Институтот за комуникациски студии (ИКС) Ве поканува да присуствувате на промоцијата на проектот „Изразување на јавниот интерес: зголемување на моќта на медиумите и граѓаните во штитењето на јавните политики во Македонија“која ќе се одржи в четврток, 24 септември 2015 година во 11 часот во ЕУ Инфоцентарот во Скопје.
Проектот има за цел да ја подигне свеста на граѓаните и на медиумските професионалци за значењето на јавниот интерес во одржувањето на принципите на доброто управување. Оваа широка цел ИКС ќе ја постигне преку три компоненти кои ќе ги реализира во текот на следните две години: (1) креирање документи за јавни политики и организирање дебати за истите, (2) развивање упатства за уредувачка политика кои ќе им помогнат на редакциите и медиумските професионалци да вршат новинарство кое ќе му служи на јавниот интерес и (3) ќе ги поттикнува граѓаните и експертите активно да се вклучат во јавната дебата за прашања од јавен интерес преку иницијатива за дигитално граѓанство Res Publica.
Уважувајќи ја улогата на новинарската професија преку навремено, транспарентно, инклузивно и професионално известување преку која се штитат интересите на јавноста, ИКС ја интензивира соработката со медиумите во Македонија преку повеќе активности. Затоа осум медиуми во Македонија (телевизиите „Телма“ и „24 Вести“, националното радио „Канал 77“, дневните весници „Нова Македонија“ и „Коха“, и информативните веб-страници „Нова ТВ.мк“, „Фактор.мк“ и „Мкд.мк) в четврток ќе потпишат Меморандум за соработка со ИКС во реализација на проектот. Медиумите редовно ќе известуваат за активностите со цел да ги поттикне различните публики да се вклучат во дебатата за прашања од јавен интерес. Исто така, медиумите се согласни да учествуваат во претстојниот процес за креирање упатства за уредувачка политика и новинарство од јавен интерес, вклучувајќи го и тестот за јавен интерес во новинарството.
Институтот за комуникациски студии в четврток ќе го промовира академскиот блог www.respublica.edu.mk, кој е дел од иницијативата за дигитално граѓанство Res Publica. Целта на оваа активност е да се стимулира дебатата за прашања од јавен интерес, при што академски професори, медиумски и политички експерти, новинари, студенти, јавни службеници и други професионалци преку блогови ќе ги изразат своите ставови за актуелни прашања кои се во корелација со јавниот интерес.