Мерките за привлекување странски инвестиции се трошок кој мора да се поднесе

проф. д-р Сашо Арсов

Saso Arsov 200x250Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. Истовремено, отсуствува целосна анализа на ефектите што со тоа се постигнати, односно немаме јасна претстава дали постигнатите резултати одговараат на направените напори и трошоци. Новата власт, доколку ја задржи определбата за привлекување странски инвеститори, ќе мора да биде многу внимателна во поглед на промените на востановената политика.

Еволуција на односот кон странските инвестиции во Македонија

Едно од ретките прашања околу кои не се поставиле никакви дилеми во текот на нашиот пост-социјалистички период е потребата од привлекување странски инвестиции. Нивното значење не е само во улога на извор на средства за инвестирање, туку од странските инвеститори се очекува да донесат и нови технологии, да ја ангажираат домашната работна сила, да придонесат за искористувањето на домашните ресурси и генерално, да донесат нова бизнис-филозофија, која позитивно ќе влијае и врз останатиот економски, па и политички амбиент во земјата. Водејќи се од овие мотиви, сите досегашни влади од 1990 година до денес, аксиоматски се сложуваа со политиката на отворени врати кон странските компании, од кои се очекуваше да ги препознаат можностите за профитабилно инвестирање во Македонија.

Велам „се очекуваше“, од причина што релативно малку се правеше за да се привлечат потенцијалните инвеститори, да им се предочат добрите страни на Македонија како дестинација за инвестирање, а уште помалку да им се понудат дополнителни бенефиции, со кои проекциите за исплатливоста на нивните проекти би преминале во позитивната зона. Сѐ уште ја паметиме епизодата од втората половина на деведесеттите, кога германскиот гигант Ауди, по долги преговори, не донесе одлука за инвестирање во Македонија. Иако причините за ваквиот исход никогаш не беа докрај обелоденети, се зборуваше дека Германците барале посебни поволности кои тогашната власт решила да не ги одобри. Со тоа пропадна можноста да се остварат дополнителни бенефити, како што е разработувањето на капацитетите кои полека замираа, како фабриките за акумулатори, автомобилски ламели, сигурносно стакло, деловите на Црвена Застава во охридско и др.

Во отсуство на повеќе детали, не го оспоруваме легитимитетот на таа одлука, но сѐ чини дека некој арогантно очекуваше дека остaнатите значајни инвеститори чекаат веднаш зад аголот. Нo, дојдоа времиња на политички и воени турбуленции, по кои, за да привлечеме каков-таков странски инвеститор, моравме сериозно да ги спуштиме сопствените критериуми (епизодата со Рамстор и продажбата на градежното земјиште). На потежок  начин го научивме старото правило во маркетингот: вложувањата во промоција на производот се обратнопропорционални на атрактивноста на самиот производ.

Тоа  одлично го сфати власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година. Иако Агенцијата за странски инвестиции беше основана од владата на СДСМ во 2004 година, нејзиниот буџетски третман беше катастрофален, поради што таа никако не можеше да настапи како вистински промотор на земјата. Доаѓањето на новата власт во 2006 година значеше целосен пресврт на ова поле. Беа воведени неколку министерски места за привлекување странски инвеститори, Агенцијата доби голем буџет и целосно се екипираше, беше формирана Дирекција за слободни економски зони и се настапи сериозно во нивното формирање и опремување, беа испратени промотори на нашата земја во неколку значајни економски центри во странство и др. Започна долготрајна и скапа кампања за промоција на земјата во некои елитни печатени и тв-медиуми, а на одредени странски инвеститори  им се нудеа  и посебни поволности, кои не им беа достапни на останатите домашни и странски инвеститори.

need cut costs invest in MKИзвор: Агенција за странски инвестиции на РМ

Како прават успешните?

Токму тука доаѓаме до прашањето од воведот на овој текст: вредеше ли сето тоа? Дали употребените средства го дадоа својот ефект и дали треба така да се продолжи и во иднина?

Доколку се  испита  „однесувањето“ на земји со слични карактеристики како нашата, ќе забележиме дека нудењето посебни поволности на потенцијалните инвеститори е сосема вообичаена работа. Така, Чешката агенција за инвестиции – Czechinvest, обезбедува помош за странски (и домашни) инвеститори во форма на грантови за отворени работни места, грантови за набавка на опрема, изградба на инфраструктура и сл. Сепак, она што ја разликува оваа агенција од нашата е што: прво, постојат однапред дефинирани приоритетни сектори за кои се однесуваат понудените стимулации; второ, однапред се дефинирани критериумите според кои се определува подобноста да се добие одреден вид помош; и трето, сите податоци за доделените грантови се јавно достапни. Многу слична е и политиката на Полска, која се спроведува преку Полската агенција за трговија и инвестиции. Полската влада одобрува грантови за нови вработувања и за покривање на дел од инвестициите, но во селектирани пропулзивни сектори како автомобилска индустрија, електроника, биотехнологија, авијација и сл. Полската агенција е нешто помалку транспарентна и нема  детални информации за доделената помош. Една од земјите со растечка популарност меѓу инвеститорите, Романија, нуди помош во вид на покривање на инвестициски издатоци за нови објекти, вложувања во интелектуална сопственост, трошоци за кирии и слично за инвестиции од над 10 милиони евра, како и покривање на трошоците за плати за период од две години за проекти што отвораат најмалку 10 работни места. Ова може да се дознае на интернет страницата на романската агенција Investromania. Детални информации за доделената помош можат да се најдат во извештаите на оваа агенција.

Една од ретките анализи на ефектите на субвенционираните странски директни инвестиции во Македонија, во услови на оскудност на податоците, е изработена од Здружението на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ). Нашата Агенција за странски инвестиции не нуди никакви извештаи за своето работење. Меѓутоа, и без посебна анализа, несразмерот помеѓу вложеното и оствареното во последниве десет години е очигледен. Сведоци бевме на континуирано скапо рекламирање на каналот Си-ен-ен, небаре инвеститорите од тв-реклами откриваат каде треба да ги вложат своите милиони. За ефектите на скапо платените промотори испратени во повеќе земји не се соопштува ништо, а имајќи ја предвид склоноста на поранешната власт кон себепромоција, веројатно не ни имало што да се каже, освен јавната тајна дека некои од промоторите добро се снашле во тие земји и си обезбедиле добра иднина за себе си. Во ред е земјата да се промовира и преку т.н. роуд-шоуа, но никому не му е јасно која е нивната целисходност во земји како Азербејџан и Бразил. Доколку, пак, се погледне списокот на земји од каде доаѓаат најмногу странски директни инвестиции (СДИ) во Македонија и истиот се спореди со правците во кои се направени најголемите напори за нивно привлекување, јасно ќе се види нискиот степен на меѓусебна корелација.

Препорака за идните чекори

Очигледно е дека разните стимулативнии мерки наменети за странските инвеститори се присутни во повеќето пост-транзициски економии (и не само кај нив) и тоа уште многу одамна. Доколку Владата ја задржи оваа стратешка определба, таа ќе мора дa изгради и разумна стратегија за привлекување на инвеститорите, со соодветна трошочна ефективност, еднаков однос кон сите и високо ниво на транспарентност.

Следејќи го примерот на поуспешните, потребно е да се дефинираат критериуми и нивоа на помош за  странските инвеститори во приоритетните сектори кои би ги исполниле овие критериуми. Не е спорно дека Владата може да задржи и одреден степен на слобода за посебно значајни инвеститори, но не можат сите инвеститори да се третираат како такви. Колку е повисоко нивото на транспарентност, толку ќе ѝ биде полесно на самата власт, бидејќи со дефинирани критериуми и транспарентни договори таа ќе ѝ ги одземе адутите на опозицијата за напади врз неа. Реално зборувајќи, бројките што ги соопшти сегашната власт за доделената помош во изминатите години и не се многу фрапантни, но самиот факт што податоците биле криени  од јавноста го подгрева сомнежот во исправноста на постапките и создава материјал за критики и осуди.

Неоспорно е дека затекнатите договорни обврски со постојните инвеститори ќе мора да се почитуваат до крај. Во спротивно, правните последици од тоа би биле помалиот проблем, а многу поголем би било нарушувањето на имиџот на земјата како пријателски настроена кон странските инвеститори.

Власта не смее да ги повтори грешките што ги правеа претходните гарнитури од оваа партија во минатото. Како што реков на почетокот, претходната власт постави нови стандарди на ова поле, како во позитивна, така и во негативна смисла. Сега ќе треба да се задржат добрите практики, со следење на примерот на гореспоменатите земји, избегнувајќи да се влезе во замката на понизната издашност кога станува збор за субвенциите за странските инвеститори. Клучните принципи треба да бидат приоритизација, еднаквост и транспарентност, постојано имајќи ги државните, а не партиските интереси на прво место, со конечна цел да се постигнат економски ефекти, наместо скапо платен популизам.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Нагласена регионална диспропорција на населението ...
Лажниот наратив на реалната политика
 

Коментари 1

Анонимен - Љупчо Бебиќ on Недела, 29 Октомври 2017 18:11

Ќе се обидам да бидам колку е можно поконцизен во корист на дадениот простор за коментари:

1. Моето искуство од преку две децении со бројни трансакции и приватизации поврзани со СДИ во регионот се поклопува со активностите на овој план во Македонија во целиот период на транзиција. За жал, резултатите од приливот на СДИ на нето основа, per capita и кумулативно како % од БДП се разочарувачки споредено со земјите од регионот;
2. Лошите перформанси не водат веднаш до прашањето за причините. Пак од моето искуство во бројни разговори со странски инвеститори, нив ги има прилично:
- Македонија го има тој природен хендикеп на мала, транзициона и континентална земја. Политичките турбуленции и нестабилноста се дополнителен проблем;
- Споредено со соседите и регионот, веројатно сме рекордери по обемот и зачестеноста на промените во законската регулатива, често намерно затскриена во подзаконски акти, правилници, одлуки, итн. Некои инвеститори дури се шегуваа дека не успеваат да ги следат овие промени, а да не зборуваме за анализа на нивните импликации врз водењето бизнис, особено во делот на правната несигурност. Лекција за сите: странските инвеститори посакуваат стабилна и предвидлива законска регулатива;
- Растечкото и речиси неподносливо ниво на корупција и организиран криминал кое кулминираше последниве неколку години;
- Одсуство на стратегија за привлекување на СДИ со утврдување на транспарентна поддршка во согласност со можностите, секторски приоритети, нивно изедначување со домашните инвестиции и постојано мерење на ефектите во однос на трошоците;
- Генерално под просечен економски раст во целиот транзиционен период, низок животен стандард и висока невработеност;
- Инволвирање во раководењето на оваа област од страна на кадри без никакво искуство, партиски подобни и далеку од нивото потребно за успешно балансирање со оваа деликатна проблематика. Одсуството на визионерско лидерство е посебен проблем, како што беше зделката со Ауди. Таа мораше да се реализира заради идните позитивни импликации врз економијата и стабилноста;

Ова е само дел, а ги има уште многу. Новата власт час поскоро мора да разбере дека поволен макроекономски и политички амбиент, борба против корупцијата, хармонизирана законска регулатива и високо ниво на професионализам се неопходните предуслови за континуиран раст на економијата, а со тоа и на СДИ.

Ќе се обидам да бидам колку е можно поконцизен во корист на дадениот простор за коментари: 1. Моето искуство од преку две децении со бројни трансакции и приватизации поврзани со СДИ во регионот се поклопува со активностите на овој план во Македонија во целиот период на транзиција. За жал, резултатите од приливот на СДИ на нето основа, per capita и кумулативно како % од БДП се разочарувачки споредено со земјите од регионот; 2. Лошите перформанси не водат веднаш до прашањето за причините. Пак од моето искуство во бројни разговори со странски инвеститори, нив ги има прилично: - Македонија го има тој природен хендикеп на мала, транзициона и континентална земја. Политичките турбуленции и нестабилноста се дополнителен проблем; - Споредено со соседите и регионот, веројатно сме рекордери по обемот и зачестеноста на промените во законската регулатива, често намерно затскриена во подзаконски акти, правилници, одлуки, итн. Некои инвеститори дури се шегуваа дека не успеваат да ги следат овие промени, а да не зборуваме за анализа на нивните импликации врз водењето бизнис, особено во делот на правната несигурност. Лекција за сите: странските инвеститори посакуваат стабилна и предвидлива законска регулатива; - Растечкото и речиси неподносливо ниво на корупција и организиран криминал кое кулминираше последниве неколку години; - Одсуство на стратегија за привлекување на СДИ со утврдување на транспарентна поддршка во согласност со можностите, секторски приоритети, нивно изедначување со домашните инвестиции и постојано мерење на ефектите во однос на трошоците; - Генерално под просечен економски раст во целиот транзиционен период, низок животен стандард и висока невработеност; - Инволвирање во раководењето на оваа област од страна на кадри без никакво искуство, партиски подобни и далеку од нивото потребно за успешно балансирање со оваа деликатна проблематика. Одсуството на визионерско лидерство е посебен проблем, како што беше зделката со Ауди. Таа мораше да се реализира заради идните позитивни импликации врз економијата и стабилноста; Ова е само дел, а ги има уште многу. Новата власт час поскоро мора да разбере дека поволен макроекономски и политички амбиент, борба против корупцијата, хармонизирана законска регулатива и високо ниво на професионализам се неопходните предуслови за континуиран раст на економијата, а со тоа и на СДИ.
Анонимен
Понеделник, 20 Ноември 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: