fbpx

Македонското членство во ЕУ: Тешко достижна, но вредна цел

Ин медиас рес

Поткасти

31.10.24

Прегледи

Македонското членство во ЕУ: Тешко достижна, но вредна цел

Поткаст | Ин медиас рес | 31 октомври 2024

Не треба посебно да се образложува дека патот до полноправно членство во Европската унија на Република Македонија, односно Република Северна Македонија (РСМ) по уставните измени од 2019 година, е долготраен и трнлив. Интеграцијата во Европската унија е деклариран стратешки интерес на државата уште од 1991 година, а во 2004 година Владата и формално поднесе барање за членство во Европската унија. Кандидатскиот статус беше доделен во 2005 година, а од тогаш беа донесени неколку клучни, дури можеби и монументални одлуки, како на пример онаа за визна либерализација во 2009 година. Но, за жал, ултимативната цел сѐ уште не е постигната.

За жал денес, 2024 година, РСМ сѐ уште не е членка на Европската унија, а македонскиот граѓанин сѐ уште не е дел од големото европско семејство, што само по себе предизвикува извесно разочарување кај него: последните анкети покажуваат пораст на скептицизмот (или извесен песимизам). Речиси 30 проценти од македонските анкетирани граѓани сметаат дека РСМ никогаш нема да пристапи кон Европската унија. Иако ваквата слика се должи на повеќе причини, несомнено е дека самата долготрајност на процесот на зачленување и условите за членство кои се резултат на барањата од соседните земји имаат голем придонес. Исто така, големо разочарување предизвика последната вест дека Албанија оди чекор понапред од РСМ во процесот на преговори за пристапување во Европската унија, отварајќи преговори по поглавја. Во реалноста, оваа вест создаде и извесна конфузија, имајќи предвид дека за отворање на преговорите зборуваме веќе долго време, а медиумите во неколку наврати објавуваа дека преговори се започнати.

Земајќи го предвид целиот овој контекст, во оваа епизода на Ин Медиас Рес зборуваме за интеграцијата во Европската унија. Обидувајќи се да се дистанцираме од дневните политички превирања, целиме да објасниме:

  • Каква е постапката за зачленување во Европската унија и каде моментално сме ние?
  • Што се случи во изминативе години, односно кои чекори ги изминавме, а кои ни остануваат?
  • Што значи инкорпорирањето на бугарските барања во преговарачката рамка и кои се нашите можности?
  • Каде стоиме наспроти земјите од регионот, кои исто така се кандидати?
  • Кои се предизвиците со кои се соочува и самата Европска унија (во контекст на проширувањето, но и пошироко)?
  • Што допрва треба да сториме самите како држава, за да бидеме подготвени да го отвориме нашиот пазар, односно да бидеме подготвени да сме дел од внатрешниот пазар на Европската унија?
  • Кои ќе бидат економските бенефити за РСМ по зачленувањето во Европската унија, споредбено со оние кои и сега ги имаме од Европската унија?
  • Дека членството во Европската унија, колку и да се чини далечно, е од огромна корист за РСМ и нешто кон кое треба и понатаму, покрај сите пречки, да се стремиме.

Во оваа смисла, разговараме со двајца експерти за европски интеграции, Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика (ЕПИ) и Стефан Ристовски, истражувач во истата организација. Нашите пораки се јасни: предизвици постојат, но приоритетот за РСМ и македонскиот граѓанин треба да биде членството во Европската унија.

Поткастот е достапен и во аудио-верзија.