fbpx

Политичка поделба во медиумите при известувањето за граѓанските протести

ВЕСТИ - ИНФО

12.10.16

Прегледи

edicija vest

Известувањето за студентските протести во 2014 година драстично се разликуваше од една до друга група медиуми. Протестите беа врамени како политички инструментализирани од едната група или како дел од решението за штетните образовни реформи од другата. Ова го покажа истражувањето „Здружени за промени: враќање на владината отчетност преку граѓански протести“ кое го реализираше Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.

Освен студентските протести против реформите во високото образование, во истражувањето се прикажани комуникациските практики на активистите, медиумите и претставниците на државните институции при протестите на иницијативата „Го сакам ГТЦ“ и протестите против затворањето на Томислав Кежаровски во текот на 2014 и 2015 година. Беше анализирано и известувањето на следните медиуми: МТВ, Сител, Канал 5, Телма, Алсат-М, НоваТВ.мк, Плусинфо.мк и Курир.мк.

„Провладините“ медиуми ги делегитимизираа протестните движења врамувајќи ги како оркестрирани од опозициската партија, СДСМ; тврдејќи дега се финансирани од владиниот омилен кривец, Соросовата фондација, и тврдејќи дека протестите биле неуспешни поради малата излезност. Притоа, овие медиуми покажаа силна провладина пристрасност. Врамувањата на овие медиуми беа истоветни со владиниот став и главните извори беа функционери, додека гледиштата на демонстрантите беа маргинализирани, па сликата прикажана пред јавноста очигледно беше нецелосна.

Медиумите што беа критички настроени кон Владата опфатија разновидни спротивставени ставови и мислења од разни извори, без оглед дали се политички, од граѓанството општество, или од академската заедница. Некои медиуми ја препознаа вредноста на граѓанските иницијативи и им отстапија повеќе време за да ги изразат своите ставови и мислења. Оовие медиуми ги врамија протестите во сосем поинаква светлина – како реакција на лошите реформи и нарушувањето на автономијата на универзитетите, или како обединувачка сила и реакција на демократските неуспеси.

Протестните групи својата комуникација речиси целосно ја изведуваа преку социјалните мрежи. Испитаниците опфатени во нашето истражување – активисти, медиумски претставници и државни функционери – комуникацијата на протестните движења ја опишаа како јасно изразена и транспарентна.

Активистите и мнозинството интервјуирани новинари сметаат дека сегашната Влада не практикува отчетност кон јавноста. За време на протестите, владата не комуницираше директно со протестните движења, сè додека некои од нив (на пр. Студентскиот пленум) не се истакнаа и се здобија со поддршка од јавноста. Испитаниците се песимистични во поглед на изгледите за подобра отчетност на Владата.

Истражувањето е дел од поширокиот проект „Комуникациски практики во контекст на општествени протести и барања за јавна отчетност“ имплементиран во партнерство со Центарот за медиуми од Сараево (MC) и Албанскиот институт за медиуми (AMI) во рамките на Регионалната програма за поддршка на истражувањата во Западен Балкан (РРПП).