Да се биде трудница во Македонија

м-р Соња Стојадиновиќ

sonjaТретманот на мајката во перидот на бременоста, заедно со пораѓањето се лице на степенот на развиеноста на едно општество. Нашето според сликата во македонското здравство, најверојатно датира помеѓу постмрачниот век и ренесансата.

Жените од Македонија во половина општини немаат пристап до лекар кој ќе се грижи за нивното репродуктивно здравје. Од друга страна, пак, бројките од Фондот за здравство покажуваат дека една третина од жените во земјава кои се во репродуктивен период немаат одбрано матичен гинеколог кој ќе се грижи за нивното репродуктивно здравје. Ваквата ситуација, односно последицата од ваквата ситуација, многу невладини организации ја поврзуваат со темната слика на македонското здравство - растот на починати бебиња при раѓање.

Морничавите бројки на починати бебиња и родилки во последните две години беа факти кои го следеа и ќе го следат македонското општество со децении. Бројката од мртвородени 193 бебиња и 270 доенчиња кои не преживеале до првата година е факт кој вреска и ѝ вели на секоја жена да не помислува да стане мајка. Ако не сака да биде само статистика дека починале, таа со нејзиното бебе или само бебето, а таа да носи отворена рана до крајот на животот, нека не се обидува да донесе нов свет, нов универзум сам по себе. Слика за оваа повеќе од црна статистика дадоа новинарите кои го покриваат здравството, упорно следени од, се надеваме, бившите пропагандни медиуми кои ги негираа нивните истражувања. Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) се трудеше само да демантира, тврдејќи дека смртните случаи не се последица од бактерии добиени од нехигиенските услови во клиниката. Очигледно дека парите за кампањите за трето дете се одразија најмногу на оние кои требаше да го донесат тоа трето дете на свет - на родилките. Кампањата ги изеде парите за нормални и сигурни услови за породување и постродилен период не само на родилките на трето дете, туку и на првородките.

Но, породувањето и постродилниот третман не се единствената заштита и услуга која ѝ е потребна на една трудница да донесе на свет здрав пород. Редовните гинеколошки прегледи и пристапноста до матичен гинеколог се предуслов за здрави мајка и дете.

Неодамна се појави нова страница која се вика Мој матичен гинеколог, која преку мапирање на македонските општини и податоци за постоење или непостоење на матичен гинеколог во општините, дава многу јасна слика колку километри една идна мајка треба да помине за на свет да донесе здраво дете, а и таа да го преживее породувањето без последици опасни за нејзиниот живот. Македонија е поделена на 80 општини, но во повеќе од половина нема матичен гинеколог, поточно во 46 општини. Од 144 регистрирани матични гинеколози, 43 работат во Скопје, a недостасуваат уште 150 гинеколози. Малиот број гинеколози не е доволен да ги задоволи потребите за здравствени услуги на жените во репродуктивниот период во дури една четвртина од македонските општини. Според бројките од Државниот завод за статистика, на пример, во Гостивар, бројот на женското население изнесува 40.535, што значи дека петте гинеколози кои работат како матични би требало да опслужат по најмалку 7 илјади жени во репродуктивен период.

Веб страницата Мој матичен гинеколог нуди и симулација на патешествие на една родилка во зависност од нејзиното место на живеење, пристапност до гинеколог, одлука да се оди или да не се оди на прв, втор и понатамошен гинеколошки преглед во случај на бременост, се` до крајниот исход, абортус или породување. Мора да се напомене дека ова се однесува исклучиво на услугите на државните здравствени установи.

da se bide trudnica vo mkИзвор: Мој матичен гинеколог

Патуваме и сонуваме за нормално породување

Да почнеме од една од најоддалечените општини во источна Македонија - Делчево. Оваа општина има 17.505 жители, 8.528 жени и два гинеколога. За првиот преглед на кој треба да се направат соодветните биохемиски истражувања, иако општината има матичен гинеколог, мора да одите до Кочани, кој е оддалечен 50 километри, или до Струмица, кој е оддалечен 90 километри. За прегледот и за резултатите треба да одите двапати и веќе сте поминале 165 километри од вашиот прв преглед.

Креаторите на страницата ги наведуваат и законските обврски на гинеколозите, односно што треба да направат при првиот гинеколошки преглед на трудницата: да отворат мајчина книшка, да дадат упат за анализа на крв и урина која се прави во биохемиска лабораторија, да го измерат крвниот притисок на трудницата, тежината и да препорачаат витаминска терапија. Многу жени ова не го знаат. Понатаму, симулацијата нуди да се закаже втор преглед или да се прескокне. Со прескокнување на вториот преглед опасноста за спонтан абортус или носење на плод со аномалии кој би ги загрозил животите на мајката и плодот се зголемува. Ако се избере да се закаже втор преглед, симулацијата дава опции во зависност од резултатите на крв и урина, односно да се закажат прегледи, да се продолжи со бременост без прегледи или да се одлучи на абортус. Редовните прегледи и анализи носат патувања и трошоци за родилката поради неопременост на лабораториите на најблискиот здравствен дом. Во случај резултатот да покаже дека плодот е со аномалии, родилката е насочена да побара дозвола за абортус која ја носи лекарска комисија во Скопје. Амниоцинтезата и останатите анализи кои потврдуваат или исклучуваат аномалии на плодот ги покрива Фондот за здравствено осигурување исклучиво ако се направени во МАНУ или ГАК. Со одење и враќање за редовни контроли се` до породување, една родилка, во зависност во која општина живее, може да пропатува над илјада километри.

Уште еден пример на патување на родилка со надеж за среќен исход е следниот. Претпоставена идна мајка од општина Маврово, со сите поминати редовни прегледи, тестирања и ехо прегледи до породувањето во болницата во Гостивар, бидејќи нема поблиску, поминала 1.169 километри.

Абортусот - некогаш право, сега инквизиција

Комисијата која одлучува за прекин на бременоста се состанува еднаш неделно. Задолжителното чекање три дена пред да се прекине бременоста, воведено со  измените на законот за прекин на бременост во 2013 година, уште повеќе го зголемува стресот кај жените и опасноста од компликации кои може да се животозагрозувачки за мајката, особено ако плодот е мртов. Уште поужасувачки се случаите кога плодот бил со тешки малформации, а првостепените и второстепените комисии одлучувале негативно за барањето на абортус. Сведочењата на жените кои поминале низ бирократската тортура на овој закон се ретки, главно добиени од новинарите кои работеле на оваа проблематика.

Прашањето е колку жени се соочиле со „инквизицискиот“ третман на овој закон, а се` уште молчат за траумите кои ги преживеале. Правото кое жените го уживале 40 години, да  одлучат дали ќе родат или ќе извршат абортус, е крвнички одземено со ставањето на жените во положба на играње помеѓу животот и смртта. Третманот на жената во ова ситуација соодвествува со третман на граѓани од втор ред, кои немаат баш право да одлучуваат самите за себе, па за секој случај во законот им се остава три дена да се премислат, како да се зема предвид ставот дека жената не може од прва да донесе вистинска одлука. Па затоа е направена комисија т.е. некој друг да одлучува за нив дали тие сакаат дете или не, односно дали треба да го родат бебето или не, без разлика дали е емотивно, психолошки или финансиски подготвена да го изгледа.

(Не)заштитени мајка и дете

Непристапноста до матичен гинеколог, отежнатото редовно следење на бременоста, изложувањето на мајката на непотребни патувања за здравствени услуги, како и нивното наплаќање (кои патем според законот за бремените жените треба да се бесплатни, па поради тоа многу жени се откажуваат од редовно следење на бременоста), водат до висока смртност, пад на наталитетот и незаконски абортуси. Третманот на мајката во периодот на бременоста, заедно со пораѓањето се „лицето и опачината“ на степенот на развиеноста на едно општество. Нашето најверојатно датира од периодот на постмрачниот век и пред ренесансата. А ретко кој проговорил за постродилната депресија и нејзиното лечење, која не е ретка кај родилките во Македонија.

Здрава трудница, со здрав плод, сигурна бременост, висок степен на професионален пристап, грижа и хигиена во текот на породувањето и постпородилниот период се неопходни ако сакаме да имаме здрава популација. Ниските стандарди во здравството на кои се навикнавме последниве 11 години треба да ни бидат репер како не треба да биде во иднина. Потребна е, пред се`, квалитетна здравствена анализа за тоа како да се подобрат здравствените услуги кои го опфаќаат репродуктивното здравје на жените. Претходната влада во една од нејзините стратегии запишала дека во Македонија се потребни 250 матични гинеколози за да бидат опфатени сите региони. Може да се почне и од таа бројка, зашто дел од сегашните лекари кои работат како матични гинеколози наскоро ќе заминат во пензија, па проблемот само ќе се продлабочи. Втората работа на која треба да се посветат новите здравствени власти е подобрување на состојбите на родилиштата низ Македонија. Да не ја забораваме најбитната анализа која треба да го даде одговорот на прашањето зошто бројот на смртност на новороденчиња и доенчиња е толку голем.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Дали нацистите се производ на Америка како што е и...
Наместо десет една пратеничка група
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 25 Септември 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: