fbpx

Табула раса или табула скрипта: случајот на Скопје

Минас Бакалчев

Животна средина

23.06.21

Прегледи

Минас Бакалчев

Minas Bakalcev 400x500Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

Несомнено градовите се сложени и противречни состави, како во разнородните просторни ситуации така и во различните временски епизоди низ кои поминуваат. Би можеле да се согласиме дека сложеноста е иманентна на урбаните феномени. Но, таа не е резултат секогаш на континуирани постапки во генерирање на градот, има и такви времиња во кои настануват пресврти во однос на постојниот урбан ред. Модерната настапи со идејата за прекин на историјата и „ослободување од древните зависности“. Тој прекин најексплицитно беше изразен во полемичните и манифесните проекти на Ле Корбизије (Le Corbusier).

Проектите за Париз од 1920-тите години ја покажаа радикалната трансформација на градот, како бришење на постојната урбана текстура и воведување на една нова просторна синтакса. Така идејата за табула раса, како празен простор или ретроградно укинување на постоечкото, како своевидно 0 - ниво на кое може да се испишува новото, се вгради во идеологијата на модерните визии за новиот град. Но, прекините со дотогашната историја на градот, „деструктивниот карактер“ кон постојното, не се само наследство на модерната. Воспоставување на новите национални држави на Балканот беше следено со бранот на пресоздавање на новите балкански метрополи преку постапките на деотоманизација и вестернизација. Би рекол, Скопје израсна од хоризонтот на дисконтинуираните урбани модели на различните сценарија на модернизацијата, од првата и втората половина на 20-от век. И токму кога по социјалистичкиот период се отворија надежите за една поинаква пракса на градот, не како исклучување на спротивставените просторни секвенци, туку како можност за нивна коегзистенција, како еден урбан архипелаг на различностите, архитектурата на градот повторно се најде во длабока криза на екстремните поништувачки визии.

Скорешните „епизоди“ на градот ни ја покажуваат праксата на поништување на претходното како една нова есететика на табула раса. Низ три случаи ќе се обидеме да ја преиспитаме новата „идеологија“ на градот.

Скопски Саем

Што се случи со саемот на Скопје? Исчезна во монументалниот капацитет на новиот шопинг центар. Во интензивната густина на големиот зафат на „East Gate“ немаше место за ништо претходно, па ни за Градскиот саем. Композицијата на Градскиот саем, се состоеше од една вертикала, хотел, и хоризонтална, линискa дистрибуција на саемските хали со нетипични расчленети пирамидални покриви. Саемот датирше од херојскиот период на пост земјотресната обнова на градот, дело на архитектите Благоја Мицевски, Славко Гуриќ, Димитар Димитров и Живко Гелевски, (1970 - 1972). Со оваа програма градот се впиша во современите метрополи на Европа и доби нов елан на град во подем, во мрежата на сродни и компетитивни центри во регионот. Саемот се промовираше како седиште и на 20-тата шаховска олимпијада во 1972, неговата појава отвори нова рамка на градски но и на регионални и меѓународни настани. Не треба да се враќаме на значењето на саемите за градовите. Како што амфитеатрите во стариот свет, не само функционално туку и симболично го означувале статусот на градот, така и саемите го означувале протокот на идеи, луѓе и добра во модерниот свет.

Дали можеше поинаку? Секако дека можеше

Што ако уникатната композиција на саемот опстанеше во дијалог со новата програма, која можеше да даде еден нов контекст и нова интерпретација на постојното. Тогаш ќе добиевме една нова парадигматична композиција на коегзистенција на приватниот и на јавниот интерес. Можеше да остане архитектонската супстанца на саемот во дијалог со новата програма само под услов новото да имаше паметен однос кон постојното и да се потиснеше екстремното сценарио за профит. Како да ја разбереме оваа деструкција? Можеме во линијата на радикалниот прагматизам, на алчноста за максимално изградена површина, како апологија на општеството на потрошувачка. Но, сигурно има и нешто зад вулгарниот консумеризам. Ако денеска тоа не може да се види не значи дека не постои деструктивната идеологија на табула раса наспроти секоја постојна цивилна форма.

Јужен булевар

Случајот со Јужниот булевар и зоната на старата железничка станица / Музејот на град Скопје, на драматичен начин не соочува со основната смисла на функцијата на градот. Коридорот на Јужниот булевар беше впишан во планот од пост земјотресната обнова на Скопје. Всушност, тоа е основниот предуслов за лонгитудиналната екстензија на Скопје во правец исток - запад. Трансформацијата на Скопје од радиоцентричен во линеарен град, во должина од 20 км, е можна само со постоењето на двете паралелни траси на југ и север на градот, помеѓу кои можеше да се развива градот. Парцијалното окупирање на трасата во зоната на старата железничка станица, со низа објекти и ветување дека таа може подземно да се изведе е всушност недозволен хазард со виталните претпоставки на градот, и полека но сигурно враќање на Скопје во една нова предмодерност.

Tabula rasa ili tabula skripta slucajot na SkopjeИзвор: vrabotuvanje.com.mk

Низата парцијални интервенции, проширувања на постојните собраќајници во градот се иронична супституција за трасата на Јужниот булевар. И уште повеќе, ветувањата за пешачките зони ја губат реалната основа со укинувањето или одлагањето на замислата за Јужниот булевар. Тоа е како градот да ја сече гранката на која седи. Повторно, алчноста за максимизирање на изградената површина ја помина „црвената линија“ на основната претпоставка на градот. „Архитектурата“ ја надвладеа инфраструктурата? 

Дали можеше поинаку?

Што ако не се загрозеше трасата на Јужниот булевар и наместо линија на акумулација на нова градежна површина таа станеше генератор на нова топографија на јавен простор, урбана линија со времени премостувања, јавни платформи помеѓу двете страни и можна рабна изградба. Имаше доволно место и за трасата на Јужниот булевар, на ниво или денивелирана, и за новите градби и за повремени пешачки премостувања, само ако бевме поскромни и ги уважувавме приоритетите на претходните замисли, и имавме свест за целовитиот систем на градот. 

Ново Маало

Случајот на она што најчесто се нарекува „паркингот наспроти Холидеј ин“, уште еднаш не соочува со страста и нетрпеливоста од новите почетоци. Тоа место се впиша во модерната историја на градот и неговите прогресистички трансформации. Со планот на повоената обнова, но пред се и со проектот на централното подрачје на поземјотресната реконструкција на градот, тоа место добива доминантна репрезентативна положба, прво како градски, обласен центар, а подоцна Републички центар. Тука е репрезентативната слика на градот. Особено во концептот на Кензо Танге и неговиот тим, ова место стана своевиден „зглоб“ кој ги поврзуваше правците на екстензијата на градот исток - запад, но и ги поврзуваше левиот и десниот брег на реката Вардар. Новите времиња искажуваат нови визии за градот. Она што еднаш беше општествена репрезентативна слика преку националните институции и Републички центар, во 21 век стана посакувана слика за еден Бизнис дистрикт, со „глам“ архитектура на облакодери како еден нов визуелен залог за современиот глобален град и/или некритичната пракса на клонирање на глобалниот моно-културен пејсаж.

Но, тоа место „паркингот наспроти Холидеј ин“, не е само место на посакуваните проекции на новиот град. Позади страста за новото, постојат и секојдневните ситуации, фрагменти од некогашниот град. Денес маргинализирани, несакани од никого, дури ни од преостанатите жители, но со автентичен траг за животот на градот сѐ уште опстојуваат фрагментите од Ново маало. И токму тие преостанати делови не се само криза на градот и празни места, туку вистината за него и автентичната можност за градот. Ако само за момент се тргнеме од наметнувањата на новите слики и хиперреалноста на отуѓената и артифициелна иднина на градот и зајдеме во тие неколку постојни улички, помеѓу преостанатите „мали куќи“, ќе ја почувствуваме вистинската благородност на градот: некогашната архитектура на градот, преостанатата калдрма, маалската чешма, малите дворови, вистинската човекомерност. Зар навистина се мора да се избрише?„Види мамо ова е село!“ ќе каже едно дете на својата мајка со нескриено воодушевување и инстинктивно препознавање на околината, минувајќи низ Ново маало. 

Tabula rasa ili tabula skripta slucajot na Skopje 2Извор: Ново „Ново Маало“: Марија Петрова (2020), Магистерски труд, УКИМ

Да, може и поинаку

Низ серија проекти на Архитектонскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, низа талентирани млади архитекти токму тоа и го покажаа. Што ако се уважат трагите на некогашниот град, кои можат да се обноват, реинтерпретираат, и поврзат со новите интервенции. Тогаш можеме да го имаме фрагментот на урбаното село, можеме да имаме и вертикални екстензии и урбан парк кој изникнува од тлото, само ако умееме и имаме волја да ги прочитаме, протолкуваме и уважиме старите записи. Само ако од идеологијата на табула раса ја прифатиме реалноста и потенцијалот на „испишаната плоча“, на табула скрипта.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Минас Бакалчев

Минас Бакалчев е архитект и професор на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирал на Универзитетот во Белград во 1991 година, а докторирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2004 година. Учесник и ко-куратор на Македонскиот национален павилјон на Венециското биенале за кој добил посебно признание со проектот „Град на можни светови” за 2008 година.