Анатомија на информациската војна: DISARM рамка
Странски актери сè почесто користат СММИ за да создадат поделби, страв или недоверба во институциите. Наместо отворени напади, тие се инфилтрираат во нашите информативни системи: преку социјални мрежи, портали, коментари и видеа.
За да се спротивставиме на оваа нова форма на влијание, првиот чекор е да ја разбереме нејзината анатомија. Тука влегува рамката DISARM – еден од најиновативните системи за анализа на дезинформации во светот.
Што е DISARM и зошто е создадена
DISARM значи Disinformation Analysis and Risk Management (Анализа на дезинформации и управување со ризици).
Тоа е отворена методологија (open-source) која дава стандардизиран начин за следење, опишување и разбирање на кампањи за манипулација со информации.
Рамката е создадена од DISARM Foundation, во соработка со експерти од кибербезбедноста и информатичките операции, инспирирана од познатата рамка MITRE ATT&CK, која ја користат безбедносните служби ширум светот за следење хакерски напади.
Замислете ја MITRE ATT&CK како мапа на тактики што ги користат хакерите за да влезат во компјутер. DISARM е истото, само што го мапира начинот на кој се „хакира“ јавноста преку информации.
Главната цел на DISARM е да создаде заеднички јазик и структура што ќе им овозможи на владите, медиумите, фактчекерите и истражувачите да ги споредуваат и да ги анализираат истите појави. Така сите зборуваат со исти термини, што овозможува координирано и побрзо реагирање на дезинформации.
Како работи DISARM
DISARM ги дели активностите на манипулаторите со информации на три нивоа:
1. Тактики (Tactics)
Целите што сака да ги постигне актерот (на пример, да создаде страв или недоверба).
2. Техники (Techniques)
Методите што ги користи за тоа (лажни профили, изменети видеа, координирани објави).
3. Процедури (Procedures)
Конкретни чекори, алатки и платформи преку кои ги спроведува техниките.
DISARM функционира како табела на сите можни „оружја“ во информациската војна. Таа им овозможува на аналитичарите и на новинарите да класифицираат што точно гледаат и да утврдат дали станува збор за случајна објава или за дел од организирана операција.
DISARM Navigator – дигитална лабораторија за анализирање манипулации
DISARM би била тешка за користење без соодветна алатка. Затоа е создаден DISARM Navigator, бесплатна веб-платформа која овозможува визуелна анализа и следење техники во дезинформациски кампањи.
Navigator работи како интерактивна лабораторија:
- Секој корисник може да создаде свој проект или „матрица“;
- Во таа матрица, тој додава кои техники се користат во конкретен случај (на пример: Amplification – Coordinated Messaging);
- Системот автоматски ја визуализира врската меѓу техниките и покажува како тие се надоврзуваат една на друга.
Ова е клучно, бидејќи дезинформациите ретко дејствуваат изолирано. Тие се организирани низ повеќе канали, користејќи комбинација на текст, видео и социјални медиуми. Navigator помага да се открие шаблонот, односно како од една мала лага се гради цела кампања.
Пример за употреба:
- Истражувачот забележува вест што тврди дека „вакцините предизвикуваат неплодност“;
- Во Navigator ја класифицира како Narrative – Harmful Health Claims;
- Потоа додава дека истата порака се шири преку десетици нови профили (Amplification – Coordinated Messaging);
- Navigator покажува дека овие профили се поврзани и дека техниките се повторуваат низ различни случаи.
Со неколку кликови, истражувачот ја гледа „мрежата на влијание“ како повеќе мали лажни вести се спојуваат во координиран напад.
Оваа визуализација е од непроценливо значење за владини аналитичари, новинари, академици и невладини организации, бидејќи овозможува да се реагира не на еден случај, туку на цели стратегии на манипулација.
Сината и Црвената рамка на DISARM
DISARM се состои од две главни компоненти, Црвена (Red) и Сина (Blue) рамка. Тие функционираат како две страни на истата монета: едната ги објаснува нападите, другата ја гради одбраната.
Црвена рамка – анатомија на нападот
Црвената рамка го опишува однесувањето на манипулаторите.
Taa беше создадена за да им даде на истражувачите јасна структура за следење на дезинформациски кампањи и им помага да препознаат кој, како и зошто шири манипулативна содржина.
На пример:
- Persona Creation – создавање лажни профили за ширење наративи;
- Amplification – координирано ширење преку повеќе страници или групи;
- Narrative Development – конструирање приказна што игра на емоции, страв или национализам.
Со тек на време, кога повеќе актери користат Црвена рамка, тие создаваат база на знаење што покажува кои техники се најчести, кои земји ги користат и како тие еволуираат.
Сина рамка – стратегија за одбрана
Сината рамка е додадена подоцна, за да им помогне на владите, медиумите и граѓанското општество да развијат одговори и мерки на заштита, како едукација, превенција и брзи реакции.
Додека Црвената рамка ја анализира заканата, Сината покажува како да се одговори и да се намали нејзиното влијание.
Примери за „Сини“ техники:
- Public Awareness Campaigns – јавни информативни кампањи што објаснуваат како функционираат дезинформациите;
- Fact-Checking Collaboration – здружување на фактчек организации за побрз одговор;
- Media Literacy Education – обука за новинари и граѓани за критичко размислување;
- Rapid Response Teams – специјализирани тимови што реагираат при големи онлајн манипулации.
Целта е да се изгради систем на превенција, не само реакција. На пример, ако Црвената рамка открие дека некоја техника има цел да поттикне страв поврзан со теми од здравството, Сината рамка предлага комуникациски мерки и помага да се објасни вистината на јасен начин, пред лагата повеќе да се рашири.
Со други зборови:
- Црвеното ја објаснува „болеста“.
- Синото нуди „терапија“.
Заедно, тие создаваат комплетен систем на отпорност.
