fbpx
 

Можно ли е чудо на Европското првенство во ракомет со селекторот Гонзалес?

Милорад Стојмановски

Milorad Stojmanovki 200x250Кога елитните ракометни собири ни се во близина, речиси секогаш постигнуваме добри резултати. СП 2009 во Хрватска беше наше лансирање меѓу првите 11 на светот, а петтото место од ЕП 2012 во Србија сѐ уште е нашето најголемо достигнување. Што не очекува на претстојното ЕП во Хрватска, можно ли е да стигнеме до медал со нов селектор, тренер на годината во 2017, Раул Гонзалес и тим од искусни репрезентативци?

Колку се реални очекувањата, дури и за медал, на гладната за успеси македонска спортска јавност спроти претстојното Европско ракометно првенство кое од 12 до 28 јануари ќе се одржи во Хрватска? Што е тоа што ги издигна на пиедестал? Ќе почне ли неизбежната смена на генерации која досега нужно беше одбегнувана? Кои се перспективите на македонскиот ракомет во новосоздадените услови?

На некои од овие прашања одговори ќе добиеме многу брзо, кон крајот на месецов. Високиот праг на очекувања од ЕП во голема мера е поради довербата што ја ужива македонскиот селектор со „шпански акцент“ Раул Гонзалес, но и поради други, поволни фактори кои му одат во прилог на националниот машки ракометен тим. Ракометот кај нас цела деценија го држи приматот во популарноста и оттаму и неговата одговорност да го задржи високиот рејтинг. Тој во континуитет и е меѓународно е „признат“ на светските и европските првенства, два наши клуба играат во најдобрата - Лигата на шампионите (ЛШ), бевме организатори на ЕП за сениорки и на неколку младински првенства, наши судии делат правда на најзначајни натпреварувања, Македонец предводи комисија во меѓународната федерација...

Во сивилото на другите колективни спортови кои живуркаат во пониските европски ешалони, искрата надеж за меѓународна спортска верификација на Македонија остана само во играта со топка меѓу двата шестерци.

Тренер на годината

Официјално најдобриот ракометен тренер во ЛШ за 2017 година, Раул Гонзалес Гутиерес македонската јавност го издигна до статус на божество. Дебито му беше одлично - обезбеди пласман на ЕП како првопласиран во квалификациската група, по бледиот почеток кога црвено-жолтата селекција ја предводеше Лино Червар.

Токму на ова ривалство, Червар - Раул, односно Металург - Вардар, почиваше македонскиот ракометен квалитет. Да не постоеше силниот Вардар веројатно немаше да биде создаден и силниот Металург, и обратно, со тоа што сумите што се вложуваа нараснаа со многу нули за македонски рамки. Некогаш беше речиси незамисливо во спортската „касаба“ наменета за екс-ју кучињата на спортската војна да дојдат шпански репрезентативци. Сега ракометниот бастион Скопје е препознатлив, и тоа не само по машкиот ракомет.

За Раул ова ќе биде деби како селектор на една репрезентација на едно ЕП. Неговите мотиви за оправдување на титулата „Тренер на годината“, како и предизвикот тоа да го потврди и со поскромен играчки потенцијал, ќе бидат големи, без разлика што налето се сели во Франција, на клупата на Пари Сен Жермен. Шпанецот потенцира дека новиот клупски ангажман нема да промени ништо во поглед на неговиот договор што го има со РФМ до 2020 година, што се совпаѓа со патот до Олимписките игри во Токио.

Но, за разлика од јавноста, која во него гледа чудотворец, скромниот стратег, кој на аутсајдерот Вардар лани му ја донесе европската клупска титула, за себе вели дека „не е Хари Потер“.

Кои се предностите на Македонија на ова ЕП

Искусните играчи во дресот на Македонија веќе неколку години се заедно, сега засилени со млади резерви на клупата. Повеќето ракометари сезонава имаа силни натпревари во ЛШ или во СЕХА-лигата во континуитет. Ваков состав со високи бројки на одиграни натпревари во најсилното клупско натпреварување Македонија немала никогаш. Дел од тимот што настапуваше за селекцијата „под 21“ имаше и успешно јуниорско Светско првенство зад себе, со освоено шесто место.

Според Раул, мошне важно е што на овие подготовки стручниот штаб има многу повеќе денови за уигрување на техничко-тактичките варијанти, како и два контролни натпревара од кои ефектот не беа само двете победи. Пред крајот на квалификациите летоска тоа му недостигаше на селекторот Раул, но сепак извлече поволен исход во не така лесната квалификациска група. Истото време за подготовки го имаа и противниците, но немаат сите нов селектор, кому му треба повеќе време за да ја пренесе својата ракометна филозофија на играчите. Таа веќе се препознава на теренот - се игра побрзо, со повеќе комбинации во составот и комбинаторика во играта, со поголем избор во фазата на напад и во одбрана. Што е пресудна важност за тим притиснат од бремето на годините.

Кога елитните ракометни собири ни се во близина, речиси секогаш постигнуваме добри резултати. СП 2009 во Хрватска беше наше лансирање меѓу првите 11 на светот, а петтото место од ЕП 2012 во Србија сѐ уште е нашето најголемо достигнување. Несомненом побројното присуство на македонските навивачи влијаеше врз мотивацијата и квалитетот на прикажаната игра на македонските ракометари.

mozno li e cudo na EP so gonzalesИзвор: Ракометна федерација на Македонија

Ќе може ли селекторот да ги „покрие“ слабостите

Слабости ни се ограничениот избор првокласни играчи и веќе посочениот притисок од јавноста. Исто така, проблем е просечната старост на екипата поради згуснатиот распоред на натпреварите (13, 15 и 17 јануари) и тешките противници (Германија, актуелен европски првак и освојувач на бронза на последните Олимписки игри, Словенија - третопласирана на последното СП во Франција, и незгодната Црна Гора). Првенството ќе покаже дали e хендикеп или предност тоа што капитенот Кирил Лазаров годинава настапува со помала минутажа во дресот на Нант. Ја загубил ли рутината или сега е поодморен за репрезентативните обврски? Неговиот авторитет, знаење и искуство се непроценливи, тој е „спиритус мовенс“ на тимот, но сепак е во 37-та година од животот. Со бремето на годините врз плеќите се и Филип Миркуловски (34), мошне важна алка во тимот, потоа столбот на одбраната Аце Јоноски (37), па и Немања Прибак (33), Велко Маркоски (31) и Стојанче Стоилов (30). За играчи навлезени во четвртата деценија играње три тешки натпревари во само шест дена се огромен напор.

Иако помалата минутажа на капитенот Лазаров годинава во ЛШ може да биде проблем, филозофијата на Раул во нападот секако нема да се потпира само на најдобриот голгетер на сите времиња во елитното клупско натпреварување. Лазаров е и одличен асистент, оттаму многу е важно како ќе бидат расположени за игра и нашите крила и пивоти. Одбраната е сепак клучна. Од формата на Борко Ристовски на голот, од неговите асистенции кон брзите крила во контранападите, но и неговата уиграност со првиот бедем пред голот ќе зависат многу нешта. Оската Ристовски - Лазаров е всушност клучот на играта цели 10 години, но Раул се обидува товарот да не паѓа на едни исти играчи и да промовира ракометари што играат во двата правца за да не мора да прави ризични летечки измени на кои беа принудени сите негови претходници.

Олимписки и други сништа

Како и да заврши претстојното ЕП, на целиот проект треба да се гледа позитивно, поточно како на создавање на селекција за во иднина, со оглед на тоа што смената на генерации е веќе неизбежна. Таа нѐ очекува, со или без Лино Червар и Раул Гонзалес. Нивното заминување ќе покаже дали Македонија знае да ги искористи придобивките што тие ги оставаат зад себе. Се разбира, и Хрватот и Шпанецот нема потполно да заминат (Червар и како хрватски изборник дојде во Скопје за да го бодри Металург, а Раул останува македонски селектор и по преселбата во ПСЖ, каде што ќе биде шеф на стручниот штаб), но нема ни постојано да бидат тука како досега за да надгледуваат како функционира системот што го поставиле.

Неизвесно е каква ќе биде физиономијата на двата гиганта Вардар и Металург по заминувањето на ѕвездите налето и дали и со каков буџет ќе остане Сергеј Самсоненко во европскиот првак. Ако досега начинот на финансирање на двата клуба беше мошне нејасен и поврзуван со сомнителен тек на парите, една од обврските на државата е да раскрсти со сомнежите дека нивните успеси се платени од нашите пари. Финансирањето мора да биде транспарентно, а државата да даде максимална поддршка. Можеби приливот ќе биде многу поскромен отколку досега, но барем резултатот ќе биде реален, на здрави основи и нема да биде балон надуен за други цели.

Несомнено, финансискиот инпут во двата система, од кои произлегоа ракометната школа (Металург), односно европската титула (Вардар) ќе биде значително помал. Во такви услови, Ракометната федерација на Македонија ќе биде пред сериозен испит да го одржи воспоставениот континуитет на брендирање на македонскиот ракомет во меѓународни рамки. Притоа, не мислам само на присуство на А-тимот на европските и светските првенства и на трите клуба во ЛШ, туку и на создавање уште посилно национално првенство, посериозен систем во младинските категории, креирање квалитетен стручен кадар, решавање на проблемот на инфраструктурата, понатамошно лобирање во меѓународните федерации...

Законските измени со даночни олеснувања за потенцијалните спонзори на спортот и најавата на премиерот за конкретна поддршка е потенцијалот врз кој треба да се гради иднината, и тоа не само на ракометот. Со добра финансиска подлога, најдобро организираната федерација кај нас треба да го надгради досега создаденото. За да ги овенча досегашните успеси можеби не со медал, но барем со исполнување на стремежот - да се застане во дефилето, заедно со „бесмртните“, под олимписки оган.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Митот за надградбите
Да се руши или да се дислоцира не е единствениот и...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Недела, 16 Декември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не