fbpx

Обединување околу „историски вистини“ или околу различности?

Огнен Вангелов и Љупчо Ристески

Политика

15.04.21

Прегледи

Текстот е одговор на блогот „За обединувањето околу нашата заедничка историја - цар Самоил erga omnes“ од Наум Кајчев објавен на 07 април, 2021 година.

 

Огнен Вангелов и Љупчо Ристески

Vangelov RisteskiКомисиите од овој вид никаде во светот не се тела за утврдување „историски вистини“, посебно не „вистини“ за средновековна историја, бидејќи на тој начин би станале органи за цензура.

Членот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, од бугарска страна, г. Кајчев во текстот „За обединувањето околу нашата заедничка историја – цар Самоил erga omnes“ објавен на Рес публика на 7.4.2021 г. изнесува ставови во јавноста кои имплицираат дека членовите на македонскиот дел од Комисијата одбиваат да се соочат со изворите за средновековното царство на цар Самоил и дека се заложници на некакви ненаучни тези за природата на тоа царство.

Притоа, г. Кајчев се повикува на списокот од литература што го достави колегата од бугарска страна, г. Методиев, за време на последната средба на Мешовитата комисија во февруари оваа година. Пред г. Кајчев воопшто да започне дискусија по наведената литература, најпрво ја пласира тезата дека во последниве неколку месеци разговорите на мешовитата експертска Комисија „тапкаат во место“, без да се направи „објективно обединување околу нашата заедничка историја“ што, всушност е став со кој македонската страна воопшто не се согласува.

Прво, ваквите ставови на бугарската страна на Комисијата се провлекуваат речиси од започнувањето на нејзината работа. Имено, мешовитата комисија има долготрајни и стручни дискусии во врска со отворените прашања, кои поради речиси дијаметрално различните позиции во разбирањето на улогата на оваа Комисија, како и поради различните приоди во анализите на учебниците, но најмногу поради разликите при составувањето предлози за евентуалното подобрување на содржината во учебниците, Комисијата тешко доаѓа до суштествени и заемно усогласени предлози. Овие предлози главно се однесуваат на прашања какви што се етничкиот или „народносниот“ карактер на средновековните држави, околу разбирањето на етничките процеси во средните векови и, пред сѐ, околу разбирањето и толкувањето на поимот „заедничка историја“. Колегите од бугарската страна на Комисијата, за жал, овој поим го толкуваат целосно еднострано, како историја на Бугарите и Бугарија, изоставајќи ги притоа, речиси во целост, фактите за историскиот развиток на македонската етничка, културна, национална посебност и самосознание.

Десетвековна етничка хомогенизираност?

Пред да се осврнеме на тврдењето на г. Кајчев дека „не постои посебна истражувачка дилема за земјата со која управувал Самоил“ и дека „тоа е одамна разјаснето“, ќе се повикаме на цитатот кој тој го дава во заклучокот на својот текст, а имено дека „спорот околу тоа дали Самоил ја создал македонската, западнобугарската или бугарската држава е неисториски, бидејќи ги проектира современите етнички разлики кон минатото“. Потоа г. Кајчев вели дека „никој не тврди дека бугарската државност, култура и идентитет од времето на цар Самоил се еднакви на денешните.“

Како по правило, г. Кајчев се служи со замена на тези за да остави впечаток во јавноста дека тука се работи за еден нерационален спор и несогласување меѓу двете страни поради наводниот факт дека македонскиот дел од комисијата инсистира на неисториско проектирање на современите етнички разлики кон минатото. Исто така, како по правило, она што е клучно во инсистирањето на г. Кајчев целосно отсуствува во неговиот текст. Реалноста е, имено, токму спротивна. Г. Кајчев се чини дека е примарно заинтересиран какво треба да биде „правилното“ толкување на изворите и нивното претставување во македонските учебници.

Г. Кајчев повикува на „правилно толкување“ на тие извори во контекст на „нашата заедничка историја“ од средниот век па до денес. Според тоа „правилно толкување“ на колегите од бугарска страна, од деветтиот до единаесеттиот век, значи пред и во времето на владеењето на Цар Самоил, се случила „трајна етничка хомогенизација на словенското и прабугарското население“ на просторите на денешни Бугарија и Македонија (тука се мисли на поширокиот географски регион кој денес вклучува и грчка територија). Таа „трајна етничка хомогенизација“ од пред десетина века притоа го дава тонот на нивното гледање и разбирање на целокупната „заедничка историја“ од тој период па до денес на овие територии. Оваа клучна теза која членовите на бугарскиот дел од комисијата ја наметнуваат во дискусиите е токму испуштена од обраќањето на г. Кајчев до македонската јавност. Испуштена е, затоа што тогаш погорниот цитат за тоа дека проектирањето на современите етнички разлики во минатото се неисториски ќе биде во директна спротивност со тоа за што всушност се залага г. Кајчев и тој цитат би бил целосно депласиран во еден таков контекст.

За да биде за јавноста појасно, под синтагмата „трајна етничка хомогенизација“ бугарската страна на Комисијата подразбира консолидирање на единствен бугарски етнокултурен идентитет на просторите на Бугарија и Македонија уште пред десетина века. Според нив, тој етнокултурен идентитет оттогаш ја определува и подоцнежната историја на овие простори. Оттука, за нив историската „вистина“ е недвосмислена, а денешниот македонски идентитет е резултат на интервенционистички процеси само со цел да се раздели тој единствен етнокултурен идентитет кој бил консолидиран уште пред десетина века и кој опстојал како таков до 1944 година. Кога г. Кајчев би го напишал ова, без притоа да се затскрива зад „изворите“, тогаш ќе биде многу појасно на што тој всушност инсистира.

Obedinuvanje okolu istoriski vistini ili okolu razlicnostiИзвор: calvertjournal.com

Значи, ако г. Кајчев во својот текст не го испуштел и тој клучен „детаљ“, на читателите ќе им стане сосем јасно дека „правилното толкување“ на изворите, кои се, нели, недвосмислени, мора да содржи контекст на еден заеднички примордијален бугарски етнички идентитет во Бугарија и Македонија кој се формирал и консолидирал за време на средновековните царства на овие простори. Се разбира, ако е присутен тој клучен детаљ во исказот на г. Кајчев, тој ќе има многу поголема тешкотија да тврди дека светската наука е недвосмислена за карактерот на средновековните царства на овие простори. Тоа е така бидејќи ниту една од библиографските единици содржани во листата на г. Методиев нема такви категорични тврдења, ниту пак тие извори се занимаваат со такви прашања. Токму фактот дека тие извори НЕ се занимаваат со прашања на „трајна етничка хомогенизација“ на еден бугарски народ на просторите на денешни Бугарија и Македонија е сржта на несогласувањето меѓу македонскиот и бугарскиот дел на Комисијата. Оттука, беспредметно станува тврдењето дека македонскиот дел од Комисијата инсистира на некакво неисториско толкување на прашањата за средниот век претставени во учебниците. Се чини дека токму обратното се случува.

Каква е улогата на комисии од овој тип?

Со оглед дека толкувањата за тоа каква била природата на тие царства можат да бидат различни, македонските членови инсистираат во процесот на подобрување на содржината на учебниците да се почитуваат, практикуваат и секогаш да се земаат предвид меѓународно прифатените принципи и препораки за работа врз учебниците од страна на УНЕСКО, Советот на Европа (СЕ) и од институциите чија работа е најдиректно поврзана со анализите и подобрување на учебниците, каков што е да речеме, Георг Екeрт (Georg Eckert) институтот од Германија. Македонската страна предлага во учебниците најпрво да се прави промена на парадигмата и наместо држење до „консензуалниот канон“ во историографијата, на учениците да им се нуди мултиперспективност, што во овој случај би значело и вклучување на сите позначајни теориски ставови во историографиите во светски рамки.

Наспроти, „авторитативниот“ и „ригиден“ процес на учење заснован само врз „извори и факти“ кои не соодветствуваат на дидактичките начела, македонската страна во Комисијата инсистира на „дискурзивна анализа“ која, тргнувајќи од „фактите, или изворите“, ќе стигне до соодветната „интерпретација или интерпретации на фактите“, што ќе им помогне на учениците да ги развијат нивните вештини во аргументација и евалуација, а не само продуцирање знаења и податоци и нивно повторување (UNESCO Guidebook, 2010: 50). А фактот дека западната наука за средниот век не се занимава детално со „докажување“ на „траен и хомогенизиран“ бугарски етнокултурен идентитет на овие простори и на „заедничка историја“ на Македонците и Бугарите е повеќе од доволен таа наша методолошка позиција да остане цврста и непоколеблива.

Со задоволство ги разгледавме библиографските единици, 21 на број, што колегата Методиев беше ги испратил до македонската страна. Навистина, тие претставуваа основа за нашата дискусија на последната седница. Она што овде треба да се спомене е дека речиси секоја од овие современи публикации го наведува најважното прашање во врска со Самоил и неговата држава, а тоа е недостигот на извори од времето на неговото живеење и постоење на неговата држава (не постои ниту еден сочуван документ од царската канцеларија, инаку вообичаена институција и практика на еден средновековен владетел), како и за тоа дека друг дел од изворите кои се современици на неговата држава се напишани од автори кои немале директен контакт со таа држава.

Другите, пак, извори се главно напишани еден век подоцна и имаат интерпретативен и дискурзивен карактер. Состојбата со изворите е таква што не дозволува конечни и цврсти заклучоци. Г. Острогорски, еден од најголемите истражувачи и познавачи на Византија, во врска со комитопулите вели: „Ништо сигурно не е познато за раната историја на Комитопулите (Острогорски, История византийского государства 2011, 377). Токму за овие факти сакаме да ги направиме свесни идните генерации ученици, а не да им нудиме готови тези, кои во поголема или помала мерка се контроверзни.

Второ, и исто толку значајно, е што речиси во секоја од овие публикации се отвора можноста за научна дискусија, при што особено се избегнува евентуалното проектирање на современите видувања и ставови врз историските настани од минатото. Речиси секоја од овие публикации повикува на „критички ориентирана медиевистика“ и релативизирање на (националните) истории полни со популарна имагинација. Ова се теоретските концепти врз кои македонската страна сака да ги гради препораките за подобрување на учебниците и во Македонија и во Бугарија, а не старите „историски догми“ да бидат заменети со „нови-стари историски догми“.

Издавање декрети за „историски вистини“ или мултиперспективност?

Сега, да се навратиме на тврдењето дека „не постои посебна истражувачка дилема за земјата со која управувал Самоил“ и дека „тоа е одамна разјаснето.“ Притоа, битно е да се нагласи дека ние како членови од македонска страна воопшто не ги апстрахираме ставовите изнесени во редици студии за оваа тема. Но, сепак, тука треба да се навратиме повторно на цитатот кој г. Кајчев го издвојува, а кој е искажан уште при првите наводи на класични референци за државата на Самоил, во единицата насловена „Самоил од Бугарија“, каде што авторот Александер Каждан (Alexander Kazhdan) во Оксфордскиот речник пишува: „Контроверзата околу тоа дали Самоил создал македонска, западнобугарска или бугарска држава е неисториска, бидејќи таа ги продуцира етничките различности во минатото“.

Авторот Антони Калделис (Antony Kaldelis) во книгата „Земјата на Ромеите, етничност и империјата во Византија“ (Romanland, Ethnicity and Empire in Byzantium), дискутирајќи го карактерот на империите, вклучително и на Византија уште во воведот вели: „Да почнеме со поимот империја. Во обичниот јазик, како и во многу научни полиња кои неодамна ја зафатија темата со силна моќ, „империја“ се однесува на доминацијата што ја спроведува една етничка, етнорелигиска или етнополитичка група над низа други кои се сметаат за различни од владејачката група во метрополата. Империјата не е конституирана од обични односи на моќ во рамките на една група, туку таа се однесува на политичка хиерархија и социоекономска нееднаквост. Таа посебно се фокусира на тоа како се репродуцираат етничките разлики, конституирани или извршени на ниво на управување, дискурс и економијата.“ (стр. IX-X) /.../ поентирајќи дека „Со други зборови, империите по дефиниција се мултиетнички, имајќи широк поглед кон етничноста. Византија, исто така, често е нарекувана мултиетничка, во голема мера со образложение дека станува збор за империја.“ (стр. X)

Оттука, без да навлегуваме во подлабока материјална расправа за Самоил и неговата држава, сакаме да потенцираме дека како членови на македонската страна од заедничката Комисија, како досега, така и понатаму во анализите на учебниците и создавањето препораки за нивно подобрување во двете држави ќе се придржуваме и ќе ги почитуваме меѓународните принципи на УНЕСКО и СЕ, засновани врз двата аспекта: дидактичката анализа и анализата на содржината.

Комисиите од овој вид никаде во светот не се тела за утврдување „историски вистини“, посебно не „вистини“ за средновековна историја, бидејќи на тој начин би станале органи за цензура. Предлозите зад кои стоеше, стои и понатаму ќе стои и ќе ги поддржува македонската страна на Комисијата се отворен, мултиперспективен, критички поглед кон концептот за себеси и за другите.

Во тој поглед го поттикнуваме критичкиот однос кон постојните концепти на разни колективни идентитети кои често се „заковани“ во историјата и поврзани со одредени територии „поседувани“ од заедниците. Заговараме приод во кој нема идеите за современите држави-нации да бидат пресликувани во минатото. Теориите за автохтоноста со цел легитимирање културна доминација, единственост и исклучивост ги оставаме во минатото и посакуваме конфликтните национални митови кои ги вклучуваат овие есенцијалистички концепти да бидат заменети со мултиперспективни методологии и приоди ориентирани кон достигнување вештини кај учениците.

Покрај т.н. „мастер наративи“ сакаме да се остави доволно простор и за другите, помалку видливите наративи. За жал, пристапот на другата страна ги прави сѐ помалку можни, или речиси целосно неможни нашите обиди.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Огнен Вангелов и Љупчо Ристески

Д-р Огнен Вангелов е доцент по политички науки на УАКС и истражувач при Центарот за демократија и разновидност на Квинс универзитетот (Queen’s University), Канада. Тој е член на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Д-р Љупчо Ристески е редовен професор на Институтот за етнологија и антропологија при УКИМ. Член на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.