува на ранливите групи, туку и на институциите кои треба тоа да го адресираат. Бидејќи ние во општеството праќаме јасна порака, вие не сте заштитени, бидејќи сте различни и ако пробате да пријавите насилство, самите институции нема да ве заштитат, туку ќе го репродуцираат тоа насилство. Така што, еден од главните проблеми во нашата работа е тоа што дури сега уште повеќе ќе го гледаме импактот врз една ранлива демократија, врз едно ранливо општество, кое од социо-економски и политички и од секој можен аспект се труди да опстои – а тоа е уште поголемо насилство.

Наша работа како организација беше ова прашање да стане актуелно во јавноста. И од една страна успевме, бидејќи малку повеќе организации сега работат на ова прашање. Не може ова да го прават само, на пример, организации кои што се занимаваат само со квир-прашање или со родова еднаквост. Организациите кои што се занимаваат со евроинтеграциски процес не можат да игнорираат како антидемократските наративи стануваат дел од нашиот јавен простор.

Антиродовите наративи како закана

Со какви предизвици се соочуваат организациите во Македонија, како на пример, Коалиција Маргини кои работат во полето на создавање отпорност на СММИ?

Многу клучно е да се напомене дека во изминативе пет години, особено бранителките и бранителите на човекови права, се повеќе ранливи, повеќе се изложени на политичко и онлајн насилство, кое најчесто доаѓа од антиродовите актери и нивните политики, кои потоа влијаат врз живењето на сите останати. Сега, една од клучните работи да се напомене е дека ова е и некој вид реакција на прогресот кој е направен во нашето општество, меѓутоа исто така е и стратешки испланиран напад врз човековите права, особено врз било каков пркос би рекла, кој се креира во јавноста за тоа дека е потребно уште повеќе за работите да бидат на подобро ниво.

Особено, истражувањето кое го споделивме со вас, покажува дека овие антиродови актери креираат нормализирање на дискурс кој придонесува насилството да не остане само на социјалните мрежи, туку да се пренесе и во реалноста, во животот на бранителите и бранителките на човекови права. Од самото истражување, од интервјуата, но и од анализата на текстови може да се види дека станува збор за многу апсурдна ситуација, каде самите бранители се на еднакво ниво ранливи со оние чиишто права треба да ги застапуваат и нема рамка која ги штити нив, бидејќи, како што кажав и претходно, самите институции во овој момент се и соучесници на тој наратив - не постојат соодветни механизми за пријавување, а дури кога се пријавува, тоа не се сфаќа сериозно или начинот на кој се документираат тие случаи не е соодветно адресиран. Тука се отежува пристапот до правда, кој и самите бранителки и бранители го чувствуваат, а може да замислиме како им е на самите маргинализирани групи, кога пак треба да пријават дека се жртви или преживеале некаква форма на насилство.

И она со коешто се соочуваме баш и во однос на самата тема која ја обработувате, дека ние имаме реалност креирана од лажни вести и организации кои работат со истражувања, со публикации коишто директно го покажуваат импактот на реалноста со што се соочуваат сите. И тоа не е ставено на исто рамниште, дури не се ни смета за релевантно на никаков начин, бидејќи реалноста која ја имаат креирано антиродовите актери, на некој начин е позначајна за сегашните институции, за оние кои ги донесуваат одлуките. А за иронијата да биде уште поголема, од светските извештаи, европските, може да видиме како самите нивни тактики се тактики кои се користат во други земји, на истиот начин за дискредитирање, за креирање на онлајн насилство врз бранителките и бранителите на човекови права. Тоа особено го гледаме за време на парадата на гордоста, исто така и околу 8 Март, а највеќе, она што може да го забележиме во изминативе 2-3 години, е дека секој пат кога ќе има одреден граѓански револт, дали е поради фемицид, убиството на „Партизанска“, поради различни форми на насилство кои ги гледаме секојдневно, се случува уште поголем напад кој на некој начин е овозможен и од самите институции. Секаква форма на критика на сегашноста, на нешто што е проблематично во нашето општество, се наоѓа начин како да се замолчи.

Кои групи се најмногу изложени на онлајн и офлајн насилство и какви се последиците од нормализирањето на антиродовите наративи?

Иако зборуваме директно повеќе за граѓанското општество, многу е значајно да видиме кој го сочинува истото, односно кој е и ранлив на овие дезинформации, дигитално родово базирано насилство, онлајн насилство генерално, кое потоа гледаме дека станува и физичко насилство. Освен бранителките за човекови права и здруженија за граѓани, исто така и самите политичарки и политичари се вкучени во целиот овој аспект, особено и сервисите за заштита, адвокатки и така натаму. Но, исто така, мислам дека многу клучно е да се напомене, дури и луѓе кои неформално учествуваат во граѓанското општество и едноставно сакаат да дадат поддршка или да се солидаризираат со она што им се случува на маргинализираните групи, стануваат сè поранливи токму поради нормализирането на насилството од антиродовите движења. Ова е клучно да го кажам, бидејќи ако гледаме со што се соочуваат бранителките и бранителите на човекови права, многу загрижувачки е фактот што, кога некој ќе сака да се солидаризира со нив, и тој може да биде нападнат или ранлив. Ова го кажувам бидејќи токму една од главните тактики на антиродовите движења е да ја криминализираат солидарноста и да прикажат дека не треба да си дадеме поддршка едни на други.

Така што, од тој аспект, мислам дека е битно да се види дека станува збор за јасна тактика на заплашување, на обесхрабрување, којашто и тоа како е дел од нашите животи, меѓутоа исто е важно да се види дека, без разлика на насилството кое тие сакаат да го промовираат, сепак граѓанските организации и сите останати луѓе, кои и формално и неформално се вклучени во сето она за кои што станува збор во однос на напредокот на нашата земја, не се откажуваат од бранењето на човековите права и креирењето на малку поеднаква реалност за сите.

Политичкиот притисок го продлабочува проблемот

Што е клучно во борбата со странско мешање и манипулација со информации во Вашата област?

Мислам дека недостасува една, би рекла национална, но и регионална соработка, бидејќи една од главните стратегии што и ние преку нашата работа, но особено и преку активисти и истражувачи сме виделе, е дека ништо не може без градење коалиција, без давање солидарност и поддршка, особено кога некој е под напад. Мора да биде јасно дека не смееме да дозволиме, дури и да не се согласуваме со некого целосно, нормализирање на тоа дека некој е во ред да биде под напад само затоа што се бори за човекови права.

Затоа би рекла, креирање на подобри коалиции, градење на солидарни мрежи, градење исто така и на стратегија или подобро, имплементирање на стратегиите кои веќе постојано и одново ги зборуваме, особено како Коалиција Маргини, на креирање соодветен систем на заштита од овие родови дезинформации и манипулирање со лажни вести и така натаму, до понатаму адресирање на тоа како самите лажни вести да се оттргнат од општеството, но исто така и кога има одредени лажни вести, да се покаже што е всушност вистината позади некои одредени лажни вести.

За жал, поради самото ниво на образование и колку се инвестира во ова прашање, гледаме дека не секогаш самите граѓани можат да препознаат и да знаат и стануваат жртви на лажни вести. Тука мора повеќе да работиме на самиот едукативен аспект. Меѓутоа, за тоа е потребна заедничка координација, којашто јас за жал не ја гледам. Немањето координација во однос на тоа како се адресираат овие проблеми, всушност е една од главните причини зошто опстојува ова прашање, а ќе биде и сè поактуелно во нашата реалност.

Но, исто така, настрана од финансиските репрекуси и од нестабилността на економијата во нашата земја, би рекла дека постои доста голем политички притисок. Оваа тема е дел од поголемиот проблем - кој има право да постои во оваа реалност, кој има право да зборува јасно и гласно и едноставно да ги живее истите права како другите. И тука можеме да видиме дека станува збор за сериозен политички проблем. Тој политички проблем е и социјален проблем, бидејќи, како што кажав, нормализирањето на насилство влијае врз и квалитетот на другите луѓе, но и врз тоа како одредена држава дозволува насилството да се репродуцира врз маргинализирани групи, само затоа што не може да стави јасна црвена линија за она што е дозволено и што не е дозволено во јавноста.

Наидува ли на поддршка и политичка волја Коалиција Маргини од страна на државните институции кога укажувате на антиродовите наративи и поткопувањето на демократијата во земјава?

Од нашето досегашно искуство има институции коишто се отворени за соработка, меѓутоа, дури и тие институции, некогаш се под ризик од другите поголеми институции или политички позиции во општеството и се соочуваат со доста голем притисок. Ние, за жал, се наоѓаме во ситуација кадешто не ни се отворени сите врати, но нашата работа тука не застанува. Ние ќе продолжиме да застапуваме, ќе продолжиме да им се обраќаме на институциите и да бараме да соработуваме со нив, иако она што го гледаме во моментов е доста загрижувачки, особено од аспект кога станува збор за борбата за родова еднаквост и за унапредување на статусот на маргинализираните групи и квир-лица.

Од тој аспект очекувам поголема соработка од институциите, меѓутоа, за жал, во моментов, не гледаме соодветно адресирање на антиродовите актери, на антиродовите наративи и на лажните вести коишто ги менуваат политиките надвор од европскиот пат, надвор од тој пат којшто би требало да значи некоја поголема демократизација на нашето општество. Затоа е многу важно ова да го гледаме како некаков повик за тоа која е всушност јасната политичка позиција на нашите институции: Дали заштита на граѓаните или заштита на нивните интереси.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Бјанка Станковиќ

Фотографии: Наке Батев