fbpx

Скаловски: Институтот за родови студии е во алармантна состојба поради недостаток на кадар

Интервју

29.11.24

Прегледи

Семејното насилство, фемицидите и дискриминациите, во отворена или камуфлирана форма, и натаму опстојуваат за жал, и тоа е и светски тренд. Но тоа не смее да биде оправдување за да се откажеме од борбата за намалување на овие негативни појави во нашата средина, вели пензионираниот проф. на Родовите студии Денко Скаловски. Загрижен за состојбата на Институтот од кој доаѓа каде работат само двајца професори и еден асистент посочува дека „западната култура, во последните децении е западната во длабока и хронична духовна, морална и етичка криза, сеопшта патологизација на системот на материјални и духовни вредности и нивната хиерархија, па кризата на интерес за студирање на Родови студии, како трансдискурзивни и интердисциплинарни хуманистички науки, е само дел од таа сеопшта криза на интерес во социјални околности на сеопшта техно цивилизација и култура, која сè повеќе глобално се дехуманизира и се милитаризира, и во која повторно најмногу страдаат жените и децата“.

Во ек на „16-те дена активизам“ - глобалната кампања против родово базираното насилство, ја отвораме темата за родови политики кај нас, кога Институтот за родови студии остана на двајца професори и еден асистент. Зошто вака обратно пропорционално движење во создавање на кадар кој може да ги штити родовите прашања?  Што се случува?

Нам не нѝ се доволни „16 дена активизам“, туку 365 дена во секоја година активизам како глобална кампања против родово базирано насилство, со што, упорно, постојано и секојдневно ќе ја отвораме и ќе ја повторуваме темата за родови политики. Дел од одговорот се надоврзува на општата лоша состојба во која во последните неколку децении се најдоа општествените и хуманистичките (духовни) науки, односно факултети на кои тие се студираат. Но, ваквата состојба не е карактеристична само за Македонските универзитети, туку и за светски признатите и познати универзитети, пред сè во високо развиените европски држави, на кои, според изјавите на светски признатите и познати научници/философи и професори (со кои сум имал чест и задоволство да соработувам), владее хронична криза на интерес за студирање општествени и хуманистички науки.

Причините се повеќекратни, зашто самата Западна култура, западните општества воопшто, во последните децении се западнати во длабока и хронична духовна криза, морална криза, етичка и биоетичка криза, дегенерација и декаденција; сеопшта „патологизација“ на системот на материјални и духовни вредности и нивната хиерархија и преферирање на материјалните над духовните вредности, а како последица на сеопштата „профитерска технификација“ (вклучително и воена!) на западната цивилизација и култура воопшто, во кое се вреднува, цени и се почитува само оној човек (жена/маж) кој успеал материјално, парично да се збогати, а останал духовен бедник, дивјак, дивјакуша и душевен, морален ништожник.

Затоа и таму (како и кај нас) има интерес за студирање на технички, и, би ги нарекол „техноменаџерски“, или „техноинформатички“ факултети. Така што, кризата на интерес за студирање на Родови студии, како трансдискурзивни и интердисциплинарни хуманистички науки, е само дел од таа сеопшта криза на интерес во социјални околности на сеопшта „техно“ цивилизација и култура, која сè повеќе и повеќе глобално се дехуманизира и се милитаризира и во која, повторно, најмногу страдаат жените и децата, кои за жал како што гледаме и самите стануваат „милитантни“.

Како пензиониран научник, еден од основачите на овој Институт, каков е сега вашиот ангажман?

Мојот ангажман на Институт е никаков или речиси никаков. Велам „речиси никаков“, зашто како пензиониран професор, имам право да предавам само на студенти на магистерски и докторски студии. Но, за жал, како универзитетски професор во пензија немам право да предавам и на додипломски студии, што е нов своевиден апсурд и бесмислица. А зошто немам право кога сум избран во звањето „редовен професор доживотно“? Зборувам за факултет на кој не се распишуваат конкурси за прием на асистенти, пред сè на Институтот за родови студии, каде што е ситуацијата со асистентите најлоша, а потоа и на другите институти на Философскиот факултет. И потоа се чудиме зошто младите стручни кадри нѝ бегаат од државата. Со фолклорен јазик кажано, „сполај му на Бога“, барем ми е дозволено да земам учество во реализација на научно-истражувачки проекти. Зошто е сето тоа така одлучено, не се должни да ви одговорат само министерката за образование и наука и министерката за финансии, туку и внатрешните органи и тела на самиот Филозофски факултет, пред сè Деканската управа.

Згора на ова, треба да се додаде и забраната за работен ангажман на пензионираните универзитетски професори (на пример со договор за дело) дури и таму каде што има нужна, горлива потреба, каков што е имено случајот со Институтот за родови студии. Ова, за разлика од сите други пензионери, пензионерки со различни професии (од таксисти до книговодители) кои имаат право да работат токму со „договор за дело“.

И сето ова се случува и покрај советите на ЕУ, на универзитетските професори да им се дозволи да работат и до 70 години возраст, па и повеќе, како што е на сите државни универзитети во сите држави членки на ЕУ. Е, на овие прашања треба да одговорат актуелните власти, т.е. одговорните ресорни министерства.

Дали овој однос кон Институтот нѝ го открива односот на било која власт изминативе 15 години кон родовите теми? Колку овие прашања се битни за нас? 

Секако дека овие прашања се многу битни за македонското општество во целина. За жал, не секоја власт во изминатите 20-тина години имаше ист однос кон Институтот за родови студии. Мораме да се потсетиме дека властите од пред десеттина години и повеќе, цели четири години не дозволуваа упис на нови студенти (значи во прва година) на Институтот за родови студии, и тоа без никакво официјално образложение.

Од новиве власти, кои ветуваа дека „ќе им ја вратат надежта на граѓаните на Македонија“, со право очекуваме тоа навистина да го сторат, односно, што се однесува за нас, да го овозможат опстојувањето, растот и развојот на Институтот за родови студии. Очекуваме тоа да го направат што поскоро, со оглед на тешката, алармантна состојба во која се наоѓа Институтот, пред сè заради недостаток на професорски кадар од најмалку еден доктор по општествени или хуманистички науки (еден доцент) и најмалку еден магистер по науки од истите научни области (еден асистент).

Допрва нè чека тешка борба со стереотипите и предрасудите

Македонија ја има ратификувано и Истанбулската конвенција во 2018 година, но семејното насилство, фемицидите, дискриминациите како да го живеат својот подем. Како гледате на општата состојба во земјава во однос на нерамноправноста на мажите и жените?

Се разбира дека е добро што Македонија ја има ратификувано Истанбулската конвенција во 2018 година. Но за жал, семејното насилство, фемицидите и дискриминациите, во отворена или камуфлирана форма, и натаму опстојуваат и како што велите Вие дури и се зголемуваат. Меѓутоа, за жал, тоа е и светски тренд, но што, се разбира, не смее да биде оправдување да се откажеме од борбата за намалување на овие негативни појави во нашата средина. Не смееме да ги изгубиме оптимизмот и позитивната утопијска енергија.

Што се однесува до појавите на семејно насилство во Македонија, тоа не се врши само врз жените од страна на мажите, како што досега традиционално сме се „навикнале“, туку тоа насилство е и мултигенерациско, односно татко врз син или ќерка, мајка врз син или ќерка, но и обратно, деца врз родители, што е нова појава. Да не зборуваме за појавата на меѓуврсничко насилство и малолетничка деликвенција и тоа не само како тепачки меѓу малолетни машки деца, туку и меѓу малолетни женски деца.

Ваквите и слични настани би можеле да ги набројуваме до бесконечност, вклучувајќи ги и појавите на семејно насилство кое се врши од страна на жените врз мажите, т.е. врз брачните партнери, и тоа пред очите на децата, што е релативно нова појава која не смее да се прикрие и премолчи, а за која мажите се срамат да ја пријават во полиција заради страв од исмевање, повредена машка суета и прогласување за „папучар“.

И прашањето на фемицидите, за жал, не е нешто ново, но и феномените на женски самоубиства, посебно ако се земе предвид антологискиот роман „Ана Каренина“ на ингениозниот Л.Н.Толстој, кој е можеби најубавото и највозвишеното книжевно уметничко дело, напишано за трагичната животна судбина на една жена/сопруга/мајка/љубовница, а дело напишано од еден маж уште пред повеќе од 150 години.

Каде најмногу вие го забележувате стереотипизирањето и објективизацијата на жените?

Прашањето на односот на субјектот и објектот воопшто, односно односот на жената како родов субјект и жената како родов објект, е сложено философско прашање кое бара поширока философско-родова елаборација, така што тоа би го оставиле за некоја друга прилика. А што се однесува до прашањето за стереотипите, очигледно е дека ја потценивме нивната моќ, и мислевме дека тие главно постојат во заостанатите, претежно рурални средини, а се покажа, за жал, дека тие се пренесоа и во урбаните средини. Со други зборови, прерано се израдувавме и поверувавме дека со емиграцијата село → град и провинција → метропола, преку ноќ ќе изчезнат, меѓу другите, и родовите стереотипи и предрасуди.

Очигледно е дека тој процес ќе биде многу подолг и макотрпен, со наизменични подеми и падови, успеси и порази. Очигледно е дека допрва нè чека тешка борба со стереотипите и предрасудите, како и со други остатоци од племенскии заедници и историски веќе надминати феудални статуси и социјални односи. Оваа борба ги чека пред сè самите жани, а потоа и родово сензибилираните мажи, во кои и јас самиот се вбројувам, не само поради тоа што сум стручњак и педагог од областа на родовите науки, туку и како човек кој сака активно и ангажирано да учествува во изградбата на едно похумано, имено граѓанско, либерално и демократско општество, во кое мажите и жените ќе бидат навистина рамноправни.

Медиумите во Македонија не се доволно родово сензибилизирани

Каква е улогата на медиумите во сензибилизирањето на јавноста со создавање на родово базирани содржини? Какви се новинарските извештаи?

Улогата на медиумите денес е огромна, не само во Македонија, туку и ширум развиениот свет. Таа моќ на влијание врз свеста на луѓето и мене ме натера да напишам цела книга за медиумите. При анализата на медиумите, т.е. новинарските извештаи од родов аспект мораме да констатираме дека медиумите во Македонија не се доволно родово сензибилизирани, и тоа и од самите жени новинарки. Тие и натаму, некако по инерција и навика, родово „машки“ се изразуваат, односно се служат со родово „машки“ јазик. Многу често и тие самите, кога ќе ги прашате што се по професија, одговараат дека се новинари, а не новинарки, или дека се уредници, а не уреднички на одредена редакција.

Така што, општо земено, не можеме да бидеме задоволни од придонесот на медиумите во однос на родовите содржини и отстранувањето на родовите предрасуди. За најдобар, па и најсвеж пример, можеме да го земеме спортот, посебно женскиот, имено контроверзниот случај со боксерката од Алжир на Олимписките игри во Париз, што ја отвора Пандорината кутија на манипулација, лажно претставување, и доведување во заблуда на јавноста.

Што се однесува до оценката за македонското новинарство воопшто, секако дека поголемиот дел од новинарите/новинарките се добри аналитичари, но тоа не е доволно. Нам нѝ се потребни новинари/новинарки кои се и синтетичари/ синтетичарки, зашто без синтетички заклучоци нема успешна научна/философска, имено родова анализа.

Во меѓувреме Платформата за родова еднаквост реагираше на предлогот на Министерството за образование и наука за Закон за изменување и дополнување на Законот за основно образование во кој има измени на членот за заштита од дискриминација на начин што ги отстранува дискриминаторските основи род, сексуална ориентација и родов идентитет, а родовата еднаквост, ја заменува со зборовите „еднакви можности”. Што велите вие на овие измени?

Мислам дека непотребно се дига голема галама за нешто што е суштински исто, па дури и попрецизно. Зашто зборовите „еднакви можности” се токму тоа, equal opportunities, имено еднакви можности/шанси за мажите и жените за лична/индивидуална и колективна самореализација во едно одредено либерално и демократско општество, какво што е македонското, и ништо помалку и ништо повеќе.

Во моментов Македонија има жена Претседателка, но има значително помал број на жени на министерски позиции споредбено со претходната влада. Каков е вашиот однос за квотите во политиката кои ги имаме од 2002, дали тие одат во прилог на жените, видливоста на нивниот потенцијал или нивните амбиции? Што го задушува нивниот политички ангажман?

Секако дека секогаш може и повеќе и подобро, значи и квантитативно и квалитативно. А ова што Вие го констатирате е само квантитативен, математички показател, а се разбира дека секогаш се бориме за подобар квалитет, а не само за зголемено количество. Така е и со актуелните министерки и актуелната Претседателка на државава, зашто да не заборавиме дека функцијата Претседател/Претседателка на една држава е највисоката, најмоќната и најодговорната политичка функција во едно либерално и демократско опш-тество.

Ова дотолку повеќе што Министерството за финансии, Министерство за енергетика и рударство и Министерството за образование и наука се во овој важен историски  момент за Македонија можеби и најважните министерства. Да не заборавиме дека и „претседателката“ на главниот град Скопје – имено градоначалникот/градоначалничката на град во кој е концентрирана речиси половината од населението во државава - е исто така жена.

Оттука, чинам дека можеме да бидеме задоволни од присуството на жените во политиката и нивната видливост. Впрочем, колку што мене ми е познато, освен во Грција, во ниту една соседна земја на западниот Балкан - но и Бугарија и Романија, кои секако не се наоѓаат на западен Балкан, но се членки на НАТО и ЕУ - досега не избрале и не устоличиле жена за Претседател/Претседателка на својата држава.

Што се однесува до квотите во политиката, кои ги имаме од повеќе од дваесеттина години, мислам дека тоа не донесе задоволителни резултати, за што, на некој начин, имплицитно Ви одговорив во претходното прашање, апострофирајќи ја градоначалничката на Скопје, од чија работа, како што секој ден можеме да видиме и да слушнеме – никој не е задоволен и никој не е „усреќен“.

Во заедница како нашата каде работите сè уште се поделени на машки и женски, жените се најголемите неплатени семејни работници, мал дел од нив имаат наследено имот, имаат сопствен бизнис или се носителки на раководни позиции. Како до промени и како да се смени начинот на кој се перцепира жената и нејзината работа? Кои се нашите, а кои вашите моќи?

Што се однесува до прашањето за моќта, воопшто, и прашањето на фаворизирање на машките деца во контекстот на правото на наследство на имот, и тука станува збор за тоа како ја поимаме моќта, и од што и од каде таа потекнува, а што е, пак, сложено философско/родово/транссексуално прашање. Имено, како философско прашање, тоа особено се актуализира со философијата на големиот француски постмодернистички философ Мишел Фуко, кој, сметајќи ја сексуалноста за општествен, историски конструкт на Западната култура, се обидува максимално да ги релативизира нашите родови стереотипи, имено како хетеросексуални/хомосексуални/транссексуални, за што, пак, би ни требала поопширна философска анализа, објаснување и образложение, а кое како такво би го оставиле за некоја друга/следна прилика.

Што се однесува до имотно-правните односи, врз основа на случаеви кои и мене ми се познати, и натаму, за жал, продолжува праксата на право на наследство на поголемиот дел на имот само за синот/синовите, а значително помал дел за ќерката/ќерките, и кое право, на првите, имено на мажите, им дава голема социјална моќ, односно надмоќ, пред сè економска, а потоа и политичка. Тука би требало да реагира правната фела, и да предложи закони кои ќе ги стави во рамноправна положба и ќерките/внуките, имено сите жени, наследнички на имоти. Не сум правник, јурист по струка, а уште помалку експерт за женски правни, јуристички прашања, така што не сум компентен за поширока елаборација на ова прашање.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ана Арсеновска Зафирова

Фотографии: Дарко Андоновски