Истражувањето за состојбата на демократијата ширум светот спроведено од ценети универзитети, истражувачки центри и меѓународни организации, открива голем број загрижувачки податоци во врска со ангажирањето на младите во политиката и нивното задоволство од демократијата. Како резултат на тоа, постои глобален пад на интересот на младите за политиката, како и нивното учество во гласачкиот процес.
Причините за овој пад се зголемениот економски јаз и исклучувањето на младите од пазарот на труд. Дополнително, миленијалците (родени 1981–1996) генерација со убедливо најмалку верба во демократијата и најскептичен став, според студија на Универзитетот Кембриџ. На ова се додава и комплетното отсуство на искуство или паметење на помладите генерации на каква било форма на авторитарен режим, па оттука лесно доаѓа до глорификација на вредности, кои ниту се искусени, ниту се разбрани, а кога би биле, веројатно ставот не би бил толку лаконски.
Кај нас, состојбите се по малку конфузни. Од една страна, најмладата генерација по одредени прашања има и поавторитарни ставови од средната генерација, со силно изразена тенденција кон популистички лидери и решенија. Од друга страна, најмладата генерација е најмалку мотивирана да гласа но има пооптимистични ставови во однос на доверба во институциите, НАТО и ЕУ и генерално кон политичките чинители, иако вредностите не се претерано високи. Од трета страна, пристапот кон дигитални алатки и дигитализацијата на политичкиот процес вооопшто носи сосема нови и неиспитани предизвици кај младите.
За оваа и многу други теми разговараме со Данило Крстовски, претседател на Факултетското студентско собрание на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Савче Ѓошева, студентски правобранител на УКИМ.