fbpx

Да ги почитуваме различностите – пратениците нека бидат пример за сите граѓани

М-р Мирослав Драганов

м-р Мирослав Драганов

Miroslav Draganov 200x250Маргинализираните групи во остварувањето на нивните права и слободи не го загрозуваат мнозинството, па затоа ниту тоа не треба да ги загрозува нив. Зарем ова не е доволно за овозможување на еднакви можности за сите и за воспоставување на правен систем без дискриминација?

„Во нашето општество постојат луѓе како што сте вие или пак јас кои секојдневно се соочуваат со неправда само затоа што се разликуваат од мнозинството. Се разликуваат затоа што имаат друга боја на кожа, затоа што се жени, веруваат во друг Бог или пак имаат другa сексуална определба. Да се ослободиме од таа неправда и нееднаквост е она што е суштината на приказната за еднаквите можности“ (Fil Klements i Toni Sponks)

Со сличен предизвик се соочува и македонското општество кое почесто покажувало отпорност на промени отколку нивно прифаќање, како непрекинат процес кој се одвива од постоењето на човештвото до ден денес, а ќе продолжи и во иднина. Можеби треба да се запрашаме како општество: Дали бавното прилагодување на промени, во свет кој вртоглаво брзо се менува е една од главните причини која нè одалечува (или пак некој можеби смета дека нè доближува...) до останатите цивилизирани општества!?

Во оваа насока се наметнува една дилема. Во едно (во добар дел прифатено како) традиционално оштество со (по)традиционални вредности, постоеле и постојат лица кои отсекогаш се чувствувале различно, а поради тоа неосновано се маргинализирани. Па по истата логика, ако на тие луѓе им се овозможи остварување на нивните основни човекови права за да не бидат дискриминирани, значи ли тоа дека нема повеќе да има луѓе кои ќе практикуваат (по)традиционални вредности? Одговорот е едноставен – НЕ! Во остварувањето на нивните права и слободи, првите (маргинализираните) не ги загрозуваат вторите, (па затоа) ниту пак вторите не (треба да) ги загрозуваат првите! Зарем ова не е доволно за овозможување на еднакви можности за сите и воспоставување на правен систем без дискриминација?!

Што на ова поле се правеше до сега

Законот за спречување и заштита од дискриминација од неговото донесување во 2010 година и примената од 01.01.2011 година па се` до денес, претрпе вкупно три измени. Важно е да се потенцира дека овие измени не беа доволно суштински ако се има предвид целта и духот на законот и предлозите на граѓанските организации засновани на факти. Па така, првата законска измена од 2014 година се однесуваше на условите за именување на член на Комисијата за заштита од дискриминација кои станаа построги, втората законска измена од 2015 година се однесуваше на едноставно усогласување на прекршочните одредби кои се дел од овој закон со новодонесениот Закон за прекршоците, и тоа пред сè во однос на глобите, а додека третата законска измена од февруари 2016 година беше навидум „ситна“ и се однесуваше на бришење на еден од меѓународно признатите сертификати кои треба еден кандидат да ги исполнува за да може да биде именуван за член на Комисијата. Оттука, се јавува дилемата зошто кога веќе можеа да се донесат не толку суштински законски измени во скратена постапка, не се отвори широка дебата за посуштински измени на целиот закон и не беа земени предвид препораките на релевантните чинители? Дополнително, ако се земат предвид и (1) јавните изјави на актуелниот претседател и некои од членовите на Комисијата во периодот по нивниот избор, (2) фактот што јавноста не успеа преку постапката за слободен пристап до информации од јавен карактер да има увид во биографиите на сите 44 пријавени кандидати и со тоа да процени дали се именувани најдобрите кандидати од сите пријавени, (3) фактот што мнозинството актуелни членови на Комисијата имаат биографии од кои е евидентно дека немаат речиси никакво искуство или пак експертиза во оваа област, туку само посетувале кратки обуки и семинари, со право професионалната јавност отворено се сомнева дали Комисијата за заштита од дискриминација е независна или уште една партизирана и нефункционална институција?

За разлика од властите, во текот на овие седум години граѓанските организации неуморно правеа анализи, истражувања, организираа тркалезни маси, отворени дебати и други активности со цел да се намали дискриминацијата во општеството, а со оглед на составот на своето членство (симбиоза на голем број искусни професионалци од правната фела и истакнати млади правни ентузијасти), Институтот за човекови права, по спроведување на повеќе опсежни проектни активности, објави три публикации од оваа област со заклучоци и препораки како да се унапреди законската регулатива со цел да се овозможи остварување на човековите права и слободи на сите граѓани, а особено на припадниците на маргинализирани групи. Меѓутоа, севкупно земено состојбата и во општеството, но особено и на ниво на правната регулатива не е подобрена, што е видливо и од годишните извештаи на Народниот правобранител и од извештаите на Европската комисија, но и од документите на други релеватни домашни и меѓународни чинители.

diskriminacija mk 11Дискриминаторски огласи за вработување, Извор: Радио Слободна Европа
 
Што треба да се прави (од) сега

Многумина познавачи на оваа проблематика (со право) сметаат дека граѓаните имаат недоволно знаења за начинот и институциите од кои можат да побараат помош и заштита од дискриминација, а од друга страна тие како жртви на дискриминација се во постојан страв од можни дополнителни последици од дискриминаторот кое што ги одвраќа од иницирање на соодветна постапка. А примери за дискриминација во изминативе години во нашето општество за жал има многу, како што се: „рампа“ за Ромите на граница, откази од работа поради партиска (не)припадност, дискриминација врз основа на бременост, дискриминаторски огласи за вработување, дискриминација врз основа на сексулната припадност и други примери.

Затоа, неопходно е да се зборува јавно и отворено за потребата да воспоставиме општество и систем без дискриминација. Па така, добродојдени се што повеќе емисии, видеа и други презентации во медиумите за да се подигне јавната свест, како и организирање на јавни дебати кои отвораат многу прашања, а пред сè помагаат да се разберат и прифатат различностите. Но, не треба тука да се застане. Напротив, пратениците треба да бидат пример за почитување на различностите, а прв чекор со кој можат да го покажат и докажат тоа е да изгласаат измени на Законот за спречување и заштита од дискриминација. И не гледам никакво оправдување да не го направат тоа во најскоро можно време ако се има предвид фактот дека за предложените законски измени се формираше широка работна група која беше предводена од Министерството за труд и социјална политика (и таа работеше во времето на последните четири различни министри кои се припадници на три различни партии, меѓу кои и од власта и од опозицијата), а во која учествуваа не само релевантните граѓански организации, туку и претставници на сите државни институции кои имаат надлежности од областа на недискриминацијата. Сите учесници на крајот речиси целосно се согласија за конечниот текст на предлог измените и подготвени се аргументирано да ги образложат на јавна расправа во рамките на комисиска седница на Собранието на РМ. На кратко да прикажеме каде најчесто се јавува проблемот во македонската правна регулатива.

Имено, Уставот и законите ги носи Собранието на РМ како законодавен и претставнички орган на граѓаните. Но, исто така, Собранието носи и закони за ратификација на меѓународни договори во согласност со Уставот. Тие меѓународни договори стануваат дел од нашиот правен систем и не можат да се менуваат со закон, но, за жал, нашето Собрание носи закони кои содржат одредби во најмала рака неусогласени со претходно прифатените меѓународни стандарди од истото тоа Собрание. Таков е случајот и со Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Затоа дел од препораките се пратениците да изгласаат законски измени кои имаат за цел:

- Да се појасни целата содржина на Законот со тоа што ќе се редефинира структурата во однос на облиците на дискриминација – директна и индиректна дискриминација и дејствијата кои претставуваат посебни видови на дискриминација;
- Функцијата член на Комисијата да биде професионализирана со цел стручно, ефикасно и ефективно остварување на надлежностите на Комисијата, а за времетраење на мандатот на членовите работното место да им мирува;
- Да се воспостави стручно-адиминистративна служба;
- Да се обезбеди квалитетна заштита најпрво во постапката пред Комисијата, а и потполна судска заштита предвидувајќи ефикасни и ефективни правни лекови и товар на докажување според меѓународните стандарди;
- Да се дополнат прекршочните одредби со цел дискриминаторите да бидат санкционирани за нивното постапување.

Почитувани пратеници во македонското Собрание, пред да гласате за законските измени имајте ја предвид изреката на Нелсон Мандела кој вели: „Оспорувајќи им ги на луѓето нивните човекови права, Вие не им ја признавате нивната човечност“!

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

М-р Мирослав Драганов

М-р Мирослав Драганов е извршен директор на Институтот за човекови права (ИЧП). Магистрирал уставно право на Правниот факултет во Скопје, а положил правосуден испит во 2013 година. Има работно искуство како демонстратор на Правниот факултет, соработник за инвестициски фондови и во адвокатско друштво и правник во банка. Полиња на интерес за истражување му се судство, слобода на изразување и пристап до информации, недискриминација и локална самоуправа.