Повеќе од 30 учесници го следеа вебинарот за академско блогирање што го организираше Институтот за комуникациски студии во рамки на проектот „Изразување на јавниот интерес“. Млади истражувачи, студенти, новинари и колумнисти добија корисни совети како да напишат успешен академски блогпост заснован на научни наоди и податоци, но со кој на разбирлив начин ќе ја информираат пошироката јавност за актуелни комплексни прашања во општеството.
„Академските блогови ни овозможуваат да пристапиме до пошироката публика и да влијаeме врз јавната дебата за нашата тема на експертиза. Исто така да отвориме дебати со колеги или други заинтересирани страни во јавноста и да станеме познати експерти во заедницата.“, вели обучувачката д-р Сали Браутон Мицова, професор на Универзитетот на Источна Англија и долгогодишен уредник на академскиот блог на Лондонската школа за економија.
На првиот ден, вебинарот обезбеди алатки и техники за тоа како се пишува добар академски блогпост, кои се разликите со други типови на пишување, базичните структури и стилови и користењето на докази, податоци и извори при академското блогирање.
На вебинарот се зборуваше за тоа дека целните групи на академските блогови се образовани, па дури и експерти во различни области, и иако се најчесто заинтересирани за проблематиката за која се блогира, немаат доволно време и внимание. Поради тоа што ваквата публика е нередовна, таа најчесто се привлекува преку споделување линкови на пребарувачите на Интернет. Затоа предавачката ги советуваше учесниците да пишуваат кратко и јасно и на понеформален начин во споредба со академските статии, но при тоа да споделуваат и да се повикуваат на нови научни податоци и наоди и да потенцираат одговор или дебата за прашањето кое го анализираат.
Учесниците разгледуваа повеќе примери на академски блогови, а имаа и можност да напишат сопствен академски блогпост и преку групна дискусија и фидбек од обучувачот да ги согледаат предностите и недостатоците во пишувањето на блогови.
После вебинарот, учесниците ќе бидат поканети да напишат блогпост за академскиот блог www.respublica.edu.mk за тема од нивната област на експертиза, а која ќе биде поврзана со актуелните случувања и почитувањето на јавниот интерес во Македонија. Целта е да се креира професионална мрежа која ќе ги анализира прашањата од јавен интерес и преку академско блогирање да се достигне поширока публика и да се запознае јавноста со проблемите кои се од јавен интерес.