Од младите за сите – младинскиот активизам некогаш, сега и во иднина
Поткаст | Ин медиас рес | 02 декември 2024
Се навршија десет години од деновите кога една група млади луѓе, организирани како Студентски пленум, ги поттикнаа најмасовните маршеви по скопските улици (барем по независноста на државата), првенствено барајќи автономија на универзитетите и дерегулација на една автономна сфера – високото образование. Поттикот беше најавеното, а подоцна и изгласано екстерно тестирање во рамките на високото образование (државен испит како услов за диплома). Маршевите беа проследени и со други активности, како окупација на единици – факултети на УКИМ, гостувања на телевизиски емисии, герила акции и слично.
Се разбира, низ самите протести на виделина излегоа и други проблеми со кои студентите односно младите воопшто се соочуваат: отуѓеноста од институциите, немањето за слух за нивните потреби, супстандардни услови за живот во студентските домови, немањето на можности за работа и слично, немање можност да се влијае на работата на тогашниот Студентски парламент на УКИМ кој во очите на поддржувачите на Студентскиот пленум беше киднапиран и непознат за студентите...
Фактот што помина една деценија е добар за да се направи рекапитулација за тоа:
- Каде беа студентите и младите тогаш, а каде сега
- Дали се подобри или влоши нивната положба во општеството во целина
- Што беа поуките од студентските протести кои започнаа во 2014 година, како за самите учесници, така и за државата, т.е. институциите и политичарите кои раководат со нив
- Кои се можностите на младите денес за да се активираат и да придонесат во креирањето на подобар свет за нив, но и за да се надградат себе си
- Дали постои мотив кај младите да се градат себе си во оваа земја?
- Како да ги мотивираме младите денес на активизам?
На овие теми нашиот домаќин Константин Битраков, кој и самиот беше активен во студентските протести и Пленумот, разговара со двајца гости.
Ивана Туфегџиќ која исто така беше активист во Студентскиот пленум, а и пратеник во Собранието на Република Северна Македонија во периодот од 2016 до 2017 година зборуваше за своето лично искуство во Пленумот и Собранието, лекциите кои таа ги научила и начинот на кој таа и денес, како граѓанин кој работи во приватниот сектор, придонесува во градењето на подобар живот за себе и своите сограѓани. Нејзината порака до младите, па и до сите граѓани е едноставна: доста е од дефетизам, потребно е активирање макар и на микро ниво, со една едноставна електронска порака до општината за најмалите локални проблеми. Само на тој начин македонското општество ќе се придвижи напред, предводено од активни и свесни граѓани. За формалните и неформалните граѓански организации денес таа испрати поука: Кога барате нешто од институциите, бидете јасни и прецизни, односно имајте јасна цел.
Ристо Савески кој е претседател на Младинскиот образовен форум (МОФ) посочи дека тој е оптимист и смета дека работите може да се подобрат. Впрочем, тие се и подобри за младите од пред десетина години: институциите комуницираат со нив, тие се инволвирани во креирање на политиките и не наидуваат на отуѓени политичари и (целосно) затворени врати ... што само по себе не значи дека младите се во совршена положба. Постои уште многу простор за работа. Клучно во таа насока за младите е тие да се активираат и јавно, на сите можни начини, да говорат за своите проблеми. Зошто? Бидејќи ако не кажеш дека имаш проблем, никој нема да знае, а ако кажеш ќе сфатиш дека и други го делат истиот проблем и може нешто да сторите за него. Исто така, во зборовите на Ристо, независно дали ти се „замараш“ со политика, таа се „замара“ со тебе. На крајот, Ристо потенцираше дека секој млад човек треба надвор од формалното образование да се приклучи и во младинските организации и неформални иницијативи каде се нуди сериозен простор за себе надградба.