Ерата на потчинетост на Африка од западниот свет, посебно Европа и САД полека завршува. Континент кој во 2024 година броел 1.5 милијарди жители, до 2050 ќе брои 2.5 милијарди и со своите природни ресурси ќе се постави во светот како континент кој е незаменлив, но и како континент кој веќе не може да се искористува и потценува.
Гана, Буркина Фасо, Конго, Мозамбик, Египет, Намибија, Јужна Африка и многу други на насилен начин, преку револуции проследени со убиства на нивните лидери се избориле за независност од колонијалните сили. Многу луѓе ќе се сетат на Патрис Лумумба, претседателот на Демократска Република Конго кој бил убиен во 1960 година од белгиските војници бидејќи се борел за независност на Конго од Белгија.
Единствените две држави во Африка кои никогаш не биле нечии колонии се Либерија и Етиопија. Египет кој во 1922 година прогласил кралство, својата независност од В. Британија преку државен удар воден од Гамал Абдел Насер, ја изборува во 1953 година, а Либија како некогашна колонија на Италија и еден период на Франција и В. Британија станува независна, две години порано, во 1951. Тунис и Мароко независност од Франција изборуваат во 1956 година, додека најкрвавата војна за независност во северниот дел на Африка ја доживува Алжир борејќи се против Франција и добивајќи независност во 1962 година.
Гана, под водство од Кваме Нкрума станува независна од В. Британија во 1956 година, преку независноста на Брегот на Слонова Коска од Франција под водство на Хоупе-Боињи во 1960 година, до независноста на Нигерија од В. Британија во 1960 година, сите останати африкански земји до последните земји кои избориле независност како Намибија во 1990 година, Јужна Африка во 1994 година и Јужен Судан во 2011 година.
Иако Томас Санкара не бил современик на Лумбумба и дошол на власт во Буркина Фасо преку државен удар, успеал за време на своето кратко владеење (1983-1987) да воспостави социјализам и да им даде еднакви права на жените, да забрани генитално осакатување на жените, да ја забрани полигамијата, да го зголеми бројот на жени на високи институционални пизиции, да овозможи вакцинација на 2.5 милиони деца од менингитис, жолта треска и сипаници, за четири години процентот на писменост на популацијата да го зголеми од 13% на 73%.
Тој исто така одбивал странска помош тврдејќи: тој што те храни, тој те контролира. Со национализација на минералните суровини, производството на памук, намалување на надворешниот долг и зависноста на државата од ММФ,
го намалил надворешното влијание и ги нападнал интересите на француските компании кои имале големо присуство во Буркина Фасо (бивша Горна Волта и бивша колонија на Франција).
Со помош на внатрешни соработници како Блез Компаоре (Blaise Compaoré) и поддршка на француските сили од соседниот Брег на Слонова Коска, во 1987 година бил извршен државен удар и Санкара бил убиен.
Неоколинијализмот, нова форма на поробување
Во својата книга „Неоколонијализмот-последната форма на империјализмот“ од 1965 година, Кваме Нкрума тврди: „Суштината на неоколонијализмот е во тоа што државата која е подложна на него, теоретски е независна и ги има сите надворешни обележја на меѓународен суверенитет. Во реалноста, нејзиниот економски систем, а со тоа и нејзината политика, се управувани однадвор. Методите и формите на ова управување можат да имаат различни облици. Трупите на империјалната сила можат да бидат стационирани на територијата на неоколонијалната држава и да ја контролираат нејзината влада. Почесто, неоколонијалната контрола се спроведува преку економски или монетарни средства. Неоколонијалната држава може да биде принудена да ги купува индустриските производи на империјалистичката сила, исклучувајќи ги конкурентските производи од други извори. Контролата врз владината политика може да се обезбеди преку финансиска поддршка за функционирањето на државата, преку испраќање државни службеници на клучни позиции каде што можат да диктираат политика, и преку монетарна контрола врз девизниот систем со наметнување банкарски систем контролиран од империјалната сила.“
Извор: envato.com
Неоколонијализмот за кој Нкрума зборува го гледаме во форма на економска, културна, финансиска, трговска, воена и културна зависност на африканските земји кон своите бивши поробувачи. Франкофонска Африка преку системот на CFA (CFA Franc (Communauté Financière Africaine), поврзува 14 африкански држави со францускиот трезор. Земјите членки се обврзани да депонираат од 50% до 65% од своите девизни резерви во Француското трезорство. Во CFA франкот е врзан за еврото, што ја ограничува способноста на африканските централни банки да водат независна монетарна политика прилагодена на сопствените економски потреби. Системот овозможува лесен трансфер на капитал од Африка кон Франција, со што се попречува локалното реинвестирање. Африканските земји најчесто извезуваат суровини со ниска додадена вредност (нафта, минерали, какао) во Европа, додека увезуваат скапи, финални производи. Мултинационалните компании од поранешните колонијални сили доминираат во клучни сектори (рударство, банкарство, телекомуникации), при што профитот го репатрираат наместо да го инвестираат локално. Бившите француски колонии во Африка се обврзани секое ново наоѓалиште на минерални суровини да и го понудат прво на експлоатација на француска фирма, па потоа ако таа не е заинтересирана, да го понудат на друга странска фирма.
Франција има најголемо воено присуство од сите поранешни колонијални сили на континентот, со бази во Сенегал, Брегот на Слоновата Коска, Габон и Чад. Исто така има извршено бројни воени интервенции од 1960-тите натаму за поддршка на одредени лидери, спречување државни удари или заштита на свои државјани. Тајни или формални договори често ги обврзуваат африканските држави да даваат приоритет на купување опрема и воена обука од поранешната метропола. Странските сили можат да интервенираат доколку политиките на африканските држави не се усогласени со нивните интереси. Континуираната доминација на колонијалните јазици (француски, англиски, португалски) во образованието, медиумите и администрацијата го ограничува развојот на автохтоните јазици и системи на знаење.
Отворениот отпор против непрестаното поробување на Африка во ново време дојде од лидерот на Буркина Фасо, капетан Ибрахим Траоре. Користејќи го наследството од Томас Санкара, преку воен удар во 2022 година, Траоре доаѓа на власт и до сега побарал француската војска да ги напушти своите бази во Буркина Фасо, ги национализирал производствените капацитети за памук, ги национализирал рудниците, го исфрлил францускиот јазик од официјална употреба. Во соработка со Мали и Нигер каде во 2020 и 2021 се случиле воени удари, Буркина Фасо ја напушта африканската организација ECOWAS (Economic Community of West Africa States), економска организација од 15 држави и во 2023 ја формира AES (Alliance of Sahel States), економски пандан на ECOWAS.
Дополнително, на својата политика на масовно напуштање на зависност од Франција, Траоре и земјите од Сахел, воената зависност од Франција ја заменуваат со воена соработка со Русија, а Кина ги снабдува со минерални суровини.
Со ова „одметнување“ на Буркина Фасо, Мали и Нигер, Франција изгуби пристап до рудниците на злато, ураниум (во Нигер) и литиум (Мали), плус нејзината воена моќ со повлекувањето на војската се намали во регионот на западна Африка. Соработката со Русија е продолжување на соработката воспоставена во периодот на Студената војна со тогашниот СССР, додека кинеската политиката на немешање им одговара на земјите на Сахел кои сакаат целосно да го повратат својот суверенитет.
Борба за доминација
Ерата на потчинетост на Африка од западниот свет, посебно Европа и САД полека завршува. Континент кој во 2024 година броел 1.5 милијарди жители, до 2050 ќе брои 2.5 милијарди и со своите природни ресурси ќе се постави во светот како континент кој е незаменлив, но и како континент кој веќе не може да се искористува и потценува.
Во периодот на развој и зајакнување на својата независност од странски мешања и влијанија, едно влијание ќе го снема (Франција, Велика Британија), додека друго ќе се појави (Кина, Русија), но на африканските лидери останува да одлучат како ќе се изборат со тие влијанија.
