fbpx

Универзитетската автономија – етичко или законско право

Весна Шопар

Јавен интерес

Образование

06.10.15

Прегледи

проф. д-р Весна Шопар, Институт за комуникациски студии

vesna soparЗаконот за високо образование до сега има претрпено бројни реформи. Последните предизвикаа најсилна реакција на академската и пошироката јавност со сериозни предупредувања за атак врз автономијата на високо-образовните институции во Македонија. Нормативно, Уставот на РМ гарантира универзитеска автономија (член 46), а постоечкиот Закон за високо образование (член 11) дефинира дека академската автономија ја гаранитира интелектуалната слобода на членовите на академската заедница и творечката природа на истражувачкиот и образовниот процес, како врвни вредности и способности. Проблемот се појавува ако на универзитетската автономија се пристапи етички.

Македонската реалност

Гледано од перспектива на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" како најстара високо-образовна инситуција во Македонија, тој во својата мисија нагласува дека треба да биде автономен, научен, високообразовен универзитет кој обезбедува наставна, научна и апликативна дејност, а во Статутот дека Универзитетот и неговите единици (факултети) ја вршат својата дејност врз принципот на академска автономија, која ја опфаќа и финансиската автономија (член 5). Што се однесува до етичкиот кодекс, академската автономија на Универзитетот воопшто не е предмет на нормирање. Но, споредбено со државните универзитети во најблиското опкружување, во поранешните југословенски републики, сликата е сосем поинаква.

Соседите и универзитетската автономија

Универзитетите во Белград, Сараево и Подгорица воошто немаат мисија, додека во мисијата на Универзитетот во Загреб академската автономија не се споменува. Затоа пак, Универзитетот во Љубљана, во мисијата јасно и недвосмислено ги истакнува следните вредности: академски углед, односно обезбедување на што повисок квалитет, академска слобода на соработниците и студентите, посебно творечка слобода, автономија во однос на државата, политичките партии, корпорации и верски заедници... етички и одговорен однос кон светот.

Што се однесува до Статутите на Универзитетите, нема „разногласие". Сите имаат посебни членови за автономијата, некои општо истакнувајќи што е академска слобода, а други таксативно наведувајќи што опфаќа таа. Најдетално универзитетската автономија е објаснета во статутите на Белградскиот (член 10), Сараевскиот (член 5) и Црногорскиот статут (член 2) и опфаќа автономија при утврдувањето на студиските програми, правилата на студирање и условите за упис на студентите, внатрешната организација, изборот на наставници и соработници, располагањето со финансиските средства, слободата на наставната, наставно-научната, уметничката дејност и творештво, самостојното развивање и примена на образовни, научни, уметнички програми и проекти... Најкратко за академската слобода се зборува во статутот на Универзитетот во Загреб (член 6) со објаснување дека таа е слобода на секој член во научното и уметничкото истражување и творештво, едукацијата, меѓусебната соработка и здружување. И тука се издвојува Статутот на Универзитетот во Љубљана во кој (член 7) се нагласува дека Универзитетот ја остварува својата автономија со тоа што самостојно ја креира стратегијата за својот развој, ги дефинира правилата за организирање и дејствување, ги креира студиските и истражувачки програми и начинот на нивното спроведување, одлучува за хабитацијата на професорите, научните работници и соработниците и мерилата за нив, одлучува за вработување на професори, научни работници и соработници.

Етичките начела во соседството

Ако се погледнат етичките кодекси на Универзитетите, сите, без исклучок, посветуваат посебно внимание на академската автономија и слобода. Кодексотна Универзитетот во Загреб во начелата за морално оправдано однесување истакнува дека „сите членови на универзитетската заедница имаат право автономно да дејствуваат на Универзитетот", а во делот за правото на академска слобода дека академската слобода е темелен услов и обележје во процесот на едукација, научно истражување, уметничка работа и стипендирање, а членовите на академската заедница во своите истражувања треба да ги води идејата за слобода на научното и уметничкото творештво....

Во Кодексот на Универзитетот во Сараево во начелото на автономија на научната, уметничката и наставната работа се истакнува дека, сите членови на универзитетската заедница имаат право автономно да дејствуваат на Универзитетот, во границите на својот статус, во рамките на академската заедница и во согласност со целите на Универзитетот... Универзитетот ја признава академската слобода како темелен услов во процесот на едукација, научно истражување, уметничко творештво и стипендирање, дека членовите на академската заедница треба да се водат од идејата за слобода на научното и уметничкото творештво во духот на објективно, чесно и одговорно трагање по вистината, стекнување и дистрибуирање на знаењето, а Универзитетот треба да ги заштити од секој обид за намалување, ускратување и ограничување на таа слобода.

Сличен пристап има и во Кодексот на Универзитетот во Црна Гора со нагласка дека академскиот кадар има посебна должност да ги промовира условите на слободен дух и јавно да ја шири академската слобода.

Белградскиот кодекс зборува за пет основни етички канони, и во првиот - однос кон професијата - истакнува дека, академската заедница е слободна и одговорна во својата работа да ја бара и брани вистината, и во таа смисла е должнa да го унапредува своето знаење и индивидуалните компетенции, да ја развива и поттикнува критичката мисла, да ја промовира академската слобода и слободата на духот.

Љубљанскиот кодекс пак, меѓу темелните вредности на универзитетот ги посочува и автономијата, слободата на научната и истражувачката работа, почитувањето на човековото достоинство... Но, она што овие два кодекси ги издвојува од другите е студентската слобода. Така, во Белградскиот кодекс, во вториот канон – пишува дека студентите, наставниците и соработниците поттикнуваат слободен и одговорен пристап кон учењето и искажувањето на стекнатото знаење, задоволување на највисоките професионални стандарди во наставата, воспоставување на однос на меѓусебно уважување и доверба..., ја штитат академската слобода и права на студентите. Љубљанскиот кодекс дефинира дека академската слобода на студентите значи академска автономија и ги обврзува кон одговорно и самоиницијативно исполнување на поставените студиски цели и одговорно дејствување во согласност со етичкиот кодекс и општо прифатените вредности.

Каде е проблемот

Сите овие сознанија наведуваат на констатацијата дека универзитетската автономија и слобода се темелни демократски и етички начела, бидејќи само така можат општествено да бидат корисни. Не е доволно што овие начела се присутни во Уставот, Законот за високо образование, мисијата и Статутот на нашиот Универзитет. Во прилог на тоа зборуваат неколку клучни аспекти запишани во етичките кодекси на другите Универзитети. Најнапред, врвна вредност на сите Универзитети е автономното дејствување на сите членови на универзитетската заедница. Не помало значење има и академската слобода како темелен услов и обележје во процесот на едукацијата, научно-истражувачката и уметничката дејност.

Што се однесува до студентите, ако кодексот како универзитетски документ е задолжителен за сите негови наставни дејци, за студентите и за вработените (нотирано и во општите одредби и на крајот на кодексот на нашиот Универзитет), тогаш зошто нема ништо за нивната академска автономија и слобода. Парадоксално е тие да се обврзуваат со својата чест дека ќе ги чуваат и извршуваат определбите и нормите на кодексот како своја света должност и како составен дел од својата академска кариера и дејност. Зарем универзитетскиот етички кодекс не е документ кој го регулира однесувањето на професорите и соработниците кон студентите и обврските во научната работа и воопшто во академската заедница, документ кој дефинира што е прифатливо, а што неприфатливо академско однесување.

Затоа во кодексот ни се потребни и „членови" за универзитетската автономија. Така основните функции на Универзитетот, образовната и научната работа, ќе бидат во служба на вистински општествен прогрес. Така Универзитетот ќе се одбрани да биде средство, инструмент за променливи, тековни потреби и интереси. Автономијата на Универзитетот се оправдува како и секое друго демократско и етичко начело.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на проектот ниту на Институтот за комуникациски студии

Весна Шопар

Проф. д-р Весна Шопар е долгогодишен есперт во областа на информирањето и комуницирањето, масовните медиуми, јавното мислење, интеркултурното комуницирање, информациско-комуникациските теории и системи, медиумското право, деловното комуницирање, политиката и медиуми. Таа има објавено повеќе од 40 научни публикации, книги, монографии, учествувано во голем број научни собири, конференции и семинари како и учествувано во повеќе од 30 научно-истражувачки проекти во земјата и во странство. Професор Шопар била и е член на бројни организации и асоцијации во Македонија и во странство.